Новости
prm_slovacki_ngs_4
Средба со началникот на Генералштабот на Словачката Република
Четврток, 28 Април 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими началникот на Генералштабот на ВС на Словачката Република, генерал Милан Максим, кој  е во официјална посета на Република Македонија.

На средбата со претседателот Иванов беа разменети мислења и информации околу можностите за продлабочување на билатералната соработка во сферата на одбраната, како и за најновите состојби со мигрантската криза.

Претседателот Иванов изрази задоволство од севкупната соработка и поддршка од Словачката Република во справување со предизвиците од мигрантската криза и се заблагодари за присуството на словачките полициски сили на јужната граница на Република Македонија.

Началниот на ГШ, генерал Милан Максим, изрази задоволство од посетата на Република Македонија, и  очекување дека во иднина билатералната армиска соработка меѓу двете земји ќе биде продлабочена и интензивирана.

Воедно, генерал Максим, истакна дека во текот на словачкото претседавање со Европскиот совет, Словачката Република ќе вложи напори Република Македонија да биде максимално вклучена во сите иницијативи во рамките на европската одбранбена политика.

PRM_PRH_PRS_2
Иванов, Грабар Китаровиќ, Пахор: Македонија добро се справува со бегалската криза
Среда, 13 Април 2016

Претседателите на Македонија, Хрватска и на Словенија, Ѓорге Иванов, Колинда Грабар Китаровиќ и Борут Пахор, денеска и покрај најавата и нивно инсистирање, од безбедносни причини не го посетија граничниот камен 59 на македонско-грчката граница, по барање на полицијата. Тројцата претседатели ги посетија здружените полициски сили и привремениот транзитен центар за мигранти во Гевгелија.

Македонија по затворањето на балканската рута коректно ги извршува своите обврски во справувањето со бегалската криза и обезбедувањето на јужната граница, но Европа мора да им прати јасен сигнал на луѓето кои со месеци чекаат дали ќе ги прими или не, порачаа денеска од Гевгелија претседателите Иванов, Грабар Китаровиќ и Пахор при нивната заедничка посета на здружените полициски сили и привремениот транзитен центар за мигранти во Гевгелија.

„Се надеваме дека луѓето што се останати во кампот наскоро ќе заминат затоа што по последните инциденти имаме притисок од мигрантите кои сакаат повторно да се отвори коридорот. Меѓутоа, коридорот е во ваква состојба со одлука на Брисел и ние ќе ја почитуваме таа одлука се додека е на сила, односно ќе остане затворен просторот низ кој досега минаа речиси милион мигранти. Благодарни сме на Хрватска и Словенија што ни помагаат со полициски сили за обезбедување на границата со Грција, но и за големата материјална помош, како и поддршката што од нив ја имаме од Брдо Бриони процесот кој отвора прашања од целиот наш регион. Се надевам дека на следната средба од Процесот ќе разговараме и за бегалците", рече претседателот Ѓорге Иванов.

Претседателот на Словенија Борут Пахор потврди дека со Хрватска преку Брдо Бриони процесот ќе инсистираат за напредувањето на Македонија кон Европа и НАТО.

„Македонија веќе подолго време не напредува, но не поради Европа и НАТО, туку поради домашните случувања, политичката криза и нерешени прашања со некои од соседите. Јас сум убеден дека преку демократски процеси сите тие може да се решат и потоа да се бара компромис за евроатлантската интеграција на Македонија. Благодарен сум што Македонија моментно е главен браник на својата, но и на нашата земја и ЕУ", рече словенечкиот претседател Пахор и изрази надеж за брзо решавање и надминување на бегалската криза.


Хрватската претседателка Грабар Китаровиќ потенцира дека ЕУ мора во најскоро време да прати јасни одговори затоа што оваа криза нема да престане додека тие пораки не бидат конкретни и јасни.

„Ситуацијата на границата со Грција е тешка поради тоа што мигрантите од грчка територија и понатаму се обидуваат да поминат и да ја отворат балканската рута, но таа ќе биде затворена се додека државите кои се посочуваат како крајна дестинација на бегалците не се изјаснат дали ќе ги примат или не", рече хрватската претседателка Грабар Китаровиќ.

Грабар Китаровиќ истакна дека Хрватска ќе продолжи да и помага на Македонија во справувањето со бегалската криза и нејзиното евроатлантско пристапување и ги охрабри сите политички чинители да продолжат да ги решаваат проблемите кои доведоа до политичка криза, да продолжи договорот од Пржино и преку демократски избори да се одлучи по кој пат ќе продолжи Македонија.
PRM_PRS_PRH 

PRM_Ivanov_-_MEGA_TV_02
Интервју за грчката телевизија Мега
Понеделник, 11 Април 2016


PRM_Ivanov_-_MEGA_TVМега ТВ:
Во Грција постои впечаток во јавното мислење дека институциите на Скопје поминаа на грчка територија. Кои се Вашите информации?

