Новости
alen01
САД да помогне во зголемување на довербата и соработката на безбедносните служби во регионот – средба со генералот Џон Ален, специјален претставник на американскиот претседател Барак Обама во коалицијата за борба протис ИСИС
Петок, 19 Јуни 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој учествува на Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015" во Братислава, денеска на средба со генералот Џон Ален, специјален претставник на американскиот претседател Барак Обама во коалицијата за борба протис ИСИС, побара засилен ангажман од САД во насока на зголемување на безбедноста и соработката во нашиот регион.

„Без зголемување на довербата и соработката на безбедносните служби, нашиот регион ќе биде и натаму ранлив под заканите од насилниот екстремизам и радикализам, заканата од странските терористички борци", потенцира претседателот Иванов, додавајќи оти САД треба да помогне во таа насока.

На средбата, на која се разменети мислења и информации за актуелните безбедносно-политички состојби во Република Македонија и во регионот, претседателот Иванов истакна дека на неинтегрираниот Западен Балкан му е потребен безбедносен чадор и посочи дека Република Македонија се надева на засилена поддршка од САД за полноправно членство во НАТО. Членството на Македонија во НАТО, подвлече претседателот Иванов, позитивно ќе влијае на безбедноста и стабилноста во регионот.

Претседателот Иванов изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за интегрирање на Република Македонија во НАТО, притоа нагласувајќи ја потребата од интензивирање на ваквата поддршка и во наредниот период.

„САД им дава посебно внимание на стратешките и партнерски односи со Македонија и благодарни сме за улогата и ангажманот на Македонија во мировните мисии и во коалицијата за борба против ИСИС", истакна генералот Ален.

Тој додаде дека САД се подготвени за продолжување и интензивирање на соработката со Република Македонија во сферата на безбедноста.

Во тој контекст, претседателот Иванов и генералот Ален го реафирмираа долгорочниот заемен интерес за интензивирање на стратешкото партнерство со САД, вклучувајќи ја и одличната соработка во одбраната и меѓународната борба против тероризмот – во согласност со Декларацијата за стратешко партенерство, од мај 2008 година.

На средбата беше нагласена и потребата од натамошно зајакнување на целокупниот дијалог, и интензивирање на постоечката соработка во сите области од заемен интерес, на билатерално и мултилатерално ниво.

Претседателот Иванов на безбедносниот форум ќе се обрати на сесијата „Балканска шаховска табла: Дали влогот е целосна и слободна Европа".

alen02

FRIDMAN_2
Средба со г. Џорџ Фридман, основач и претседател на истражувачкиот и аналитички центар Стратфор од САД
Петок, 19 Јуни 2015

Претседателот Иванов, во рамки на учеството на Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015", денеска оствари средба со г. Џорџ Фридман, основач и претседател на еден од најпознатите светски истражувачки и аналитички центри, Стратфор од САД.

На средбата, на интерес на соговорникот, претседателот Иванов го запозна со стратешките цели на Република Македонија, актуелните состојби во Македонија на безбедносен план, односите со соседите и состојбите на политички и безбедносен план во регионот на ЈИЕ. Беа разменети мислења и информации во однос на геополитичките прилики и превирања поврзани со Балканот.
Господинот Фридман ја прифати поканата од претседателот Иванов за посета на Република Македонија, со цел одблиску да се запознае со состојбите, а договорено е и негово учество на Школата за млади лидери, која што се одржува секоја година во Охрид, под покровителство на Претседателот на Република Македонија.

BUDVA
Иванов: Време е НАТО и Европската унија да донесат храбри одлуки‎
Понеделник, 08 Јуни 2015

brioni0Прашањето за проширувањето да се врати високо на агендата на Европската унија, со него да не се занимава само Комисијата, туку и Европскиот совет и да не се смета само како техничко прашање. Ова е една од клучните пораки која лидерите на земјите од „Процесот Брдо – Бриони" ја упатија на денешниот самит во Будва, на кој учествува претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

- Време е НАТО и Европската унија да донесат храбри одлуки. Време е Европската унија да ја поправи сопствената грешка во однос на Македонија. Сега е време Унијата да ни помогне да си ги поправиме слабостите кои ги имаме. Крајно време е Унијата и НАТО да го пополнат безбедносниот вакуум во Европа, бидејќи ако тие не го пополнат, некои други сили и актери ќе го направат тоа оти не постои вакуум во геополитичкиот простор, порача претседателот Иванов.

