Новости
arhitekti2017
Претседателот Иванов ја додели Големата годишна награда за најуспешно архитектонско дело во 2017 година
Среда, 27 Декември 2017

Индустрискиот објект за полнење и флаширање на природна вода „МАYA“ во с. Гари на архитектот Александар Карангелов е најуспешното архитектонско дело во 2017 година.

Големата годишна награда што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, ја врачи Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој е покровител на манифестацијата.

„Уверен сум дека Големата годишна награда, но и другите активности на Сојузот на архитекти ќе придонесат повторно да го сфатиме значењето и насушната потреба од простор, светлина и ред. Потребата од зданија по мерка на човекот кои ќе бидат белег на нашето секојдневие, но и наследство за идните генерации“, рече претседателот Иванов  на доделувањето на наградата што се одржа во Музејот на град Скопје.

Македонскиот претседател упати порака до институциите и до целото македонско општество да се овозможи повеќе простор за архитектите.

Тој подвлече дека за тоа е секогаш потребен интензивен економски и технолошки развој, но и постојано збогатување на духовното и надградување на естетските критериуми.

PRM_Mickoski
Претседателот Иванов го прими новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Понеделник, 25 Декември 2017
turska_nastava
Прием на претседателот Иванов по повод 21 Декември - Ден на настава на турски јазик
Среда, 20 Декември 2017


Во пресрет на одбележувањето на Денот на настава на турски јазик - 21 Декември, претседателот Ѓорге Иванов денеска прими ученици и наставници од основни училишта во кои се одржува настава на турски јазик во земјава, како и претставници од Сојузот на турски невладини организации - МАТУСИТЕБ.

Претседателот Иванов, честитајќи го празникот на припадниците на турската етничка заедница во Република Македонија, подвлече дека во 1944 година кога ги удривме темелите на АСНОМ-ска Македонија, наместо интеграција со асимилација, ние го избравме патот на интеграција без асимилација. На 21 декември 1944 година за прв пат во младата македонска држава започна наставата на турски јазик. Со тоа, изјави претседателот Иванов, се исполни заветот за еднаквост и рамноправност на сите граѓани, независно од етничкиот, верскиот и јазичниот идентитет.

Македонскиот претседател истакна дека заедно, турската заедница во Македонија и македонската заедница во Турција, имаат многу важна улога, во развојот и унапредувањето на односите меѓу двете пријателски земји. Посочи дека Турција беше една од првите држави што ја призна нашата независност и ни помогна во мугрите на нашата сувереност. „Република Турција се покажа како стабилен поддржувач и пријател на Република Македонија. Најнапред со признавањето на независноста, а подоцна и со активната поддршка на нашиот евроатлантски пат" рече претседателот Иванов.

Присутните ученици и наставници од основните училишта во кои се одржува настава на турски јазик, како и претставниците од Сојузот на турски невладини организации - МАТУСИТЕБ се заблагодарија за поддршката од претседателот Иванов и за неговиот личен придонес за унапредување на турската култура и пријателските односи меѓу двете земји.

Претседателот Иванов на присутните им порача да продолжат со нивната образовна мисија, не губејќи предвид дека врвна обврска на секој граѓанин е да придонесува кон добробитта на сопствената држава.

01

RM_Zname_Brazil
Претседателот Иванов одржа предавање на Бразилскиот центар за меѓународни односи
Петок, 15 Декември 2017

Претседателот на Република Македонија, денеска во Рио де Жанеиро,  одржа предавање на Бразилскиот центар за меѓународни односи,  CEBRI, што претставува водечки бразилски тинк-тенк.

На предавањето на тема „Европската бегалска криза - научени лекции", присуствуваа бројни бразилски дипломати, интелектуалци и претставници на медиумите.

Во делот на прашањата и одговорите присутните се интересираа за внатрешната политичка ситуација во Македонија, соживотот помеѓу различните заедници во Македонија и на Балканот, како и за справувањето со идните бегалски закани.

Македонскиот претседател, во рамки на официјалната посета на Бразил, беше примен од страна на претседателот на Бразил, г. Мишел Темер. Претседателот Иванов свечено ја отвори македонската амбасада во Бразилија, што претставува прва македонска амбасада во Латинска Америка, и оствари средби со бразилски парламентарци од Федералниот и Долниот дом на Националниот конгрес.

Со предавањето на Бразилски центар за меѓународни односи, претседателот Иванов ја заврши официјалната посета на Федеративна Република Бразил, што претставува прва официјална посета на Претседател на Република Македонија на Латинска Америка.

