Новости
JUZNA_GRANICA_1
Претседателот Иванов на јужна граница: Подготвени сме да се справиме со илегалните премини!
Вторник, 09 Февруари 2016


Од поставување на првата ограда армијата има спречено 19.000, а полицијата 14.000 илегални премини, затоа сега пристапуваме кон втората фаза од поставување на заштитна ограда, која има за цел дополнително да ги спречи илегалните минувања и премини на нашата државна граница, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој денеска ја посети јужната гранична линија и подрачјето зафатено со криза.


Тоа укажува, рече претседателот Иванов, дека со пропуштањето само на бегалците од Сирија, Авганистан и од Ирак, илегалната миграција на економските мигранти се зголемува и тие бараат на секој начин да ја заобиколат регистрацијата и  илегално да ја преминат нашата граница.

Со цел да се спречат илегалните минувања со фалсификувани документи претседателот Иванов најави дека се прават напори за единствен биометриски регистрациски лист за мигрантите, кој ќе се издава на границата со Грција со намера да транзитираат до крајната дестинација.

„Досега полицијата има откриено 5.500 фалсификувани документи.  Дневно понекогаш се откриваат и до стотина такви лажни документи, пред се пасоши, меѓу нив има и документи издадени од Фронтекс, лични карти, кои економските мигранти од Африка и од Азија ги користат за да се пријават како бегалци", изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател појасни дека мора да се прави разлика меѓу безбедносниот и хуманитарниот аспект на кризата. Република Македонија, порача претседателот Иванов, е благодарна на сите земји, организации, невладини институции, кои помагаат од хуманитарниот аспект, но со цел справување со безбедносните ризици на Македонија и е потребна поголема помош.

JUZNA_GRANICA_2„Досега целиот безбедносен аспект на кризата е на наш товар и  имаме ветувања кои се уште не се исполнети. Ги користиме нашите буџетски средства, средствата на Армијата и на полицијата", изјави претседателот Иванов додавајќи дека е неопходна помош од возила за патролирање, термални камери и друга опрема за поефикасно справување со мигрантската криза.

Претседателот Иванов се заблагодари за присуството на полициските сили на шесте пријателски земји  а македонско - грчката граница и изрази очекување за нивна поддршка и присуство и во иднина. Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија е подготвена за сите предизвици и изрази очекување дека одлуките на ЕУ ќе бидат посоодветни на временските околности и на ново настанатите состојби.

„Сите најави се дека со топлото време ќе дојдат и поголеми бранови мигранти и затоа ние мора да бидеме подготвени да се справуваме, пред се во регулирање на илегалните премини,  и тие што имаат право на премин - бегалците, хумано да влезат и да дојдат до посакуваната дестинација", изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател денеска беше информиран за севкупната состојба на македонско - грчката граница, како и за активностите кои ги врши АРМ и полициските сили за регистрација на мигрантите и заштита на граничната линија од илегални премини.

На Самитот во Лондон посветен на Сирија и регионот, претседателот Иванов ги информираше европските лидери за мерките кои Македонија ги презема за справување со бегалската криза, за заканата од илегална миграција и зголемите безбедносни ризици долж мигрантскиот коридор. Македонскиот претседател викендов ќе учествува на безбедносната конференција во Минхен, а веднаш потоа ќе замине во Прага, каде Македонија е специјално поканета да учествува на вонредниот самит на земјите од „Вишеградската Група".
JUZNA_GRANICA_3 

PRM_Merkel_01
Средби на претседателот Иванов за време на учеството на „Самит за поддршка на Сирија и регионот"
Четврток, 04 Февруари 2016

Иванов – Меркел: Германија очекува договорот меѓу Турција и ЕУ за мигрантите да се почитува

Последните случувања околу бегалската криза и состојбата на граничните премини, беа во фокусот на денешните разговори на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов со германската канцеларка Ангела Меркел, во рамки на учеството на Самитот во Лондон посветен на Сирија.

На средбата, македонскиот претседател ја информираше Меркел за последните случувања на македонско-грчката граница, како и за мерките кои Република Македонија во континуитет ги презема за справување со бегалската криза.

