Новости
bitov
Писмо со сочувство од претседателот Иванов по повод смртта на г. Џон Битов
Петок, 31 Јули 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со сочувство до г. Џон И. Битов, помладиот, по повод смртта на г. Џон Битов, канадски стопанственик со македонско потекло.

Претседателот Иванов на 10 септември 2011 година го одликуваше Џон Битов со Орден ''8 Септември'', за исклучителната посветеност и ангажираност во поддршката на напредокот на Република Македонија и нејзина афирмација во светот како независна и демократска држава, како и за придонесот во развојот и унапредувањето на односите и соработката со пријателска Канада.



Почитуван господин Џон И. Битов, помладиот,

Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на Вашиот татко, господинот Џон Битов. Дозволете ми, во овој тажен миг за семејството Битов, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да упатам изрази на искрено сочувство за големата загуба.

Џон Битов беше голем македонски родољуб и филантроп, кој ја сакаше Македонија и со зборови и со дела. Тој даде пример за тоа како треба да се промовира вистината за Македонија и како треба да се негуваат македонското име, идентитет и вредности. Во таа смисла, тој беше уверен дека никој не може да ни ја одземе „нашата сопствена независна земја со слободите кои се заработени и името кое е избрано од страна на Македонците".

Речиси четврт век Џон Битов упорно работеше за поддршка на развојот и за напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и за нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со пријателска Канада. Затоа, кога прославувавме 20 години од независноста, ја имав честа, во името на благодарните македонски граѓани, да го одликувам господинот Џон Битов со Орденот „8 Септември".

Многумина Македонци се инспирирани од него и чекорат по неговите стапки, инвестирајќи во својата татковина. Република Македонија е горда што го имаше Џон Битов кој ја поддржуваше државата и ги застапуваше нашите интереси на глобално ниво. Тој започна процес на сплотување за повисоката цел, и јас сум навистина почестен што лично го познавав.

д-р Ѓорге Иванов

radovish
Претседателот Иванов во посета на џамијата „Јени Џамиси“
Петок, 17 Јули 2015
gvg
Армијата ќе помага на полицијата во справување со мигрантите - претседателот Иванов во посета на јужната гранична линија на Република Македонија
Четврток, 16 Јули 2015

Армијата на Република Македонија ќе биде ангажирана да и помогне на полицијата во справувањето со напливот од мигранти. Таа би била ангажирана на јужната и северната граница, како и по должината на Коридорот 10 каде најчесто транзитираат мигрантите, најави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Гевгелија каде беше во посета на јужната гранична линија на Република Македонија.

Шефот на државата на граничниот премин Богородица беше информиран од надлежните припадници на МВР за преземените активности и мерки, како и за севкупната состојба на терен. Тој нагласи дека ние како држава сочуствуваме со судбината на овие луѓе кои состојбите во нивните земји ги натерале да ги напуштат домовите. Затоа, нагласи претседателот Иванов, им излегуваме во пресрет и им помагаме за сето она што им е неопходно додека транзитираат низ Македонија.

„Од промените кои ги имавме на Законот за азил досега евидентирани се преку 14.000 мигранти. Неопходно ќе биде на полицијата да и се излезе во пресрет, бидејќи има потреба од дополнителни ангажмани со оглед дека во овој дел станува збор за околу 50 километри гранична линија каде што претежно бегалците доаѓаат од Грција во Македонија. Јас како претседател и Владата мора да преземеме активности за ангажирање на Армијата да и помогне на полицијата во справување со овие предизвици. Армијата ќе биде ангажирана да го обезбеди овој дел од границата што го спомнав од околу 50 километри на јужниот дел, но и да се обезбеди северниот дел кај Табановце. Исто така, треба да се помогне на полицијата во обезбедување на Коридорот 10 преку кој транзитираат сите бегалци", изјави претседателот Иванов.

Тој посочи дека сите мерки што ги преземаат македонските власти се во согласност со мерките што ги презема ЕУ.

„Како држава ќе ги следиме сите мерки и активности што ги преземаат членките на ЕУ и нашите активности ќе соодејствуваат со нивните активности. Така што се што ќе биде од нивна страна преземено мора ние да го преземеме, бидејќи во последно време има закани од насилен екстремизам и радикализам од Блискот Исток и од северна Африка. Кога станува збор за националната безбедност ние како држава мораме да ги преземе сите мерки и активности кои би превенирале несакани дејствија", изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател денеска го посети граничниот премин Богородица, пунктот на МВР лоциран на железничката станица во Гевгелија каде се издаваат потврди за искажување намера за барање азил, како и нелегален премин на границата со Грција кој најчесто го користат мигрантите за влез во Македонија.

Според последната евиденција на МВР од примената на измените на Законот за азил од 19 јуни заклучно со денеска во 08:00 часот издадени се потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил на вкупно 14.311 странски државјани. Од нив според државјанство најборни се државјаните на Сирија (10.336), следат од Авганистан (1.182) и Ирак (761).

Од започнување на издавањето на потврдите до денес до Одделението за азил во МВР се поднесени 32 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда. Најголем дел од нив (23) се исто така државјани од Сирија.


ohletopriem1
Средба на претседателот Иванов со организаторите и уметниците кои ќе го отворат фестивалот „Охридско лето“
Недела, 12 Јули 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана" во Охрид ги прими организаторите на фестивалот „Охридско лето", како и дел од членовите на ансамблот Ла фура делс Баус од Шпанија, коишто ќе настапат на свеченото отворање на 55. издание на фестивалот.

