Новости
zhelev-opelo
Присуство на опелото по повод смртта на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев во Софија
Недела, 01 Февруари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на опелото, што по повод смртта на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев се одржа во катедралниот храм „Св. Александар Невски" во Софија.

Желев во 2010 година беше одликуван од претседателот Иванов со Орден „8 Септември" за исклучителни заслуги за признавањето на независна и суверена Република Македонија од страна на Република Бугарија.

„Неговата улога е огромна, историска, бидејќи беше првиот што придонесе за меѓународното признавање на Република Македонија, а ги поттикна на ваков чекор и другите лидери, од регионот и од светот. Во разговорите со него, лично ми кажуваше како придонел претседателот Јелцин да го направи истото што го направил тој", изјави претседателот Иванов.

На опелото по повод смртта на Желев, се обрати актуелниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, а покрај македонскиот претседател присуствуваа и претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани и косовскиот претседател Атифете Јахјага.

tetovo
Претседателот Иванов на одбележување на христијанскиот празник Св. Атанасиј Велики во Тетово
Сабота, 31 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на одбележувањето на големиот христијански празник Св. Атанасиј Велики, што се одржа во црквата „Св. Атанасиј" во Тетово.

Во истоимената црква претседателот Иванов присуствуваше на света божествена литургија во сослужение на повеќе свештеници од тетовското архиерејско намесништво на МПЦ-ОА, и на церемонијата на осветување на празничниот колач. Македонскиот претседател на многубројните верници им го честише празникот Св. Атанасиј Велики, посакувајќи им здравје, радост и благосостојба.

Во црквата во манастирскиот комплекс на тетовското кале, традиционално се прославува христијански празник Св. Атанасиј Велики. Старешината на манастирот прота Дарко Наумоски го истакна значење и потребата за продолжување на оваа црковно-народна традиција.

Црквата „Св. Атанасиј" која датира од 14 век, претставува еден од најстарите христијански црковни споменици во овој дел од Република Македонија.

ausvic1
Претседателот Иванов присуствуваше на комеморацијата по повод 70. годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау
Вторник, 27 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствува на комеморацијата што се одржува по повод 70. годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау.

На комеморацијата пред „портата на смртта" во Биркенау, се обрати полскиот претседател Бронислав Коморовски, претставници на преживеаните, а е претставена и кампањата "18 столбови на сеќавањето".

На комеморацијата, покрај македонскиот претседател присуствуваат претставници на десетина европски земји, САД и Канада, меѓу кои претседателот на Франција, Франсоа Оланд, германскиот претседател Јоаким Гаук, австрискиот претседател Хајнц Фишер, хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, холандскиот крал Вилхем-Александар, украинскиот претседател Петро Порошенко, литванскиот претседател Далиа Грибаускаите, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, словенечкиот претседател Борут Пахор, швајцарскиот претседател Симонета Сомаруга, премиерите на Норвешка и на Холандија, норвешкиот престолонаследник и други државници.

Пред почетокот на комеморацијата, претседателот Иванов и останатите шефови на делегации имаа можност да се сретнат со преживеаните од концентрациониот логор Аушвиц. Претседателот Иванов во оваа прилика потсети на трагичната судбина на македонските Евреи, кои беа депортирани во логорот Треблинка.

Учеството на комеморацијата продолжува со оддавање почит на жртвите на Холокаустот и со собир на делегациите, на кои се очекува претседателот Иванов да оствари неформални средби со дел од учесниците.

ausvic2

vodici1
Претседателот Иванов присуствуваше на одбележувањето на Богојавление – Водици во Тетово и во Гостивар
Понеделник, 19 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление - Водици, што се одржа во Тетово и во Гостивар.

Во Тетово претседателот Иванов присуствуваше на богослужбата во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј", со која чиноначалствуваше митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, и на церемонијата на положување на светиот крст. Даниел Милошески беше најсреќниот меѓу верниците и го фати светиот крст на денешното одбележување на Водици, а од претседателот Иванов на подарок доби филигрански крст.

Во Гостивар, во Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица", македонскиот претседател се приклучи кон литијата која се упати кон мостот на реката Вардар, каде се одржа церемонија на положување на светиот крст, прва во речиси седум децении. Најсреќен меѓу десетината верници, кој го фати светиот крст, беше Дарко Лавдинов, кој од претседателот Иванов на подарок доби филигрански крст.
vodici2

pahor_katar
Средба со Претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, во Доха
Петок, 16 Јануари 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Доха, Катар имаше неформална средба со Претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор.

На средбата двајцата претседатели разговараа за продолжување на регионалната соработка и активностите во рамките на Брдо-Бриони процесот, состојбите во регионот, европските и евро-атланските интеграции на регионот и улогата на Словенија во процесот.

Претседателот Иванов побара позасилен ангажман од Словенија, со цел да продолжи да дава поддршка за забрзување на евроатланските процеси, како клучен предуслов за трајна стабилност и просперитет на регионот.

Двајцата претседатели оценија одлични билатерални односи и соработка меѓу Македонија и Словенија и беше договорена возвратна официјална посета на претседателот Иванов на Словенија во текот на оваа година.

bozikenrucek2015
Државниот врв на божиќен ручек кај поглаварот на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија, г.г Стефан
Петок, 09 Јануари 2015
 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 79 од 198