Дозволете ми најпрвин да ви посакам среќа и успех во мисијата која ја преземате. Во име на сите граѓани на Македонија можам да Ви пренесам дека чувствуваме гордост и длабока благодарност кон Вас.
Јас сум свесен за личната жртва која секој од Вас се решил да ја поднесе. За семејните одрекувања и тешкотиите кои ве очекуваат во следните месеци. Република Македонија донесе одлука за учество во мисија во далечна земја свесна за нејзината сериозност. Но, денешните ризици јасно покажуваат дека не постои изолирано и затворено место. Македонија и самата била изложена на закани, и знае да ја цени безбедноста и сигурноста. Затоа и се решивме во оваа мисија да дадеме исклучително значаен придонес, споредено со нашата реална моќ и големина.
Македонија своето пријателство и својата припадност кон коалицијата на демократски и слободни држави ја потврдува не само на зборови, туку и на дела.
Коалицијата предводена од Соединетите Американски Држави, има сили и решителност да ја спроведе својата цел. Ние сме дел од сојуз на држави обединети меѓу себе од нашите заеднички вредности. Обединети во посветеноста кон слободата и демократијата. Тoкму затоа, поради високите цели и идеали, оваа мисија оправдано ја има широката поддршка на македонските граѓани, на политичарите и на јавноста.
Мисијата во Авганистан е правилно разбрана и во меѓународната заедница и од граѓаните на таа горда, но измачена земја. Нашите сили се во Авганистан со задача да им помогнат на граѓаните на Авганистан полесно да изградат своја демократска и слободна иднина. Земјите кои учествуваат во мисијата не бараат ништо за себе. Нашата награда е сознанието дека сме сториле се што е во наша моќ да помогнеме кога било најтешко.
Авганистан е земја со исклучително минато и богата културна и верска традиција. И Македонија има длабока и долготрајна мултикултурна традиција, на почитување и вреднување на различните вери, нации и култури. Таа традиција особено може да се види во Армијата на Република Македонија.
Затоа знам дека ќе бидете исклучително добри и достојни амбасадори на Вашата земја. Ова е можност да покажете, пред членовите на големата меѓународна коалиција, дека во Македонија војници од сите етнички и верски заедници работат заедно. Дека можеме да се потпреме едни на други и во најтешките, и во најсериозните задачи. Нашиот пример на соживот е препознаен и се вреднува од страна на нашите сојузници, како наш придонес кон решенијата за проблемите на денешниот свет.
Македонија, со учеството во мировните мисии во Ирак, Босна, Либан, и во Авганистан, покажа дека е рамноправна и интегрирана со другите земји од евро-атланското семејство на народи. Македонија е полноправен член во понесувањето на одговорностите. Ние со нашата посветеност инвестираме и во цврстината на ова глобално сојузништво, кое е замислено да трае, и кое е надеж на многу луѓе од целиот свет.
Затоа, сите сме горди на нашите војници. Вие сте тука, построени пред знамето, затоа што сте најдобрите. Вие сте најподготвените. Најуспешните. Вие сте најдобрите претставници на нашата државата, на нашите вредности и на нашата посветеност.