Новости
aleksandriska_biblioteka_01
Претседателот Иванов ја посети Александриската библиотека
Вторник, 15 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од неговата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, во рамки на официјалната посета на Арапската Република Египет, денеска ја посети Александриската Библиотека.

Македонскиот претседател се сретна со директорот на Александриската библиотека Исмаил Серагелдин и се запиша во Книгата на впечатоци.

Александриската библиотека била најголема и најпозната во античкиот свет. Во 3 век п.н.е ја основал Птоломеј Први Сотер, била центар на древната наука и уметност. Имала неколку десетици илјади дела напишани на околу 600.000 свитоци папирус на сите тогаш познати јазици. Низ историјата била уништувана од разни освојувачи, а денес се наоѓа во модерен објект.

Претседателот Иванов претходните два дена престојуваше во престолнината Каиро каде што имаше средба со египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси, а вчера се обрати на бизнис-форум на кој беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија.

Со посетата на Библиотеката во Александрија, град кој е главно египетско пристаниште на Средоземното Море, претседателот Иванов ја заврши официјалната посета на Египет.
aleksandriska_biblioteka_02


egipet
Нов период во односите меѓу Македонија и Египет - претседателот Иванов во официјална посета на АР Египет
Недела, 13 Март 2016

Бегалската криза, борбата против тероризмот и заживување на економската соработка беа теми на кои денеска разговараа претседателите на Република Македонија и на Арапска Република Египет, д-р Ѓорге Иванов и г. Абдел Фатах Ал Сиси во Каиро, каде што претседателот Иванов е во официјална посета - прва на македонски претседател на оваа северноафриканска земја во 20-те години дипломатски односи.

Тие по средбата во претседателската палата Тахадеа соопштија дека размениле информации за мигрантската криза која ги засега двете држави, зашто со неа се соочуваат и земјите од Северна Африка, а заклучиле и дека е неопходна соработка на безбедносните служби во борбата против тероризмот и придонес во мултилатералниот простор односно во меѓународните организации.

- Разговаравме за проблемите на кризата на Блискиот Исток, за важноста од обезбедување меѓународна поддршка за земјите кои прифаќаат бегалци и се согласивме за важноста за почитување на толеранцијата и спроведување на вредностите на дијалогот помеѓу културите, рече египетскиот претседател Ал Сиси.

Претседателот Иванов ја нагласи важноста на Египет зошто, како што рече, земјата е лидер и гарант на стабилноста во регионот на Северна Африка. Бил информиран за бројот на бегалци кои ги има Египет и за начинот на кој се справува со нив, а разговарале и за улогата која Македонија ја има во справувањето со бегалската криза во европски контекст. Тема биле и заканите од тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам.

- Сакам да упатам честитка за решителната борба на Египет против тероризмот. Република Македонија како активен партнер во антитерористичката коалиција ќе продолжи да придонесува во меѓународната заедница со својата улога. Заклучивме дека е потребна заедничка соработка на ова поле преку безбедносните служби, зашто тоа е предизвик со кој се соочуваме и е наша реалност, истакна претседателот Иванов.

Шефот на македонската држава искажа задоволство што го посетува Египет, а честа е уште поголема, како што рече, затоа што посетата е прва офцијална. Нејзината цел е да им се даде нов импулс на пријателските односи меѓу двете земји. А колку е Египет значаен за Македонија, рече претседателот Иванов, показател е и тоа што токму во престолнината Каиро е единствената амбасада на Република Македонија во Африка.

Египет и Македонија најавија и нов период во своите пријателски односи, како и поинтензивна соработка во областите за кои има потенцијали и тие биле идентификувани на денешната средба. Во таа насока е утрешниот бизнис-форум во Каиро, а основа за продлабочување на врските во економијата е и Договорот за соработка во земјоделството што беше потпшан денеска.

Претседателот Иванов очекува позитивна реакција на египетските стопанственици од утрешниот бизнис-форум на кој ќе бидат претставени поволностите што ги нуди Македонија.

- Македонија може да биде порта на Египет кон европскиот пазар, додаде претседателот Иванов.

Македонскиот претседател го посети и Меморијалниот центар и положи цвеќе пред спомениците на незнаен борец и на третиот претседател на Египет - Анвар Садат. Го посети и Парламентот на Египет каде што имаше средба со неговиот претседател Али Абдел-Ал.

