Новости
Nishani
Иванов-Нишани: Подготвеност за натамошно јакнење на добрососедските односи
Петок, 11 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Република Азербејџан и учеството на 4. Глобален Баку форум, оствари средба со претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија при што беше изразено задоволство што тие се продлабочуваат во духот на добрососедството и меѓусебното разбирање за што говори и официјалната посета на претседателот Иванов на Република Албанија од минатата година и потврдената возвратна посета на претседателот Нишани на Република Македонија која треба да се реализира годинава.

Претседателите изразија очекување двете Влади да ги максимизираат напорите за јакнење на економската соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурно и енергетско поврзување.

Во тој контекст, двајцата претседатели изразија надеж дека до крајот на годината ќе се одржи заедничка седница на двете влади.

На средбата беа разменети и мислења и информации за актуелните внатрешно-политички состојби во двете земји, состојбите во регионот поврзани со актуелната мигрантска и бегалска криза, безбедносните предизвици, ЕУ и НАТО интеграциите, при што претседателот Иванов изрази надеж за продлабочување на соработката во справувањето со регионалните предизвици, заканите од тероризам, организиран криминал за што е потребна потесна соработка меѓу безбедносните служби на двете земји.

Двајцата претседатели се согласија дека евроатланските интеграции ќе придонесат за консолидација на регионот. Во тој контекст, претседателот Нишани изрази уверување дека нема да има никакво условување во поглед на интеграцијата на Република Македонија во НАТО од аспект на поддршката од Република Албанија.

На средбата се разговараше и за македонското национално малцинство во Република Албанија и за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Двајцата претседатели истакнаа дека двете заедници треба да бидат мост на поврзување и да придонесат кон зголемување на содржината во соработката меѓу Република Македонија и Република Албанија. Претседателот Нишани изрази уверување дека за македонската заедница во Република Албанија ќе бидат применети највисоките стандарди на Советот на Европа во поглед на правата на малцинските заедници.

prm_alijev_3
Иванов-Алијев: Создадени се услови за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Азербејџан
Четврток, 10 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Република Азербејџан и учеството на 4. Глобален Баку форум, оствари средба со азербејџанскиот претседател, г. Илхам Алијев.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Азербејџан и беше изразено задоволство од континуираниот политички дијалог на највисоко ниво. Взаемен е заклучокот дека односите се пријателски, но недостасува содржина во соработката.

Одличните политички односи и контакти, солидната правна рамка и потенцијалите на двете земји, според претседателите Иванов и Алијев, создаваат услови за интензивирање на економската соработка, зголемување на обемот на трговската соработка и на азебрбејџански инвестиции, гасоводни проекти, безбедносна соработка. Македонскиот претседател на средбата ги претстави можностите за инвестирање во земјата, и го запозна претседателот Алијев со поволниот инвестициски амбиент во Република Македонија, со состојбите во македонската економија, како и со оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.

Претседателот Иванов ја реафирмираше поканата за официјална посета на претседателот Алијев на Република Македонија во втората половина на 2016 година.

На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот, мигрантската криза и безбедносните состојби. Претседателот Иванов го запозна соговорникот со предизвиците од мигрантската криза, како и приоритетите за членство на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Претседателот Алијев го запозна македонскиот претседател со состојбите во Нагорно-Карабах и за односите на Азербејџан со Република Ерменија.

Двајцата претседатели се согласија за натамошно продолжување и интензивирање на соработката на мултилатерален план.

Претседателот Иванов ја прифати поканата за учество на Самитот на алијансата на цивилизациите на Обединетите Нации, што на крајот на април ќе се одржи во Баку.
prm_alijev_5 

BAKU_1
Претседателот Иванов: Време е за трансформација на општествата и меѓусебно почитување
Четврток, 10 Март 2016

„Неопходно е многу повеќе да се познаваме меѓу себе и да се почитуваме меѓу себе. Се што се случува на Блискиот Исток е директно поврзано со се што се случува и на Кавказ и на Балканот. Неопходно е да прејдеме во нова фаза како човештво, време е за трансформација и метаморфоза, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој денеска учествува на 4. Глобален Баку форум во организација на меѓународниот центар Низами Ганџави, во Баку, Азербејџан.

Со оглед на актуелните случувања, претседателот  Иванов потенцираше дека најголемиот предизвик е како различните идентитети да живеат и да напредуваат заедно и покрај нивните најдлабоки разлики.

„Наместо европска традиција на толеранција кај нас се практикува традиција на меѓусебно почитување. Нешто што е повозвишено од обичното толерирање на различноста. Тоа почитување довело да живееме во различни општества, со многу религии, многу етнички групи и многу јазични групи" , истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател порача дека мирот меѓу муслиманите и христијаните е неопходен за одржлив мир во светот, но дека мирот меѓу религиите не смее да се гради по цена на нивните различности.

"Во Уставот на Република Македонија има пет официјални религии. Ние имаме 600 години искуство со Исламот и тоа не не направи помалку христијани, ниту муслиманите ги направи помалку муслимани. Меѓутоа, од секогаш, сме ја негувале традицијата на почитување. Најдобар пример за тоа е Мајка Тереза, која е родена во центарот во Скопје" , рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов потсети дека за справување со секојдневните предизвици и решавање на проблемите неопходна е зголемена комуникација и соработка меѓу државите.

