Новости
tribina_1
Слобода на религијата и создавање свет безбеден за различноста“ – трибина во рамките на иницијативата „Духовни Дијалози“
Четврток, 14 Мај 2015

Во рамките на иницијативата „Духовни Дијалози" покрената од Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија се одржа трибина на тема „Слободата на религијата и создавање свет безбеден за различноста".

На трибината модерирана од Проф. Бранислав Саркањац покрај претседателот Иванов, учествуваше и Проф. д-р Оз Гинис, еден од водечките социолози на религијата, политички коментатор и автор на бројни книги.

Во своето обраќање пред присутните, Претседателот Иванов зборуваше за македонскиот модел на соживот, како и за концептот кој е изворен во Република Македонија, а тоа е почитта меѓу верските заедници, наместо толеранцијата.

„Македонија ја има таа традиција која е можеби различна од некои земји на Балканот и во Европа. Со доаѓањето на демократијата, особено преку Охридскиот рамковен договор, ние ја имаме имплементирано и во нашиот политички систем односно во нашиот Устав, а тоа е традицијата на вклученост наместо исклученост. Ја имаме не само во Охридскиот договор, туку и во манифестите од нашето минато како што се Крушевскиот Манифест и Манифестот на АСНОМ. Таа традиција создава интеграција без асимилација, почит наместо толеранција," рече Претседателот Иванов.

tribina_2Претседателот Иванов потенцираше дека мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско Куманово претставува Македонија во мало, и дека постоеше насилен обид да се наруши највредното што го имаме – а тоа е македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, но дека македонските граѓани тоа не го дозволија. Таа традиција, додаде македонскиот претседател, има голема улога во одржувањето на Република Македонија, особено во време на предизвици.

Професорот Гинис еден од најбараните социјални коментатори од САД, се осврна за важноста на религиската слобода како фундаментално право на секој човек, за влијанието на религиите, како и за различните модели на религиска слобода кои денес постојат во светот.

„Првата причина за важноста на религиските слободи е тоа, што таа е прва од сите човекови права. Таа оди заедно со трите политички права како што се совеста, говорот и можноста за собирање. Втората важна причина е што религиската слобода е тајната на едно граѓанско општество. Општеството е здраво ако има слој од волонтерски организации во кои луѓето се слободни да го вложуваат своето време, енергија и пари, во она во што веруваат, и на тој начин да ги прават реформите. Третата причина е што религиската слобода е клучот за хармонија во едно општество. Различноста заедно со слободата ја даваат таа хармонија" рече професорот Гинис.

Меѓу гостите на дискусијата беше и г-ѓа Валентина Божиновска, Директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, претставници на образовни и академски институции, меѓу кои и од Православниот Богословски Факултет „Св. Климент Охридски" од Скопје, Државниот Универзитет во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, како и претставници од невладиниот сектор во Република Македонија, кои активно работат на полето на меѓу-религискиот дијалог.
tribina_3

SB
Заклучоци од седницата на Советот за безбедност на Република Македонија, одржана на 10 мај 2015 година
Вторник, 12 Мај 2015

На ден 10.05.2015 година во простории на кабинет на Претседателот се одржа седница на Советот за безбедност на Република Македонија.

Согласно член 12 од деловникот за работа на Советот за безбедност оваа седница е свикана без претходно доставување покана, предлог на дневниот ред и материјал за седница.

Согласно член 15 од од деловникот за работа на Советот за безбедност на оваа седница на Советот поканети се да учествуваат и лидерите на политичките партии кои можат да придонесат за сестрано и квалитетно разгледување за прашањата кои ќе се разгледуваат.

Седницата расправаше за актуелната безбедносна состојба во Македонија и активностите на Министерството за Внатрешни Работи во Липковско – Кумановскиот регион.

Советот донесе заклучоци.

Заклучоците за кои може да ја информира јавноста се:

1. Министерството за внатрешни работи да изработи писмена информација за безбедносната состојба во Република Македонија и да ја достави до Советот за безбедност

2. Министерството за внатрешни работи да продолжи во континуитет да врши информирање на јавноста за безбедносните настани во Република Македонија

3. Министерството за надворешни работи да изработи акт за информирање кон меѓународните организации и странски држави за актуелната безбедносна состојба и настаните во Гошинце на 21.04.2015 и Куманово и Липково на 09.05/10.05.2015 година

4. Сите надлежни институции од областа на безбедноста и одбраната да превземат мерки во рамките на нивните законски надлежности

5. Да се интензивира регионалната и меѓународната соработка за спротивставување и заштита од тероризам со цел во иднина да се превенираат насилни акти во Република Македонија.

Moskva01
Претседателот Иванов на одбележувањето на 70 годишнината од победата над фашизмот
Сабота, 09 Мај 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Москва учествуваше на одбележувањето на 70 годишнината од победата над фашизмот, каде положи цвеќе пред споменикот на „Незнајниот јунак" и присуствуваше на свечениот прием кој го приреди претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин во Големиот дворец на Кремљ, и оствари повеќе средби.

