Новости
Средба со претставници на Катарскиот Инвестициски Фонд и на Катарскиот Образовен Фонд
Вторник, 01 Јуни 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во катарскиот главен град Доха имаше средби со претставници на Катарскиот Инвестициски Фонд и на Катарскиот Образовен Фонд.
- Овие средби се резултат на конкретизирање на работите што ги зборевме вчера со неговото височество емирот на Катар. На овој глобален форум кој по десети пат учествуват околу 60 земји, на средбата со Емирот му ги понудив оние конкретни работи што можеме ние како држава да ги понудиме на Катар, заедно со нашата Влада која веќе конкретно се зафаќа за прокети за кои можат да се најдат инвеститори во Катар. Денес овие предлози се конкретизираа на средбата со Катарскиот Инвестиционен Фонд. Високи претставници од тој фонд изјавија дека се заинтересирани да подржат конкретни проекти кој ние ќе ги понудиме. Разговорите се однесуваа на конкретните проекти и работи каде можат да најдат интерес инвеститорите од Катар, кои пред се ги интересира туризмот, инвестирањето во индустријата за храна, земјоделските производи и други производи кои недостасуваат во нивната земја - изјави Претседателот Иванов за медиумите по средбата со претставници на Катарскиот Инвестициски Фонд.
За разговорите со Катарскиот Образовен Фонд, Претседателот Иванов додаде дека се отворени многу прашања од взаемен интерес.
- Тука во Катар се присутни врвните американски универзитети и многу се вложува пред се во науката и во образованието. Од Катарскиот Фонд пројавија интерес да осознаат каква е состојбата во Македонија, како се развива високото образование, а особено за новите достигнувања во ИТ технологијата, бидејќи кај нив тоа е многу присутно. ТИе воедно пројавија интерес во сферата на културата и уметноста, каде може да има одредена соработка, а пред се ги интересираше дали нашите музејски постројки дали може да бидат присутни на нивниот простор. Едноставно со ова посета се отвараат многу сфери каде што имаме многу можности за соработка, така што нашата Влада веројатно ќе се ангажира сите овие остварени контакти и овие можности да бидат искористени за да можеме ние како земја да биедме присутни на овој простор а воедно и катарските инвеститори да дојдат во Македонија и да остварат профит - изјави Претседателот Иванов.

Претседателот Иванов изрази жалење за инцидентот со хуманитарниот конвој
Вторник, 01 Јуни 2010
Писмо од Претседателот Папуљас
Понеделник, 31 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов прими писмо од Претседателот на Република Грција д-р Каролос Папуљас. Писмото претставува благодарност на Претседателот Папуљас за честитката упатена од страна на Претседателот Иванов по повод Националниот ден на Република Грција. Следи текст на писмото.

 

Господине Претседател,


Ви благодарам за Вашето писмо по повод Националниот ден на Грција.


Би сакал да подвлечам дека цел на Грција е засилување на нашите односи со сите земји од регионот, во полза на политичката стабилност и економскиот развој. Во тој дух, брзото решавање на прашањето на името на Вашата земја ќе придонесе позитивно за да можеме дополнително да ги промовираме нашите билатерални односи на сите нивоа.


Како што веќе знаете, процесот на преговори под Специјалниот Претставник на Генералниот Секретар на Обединетите Нации, г-дин Нимиц, е во тек и се надевам дека ќе ја има неопходната добра волја, со што поранешната Југословенска Република Македонија, во соодветно време, ќе биде членка на евро-атланските институции.


Каролос Папуљас

Средби со Емирот на Катар и Претседателот на Латвија
Недела, 30 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов учествува на Десеттиот Доха Форум во Катар. На Форумот, Претседателот Иванов оствари средба со Неговото Височество Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, Емир на Катар, како и со Неговата Екселенција Владис Затлерс, Претседател на Република Латвија.

На средбата со Емирот беше изразено ообено задоволство од продлабочувањето на пријателските односи и постојаниот дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји. Двајцата соговорници констатираа дека економската соработка е прашањето на кое двете земји треба да стават особен акцент и да ги максимизираат напорите во периодот што следи. Претседателот Иванов на Емирот на Катар му најави дека до крајот на овој месец, по дипломатски пат, до Кабинетот на Емирот ќе бидат доставени околу 20 конкретни проекти за инвестирање во Република Македонија. Станува збор за проекти за инвестирање во хотели, трговски центри, бензински пумпи, депоа за складирање на гориво, како и други можности за инвестиции на Катар во Македонија. Емирот изрази задоволство од ваквата најава и даде уверување дека лично ќе се заложи за катарските инвестициски власти да се фокусираат на можностите за инвестирање во Македонија. Во контекст на продлабочување на одличните политички односи, како и за развивање на економските односи, Емирот го увери Претседателот Иванов дека во наредниот период се планира и отворање на амбасада на Катар во Македонија.

На средбата со Претседателот Затлерс, двајцата соговорници ги разгледаа можностите за зајакнување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји. Претседателот Иванов изрази особено задоволство од прифатената покана на Претседателот Затлерс во јули да оствари официјална посета на Македонија. Претседателот Иванов изрази очекување дека исклучително значајната посета на Претседателот Затлерс ќе им даде силен импулс на врските и на соработката меѓу двете земји во сите сфери од заемен интерес. Претседателот Иванов изрази благодарност за принципиелната и постојана поддршка на Република Латвија за напорите на Република Македонија за интеграција во евро-атланските структури. Затлерс истакна дека интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската Унија е прашање од кое директна полза ќе имаат и регионот, и Унијата во целина. Претседателот Затлерс го поздрави моделот на мултиетнички соживот и демократија во Република Македонија, како и македонската улога во продуцирање на стабилност во регионот на Југоисточна Европа. Во согласност со принципиелната политика на Латвија Затлерс истакна дека можеме и понатаму да сметаме на силна поддршка на македонските ЕУ и НАТО интегративни процеси. Претседателот Иванов го информираше својот латвиски колега за процесот кој се води под покровителство на Обединетите нации за изнаоѓање на решение на единствената пречка со која Македонија е соочена во интегративните процеси. Претседателот Иванов ја пренесе македонската позиција по ова прашање и нагласи дека Република Македонија е во континуитет е посветена и конструктивна во овој процес, како и дека Република Македонија е таа која бара решение, имајќи ги предвид последиците со кои се соочува додека е надвор од евро-атланските структури. На средбата беа разменети и информации и мислења по однос на регионалните прашања.