Претседателот Иванов истакна дека и покрај тоа што Македонија во моментов пропушта бегалци само од трите држави зафатени со воени дејствија, сепак и натаму бројките се мошне високи, посебно имајќи ги предвид зимските временски околности.

Германската канцеларка изрази надеж дека усогласениот договор меѓу ЕУ и Турција ќе функционира и дека сите преземени обврски ќе бидат испочитувани и исполнети. Воедно, на средбата со претседателот Иванов, Меркел изрази интерес околу развојот на политичките случувања во Република Македонија и во регионот.

Иванов-Камерон: Мора да се зголемат капацитетите на македонско-грчката граница

Бегалската криза и состојбите на македонско-грчката граница беа во фокусот на разговорите на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и британскиот премиер Дејвид Камерон на синоќешниот прием кај Принцот Чарлс во Лондон.
Претседателот Иванов го информираше Камерон за заканата од илегална миграција и зголемите безбедносни ризици долж мигрантскиот коридор. Британскиот премиер изрази интерес за случувањата на македонско - грчката граница и за тоа дали се спроведува одлуката да се пропуштаат само бегалците од кризните региони, Ирак, Авганистан и Сирија.

Претседателот Иванов истакна дека низ Македонија досега има поминато милион бегалци, а од ноември се пропуштаат бегалците од трите конфликтни подрачја.

„Безбедносните ризици се зголемуваат и во последно време полицијата открива се повеќе лица со лажни исправи и регистрациски документи издадени од ФРОНТЕКС, кои се обидуваат да ја преминат границата и да продолжат по рутата за што е предложено и прифаќање на единствен биометриски регистрациски лист за мигрантите кој ќе се издава на границата со Грција со намера да транзитираат до крајната дестинација“, истакна претседателот Иванов.

Двајцата соговорници се согласија дека мора да се зголемат капацитетите за заштита на македонско – грчката граница.
Македонскиот претседател на синоќешниот прием се сретна и со Филип Хамонд, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство, со претставници на меѓународните организации, невладини организации, како и средба со ГС на УНЕСКО, Ирина Бокова.
Претседателот Иванов на маргините на Конференцијата во Лондон разговараше и со претседателот на Советот на Европската унија Доналд Туск, со претседателите на Хрватска и на Швајцарија, Колинда Грабар Китаровиќ и Јохан Шнајдер Аман и со естонскиот премиер, Тави Ројвас.

_Cipras_03Иванов – Ципрас: Потребно е интензивирање на соработката за бегалската криза

Потребно е интензивирање и подигнување на нивото на соработка меѓу македонските и грчките институции во однос на сите аспекти на бегалската криза, како на границата, така и на сите нивоа на соработка меѓу органите на двете земји, беше исходот од денешната средба на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и грчкиот премиер Алексис Ципрас во Лондон.

Во разговорите посебно беше истакната потребата од поголема координација меѓу полицијата и останатите безбедносни служби на двете држави.

На средбата со Ципрас беше заклучено дека Македонија и Грција како соседни земји, мора да соработуваат бидејќи неопходна е синхрознирана акција на македонските и грчките институции со цел надминување на проблемите предизвикани од бегалската криза.

Церар: Словенија ја поддржува Македонија во справувањето со бегалската криза

Словенија целосно ги поддржува напорите на Македонија на јужната граница за справување со бегалската криза и заштитата на границата со Грција за што сведочи и присуството на словенечката полиција на македонско-грчката граница, истакна премиерот на Словенија, Миро Церар на денешната средба со Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на Самитот во Лондон посветен на Сирија и регионот.

Церар потврди дека Словенија е отворена за соработка по сите прашања во врска со бегалската криза и дека словенечките институции се целосно на располагање. Воспоставена е и координација на институциите кои се задолжени со справувањето со мигрантската и бегалска криза.

Македонскиот претседател се заблагодари за отворената поддршка, како и за неодамнешното барање на Миро Церар до претседателот на ЕК, Јункер за европска поддршка за мерките и инструментите што Македонија ги презема за заштита на јужната гранична линија.

