Иванов: Време е НАТО и Европската унија да донесат храбри одлуки‎
Понеделник, 08 Јуни 2015   

BUDVA

brioni0Прашањето за проширувањето да се врати високо на агендата на Европската унија, со него да не се занимава само Комисијата, туку и Европскиот совет и да не се смета само како техничко прашање. Ова е една од клучните пораки која лидерите на земјите од „Процесот Брдо – Бриони" ја упатија на денешниот самит во Будва, на кој учествува претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

- Време е НАТО и Европската унија да донесат храбри одлуки. Време е Европската унија да ја поправи сопствената грешка во однос на Македонија. Сега е време Унијата да ни помогне да си ги поправиме слабостите кои ги имаме. Крајно време е Унијата и НАТО да го пополнат безбедносниот вакуум во Европа, бидејќи ако тие не го пополнат, некои други сили и актери ќе го направат тоа оти не постои вакуум во геополитичкиот простор, порача претседателот Иванов.

Претседателите од регионот очекуваат надминување на политичката криза во Република Македонија и засилени реформи во некои области, а со цел деблокада на интеграцијата за земјата.

Оттука, претседателот Иванов потенцираше дека на регионот му е потребна неодложна интеграција во ЕУ и НАТО.

- Долго време предупредувам дека статус кво состојбата во европските и евроатлантските интеграции на Македонија нè демотивира и создава фрустрации во македонското општество. Создава нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи, Неодамна, за жал, се остварија стравувањата. Нервозата предизвикана поради стагнацијата во интеграциите придонесе да се јави политичка криза, која создаде услови и за безбедносна криза. И како што политичката криза доведе до меѓупартиски тензии, така постоеше опасност безбедносната криза да доведе до меѓуетнички тензии, порача македонскиот претседател пред лидерите од регионот.

Претседателот Иванов уште еднаш истакна дека блокадите од нашиот јужен сосед и нерешителноста на ЕУ негативно влијаат на темпото на реформите, на нивото на политичка култура кај лидерите.

За да се надмине состојбата во која се наоѓа Република Македонија, претседателот Иванов рече дека неопходно е паралелно движење во интеграциите и надминување на внатрешните проблеми и билатералните разлики. Во обраќањето пред лидерите од регионот Иванов побара прашањето за името, како билатерална разлика меѓу Македонија и Грција да биде последното, 35-то поглавје во преговорите за членството на Македонија во Европската унија, посочувајќи дека доколку ЕУ не помогне да ја тргнеме пречката за интеграциите, односно со одземање, условување, замрзнување на препораката, Унијата ќе биде директно виновна за влошување на состојбите во Македонија, а со тоа и во регионот.

- Прашањето за името да биде 35.поглавје во пристапните преговори за членство во ЕУ. Она што нас не блокира во однос на билатералната разлика што ја имаме со една земја членка на ЕУ и НАТО, тоа што Грција нам ни го прави постојано, треба да се надмине, Македонија да ги почне преговорите, а тоа да се остави за крај за да може да се најде начин тоа прашање да се затвори, изјави претседателот Иванов по завршување на Самитот.

brionigМногу членки на ЕУ, проширувањето го третираат како техничко прашање, додаде македонскиот претседател. Случајот со Македонија покажува дека проширувањето е политичко прашање, дека не зависи се од Европската комисија туку зависи од одлуката на Европскиот совет да даде датум за почеток на преговорите. Во тој контекст беше и мојата иницијатива, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов изјави дека постои иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска да испратат писмо до претседателот на Европскиот совет за Советот да има поголемо присуство во нашиот регион.

Како Хрватска се залагаме за решавање на тоа билатерално прашање, ќе поттикнуваме тоа да се реши, бидејќи е пречка не само за членство на Македонија во ЕУ, туку очигледно и за НАТО. Во овој момент можам само да ги охрабрам двете страни да најдат заедничко решение, изјави хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ, на заедничката прес-конференција, коментирајќи ја иницијативата на претседателот Иванов.

Во рамки на своето обраќање, претседателот Иванов уште еднаш порача политичките прашања да се решаваат во рамките што ги дава меѓународното право.

- Подготвени сме за заемно прифатливо решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Во таа смисла, барам итен прием на Република Македонија во НАТО со привремената референца, истакна Иванов.

Осврнувајќи се на безбедносната состојба во Република Македонија, претседателот Иванов посочи дека настаните во Куманово ја потврдија слабата соработка меѓу безбедносните служби на земјите во регионот, поради што за овој регион се зборува како за гнездо на џихадисти, како извор на странски терористички борци на боиштата во Блискиот Исток. Оттука Иванов апелираше на поголема соработка и ја потенцираше потребата од финансирање програми за дерадикализација и контрарадикализација.

- „Брдо-Бриони Процесот" го пополнува вакуумот што во последно време се појави во регионалната соработка. Ни овозможува декларативноста да ја замениме со конкретни проекти што даваат конкретни резултати, а формалноста со неформален, но искрен дијалог околу сите прашања што се важни за земјите од регионот, порача претседателот Иванов на Самитот, додавајќи дека со реториката на некои лидери не треба да не се подигаат тензии и отворените прашања да се решаваат со политички дијалог.

Во заклучоците од Самитот, лидерите едногласно се согласија да соработуваат на политички и економски план преку отворен и константен дијалог и ја реафирмираа заложбата за членство во ЕУ како гаранција за мирот и стабилноста во регионот. Во однос на состојбата во Македонија, лидерите ја поздравија улогата на ЕУ во стабилизирање на актуелната политичка состојба во земјата, воспоставувањето на политичкиот дијалог и истакнаа дека е неопходна целосна и транспарентна истрага за случувањата во Куманово.

brionig2

  Back<<Назад