Македонскиот Претседател д-р Ѓорге Иванов денеска во Москва присуствуваше на воената парада по повод 65-годишнината од Победата над фашизмот, и притоа оствари кратка средба со рускиот колега Дмитриј Медведев.
- Парадата во Москва беше можност повторно да ја видиме антифашистичката коалиција заедно и Македонија, која е дел од таа коалиција. Македонија учествувајќи во тоа успеа по толку векови во тој период да ја создаде својата држава, изјави Претседателот Иванов.
На средбата со Претседателот Медведев било разговарано за односите меѓу Македонија и Русија, за економските односи меѓу двете држави, за Договорот за пријателство и соработка, кој треба наскоро да биде потпишан, како и за дополнителна либерализација на визната политика за руските граѓани за нивно влегување и транзитирање низ Македонија. Претседателот Иванов истакна дека на средбата му се заблагодарил на Медведев за поканата на економскиот самит во Санкт Петерсбург, кој треба да се одрзи од 16 до 18 јуни годинава.
Освен со Медведев, Претседателот Иванов во Москва се сретна и со претседателите на Чешка Вацлав Клаус, на Словачка Иван Гаспаровиќ, на Србија Борис Тадиќ, на Хрватска Иво Јосиповиќ и на Црна Гора Филип Вујановиќ.
- Со сите нив разговаравме за економската криза, која на некој начин го стеснува просторот за политичко дејствување, истакна Иванов.
Македонскиот претседател за време на престојот во Москва имаше можност да се сретне и со рускиот патријарх Кирил. Патријархот Кирил, кој е добро запознат со состојбите во Македонската православна црква, изразил подготвеност, во рамки на неговите можности, да придонесе прашањето кое ги оптоварува односите на МПЦ со другите православни цркви да најде своја завршница.
На грандиозната парадa, која се одржа денеска на Црвениот плоштад, учествуваа повеќе од 12.000 војници, 100 авиони, над 150 оклопни возила со различни видови ракети, а тоа што ја издвојува оваа манифестација од сите досегашни е што првпат во руската историја четири НАТО батаљони се најдоа меѓу учесниците на парадата.