Двајцата соговорници ја истакнаа подготвеноста на Македонија и Словенија за интензивирање на соработката и продолжување на одличната координација на сите нивоа. Беа разменети мислења за севкупната состојба во Европа и регионот во однос на случувањата со бегалската криза и состојбите во Сирија.
PRM_Cerar_01

sv_atanasij_1
Претседателот Иванов на одбележување на христијанскиот празник Св. Атанасиј Велики во Тетово
Недела, 31 Јануари 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на одбележувањето на големиот христијански празник Св. Атанасиј Велики, што се одржа во црквата „Св. Атанасиј" во Тетово.

Во истоимената црква претседателот Иванов присуствуваше на света божествена литургија во сослужение на свештеници од тетовското архиерејско намесништво на МПЦ-ОА, и на церемонијата на осветување на празничниот колач. Македонскиот претседател на верниците им го честише празникот Св. Атанасиј Велики, посакувајќи им здравје, радост и благосостојба.

Во црквата во манастирскиот комплекс на тетовското кале, традиционално се прославува христијански празник Св. Атанасиј Велики. Старешината на манастирот прота Дарко Наумоски го истакна значење и потребата за продолжување на оваа црковно-народна традиција.

Црквата „Св. Атанасиј" која датира од 14 век, претставува еден од најстарите христијански црковни споменици во овој дел од Република Македонија.
sv_atanasij 

Rim_sredba_so_biznismeni_1
Средба со членови на Италијанско-Македонската стопанска комора
Петок, 29 Јануари 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, за време на посетата на Италијанската Република, синоќа во Рим, оствари работна вечера со членови на Италијанско-Македонската стопанска комора, која што работи на развојот на економската соработка меѓу двете земји. Бизнисмените го информираа претседателот Иванов за нивните активности во насока на унапредување на економската соработка и трговската размена со Република Македонија, притоа истакнувајќи дека нашата држава за нив претставува привлечна дестинација за проширување на нивните бизниси и капацитети. Претседателот Иванов истакна дека Италија претставува значаен трговски партнер на Македонија, и во континуитет е меѓу првите 10 земји-трговски партнери на нашата држава, изразувајќи очекување дека во наредниот период ќе се зголеми бројот на италијанските инвестиции во Република Македонија. Италијанско-Македонската стопанска комора е формирана во 2015-та година со цел продлабочување на севкупните односи меѓу двете држави, со акцент на стопанската и економската соработка.


IZJAVA_RIM
Со мигрантската и бегалската криза ќе бидеме окупирани и следните години - претседателот Иванов на конференција во Рим
Четврток, 28 Јануари 2016

Мигрантската и бегалската криза во Европа, како и состојбите на Блискиот Исток и Северна Африка, се прашања и предизвици со кои ќе бидеме окупирани и во следните години и децении, изјави претседателот Иванов, кој вчера учествуваше на 7.Состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави" и Италијанското друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет, што се одржа во Сенатот на Италијанската Република.

Македонскиот претседател рече дека на состанокот присуствувале голем број еминентни гости, кои дебатирале за сите причини и последици од актуелните состојба во овие региони.

„Во присуство на актуелни и поранешни претседатели, министри и луѓе кои се преокупирани со овие прашања, се разговараше за сите можни и идни предизвици, затоа што со ова ќе бидеме преокупирани и во следните години и децении. Досега имавме сосема различни сфаќања и различни видувања и ова е на некој начин дел од тоа што го прави Алијансата на цивилизациите, а тоа е да се поттикне дијалог и да се разговара за сите можни аспекти за заканите кои постојат, и за сето она што сме преокупирани како човечка цивилизација", изјави претседателот Иванов.

Тој порача дека бегалци нема само во Европа, туку големи поместувања на население и преселби на народи има речиси на сите простори.

Но, тоа создава сосем поинакви состојби, истакна македонскиот претседател, за кои досега немало начин како да се справат сите земји кон кои одат мигрантите, и на кој начин да им излезат во пресрет на тие што добронамерно дошле поради состојбите во своите земји.
За време на работната посета на Италијанската Република и учествотото на 7.Состанок на високо ниво, на претседателот Иванов му беше врачено посебно признание од страна на Меѓународниот центар „Низами Ганџави" за неговата поддршка на иницијативите на центарот, како и за неговиот придонес во областа на меѓурелигискиот дијалог.
PRIZNANIE_RIM 

rim01
Со меѓурелигиски дијалог против радикализацијата и екстремизмот – претседателот Иванов на конференција во Рим
Среда, 27 Јануари 2016

„Меѓурелигискиот дијалог за кој се залагаме има за цел почитување, а не надминување на различноста. Бидејќи целта на дијалог е да ни помогне да живееме со нашите најдлабоки религиски разлики, без да ги занемаруваме или надминуваме тие разлики", порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Рим, каде учествува на 7. Состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави" и Италијанското друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет, што се одржува во Сенатот на Италијанската Република.