Претседателите од регионот очекуваат надминување на политичката криза во Република Македонија и засилени реформи во некои области, а со цел деблокада на интеграцијата за земјата.

Оттука, претседателот Иванов потенцираше дека на регионот му е потребна неодложна интеграција во ЕУ и НАТО.

- Долго време предупредувам дека статус кво состојбата во европските и евроатлантските интеграции на Македонија нè демотивира и создава фрустрации во македонското општество. Создава нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи, Неодамна, за жал, се остварија стравувањата. Нервозата предизвикана поради стагнацијата во интеграциите придонесе да се јави политичка криза, која создаде услови и за безбедносна криза. И како што политичката криза доведе до меѓупартиски тензии, така постоеше опасност безбедносната криза да доведе до меѓуетнички тензии, порача македонскиот претседател пред лидерите од регионот.

Претседателот Иванов уште еднаш истакна дека блокадите од нашиот јужен сосед и нерешителноста на ЕУ негативно влијаат на темпото на реформите, на нивото на политичка култура кај лидерите.

За да се надмине состојбата во која се наоѓа Република Македонија, претседателот Иванов рече дека неопходно е паралелно движење во интеграциите и надминување на внатрешните проблеми и билатералните разлики. Во обраќањето пред лидерите од регионот Иванов побара прашањето за името, како билатерална разлика меѓу Македонија и Грција да биде последното, 35-то поглавје во преговорите за членството на Македонија во Европската унија, посочувајќи дека доколку ЕУ не помогне да ја тргнеме пречката за интеграциите, односно со одземање, условување, замрзнување на препораката, Унијата ќе биде директно виновна за влошување на состојбите во Македонија, а со тоа и во регионот.

- Прашањето за името да биде 35.поглавје во пристапните преговори за членство во ЕУ. Она што нас не блокира во однос на билатералната разлика што ја имаме со една земја членка на ЕУ и НАТО, тоа што Грција нам ни го прави постојано, треба да се надмине, Македонија да ги почне преговорите, а тоа да се остави за крај за да може да се најде начин тоа прашање да се затвори, изјави претседателот Иванов по завршување на Самитот.

brionigМногу членки на ЕУ, проширувањето го третираат како техничко прашање, додаде македонскиот претседател. Случајот со Македонија покажува дека проширувањето е политичко прашање, дека не зависи се од Европската комисија туку зависи од одлуката на Европскиот совет да даде датум за почеток на преговорите. Во тој контекст беше и мојата иницијатива, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов изјави дека постои иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска да испратат писмо до претседателот на Европскиот совет за Советот да има поголемо присуство во нашиот регион.

Како Хрватска се залагаме за решавање на тоа билатерално прашање, ќе поттикнуваме тоа да се реши, бидејќи е пречка не само за членство на Македонија во ЕУ, туку очигледно и за НАТО. Во овој момент можам само да ги охрабрам двете страни да најдат заедничко решение, изјави хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ, на заедничката прес-конференција, коментирајќи ја иницијативата на претседателот Иванов.

Во рамки на своето обраќање, претседателот Иванов уште еднаш порача политичките прашања да се решаваат во рамките што ги дава меѓународното право.

- Подготвени сме за заемно прифатливо решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Во таа смисла, барам итен прием на Република Македонија во НАТО со привремената референца, истакна Иванов.

Осврнувајќи се на безбедносната состојба во Република Македонија, претседателот Иванов посочи дека настаните во Куманово ја потврдија слабата соработка меѓу безбедносните служби на земјите во регионот, поради што за овој регион се зборува како за гнездо на џихадисти, како извор на странски терористички борци на боиштата во Блискиот Исток. Оттука Иванов апелираше на поголема соработка и ја потенцираше потребата од финансирање програми за дерадикализација и контрарадикализација.