PRM_Kolor_web
Претседателот Иванов на средби со бразилски парламентарци
Четврток, 14 Декември 2017

Во рамки на официјалната посета на Бразил, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари средба со г. Фернандо Колор де Мело, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во Федералниот Сенат и поранешен претседател на Бразил, и средба со г-ѓа Бруна Фурлан, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во долниот дом на Националниот конгрес на Бразил.

На средбите со г. Фернандо Колор де Мело и г-ѓа Бруна Фурлан, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Федеративна Република Бразил и можностите за нивно продлабочување, особено во сферата на парламентарната соработка.
Со цел реализација на конкретни иницијативи, соговорниците констатираа дека е неопходно унапредување на договорната рамка меѓу двете земји. Во таа насока, беа разгледани иницијативите за склучување на меѓусебни договори во сферата на културата, научната и технолошка соработка, воздушниот сообраќај и инвестициите.

Во разговорите со двајцата претседатели на Комитетите за надворешни работи и национална одбрана, претседателот Иванов посочи дека македонската амбасада во Бразилија веќе отвори разговори за проширување на соработката во сферата на безбедноста со акцент на борбата против организираниот криминал и корупцијата што е резултат на одличната соработка помеѓу агенциите за разузнавање, при што изрази очекување за скоро потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу агенциите на двете земји.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија придава особено значење на билатералните односи со Бразил и како јасен знак во таа насока го потенцираше отворањето на македонската амбасадата во Бразилија.

Како значаен аспект во развојот на односите меѓу нашите две земји и првичен чекор за натамошна договорна соработка беше посочен постигнатиот договор во 2016 година за меѓусебно укинување на визите за краткорочен престој.

Во рамки на официјалната посета на Бразил, претседателот Иванов се сретна со г. Рикардо Изар, пратеник во Долниот дом на Националниот конгрес, еден од кандидатите за претседател на парламентарната група за пријателство меѓу Македонија и Бразил.

Иванов е прв Претседателот на Република Македонија кој престојува во официјална посета на Бразил, чиј повод е свеченото отворање на македонската амбасада во Бразилија.

Ambasada_Brazil
Претседателот Иванов свечено ја отвори македонската Амбасада во Бразил
Среда, 13 Декември 2017

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Бразил, свечено ја отвори Амбасадата во Бразил, што претставува прва македонска Амбасада во Латинска Америка.

Отворањето на македонската Амбасада во Бразил претставува почеток на ново пријателство и соработка меѓу двете земји, порача претседателот на Република Македонија на свеченото отворање на македонската амбасада во Бразилија.

Претседателот Иванов изрази надеж дека и Бразил ќе отвори своја амбасада во Република Македонија. Визната либерализација меѓу двете земји, претставува дополнителен поттик за унапредување на севкупната соработка меѓу двете земји, особено во сферата на туризмот, оцени македонскиот претседател.

- Покрај дигиталната трансформација, личниот контакт е незаменлив и личното ваше присуство на овој чин кажува дека ова е почеток на едно ново пријателство и соработка. Неопходна ни е соработка и неопходни се лични контакти преку сите претставници на земјите на сите континенти. Бидејќи на сите ни е неопходен мирот и просперитетот, и неопходно е на младите поколенија да им оставиме извесна иднина, порача македонскиот претседател.

Македонскиот амбасадор Ивица Боцевски истакна дека Република Македонија во Бразил гледа свој партнер во глобалната економска, технолошка, научна и дигитална трка.

- Централен дел на работата на оваа Амбасада ќе биде борбата за привлекување на странски инвестиции во Македонија, посебно на најглобализираните и технолошки водечките бразилски брендови, порача амбасадорот Боцевски.

Присутните на свеченоста ги поздрави и в.д министерот за надворешни работи на Бразил, г. Маркос Галвао.

- Во овој период го видовме стапувањето на сила на договорот за визна либерализација, кој што е темелен за зближување на нашите народи затоа што веќе ги олеснува посетите помеѓу двете земји. Идентификувавме можности во областите на разузнавањето, соработка во правосудството, трговијата и културата, порача Галвао.

Ambasada_Brazil1На свеченоста на отворањето на македонската амбасада во Бразилија присуствуваа личности од политичкиот и општествениот живот на Бразил, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници од македонската дијаспора.

Претседателот Иванов кој престојува во официјална посета на Бразил вчера оствари средба со претседателот на Бразил, г. Мишел Темер. За утре се предвидени средби на македонскиот претседател со Фернандо Колор де Мело, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во Федералниот Сенат и со Бруна Фурлан, претседател на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во долниот дом на Националниот конгрес на Бразил.

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 21 од 198