Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Република Македонија амбасадорот Хозе Луис Хереро.
На средбата, Претседателот Иванов беше информиран за активностите и ангажманот на Мисијата на ОБСЕ во земјата, како и за заедничките проекти кои се спроведуваат со учество на ОБСЕ.
На средбата беа разменети мислења и информации во однос на внатрешно политичките актуелности од изминатиот период. Беше констатирано дека активностите на Мисијата на ОБСЕ се одвиваат во сосема променети околности денес во однос на периодот на отворањето на мисијата, и беа разменети мислења и информации за идните ангажмани на ОБСЕ.
Амбасадорот Хереро го изнесе ставот со кој настапува пред сите политички релевантни фактори од Република Македонија и меѓународната заедница дека ништо не може да ја оправда употребата на насилство за било какви барања и потреби од било која природа.
Двајцата соговорници заклучија дека Република Македонија е на стадиум од демократскиот развој кога институциите работат со полн капацитет и сите барања и потреби од било каква природа треба да имаат свој институционален тек.