- „Брдо-Бриони Процесот" го пополнува вакуумот што во последно време се појави во регионалната соработка. Ни овозможува декларативноста да ја замениме со конкретни проекти што даваат конкретни резултати, а формалноста со неформален, но искрен дијалог околу сите прашања што се важни за земјите од регионот, порача претседателот Иванов на Самитот, додавајќи дека со реториката на некои лидери не треба да не се подигаат тензии и отворените прашања да се решаваат со политички дијалог.

Во заклучоците од Самитот, лидерите едногласно се согласија да соработуваат на политички и економски план преку отворен и константен дијалог и ја реафирмираа заложбата за членство во ЕУ како гаранција за мирот и стабилноста во регионот. Во однос на состојбата во Македонија, лидерите ја поздравија улогата на ЕУ во стабилизирање на актуелната политичка состојба во земјата, воспоставувањето на политичкиот дијалог и истакнаа дека е неопходна целосна и транспарентна истрага за случувањата во Куманово.

brionig2

FISHER_1
Средби со австрискиот претседател Фишер и српскиот претседател Николиќ
Понеделник, 08 Јуни 2015

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во рамки на Самитот на претседатели на „Процесот Брдо – Бриони", кој се одржува во Будва, Црна Гора, имаше одвоени средби со претседателот на Република Австрија г. Хајнц Фишер со претседателот на Република Србија, г.Томислав Николиќ.

На средбата со австрискиот претседател беше изразено задоволство од севкупната билатерална соработка меѓу двете земји, како и од одржувањето на интензивниот политички дијалог на највисоко ниво.
Во контекст на македонската интеграција во Европската унија, претседателот Иванов изрази очекување за натамошна силна поддршка од Република Австрија за неодложен почеток на пристапните преговори за членство и се заблагодари за досегашната континуирана и принципиелна поддршка од Република Австрија.

Претседателот Фишер поздравувајќи ја улогата на ЕУ во надминување на политичката криза, нагласи дека Република Македонија треба да ги засили реформските процеси со цел надминување на слабостите посочени од Европската комисија, но истовремено дека ја поддржува силно евроинтеграцијата на Република Македонија и паралелното движење во интеграцијата и надминување на билатералните разлики.

NIKOLIK1На средбата на претседателот Иванов со претседателот Николиќ, беше оценето дека Република Македонија и Република Србија имаат интензивен политички дијалог на највисоко ниво.

Претседателите Иванов и Николиќ оценија дека Република Македонија и Република Србија имаат традиционално пријателски односи, интензивен политички дијалог на највисоко ниво и соработка во повеќе области од заемен интерес, која во наредниот период треба да се продлабочи.

Двајцата претседатели разменија мислења и информации и за актуелните политичко-економски состојби во двете земји, како и за севкупните состојби во регионот со посебен нагласок за предизвиците поврзани со стабилноста и безбедноста.

Furnier
Средба со г. Ерик Фурниер, Директор за Континентална Европа при Министерство за надворешни работи на Француската Република
Четврток, 04 Јуни 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Директорот за Континентална Европа при Министерство за надворешни работи на Француската Република, г. Ерик Фурниер.

На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите меѓу Република Македонија и Француската Република како на билатерален така и на мултилатерален план, со надеж за динамизирање и унапредување на политичкиот дијалог меѓу двете земји.

Информирајќи го г.Фурниер за актуелната политичка состојба во Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека постои оптимизам за надминување на политичката криза и затоа е потребен посветен, одговорен и доследен пристап кон дијалогот од сите политички партии со цел враќање на политичката стабилност. Во тој контекст македонскиот претседател ја поздрави вклученоста на Европската унија во овие разговори кои недвосмислено покажаа дека европската и евроатланската агенда на Република Македонија е главен приоритет во државата.

Претседателот Иванов потенцираше дека во надминувањето на предизвиците со кои се соочува нашата држава, потребна е поддршка и од меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Франција, бидејќи предолгата статус кво ситуацијата во евроатлантските интеграции создава фрустрација во политичкиот и меѓуетничкиот живот правејќи нè ранливи и подложни на обиди за дестабилизација.

Директорот Фурниер ја пренесе француската поддршка во однос на нашите европски и евроатлански стратешки цели, членството во НАТО и во ЕУ.

 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 72 од 198