„Никој не се бави со причините, туку со последиците. Сите зборуваме дека во Европа има еден милион бегалци, сите знаеме дека имаме конфликти, но никој не кажува кои се причините за тие војни. Проблемите не се решаваат со декларации и самити, туку со меѓусебно спознавање и почитување", рече претседателот Иванов во обраќањето.BAKU_3

Претседателот Иванов потсети дека организираните криминални мрежи, радикалите, џихадистите, соработуваат многу потесно и многу повеќе ги користат придобивките од 21 век, отколку што соработуваат безбедносните,  полициските служби и меѓународните организации и додаде дека ни се потребни радикални промени, поголема хуманост и праведност.

На форумот на кој учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, како и голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот и бизнис заедниците,  главни теми се мултикултурализмот и прашањата за интеграцијата, меѓуверскиот дијалог, состојбите во Украина и преземање на глобална одговорност за Сирија и бегалската криза.‎

Учеството на претседателот Иванов на 4. Глобален Баку форум е во согласност со ангажманот и посветеноста на целите на Алијансата на цивилизациите на Обединетите Нации и во фунцкија на подготовка на претстојниот Самит на Обединетите Нации, што ќе се одржи во Баку на крајот на април.

На сесијата „Состојбата на светот денес и што треба да направиме за клучните предизвици", покрај претседателот Иванов, учествуваа и азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, албанскиот претседател Бујар Нишани, црногорскиот претседател, Филип Вујановиќ, членот на босанското претседателство, Младен Иваниќ, како и поранешните претседатели на Финска и на Боливија, Халонен и Кирога и поранешните премиери на Норвешка и на Израел, Гро Харлем Брунтланд и Ехуд Барак.
BAKU_2 

osmi_mart
Претседателот Иванов прими жени државни секретари по повод 8-ми март
Вторник, 08 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Меѓународниот ден на жената – 8 март, организираше прием за жени државни секретари од министерствата на Република Македонија, кои се клучни во справување со мигрантската и бегалската криза.

На приемот присуствуваше г-ѓа Анастасија Илиеска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи, г-ѓа Елизабета Чуповска, државен секретар во Министерството за одбрана, г-ѓа Ана Блажевска државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, г-ѓа Елена Кузмановска, државен секретар во Министерството за надворешни работи и г-ѓа Агнеза Руси, шеф на кабинет во МНР.

Претседателот Иванов ги поздрави нивните напори, професионалноста и одговорноста во извршувањето на нивните секојдневни обврски во соочувањето и справувањето со предизвиците од мигрантската и бегалската криза во Република Македонија. Македонскиот претседател потенцираше дека Република Македонија и во услови на внатре - политичка поделеност покажа одличен кризен менаџмент и докажа дека може успешно да се справи со сите предизвици на мигрантската криза, како од безбедносен, така и од хуманитарен и политички аспект. Во таа насока, претседателот Иванов изрази поддршка на нивните активности и го поздрави успешното функционирање на државните институции.

Честитајќи го празникот, македонскиот претседател воедно нагласи дека жената е столб на семејството, но истовремено и суштински дел од политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот во Република Македонија.

„Би сакал вам, и на сите жени во Република Македонија да ви ги честитам успесите, бидејќи вашите секојдневни достигнувања се пресликуваат врз македонското општество, правејќи не сите нас горди. Затоа активностите и делата на жената треба да се слават, не само денеска, туку во текот на целата година", рече претседателот Иванов.

Државните секретари изразија особено задоволство од приемот кај претседателот Иванов, посочувајќи дека за нив ова значи признание на нивниот целокупен труд и ангажман во овие кризни моменти со кои се соочува земјата.

Воедно, се заблагодарија за поддршката од страна на претседателот Иванов, како и за неговите континуирани заложби и активности во справување со мигрантската и бегалската криза и зачувување на националните интереси на Република Македонија.

prm_izjava_kratovo
Претседателот Иванов: Мора да се стави крај на политичката криза
Среда, 24 Февруари 2016

Конечно треба да се стави крај на политичката криза, за да имаме Влада со целосен политички легитимитет и институции кои ќе можат да се справат со безбедносните предизвици кои ја очекуваат Република Македонија, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, запрашан за став околу политичката криза и вчерашниот договор кој го постигнаа лидерите на политичките партии.

Претседателот Иванов изрази незадоволство од неодговорното однесување на поединци и политички партии кои, како што рече, само ја усложнуваат состојбата во Република Македонија, како и од нивното отсуство на чувство за државност во моменти кога како држава, регион па и Европа, се соочуваме со бегалска и мигрантска криза.

-Се соочуваме со бегалска и мигрантска криза која носи безбедносни ризици и недозволиво е такво однесување на тие што се нафатиле да бидат во политика. Политиката бара и одговорно однесување на секој поединец и на секој што е вклучен во носењето одлуки од интерес за сите граѓани, изјави македонскиот претседател и додаде дека граѓаните не можат да бидат заложници на нечии фрустрации и на деструктивно однесување.

Македонскиот претседател предупреди дека не очекува уше поголем бран на беглаци и дека е неопходно институциите да се посветат на справување со безбедносните предизвици и да нудат решенија, а не дополнително да ги комплицираат состојбите.

- Нашите институции наместо да се преокупирани со тие безбедносни ризици и прашања, ние се трошиме во меѓусебни расправии, деструктивно однесување и дури, дозволете ми да кажам, гнасно однесување на поединци кои го злоупотребуваат она што им го дале граѓаните и ги избрале на функции, изјави претседателот Иванов на новинарско прашање.

Иванов порача дека политичката криза во државата негативно влијае не само на граѓаните и на меѓучовечките односи, туку и на стопанството и на бизнис климата.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 55 од 198