Претседателот Иванов им посака добредојде на уметниците и успешен настап на вечерашното отворање на фестивалот, притоа додавајќи дека нивната сценска изведба ќе даде посебен белег на ова издание на „Охридско лето".

Членовите на ансамблот Ла фура делс Баус изразија задоволство од можноста за средба со македонскиот претседател, притоа истакнувајќи дека нивните првични впечатоци од фестивалот и од целокупната организација се исклучително позитивни и дека прекрасно се чувствуваат во Охрид и во Македонија.

На средбата, организаторите на фестивалот го информираа претседателот Иванов за годинешната програма која што вклучува голем број странски уметници, од кои многумина за првпат настапуваат во Охрид, и изразија надеж дека и ова издание на „Охридско лето" ќе се вброи во низата успешни културни настани во Република Македонија.

Македонскиот претседател, на средбата истакна дека фестивалот дава значаен придонес во промовирањето на македонската култура во светот, но и во презентирањето на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика.

Манифестацијата „Охридско лето" која традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, годинава ќе биде отворена со сценската кантата „Кармина Бурана" од Карл Орф, во изведба на ансамблот Ла фура делс Баус од Шпанија, во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет и на Македонската филхармонија.

ohletopriem2

srebrenica1
Иванов: Сребреница е опомена за севкупната човекова цивилизација
Сабота, 11 Јули 2015

Сребреница е опомена за сите нас, но и за севкупната човекова цивилизација, на што се се подготвени оние што се полни со омраза и нетрпеливост, изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој денеска присуствуваше на комеморацијата по повод 20-годишнината од злосторството во Сребреница, Босна и Херцеговина.

Од меморијалниот центар „Поточари" претседателот Иванов побара на Република Македонија и на земјите од регионот да им се овозможи европска перспектива, со цел мир и стабилност.

„Ова е можност за порака и до сите одговорни во Европската унија што значи кога на еден народ, на една држава, и ја ускратувате нејзината иднина. Неопходно е сите членки на унијата од нашиот регион да бидат солидарни и на сите ние што не сме дел од Европската унија да им ја овозможат европската перспектива, пред се за идните поколенија да живеат во мир и слога. Видовме омразата и нетрпеливоста до што води. Тоа е и пораката до секој од нас – да се праша што правиме ние за да се спречуваат вакви злостортва, кои веќе гледаме дека ги има и во други делови од светот", изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател денеска присуствуваше на главната комеморација во меморијалниот центар во Поточари, каде што се обратија претседателот на Словенија г. Борут Пахор, поранешниот претседател на САД г. Бил Клинтон, претседателот на организацискиот одбор „11 Јули 1995" и градоначалник на Сребреница г. Ќамил Дураковиќ, како и други официјални претставници, а беше претставенa и изложбата „Сребреница – Поточари 1995 – 2015".

На комеморацијата во Сребреница присуствуваа преку 90 делегации од целиот свет. Меѓу нив беа и претседателите на Хрватска, Словенија и Црна Гора, г-ѓа Колинда Грабар Ќитаровиќ, г. Борут Пахор и г. Филип Вујановиќ, премиерите на Србија и на Турција, г. Александар Вучиќ и г. Ахмет Давутоглу, американскиот помошник државен секретар, г-ѓа Викторија Нуланд, поранешниот претседател на САД, г. Бил Клинтон, како и голем број други делегации и политички претставници од светот.

Претседателот Иванов, пред 5 години, присуствуваше на одбележувањето на 15-годишнината од злосторството во Сребреница.

srebrenica2

Gjakovo1
Претседателот Иванов во Ѓаково оддаде почит на Јосип Јурај Штросмаер
Вторник, 07 Јули 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска, во рамки на официјалната посета на Република Хрватска, ја посети општината Ѓаково, каде положи цвеќе на гробот на Јосип Јурај Штросмаер по повод 200 годишнината од неговото раѓање и 110 години од неговата смрт.

„Денеска во Ѓаково му оддаваме чест на големиот пријател и поддржувач на Македонците кои тогаш оставиле свои дела. Во Ѓаково е сочуван трезорот на македонската поезија, литература и култура бидејќи овде е отпечатен Зборникот на браќата Миладиновци. Македонците се вечно благодарни што со помошта на Штросмаер е сочувано нашето творештво", рече Иванов.

Штросмаер е еден од првите свештеници во Католичката црква кои го ревитализираа делото на солунските браќа Кирил и Методиј, финансирајќи го печатењето на Зборникот на Миладиновци пред 154 години.

Надбискупот Ѓаковачки и осјечки Ѓуро Храниќ на средбата со претседателот Иванов истакна дека Штросмаер од Виена го води со себе Константин Миладинов во Ѓаково, каде три месеци го препишувал песните на кирилица и потоа заминал со него во Загреб каде што тие песни биле испечатени.

Претседателот Иванов имаше средба со градоначалникот на Ѓаково г. Зоран Винковиќ, се сретна и со претставници на локалната македонска заедница и присуствуваше на културно - уметничка програма на македонското КУД „Браќа Миладиновци" од Хрватска во Катедралата во Ѓаково. Во чест на македонската делегација пејачката група „Вардарки" отпеаја повеќе традиционални македонски песни.

Со посетата на Ѓаково македонскиот претседател ја завршува дводневната официјална посета на Хрватска. Вчера во Загреб претседателот Иванов оствари средби со претседателот на Република Хрватска, г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ и со претседателот хрватскиот Сабор, г. Јосип Леко.

Ова беше трета официјална посета на претседателот Иванов на Република Хрватска.

Gjakovo2

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 70 од 198