Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска, во проштална посета, го прими Амбасадорот на Република Турција во Македонија, Н.Е. Арслан Хакан Окчал.
На срдечната средба, Претседателот Иванов му се заблагодари на Амбасадорот Окчал за посветеноста и енергијата која ја внесе во развивањето на стратегиски добрите односи меѓу двете држави. Претседателот истакна дека Македонија е земја и на граѓаните од турската заедница, и дека постоењето на голема турска заедница во Македонија, како и македонската заедница во Турција, дополнително ги поврзува двете земји.
Претседателот Иванов, на средбата, изрази очекување дека со натамошното намалување на значењето на границите на Балканот, и со развојот на интегративните процеси, овој регион ќе се развива како отворен простор во кој слободно ќе се врши економската и културната размена, патувањето и размената на идеи. Претседателот го истакна заедничкото минато на сите балкански држави и потребата да се издвојат традициите кои не зближуваат, традициите на соработка, соживот и отвореност на едни кон други.
Амбасадорот Окчал рече дека со радост ќе се сеќава на двете години поминати во Република Македонија и на постојаниот нагорен тренд на развојот на односите меѓу Македонија и Турција, кои се одликуваат со развој на економската соработка, постојани контакти на највисоко ниво и стратегиска соработка во целите од заеднички интерес. Амбасадорот Окчал додаде дека Република Македонија гради демократски модел кој треба да служи како пример за земјите од Балканот и од Европа за почитувањето на различните култури и традиции и нивното вклучување во сеопштиот развој на државата.