Пред своето обраќање на конференцијата чија тема е „Одговор на радикализацијата и екстремизмот преку меѓурелигиски дијалог", претседателот Иванов оствари средба со претседателот на Италијанскиот Сенат, Пјетро Грасо.

Македонскиот претседател во обраќање истакна дека доколку сакаме да имаме мир во светот мора да градиме соживот, односно взаемно да се почитуваме и да ги прифаќаме своите различности. Претседателот Иванов порача дека преку искрен дијалог треба да се запознаваме и да го почитуваме различниот.

„Наместо да се придвижиме кон поголема отвореност, кон унапредување на човековите права и слободи ние, во втората деценија на 21 век, се враќаме два чекори наназад. Во страв и затвореност, кои носат уште подлабоки поделби и уште поголем страв", истакна македонскиот претседател, додавајќи дека обединета Европа денеска има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна. Како причина за ваквата состојба претседателот Иванов ги наведе злоупотребата на религијата, двојните стандарди, игнорирањето на меѓународното право, како и глобалниот непоредок.

Интеграцијата со асимилација, сиромаштијата и отсуството на подлабоко значење и припадност кон западниот свет, претседателот Иванов ги посочи како три главни причини за современиот радикализам и екстремизам.

Она што го отежнува меѓурелигскиот дијалог, рече претседателот Иванов, е злоупотребата на религијата од страна на државните актери кои ја користат нејзината моќ за да издејствуваат прифаќање на нивните позиции.

„Наспроти нашите залагања за единство во различноста стојат оние кои сакаат единство преку еднообразност. Нетрпеливоста, ксенофобијата и исклучивоста во светот се многукратно зголемени. Оттука, и потребата за дијалог е многукратно поголема", порача македонскиот претседател.

rim02Македонскиот претседател истакна наместо да се обидуваме различните религии да ги вметнеме во рамка што сами сме ја конструирале, многу подобро е да оставиме простор за слобода на изразувањето на различноста, во кој ќе градиме взаемна доверба како еднакви според правата и должностите.

„Во Македонија имаме вековен соживот меѓу христијаните, муслиманите и Евреите. И тоа не ги направи христијаните помалку христијани, муслиманите помалку муслимани, ниту пак Евреите помалку Евреи. Напротив, сите станаа побогати со тоа искуство„ истакна претседателот Иванов посочувајќи ги активностите на Македонија на полето на меѓу-религискиот дијалог на регионален и меѓународен план.

Во тој контекст претседателот Иванов посочи дека Македонија годинава ќе биде домаќин на четвртата Светска конференција за меѓу-религиски и меѓу-цивилизациски дијалог.

Покрај македонскиот претседател на конференцијата во Рим учествуваат бугарскиот претседател, Росен Плевнелиев, поранешниот претседател на Италија, Џорџо Наполитано, поранешниот министер за надворешни, Франко Фратини, како и поранешните претседатели на Романија, Емил Константинеску, на Полска, Бронислав Коморовски, на Хрватска, Иво Јосиповиќ и на Србија, Борис Тадиќ.

Вечерва македонскиот претседател ќе присуствува на приемот кој за учесниците на конференцијата го приредува претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

На претседателот Иванов ќе му биде врачено посебно признание од страна на копретседателите на Меѓународниот центар „Низами Ганџави", г-ѓа Ваира Вике-Фреиберга и Исмаил Серагелдин.

Учеството на претседателот Иванов на овие настани е резултат на неговата посветеност во остварувањето на целите на Алијансата на Цивилизациите на Обединетите нации како и на одличната соработка со Меѓународниот центар „Низами Ганџави" и Италијанското Друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет. Претходно македонскиот претседател има учествувано на конференциите во Баку, Софија и Рим.

rim03

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 57 од 198