Во Египет претседателот Иванов е придружуван од неговата сопруга г-ѓа Маја Иванова, за која е организирана паралелна агенда со сопругата на египетскиот претседател, и тоа е првпат да има посебен дамски протокол во двегодишното владеење на Ал Сиси.

Инаку, Абдел Фатах Ал Сиси е шести претседател на Арапска Република Египет, кој на должноста стапи во јуни 2014 откако по масовни демонстрации во земјата од власт беше симнат исламистичкиот претседател Мохамед Морси. Ал Сиси е поранешен врховен командант на египетските вооружени сили.

CG_min_za_kultura
Средба на претседателот Иванов со министерот за култура на Црна Гора, г. Павле Горановиќ
Сабота, 12 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за култура на Црна Гора, г. Павле Горановиќ, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Црна Гора, со фокус на соработката на кулурен план.

Двајцата соговорници констатираа традиционално добра соработка во областа на културата и го поздравија денешното потпишување на Програмата за културна соработка меѓу министерствата за култура од двете земји.

На средбата со министерот Горановиќ, претседателот Иванов изрази поддршка на сите активности и иницијативи насочени кон воспоставување културна размена и дијалог, како и натамошно зајакнување на соработката на културен план меѓу двете земји, преку поттикнување на уметничка размена, промоција на театарската, музичко-сценската дејност, негување на културните вредности на македонската заедница во Црна Гора и на црногорската заедница во Република Македонија.

baku-doktorat
Претседателот Иванов прогласен за почесен доктор на науки на Академијата за јавна администрација на Азербејџан
Сабота, 12 Март 2016

На претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера во Баку му беше доделено признанието Почесен доктор на науки на Академијата за јавна администрација на Азербејџан, највисоката образовна и научна институција за образување на кадри и раководители во државната и јавната администрација.

По тој повод, претседателот Иванов пред присутните професори и студенти одржа предавање за Балканот, Кавказот и Блискиот Исток, предизвиците со кои овие региони се соочуваат, и нивните односи со Европската унија.

Посочувајќи на македонскиот модел на почитување на различноста како пример, претседателот Иванов преку приказ на историскиот развој на државата како концепт, се до денешницата, го објасни концептот на „интеграција без асимилација".

Почесниот докторат за претседателот Иванов на Академијата за јавна администрација на Азербејџан е дел од низата признанија што македонскиот претседател ги има добиено од бројни високообразовни институции во светот. Претседателот Иванов претходно е прогласен за Почесен професор на Московскиот универзитет „Ломоносов" и на „Југозападниот универзитет за финансии и економија" во Ченгду, НР Кина, а почесни докторати има добиено на Истанбулскиот Универзитет, на Универзитетот „Хаџи Бекташи Вели" во Невшехир, на „ТОББ Универзитетот за економија и технологија" во Анкара, Република Турција, на Христијанскиот универзитет „Димитрие Кантемир" во Букурешт, Романија и е прогласен за член во Светската академија на науките и уметностите и за Почесен протектор на „Европската академија на науките и уметностите" во Салцбург, Република Австрија.

Kabinet
Реакција од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија
Петок, 11 Март 2016

Во однос на реакциите на германската влада по изјавите на претседателот Иванов дадени во интервјуто за весникот „Билд":

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, цврсто останува на своите ставови изнесени во интервјуто за германскиот весник „Билд", дека државните институции на Република Македонија немаат добиено никакви финансиски средства од Европската унија за справување со бегалската криза, односно помошта на ЕУ за буџетот на Република Македонија изнесува 0 евра.

Ја повикуваме германската влада да прецизира и јасно и точно да наведе, на кого, кога и за која цел, биле дадени споменатите средства од 52 милиони евра.

Со цел да не се манипулира јавноста и доведува во заблуда, информираме дека споменатите средства од 664 милиони евра за периодот од 2014 до 2020 година, се дел од ИПА фондовите и се наменети за спроведување на европските реформи, а не за справување со бегалската криза и дополнителните трошоци на институциите во кризна состојба. Посетуваме, дека сите држави кои се инволвирани во бегалската и мигрантската криза и се справуваат со неа, добија посебна финансиска помош од ЕУ.

