Новости
prm_maraton
Свечено доделување на наградите за победниците на Охридскиот пливачки маратон
Сабота, 29 Август 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов свечено им ги врачи пехарите и наградите на победниците на годинешниот, 29-ти по ред Охридски пливачки маратон, македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев и италијанката Аличе Франко.

Претседателот Иванов, кој инаку е и годинешен добитник на наградата „Климе Савин" за постојаната и несебична поддршка на Охридскиот пливачки маратон, во поздравното обраќање истакна дека чест и задоволство е да се биде покровител на една од најзначајните спортски манифестации во Македонија.

„Со својот квалитет и богатата традиција, Охридскиот маратон си обезбеди место на мапата на најзначајните пливачки натпревари. Почестени сме што Охридското Езеро секоја година е сцена на драматична спортска битка во која учествуваат најдобрите светски маратонски пливачи и пливачки. Охрид и охридското крајбрежје се издвојуваат со впечатливата природа и со богатото културно–историско наследство како трајно сведоштво за креативноста и безграничноста на човечкиот дух. Во овој хармоничен пејзаж совршено се вклопува и Охридскиот маратон оставајќи свој особен спортски белег“, рече претседателот Иванов.

Светската пливачка федерација за придонесот во успешната организација и на ова маратонско издание со благодарници до градоначалникот Никола Бакрачески и општина Охрид, како и Министерството за внатрешни работи и Специјалната единица „Тигри".

Инаку, Поп Ацев е првиот македонски пливач што победува на маратонот во изминатите 29 изданија колку што маратонот на Охридскиот маратон е на „Гран-при" програмата на трки на отворени води на Светската пливачка федерација. Тој патеката „Климе Савин" од Свети Наум до Охрид долга 30 километри ја преплива за 5:39:42 часа. На неговата колешка од Италија, најдобрата во женска конкуренција Аличе Франко и беа потребни 5:44:03 часа за да го преплива Охридското Езеро.

Со медал на ова маратонско издание се закити и Томи Стефановски, кој ја освои бронзата иако како четврт мина низ целта, бидејќи второпласираниот Даниел Блаум нерегуларно мина покрај последната контролна точка на трката и беше десквалификуван. Среброто во машка конкуренција му припадна на Матеус Евангелиста од Бразил.

Во женска конкуренција сребрениот и брознениот медал ги освоија Русинката, Ана Манкевич и Естер Морера-Нуњез од Шпанија.
prm_maraton_2

treskavec
Посета на манастирот „Трескавец“
Петок, 28 Август 2015

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска по повод верскиот празник Успение на Пресвета Богородица го посети манастирот „Трекавец" од каде на сите верници и православни христијани им порача да се почитуваат традициите и да се негува она што ни е оставено од предците.

„Да бидеме солидарни, да бидеме луѓе кои помагаат, бидејќи празникот е симбол на давањето и на заштитата", истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател изрази надеж дека како генерација ќе помогнеме во обновата на овој манастир.

„Како луѓе кои ги чувствуваат сите убавини на сета оваа традиција и култура, сето што ни е оставено во наследство ќе се погрижиме да оставиме за идните поколенија манастир кој доликува на неговата досегашна историја, сето она што влијаело за овој регион, а и за целиот наш народ", рече претседателот Иванов.

Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески рече дека задоволство е на овој голем христијански празник во присуство на претседателот и министерот за внатрешни работи да се биде во еден од најубавите манастири.

Честитајќи им го на верниците големиот празник, Ристески посака заедно со напорите на Владата и Министерството за култура, што побрзо да се возобноват конаците на овој манастир кој важи за еден од најубавите во Македонија и пошироко на Балканот.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека проектите се при крај и оти набрзо се очекува да бидат објавени тендерите, а после изборот на фирми да започне изградбата на новите конаци.

„Пред две години беше направена една од најбитните работи заедно со Министерството за транспорт и врски и Владата на РМ, изградбата на асфалтиран пристапен пат до манастирот, првпат во историјата, што во многу помага на големиот број туристи, православни христијани и верници кои го посетуваа манастирот", рече Ристески. Во контекст на тоа додаде, многу ќе помогне и во идниот период во искачувањето на механизацијата и градежните материјали за изградбата на конаците од овој манастир.

prm_skola1
Свечено затворање на шестата Школа за млади лидери
Четврток, 27 Август 2015

Со учеството на Школата за млади лидери добивате сертификат, билет за следното патување наречено живот. Се надевам дека сето она што го научивте досега, знаењето, вештините, познанствата, ќе ви послужат во следното патување, им порача претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на учесниците на шестата Школа за млади лидери што се одржа во Охрид.