За актуелната состојба во Република Македонија претседателот Иванов ги информираше Генералниот секретар на Обединетите Нации, г. Бан Ки-Мун, претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин, претседателот на Чешката Република, г. Милош Земан и останатите соговорници, со кои оствари средби во Москва.

На средбата со претседателот Путин беше искажано заемно задоволство од континуираниот позитивен тренд во билатералните односи и соработката меѓу двете земји. На интерес на претседателот Путин, претседателот Иванов го запозна со актуелните политички состојби и со клучните предизвици со кои се соочува Република Македонија. Рускиот претседател Путин искажа загриженост за состојбите во Република Македонија. Исто така, беше договорено политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Руската Федерација да продолжи во наредниот период, особено во насока на натамошно развивање на економските односи меѓу двете земји.

Moskva02На средбата со претседателот Земан беше разговарано за билатералните односи и за продолжување на политичкиот дијалог, со размена на посети на највисоко ниво. Претседателот Земан искажа интерес за актуелностите во Република Македонија и евроатланските интеграциски процеси. Претседателот Иванов нагласи дека предолгата и неправедна блокада во евроатланските интеграции создава сериозни проблеми во внатрешните состојби во Република Македонија и апелираше за поодговорен пристап кон процесот на проширување и интеграцијата на Република Македонија и целиот регион, како предуслов за конечна консолидација, стабилност и просперитет во југоисточна Европа.

На средбата со кинескиот претседател, г. Си Џинпинг беше истакнато задоволството што на сите клучни теми од последната средба во Пекинг се евидентира позитивна динамика, а посебно задоволство беше изразено од нагорниот тренд во економската соработка меѓу двете земји. Беше договорено да продолжат и да се интензивираат контактите на сите нивоа и да продолжи и да се зголеми трендот во економските односи. Беше разговарано и за продлабочување на соработката во сферата на образованието, културата, науката и медицината.

Moskva03На средбата со генералниот секретар на ООН, претседателот Иванов го запозна г. Бан со актуелните политички состојби во Република Македонија, потенцирајќи дека разликата со името, кое претставува пречка за нашите интеграции, влијае негативно на внатрешните состојби. На средбата со генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова, беше разговарано за соработката и планираните проекти меѓу Република Македонија и УНЕСКО, особено за дијалогот меѓу цивилизациите.

На средбата со британскиот пратеник, г. Николас Сомес, кој е внук на поранешниот британски премиер Винстон Черчил, беше искажан интерес за економските состојби во Република Македонија и успесите на економски план, како и за британските инвестиции во Република Македонија.

Во Москва, претседателот Иванов се сретна со Патријархот на Руската Православна Црква, г. г. Кирил. На средбата, двајцата соговорници разменија мислења и информации за повеќе актуелни теми од заемен интерес‎ и беа разменети мислења за актуелностите поврзани со нашата црква.

Во рамки на свеченостите по повод одбележувањето на 70 годишнината од победата над фашизмот во Москва учествуваат и премиерот на Словачката Република, г. Роберт Фицо, претседавачот со претседателството на БИХ, г. Младен Иваниќ, словенечкиот министер за надворешни работи, г. Карл Ерјавец и други.

Moskva04

stamatoski
Свеченост по повод 90 години од раѓањето на еминентниот македонски лингвист Трајко Стаматоски
Вторник, 05 Мај 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на свеченоста по повод 90 години од раѓањето на еминентниот македонски лингвист Трајко Стаматоски, што се одржа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков".

Трајко Стаматоски е научен советник и почесен доктор на науки, по својата строга специјалност ономастичар, кој веќе 65 години работи на прашања од македонскиот јазик.Воедно, Стаматоски е автор е на околу 500 научни и стручни прилози и носител на повеќе награди и високи општествени признанија.

Во рамки на свеченоста поздравен говор одржа Елена Јованова - Грујовска, в.д. директорка на Институтот за македонски јазик, а пригодни обраќања за неговиот живот, дело и научен придонес, имаа повеќе соработници на Трајко Стаматоски.

Претседателот Иванов му го честита роденденот на Стаматоски и ја поздрави неговата научноистражувачка дејност и долгогодишен придонес во зачувување и унапредување на македонскиот литературен јазик.

panel
Иванов: Очекуваме брзо ефектуирање од средбите во Азербејџан
Четврток, 30 Април 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ја оцени за успешна посетата на Азербејџан, во рамки на која оствари средба со шефот на азербејџанската држава Илхам Алијев, учествуваше на 3.Глобален Баку форум и на Меѓународната конференција за човечки развој, а се обрати и на бизнис форум на кој беа претставени потенцијалите на Македонија и поволностите што се нудат за странски инвестиции.

Тој посочи дека на средбата со Алијев двајцата констатирале дека добрите политички односи треба да се преточат во многу поуспешни економски односи.