Во однос на тврдењата дека Република Македонија разменува податоци од безбедносен аспект, ја информираме јавноста дека Република Македонија беше одбиена да добие пристап до дата базите на ЕУ, до дата базите на Шенген, и ЕУРОДАК, под образложение дека е трета држава и има правни бирократски пречки и ограничувања.

bild
Лицемерие е да и се замерува на Македонија! - интервју на претседателот Иванов за „Билд“
Петок, 11 Март 2016

Во бегалската криза Македонија ги плаќа грешките на Европската унија. Ако требаше да се потпреме на Брисел, одамна ќе бевме преплавени со џихадисти. 25 години сме лажени и манипулирани, вели претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов во интервјуто за реномираниот германски весник „Билд".

Морализирање и лицемерие е да и се замерува на Македонија. Се уште немаме добиено ниту евро од Европската унија, а потрошивме 25 милиони евра. Нам само ни се ветува помош, вели претседателот Иванов во интервјуто.

Не прашал ли некој како сме преживеале 25 години?, вели шефот на македонската држава во разговорот со уредникот на „Билд", новинарот Кај Декман.


БИЛД: Г-не Претседателе со цел да се запре приливот на бегалци Турција доби шест милијарди евра, а визите ќе бидат укинати. Истовремено Македонија треба да ја заврши "валканата работа" на ЕУ на границата со Грцијa. Не се чувствувате ли изиграни?
Ѓорге Иванов:
Не е прв пат Македонија да биде оставена на цедило од страна на ЕУ, тоа го знаеме многу добро. Кога за време на кризата во Косово примивме 360.000 бегалци никој не ни помогна. Затоа сега реагиравме проактивно – нашата армија ја штити нашата граница. Во бегалската криза, ние сега плаќаме грешка на ЕУ. Прогласивме кризна состојба и веќе се потрошени 25 милиони евра од парите на нашите даночните обврзници. И што добиваме од Европа? Ништо! Ни евро! Наместо тоа, ние сега како земја, која не е членка на ЕУ треба да се заштитиме од Грција, која е членка на ЕУ.

БИЛД: Вие не сте членка ниту на Шенген зоната, но ја штитите и границата на Шенген зоната...
Иванов: Да, ние сме тука во Европа, но не сме во ЕУ. Не сме ниту членка ниту на НАТО, ниту на Шенген зоната.А сепак ја штитиме Европа од европска земја, која не ја контролира бегалската криза, туку едноставно ги пренасочува бегалците. Така што безедносниот аспект е целосно изгубена во очите на бегалската криза. Ако требаше да се потпреме на Брисел, кој не реагира, одамна ќе бевме преплавени со џихадисти.

БИЛД:Што сакате да кажете?
Иванов: Погледнете ги пасошите и документите, сите се фалсификувани или украдени – за 9000 сме сигурни во тоа. Некои т.н. бегалци патуваат со лажни идентитети во Европа и Грција им дава само печат за продолжување на патувањето. Ние мора да претпоставиме дека многумина кои патувале со вакви документи, сакаат да влезат како радикални борци на бегалската рута.

БИЛД:Значи и ние Германците треба да сме и благодарни на Македонија што ја затвора границата на радикализмот?
Иванов: Во бегалската криза постојат хуманитарен аспект и безбедносен аспект. Од хуманитарен аспект Германија постапува многу добро.Но од безбедносен аспект вашата земја целосно потфрли. Само еден пример. Сакавме со Европа, но и со Германија да ги споделиме нашите информации за наводни џихадисти. Но никој не ги сакаше нашите податоци.Ни беше укажано:Ние не можеме да соработуваме со вас, вие сте во трета земја, и не можеме да ги разменуваме нашите податоци.

БИЛД: Дури ни Германија не сакаше да ви помогне?
Иванов: Не. Ни беше потребна опрема за земање биометриски податоци , но Германија не ги прифати нашите барања. Сепак, ние пронајдовме други земји, кои ни помогнаа.Тоа е сосема апсурдно:Ние не сме загрижени, дури ни за пари, туку за безбедноста на целиот континент. Но, очигледно никој не е заинтересиран. Се запрашавме дури кога се случија нападите во Париз, и тоа отпосле. Тогаш, ние ги известивме властите дека десет лица влегле со ист идентитет како и на атентаторите.