На доделувањето на сертификатите за учество и успешно завршување на десетдневната интензивна лидерска обука, претседателот Иванов искуството стекнато преку Школата за млади лидери го поистовети со патување со брод, а токму лидерот, рече, е оној што го држи кормилото и се грижи сите сопатници, покрај бури да ги донесе до копното.

„Вие сте генерација која повеќе патува со автомобил. Затоа доволно ви е онолку да гледате назад колку што е ретровизорот, а да гледате напред со широко отворени очи и да гледате во недоглед. Бидете одговорни за вашите сопатници, за она што ќе ви го донесе животот", рече претседателот Иванов, порачувајќи им на младите лидери да го споделуваат своето знаење со останатите.

Претседателот Иванов уште им порача на учесниците на Школата да бидат добри личности, наклонети кон убавото во животот.

„Секојпат да се биде наклонет кон добрината, оттаму што убавината никогаш не оди без добрината. И тогаш доаѓа и свеста за правдината", истакна меѓу другото претседателот Иванов.

Тој изрази надеж дека сите учесници на оваа Школа за млади лидери низ текот на изминатите десет дена се исполнети со самодоверба, со визија, умеења, знаења што не се стекнуваат преку книгите, туку со познанствата, пријателствата, остварените контакти.

На овогодинешната школа учествуваа 44 млади лидери, кои имаа можност да чујат искуства, знаења, од дваесте реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко...Meѓу предавачите на шестата Школа за млади лидери беа поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов, поранешниот потпретседател на ЕК и МНР на Италија Франко Фратини, Марк Оте, генерален директор на Кралскиот институт за меѓународни односи – ЕГМОНТ, Абдулазиз Отман Алтваијри, генерален директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО", Јован Ковачич, член на извршниот комитет на Трилатералната комисија и претседател на организацијата „East West Bridge", Метју Квасиборски, директор на Европскиот институт на Фондот за Американски студии...

Во изминатите пет години на школата учествуваа околу 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои Генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и бројни амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнисмени, професори од реномирани светски универзитети.

Идејата на Претседателот Иванов е преку одржувањето на школата да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградат и усовршат своите вештини, да ја развијат својата креативност и лидерски способности. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.
prm_skola_2

zlatno_slavejce
Посета на „Златните славејчиња“ во Охрид
Среда, 19 Август 2015
lideri-rotator
Школата за млади лидери е влог во европеизацијата на Македонија – Отворање на шестата Школа за млади лидери
Понеделник, 17 Август 2015


Obrakjanje_mladi_lideri_1Сите сакаме да бидеме во Европа и да бидеме Европјани. Оваа школа е влог во таа европеизација на Македонија, и доколку поради познатите блокади не можеме да бидеме дел од ЕУ, барем младите да ги направиме Европјани во Македонија, да ги почувствуваат вредностите што ги имаат нивните врсници кои имале среќа да бидат дел од ЕУ. Ова го истакна меѓу другото претседателот д-р Ѓорге Иванов во обраќањето пред учесниците на Школа за млади лидери што по негова иницијатива по шести пат се одржува во Охрид.

„Моментот на одлука е она што Ве прави да сте свои. Носењето одлука е она што влијае врз другите да го почитуваат она што сте го направиле. Човек што не носи одлуки е склон да робува, да се покорува, а оној што носи вистински одлуки е учител, оној што го следат...", истакна претседателот Иванов, забележувајќи дека токму тоа е интенцијата на школата за млади лидери – од успешните луѓе да направи уште поуспешни, да создаде позитивни примери за другите.

Говорејќи за брзиот технолошки развој на цивилизацијата, македонскиот претседател укажа на брзиот развој на технологијата, огромниот развој на информатиката, информатичкото општество, сето тоа како влијание врз, како што рече „планетарното општество, глобалната свест што се гради кај сите".