ПРМ Иванов: Македонските институции го преземаа сето она што требаше да биде преземено од грчките институции за да се спречи обид за масовно влегување на мигранти на наша територија.

Така што ја повикувам ЕУ да и помогне на Грција да го испразни кампот во Идомени од каде доаѓаат во последно време сите илегални обиди за поминување на наша територија и долж коридорот кој е затворен со одлука на Брисел. Се дури постои таа одлука, ние ќе ја почитуваме и нема да дозволиме илегален премин на наша територија.

Не доликува на земја - членка на ЕУ и НАТО, земја која учествувала во носењето на оваа одлука за затворање на коридорот, да не ја почитува таа одлука и да дозволува да се загрозува територијата на нејзина соседна држава со илегално минување на мигранти.


Мега ТВ: Постоеше ли координација на полицијата на Скопје со грчките институции?

ПРМ Иванов: Воопшто не постоеше никаква координација нити пак информирање за сето она што се случуваше во кампот Идомени. Доколку ги имавме ние информациите можеше да се превенира и да се превземат активности да не дојде до овој инцидент. Слична е состојбата и со другите институции кои не ги разменуваат информациите кои се неопходни за да се спроведе одлуката која е донесена во Брисел на Европскиот совет, за затворање на Балканскиот коридор.


Мега ТВ: Ве загрижува ли тоа што поради насилната ситуација на границата, можеби и поради несреќен случај, да имаме непријатен развој на настаните?

ПРМ Иванов: Ние веќе имавме несреќен случај на 14 март кога имаше исто така, ваков обид за насилнa илегална миграција на наша територија. Тогаш, да ве потсетам, имаше три жртви кои се удавија во реката од надојдените дождови.

Но, од прогласувањето на кризна состојба до денес, ние имаме стотина повредени припадници на безбедносни сили, од инциденти кои се случуваат од грчка територија на наша територија.

Но, исто така имаме и оштетување на средствата и опремата на нашите безбедносни сили, како и оштетување на имотот на граѓаните и на државата.


Мега ТВ: Во колку часот грчката страна го достави демаршот до министерството за надворешни работи на Скопје? Каква наредба дадовте, каков одговор да и се даде на грчката Влада?

ПРМ Иванов: Грчкото Министерство за надворешни работи наместо да праќа демарши требаше да не извести за сето она што се случува со денови во кампот Идомени, од страна на таканаречени волонтери - лица кои го организираа сево ова и делеа летоци на арапски јазик и вршеа подготовка за насилно влегување на наша територија.

Нашето Министерство за надворешни работи ги извести сите земји долж балканската рута и членките на Европската унија за сето она што се случуваше за време на инцидентот, затоа што се е снимено и се е документирано. Но, освен тоа припадниците на полицијата на земјите- членки на ЕУ кои и помагаат на нашата полиција ги известија своите земји за сите детали од овој инцидент.


Мега ТВ: Како ќе го карактеризирате нивото на билатералните односи? Сметате дека бегалската криза предизвика повеќе проблеми или претставува добра можност за вас за да преговарате подобро за интеграција во ЕУ и НАТО?

ПРМ Иванов: Бегалската криза беше можност односите меѓу Македонија и Грција да бидат на многу повисоко ниво бидејќи се справуваме со предизвик кој ги засега и двете држави. Но, таа можност од грчка страна беше испуштена.

Иако се уште постои време. Таканаречените мерки за градење доверба се градат на конкретни активности и настани, а не само на бирократски мерки и активности кои се најавуваат.

Што се однесува на нашето членство во НАТО и Европска унија можам да кажам дека Македонија се што беше потребно за да биде членка на НАТО го исполни во 2008 година кога Грција не блокираше, а се што беше потребно за да ги почнеме преговорите со Европска унија ние го постигнавме уште во 2009 година кога го добивме првиот позитивен извештај и препораката да ги почнеме преговорите.

Така што, што се однесува за Македонија и обврските коишто би требало да ги исполни Македонија, Македонија ги има направено. Сега е на потег НАТО и Европската унија да ги исполнат обврските кои ги имаат кон Македонија.

prm_vartolomej
Средба на претседателот Иванов со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I
Четврток, 07 Април 2016

За време на работната посета на Република Турција, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов оствари средба со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I.

