|
Иванов-Нишани: Подготвеност за натамошно јакнење на добрососедските односи
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Република Азербејџан и учеството на 4. Глобален Баку форум, оствари средба со претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија при што беше изразено задоволство што тие се продлабочуваат во духот на добрососедството и меѓусебното разбирање за што говори и официјалната посета на претседателот Иванов на Република Албанија од минатата година и потврдената возвратна посета на претседателот Нишани на Република Македонија која треба да се реализира годинава.
Претседателите изразија очекување двете Влади да ги максимизираат напорите за јакнење на економската соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурно и енергетско поврзување.
Во тој контекст, двајцата претседатели изразија надеж дека до крајот на годината ќе се одржи заедничка седница на двете влади.
На средбата беа разменети и мислења и информации за актуелните внатрешно-политички состојби во двете земји, состојбите во регионот поврзани со актуелната мигрантска и бегалска криза, безбедносните предизвици, ЕУ и НАТО интеграциите, при што претседателот Иванов изрази надеж за продлабочување на соработката во справувањето со регионалните предизвици, заканите од тероризам, организиран криминал за што е потребна потесна соработка меѓу безбедносните служби на двете земји.
Двајцата претседатели се согласија дека евроатланските интеграции ќе придонесат за консолидација на регионот. Во тој контекст, претседателот Нишани изрази уверување дека нема да има никакво условување во поглед на интеграцијата на Република Македонија во НАТО од аспект на поддршката од Република Албанија.
На средбата се разговараше и за македонското национално малцинство во Република Албанија и за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Двајцата претседатели истакнаа дека двете заедници треба да бидат мост на поврзување и да придонесат кон зголемување на содржината во соработката меѓу Република Македонија и Република Албанија. Претседателот Нишани изрази уверување дека за македонската заедница во Република Албанија ќе бидат применети највисоките стандарди на Советот на Европа во поглед на правата на малцинските заедници.
|