Претседателот Иванов му ја врачи наградата „Борис Трајковски“ на Бернд Поселт
Сабота, 29 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во претседателската резиденција му ја врачи наградата „Борис Трајковски“ на Бренд Поселт, член на Европскиот парламент. Наградата ја доделува Паневропската Унија на Македонија.
- Радосен сум што денес еден докажан пријател на Македонија ја добива наградата “Борис Трајковски“, пријател кој, повеќе од две децении силно ја поддржува македонската независност и правото на национален идентитет и просперитет на нејзиниот народ. Бернт Поселт ги следи своите политички идеи, принципи и идеали доследно, а не под влијание на дневната политика. Тој е силен глас во Европскиот Парламент за правата на сите помали европски држави на сопствен идентитет и интегритет - рече претседателот Иванов.
На врачувањето на наградата, Иванов истакна дека Паневропската унија континуирано го поддржува развојот, продлабочувањето и проширувањето на Европската унија и оти придонела за постигнување на Лисабонскиот договор што е уште еден чекор во насока на географското и политичкото обединување на цела Европа во рамките на ЕУ.
Според него, преку ширењето на идејата за обединета Европа, најдобро се бориме за европските вредности и идеали, слободата, демократијата, владеењето на правото, но и забраната за кршење на индивидуалното право на идентитет и достоинството.
- Европа, која се темели на тие вредности, треба да остане достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Затоа, ги охрабруваме нашите европски партнери, во нивниот пристап кон Македонија да останат доследни и принципиелни. Ги охрабруваме што почесто да го користат компасот на обединувањето и единството. Лисабонскиот договор ни ја нуди шансата. Во име на заедничката иднина, во име на аманетот на оние кои го градеа обединувањето, денешното лидерство во Европа треба да покаже визија и да ја искористи можноста - нагласи претседателот Иванов.
Според Поселт, Македонија заслужила да ја добие Нобеловата награда за мир за тоа што го сторила во 1999 година со бегалската криза, како и за мирното напуштање на Југославија.
- Оваа награда за мене лично е огромен поттик да работиме, да ја обединиме Европа врз основа на помирување. Македонија не треба да влезе во Европа. Вие сте европска земја, земја од срцето на Европа, рече Поселт.
Меѓународниот претседател на Паневропската Унија Ален Тереноар уште еднаш ја повтори поддршката на ПЕУ за Македонија.
- Македонија во Паневропската унија има пријател и поддржувач кој ќе ги застапува нејзините легитимни интереси, истакна Тереноар.
ПЕУ е формирана во 1923 година како движење што го трасираше патот кон единството, мирот и напредокот. Повеќе од 60 години работи на пораката за голема, обединета Европа.

Посета на романскиот Претседател Трајан Басеску
Четврток, 27 Мај 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес се сретна со Претседателот на Република Романија Трајан Басеску, кој е во еднодневна официјална посета на Македонија. По срдечната средба, Претседателот Иванов изјави дека односите меѓу двете земји се добри и пријателски, и се засновани на конструктивна соработка и взаемна поддршка на билетерален и мултилатерален план.
- Заеднички го изразивме задоволството од парламентарната соработка меѓу двете земји и нагласивме дека во иднина очекуваме поголема соработка и во други сфери, како што се воената соработка, соработка во областа на внатрешните работи, правдата, образованието, културата. На Претседателот Басеску му го пренесов интересот на Република Македонија за интензивирање на соработката во поглед на јакнењето на интегративните процеси во ЕУ и НАТО, и изразив очекување дека Романија и натаму отворено ќе не поддржува - изјави Претседателот Иванов.
Претседателот Басеску ја потврди силната поддршка за приемот на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, велејќи дека тоа ќе се случи наскоро. Претседателот Басеску го даде своето мислење и за спорот кој Република Грција го поставува пред македонските евро-атлански интеграции.
- Како земја го поддржуваме разумниот компромис, заедничко решение од кое што ќе бидат задоволни двете страни. Ниту Грција ниту Македонија не треба да гледаат и да бараат препреки во историското минато. Двете земји треба да се договорат и заедно да ја градат европската иднина. Само заедничка Европа може да ни гарантира сигурен и стабилен Балкан - изјави Претседателот Басеску.
Од своја страна, Претседателот Иванов изрази задоволство од поддршката на романската држава за културата и традицијата на Македонците во Романија, за поддршката на изучувањето на македонскиот јазик во градот Крајова, како и од фактот што во делегацијата на романскиот Претседател беше вклучена и пратеничка од Асоцијацијата на Македонците во Романија.
Двајцата Претседатели воедно ќе се обратат на Романско-Македонскиот Економски Форум во Скопје.
Во Македонија, Претседателот Басеску има средби и со Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски, и со претставници на влашката заедница во земјата.

 
Почеток < Пред 191 192 193 194 195 196 197 198 Следно > Крај
Страница 192 од 198