Двајцата соговорници разменија мислења за повеќе актуелни теми од взаемен интерес‎.

Претседателот Иванов го запозна соговорникот за актуелностите поврзани со Mакедонската православна црква – Охридска архиепископија и нагласи дека сите разлики и спорови треба да се надминуваат преку дијалог, во духот на христијанството и меѓусебното почитување и разбирање.

Во тој контекст, македонскиот претседател истакна дека го охрабрува и очекува дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ да се обнови и да се интензивира, и притоа да ги има предвид реалностите како и надежите и стремежите на верниците на двете цркви.

На средбата, претседателот Иванов му честита на Вселенскиот патријарх за неговите иницијативи, активности и напори за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии и за таа цел ги поздрави неговите средби и контакти со Папата Франциск, но и со другите религиски водачи.

„Кога целиот свет со соочува со тешки предизвици, потребна е заедничка силна посветеност и заложба во одбраната на христијанските вредности и принципи, а кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот и меѓусебната почит", истакна македонскиот претседател.

П‎ретседателот Иванов изрази задоволство од воспоставените односи на лично пријателство и меѓусебно разбирање, истакнувајќи дека средбите со Патријарх‎от Вартоломеј, секогаш се карактеризираат со отвореност, искреност и меѓусебно почитување.

sino
Кабинетот на Претседателот осветлен во сино во поддршка на лицата со аутизам
Сабота, 02 Април 2016

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија вечерва е осветлен во сина боја, како дел од светската кампања "Да осветлиме во сино", за поддршка на лицата со аутизам.

Осветлувањето на „Вила Водно" е во рамки на одбележувањето на 2-ри Април, Меѓународниот ден на лицата со аутизам, а со цел подигнување на свеста и поддршка на лицата со аутизам.

Претходно, Меѓународниот ден на лицата со аутизам беше одбележан во Едукативниот центар во Зоолошката градина во Скопје, под покровителство на сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова.

- Сакам да потенцирам дека почнаа многу работи да се организираат на полето на аутизмот, но никогаш не е доволно. Мора да продолжиме и понатаму со нашите активности затоа што статистичките податоци говорат дека бројот на случаи со аутизмот расте секојдневно, не само во Македонија туку и на глобално ниво и ова е глобален проблем. И Затоа денеска, пред се, сакам да порачам дека вниманието треба да го посветиме на раната дијагностика и раната превенција, на отворање повеќе дневни центри низ Македонија каде ќе може децата да се собираат и да имаат посебни активности, стручна подготовка и обуки на стручен медицински персонал кој ќе работи со лицата со аутизам. Пред се, многу важно е оформување на еден регистар колку луѓе имаме во Македонија со аутизам и она што е најзначајно, е отворање на дијагностички центар за аутизам кој што се надевам дека во најскоро време ќе биде отворен, изјави г-ѓа Иванова на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со аутизам.

Сопругата на македонскиот претседател посветено работи на унапредување на положбата и подигнување на свеста за лицата со аутизам, преку поддршка на низа активности и иницијативи на домашен и на меѓународен план.

pert
Средба со г-ѓа Алана МекТиернан, пратеник во Долниот дом на Федералното собрание во Австралија
Четврток, 31 Март 2016

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ja прими, г-ѓа Алана МекТиернан, пратеник во Долниот дом на Федералното собрание на Австралија.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од континуиранот и позитивен развој на билатералните односи, како и подготвеност за зајакнување на севкупната соработка меѓу Република Македонија и Австралија.

Претседателот Иванов оцени дека бројната македонска заедница која живее во Австралија, претставува дополнителен имплус во развивањето и продлабочувањето на односите во сите сфери од заемен интерес.

Во насока на зацврстување на односите меѓу Република Македонија и Австралија, македонскиот претседател посочи дека од особено значење би била одлуката на Австралија да пристапи кон употреба на уставното име на нашата држава во билатералната комуникација. Во тој контекст, претседателот Иванов изрази благодарност за личниот ангажман на г-ѓа МекТиернан во однос на ова прашање како и за силната поддршка што ја дава на македонската заедница во Австралија и во градот Перт.

Македонскиот претседател ја поздрави меѓупарламентарната соработка и изрази подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво.

Во разговорите беше истакната потребата и интересот за унапредување на економската соработка и јакнење на трговската размена, за чија цел е потребно натамошно унапредување на правната рамка меѓу двете земји.

Двајцата соговорници се заложија и за поинтензивна соработка на мултилатерален план.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 52 од 198