Претседателот Иванов го одликува поранешниот Претседател на Бугарија Желев
|
|
Претседателот д-р Ѓорге Иванов во претседателската резиденција Водно го одликува поранешниот претседател на Бугарија д- р Жељу Желев со Орден „8 Септември“, највисоко државно одликување на Република Македонија. Одликувањето на Желев му се доделува за исклучителни заслуги за признавањето на независна и суверена Република Македонија од страна на Република Бугарија, како прва земја и нејзино натамошно етаблирање во меѓународната заедница, како и за развојот на севкупните односи и соработка меѓу двете држави. Претседателот Иванов го истакна значењто на ангажманот на Желев во признавањето на Македонија и нејзиното етаблирање при што потсети дека Бугарија на денешен ден пред 18 години беше предводник на тој процес. Сепак, и по 18 години Македонија се уште се соочува со искушенијата и предизвиците и тоа не по своја вина и оти потребата од историски одлуки за македонската држава се уште не е завршена. - И покрај тоа, продолжуваме на демократски начин да ја градиме и унапредуваме нашата држава и општество, нашиот модел на функционална мултиетничка демократија, секогаш избирајќи го патот на одговорен и конструктивен чинител во овој дел на Европа водејќи се од регионалните и пошироки интереси и цели, рече во обраќањето Иванов.
Поранешниот бугарски претседател Желев се заблагодари на високото признаение и потсети на причините и околностите под кои Бугарија ја призна Македонија. Желев истакна дека Бугарија продолжува да биде голем поддржувач на Македонија и оцени оти денес кога македонската држава е призната под нејзиното уставно име од 127 земји, меѓу кои и од Русија, САД, Кина и Велика Британија, срамно е да се прават опструкции Македонија да го користи уставното име.
|