БИЛД: Турција се наоѓа во преговори со ЕУ на маса, Вие не сте...
Иванов: Ние, за жал не сме на масата, но сме на менито. Ние секогаш сме биле жртви на институциите на ЕУ.25 години сме лажени и манипулирани. Имаме веќе седум препораки за почеток на преговори со ЕУ, но и натаму сме попречувани од страна на Грција. Никој во ЕУ не може да се разбере со Грција, но ние мораме да го решиме спорот со нив.

БИЛД: Значи ли тоа дека германската политика на отворени граници ја активира бегалската криза?
Иванов: Канцеларката Ангела Меркел со нејзиниот хуманитарен гест покажа храброст.Но никој нема храброст сега да каже што понатаму.Само меѓу Судан и Египет чекаат 20 милиони мигранти, кои сакаат да дојдат во Европа.А што се случува со Африка?Бегалската криза нема да заврши, преку Твитер и Фејсбук сите точно што се случува. И што прави Европа? Ним им требаат 6 месеци да организираат самит. А во меѓувреме дошле уште еден милион нови мигранти. И што прави Германија? Како може сега во вашата земја да исчезнале 130 000 бегалци, кои веќе претходно биле регистрирани? Тоа мора да се промени. И тоа радикално.

БИЛД:Што точно мислите?
Иванов: Гледаме дека Европа не функционира во кризна ситуација. На Брисел му е потребно многу време да донесе одлука. Затоа некои земји од балканската рута, мораа сами да дејствуваат. Кризниот менаџмент на ЕУ не функционира.Повеќе земји во иднина повторно ќе донесуваат одлуки за сопствениот суверенитет. Дури и канцеларката Меркел најави крај на вашата улога како спасител на Европа, и со своите одлуки и наметна на Европа единствен правец. Сега тие сакаат да го решат тоа со Турција. Останува да се види дали ќе биде така. Скептичен сум.

БИЛД:Но, она што се случува сега со илјадници луѓе кои чекаат на границата Идомени?
Иванов: Бегалците чекаат Меркел да ги однесе со авиони или возови.Тие сите сакаат да одат во Германија, а не сакаат да останат во Грција.

БИЛД:Ситуацијата на границата ќе ескалира. Дали вашите војници ќе се бранат само со солзавец, или можеби остро ќе одговорат, ако бегалците сакаат насилно да влезат во Македонија?
Иванов: Ние не сме ѕверови кои пукаат во бегалци од воени жаришта!Најпрво што треба, е да се погледне на грчката страна. Таму има полицајци на ЕУ, кои треба да ја стават ситуацијата под контрола .Но тие очигледно не можат да го сторат тоа.
БИЛД:Што ќе се случи во Грција, ако вие уште повеќе ја затворите границата?
Иванов:Тоа мора да ги прашате Грците!Тие сега ќе добијат уште 700 милиони евра од ЕУ, тие добиваат се што сакаат.Проблемот е што тие не прават ништо со тоа! Зошто тоагш постојат прифатни центри?Јас разбрав дека на Европа и е сеедно. Но нема да дозволам ние да сме виновни за грешките на другите.ЕУ не треба повеќе да ја обвинува Македонија.Ние само соодветно реагираме.

БИЛД:Впечаток е точно дека Вие сте навистина лути на ЕУ?
Иванов: Што би направиле ако Вашата земја над 25 години на сите начини е попречувана, манипулирана и лажена?И покрај безброј позитивни извештаи се уште нема никаков напредок во однос на европската перспектива .Ние сме заглавени во лифт веќе 25 години.


Интервјуто со претседателот Иванов го водеше токму главниот уредник на „Билд", Каи Дикман, кој новинарската слава ја достигна откривајќи ја афера за финансиски криминал на некогашниот германски претседател Кристијан Вулф, поради која Вулф беше сменет од функција.
Реномираниот новинар истовремено е член на извршниот одбор на турскиот весник Хуријет, и автор на многубројни публикации, во 2004 беше главниот уредник на мемоарите кои ги напиша поранешниот германски канцелар, Хелмуд Кол. Дикман е добитник на многу награди, меѓу кои Goldene Feder во 2000 и 2005 година, World Media Award за 2002 година, Blogger Newcomer of the Year за 2009 година како и наградата Media Man of the Year за 2009 година.

Видео од интервјуто:
http://www.bild.de/politik/ausland/gjorge-ivanov/aeussert-sich-zur-fluechtlingskrise-44886746.bild.html

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 54 од 198