„Вие ќе живееете во свет во кој ќе имате пристап до огромен број податоци, сознанија, информации така што наша задача е да ве оспособиме како да знаете да се ориентирате во тој свет, да знаете како да го користите знаењето, да го примените и истото да го ширите. Оттаму оваа е школа за вештини, а не за знаење, бидејќи знаење веќе имате", рече претседателот Иванов.

Obrakjanje_mladi_lideri_2Македонскиот претседател им порача на младите лидери да ги користат искуствата, знаењата, умеењата на предавачите, професорите, за преку меѓусебна соработка, како што забележа формирање „мрежно мислење", односно не да мисли само за себе, туку да мисли за другите, за средината, околината, својата држава, континент, свет...

„Ве оспособуваме да бидете луѓе кои ќе знаат да водат, и во културата и во уметноста. И во здравството и во образованието, и во политиката и во спортот. Затоа ве има од сите профили, вие сте оние луѓе што треба да им го покажат патот на тие што ќе дојдат после вас", нагласи претседателот Иванов.

Пред учесниците се обратија и поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов, како и поранешниот шеф на италијанската дипломатија и еврокомесар за правда Франко Фратини.

Поранешниот бугарски претседател Стојанов укажа на потребата од споделување заеднички вредности во регионот и во светот во целина, и тоа не само преку декларации и резолуции, туку преку вистинско создавање мостови, за што се потребни токму луѓе со визии, со способности да создадат заедничка визија за заедничка европска иднина.

„Старите стереотипи немаат веќе место во новите балкански стратегии, кои првпат после толку многу војни и непријателства претставуваат победничка стратегија за сите балкански нации. За да успее таквата стратегија, потребно е сите да веруваме во потребата од споделување заеднички вредности, и сето тоа да се случи брзо и ефикасно, рече г. Стојанов.

Obrakjanje_mladi_lideri_3Поранешниот шеф на италијанската дипломатија и еврокомесар за правда Франко Фратини, меѓу другото зборуваше за европската перспектива на Балканот притоа отворено, како судија, а не како дипломат или професионален политичар, укажувајќи на огромната потреба од млади лидери во Европа.

„Фактот што Македонија се уште е надвор од ЕУ, таа бескрајна приказна околу името, е последица токму на недостигнот на лидерство. Не е тоа бирократски проблем, туку отсуството на политичка волја...Сега можам да кажам дека тоа зависеше и се уште зависи од фактот дека не постои доволно храброст и политички лидерство во Европа, да се стави крај на таа приказна", рече г. Фратини.

Вкупно 44 учесници и околу 20 предавачи од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко се дел од Школата за млади лидери ќе се одржува до 28-ми овој месец.

Идејата на школата е да им се овозможи на младите, талентирани и иновативни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности, преку предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот.
Obrakjanje_mladi_lideri_4

specijalna_olimpijada_2
Средба со делегацијата на Специјалната Олимпијада на Македонија
Сабота, 15 Август 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со сопругата г-ѓа Маја Иванова и синот Иван денеска во вилата „Билјана" во Охрид се сретна со делегацијата на Специјалната Олимпијада на Македонија, која учествуваше на Летните олимписки игри што се одржаа од 25 јули до 2 август во Лос Анџелес, САД.

На средбата претседателот Иванов им го честита успехот постигнат на Олимписките игри и им го пренесе своето високо почитување на нивната работа, истакнувајќи дека особено ги поддржува активностите поврзани со лицата со посебни потреби.

- Вашиот успех претставува позитивен пример да се мотивираат и други да се вклучат во спортувањето, бидејќи токму спортот е еден од најуспешните начини за интеграција и социјализација на лицата со посебни потреби. Благодарение на успесите на спортистите на Специјалната Олимпијада, се промовира и нашата земја, истакна претседателот Иванов.

Претставниците на Специјалната Олимпијада го информираа претседателот Иванов дека ова е најуспешен настап на олимписки игри од ваков карактер, како и за плановите во иднина и учеството во големите интернационални манифестации кои следат, изразувајќи цврста заложба и понатаму да постигнуваат врвни резултати.

Повод за средбата беше извонредниот настап на македонските спортисти на игрите во Лос Анџелес на кои постигнаа одличен успех со освојувањето на две златни, шест сребрени и четири бронзени медали, во неколку спортови атлетика, пливање, јунифајд, кошарка и пинг понг.
specijalna_olimpijada_3

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 69 од 198