„Ние веќе две години во Азербејџан имаме наш економски промотор и тоа беше можност да се органиизра бизнис форумот на Азербејџанско-турската стопанска комора на кој нашите претставници на Агенцијата за странски инвестиции ги претставија можностите кои ги нуди македонското стопанство и можностите во Македонија за нивните компании да почнат бизниси и да соработуваат. Ова беше многу успешна посета и очекуваме од контактите и средбите што се остварени за време на оваа посета во најкратко време и да се ефектуираат. И претседателот Алиев најави посета на Македонија, веројатно тогаш ќе има можност и за бизнисмените од Азербејџан да ја посетат Македонија и да ги видат потенцијалите што ги нуди Македонија", изјави Иванов.

panel1За Глобалниот Баку форум кој се одржува по трет пат, претседателот Ивнов истакна дека станува збор за форум кој настојува да прерасне на нивото на Давос и Минхенската безбедносна конференција. На собирот на кој годинава учествуваа над 100 претставници од околу 60 земји во светот и десетици меѓународни организации, како и голем број поранешни претседатели и премиери од целиот свет, вели, се дискутираат прашања кои не се опфатени со овие два значајни меѓународни форуми, а се однесуваат на сите предизвици на глобалниот светски поредок.

„На форумот се дебатираат прашања за Европа и нејзиното соседство, за односот на Русија кон Западот, за сите можни сценарија во Украина, за сите предизвици кои доаѓаат од радикализацијата на религиите, сите замрзнати конфликти кои постојат на планетава. Значи се зборуваше за глобални теми од глобални актери затоа што тука присуствууваат и членовите на Мадридскиот клуб и членовите на Светската академија. Со учество на Македонија на вакви форуми имаме можност да ја кажеме вистината за нас, нашата претстава за тоа како се одвиваат сите овие настани и предизвици кои ги имаме и ние кај нас,", изјави претседателот Иванов.

Претседателот Иванов имаше обраќање и на Меѓународната конференција за човечки развој насловена „Рамка за нова парадигма" во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави" и Светската Академија за уметност и науки, со што го заокружи тридневниот работен престој во Азербејџан.

panel2

Baku_Tusiab_01
Македонија нуди големи можности за странските инвеститори – презентирани бизнис потенцијалите во Баку
Среда, 29 Април 2015

Над 20 сопственици на компании од турско-азербејџанското бизнис здружение ТУСИАБ присуствуваа на бизнис-форумот што денеска се одржа во Баку на којшто беа презентирани потенцијалите за инвестирање во Република Македонија и поволностите за странски инвестиции.

Форумот, го отвори претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој се наоѓа во посета на Азербејџан изразувајќи уверување дека добрата политичка соработка меѓу двете земји ќе се ефектуира и на економски план.

„Верувам дека оваа денешна средба е само почеток на една успешна и плодна соработка. Очекувам дека во претстојниот период ќе имам можност да го пречекам мојот колега претседателот Алијев во Република Македонија и се надевам дека и вие ќе дојдете со него, за да организираме македонско-азербејџански бизнис-форум на кој ќе го продолжиме она што денес го започнуваме. Затоа, ве повикувам да ја посетите Македонија, да ги разгледате постојните капацитети, да се запознаете со позитивното искуство на веќе присутните компании и сами да се уверите дека Македонија нуди големи можности за ширење на вашиот бизнис", посочи претседателот Иванов.

Бизнисмените на средбата искажаа интерес за инвестирање во градежништвото, особено во енергетскиот сектор.

Baku_Tusiab_Djem_Ilgjun_02Џем Илѓун од Текфен Констракшн, една од најголемите турски компании во градежништвото и нафта, кој работи во Азербејџан повеќе од 20 години и чиј последен проект на кој работеле е Олимпскиот стадион во Баку, завршен за рекордни две години, вели дека би сакале да дојдат во Македонија и да се запознаат со можностите за водење бизнис.

„Според она што слушнав, многу градежни работи на патната инфраструктура се одвиваат во моментот во Македонија. Би сакале да дојдеме во Македонија за бизнис во оваа дејност. Сме работеле во Европа и порано", вели Илѓун.

Тајфун Башарир од градежната компанија АГТ, која се занимава главно со изградба на патишта и мостови, смета дека Македонија нуди многу можности за инвестиции.

Baku_Tusiab_Tajfun_Basharir_03„Задоволни сме од денешниот информативен состанок. Македонија нуди многу можности во областа на изградба на автопати, главно преку концесии. Заинтересирани сме и за проекти во енергетскиот сектор и ќе ги земеме предвид", вели Башарир.

На форумот можностите за инвестирање во Македонија и поволната бизнис клима ги презентираше Климент Шеќеровски, заменик извршен директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

Во турско-азербејџанското бизнис здружение ТУСИАБ членуваат над 300 компании со дејност во повеќе економски гранки. Само во градежништвото неговите членки досега имаат реализирано договори во вредност од 15 милијарди долари, имаат инвестирано над 7,5 милијарди долари во Азербејџан и вработуваат 60.000 лица.

Претходно, беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Школата за млади лидери на претседателот Иванов и Меѓународниот центар „Низами Ганџави".

Македонскиот претседател ги посети просториите на овој центар, кој е еден од организаторите на 3. Глобален Баку форум.

Сопругата на претседателот Иванов, г-ѓа Маја Иванова денеска во рамки на Глобалниот форум учествуваше на панелот насловен „Улогата на жената во мировното владеење".


baku_Tusiab_04

 
Почеток < Пред 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Следно > Крај
Страница 74 од 198