Новости
BOSHNJACI
Иванов: Македонија ја почитува и прифаќа Бошњачката заедница
Понеделник, 28 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов вечерва присуствуваше и се обрати на свечената прослава по повод Меѓународниот ден на Бошњаците.

Во рамки на македонскиот модел на соживот, Република Македонија ја почитува и ја прифаќа Бошњачката заедница со сите нејзини посебности и специфики како нераздeлив дел, им порача на присутните претседателот Иванов, додавјќи дека суштината на нашиот модел е сфаќањето дека другите култури и религии не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување.

„Затоа, ние ја почитуваме и ја прифаќаме различноста. А почитувањето и прифаќањето се темелат врз меѓусебната доверба. Наш завет е и во иднина да градиме мостови на пријателства и заедно да чекориме кон нашата заедничка европска иднина", истакна во своето обраќање претседателот Иванов.

Претседателот Иванов во име на македонските граѓани уште еднаш им го честиташе празникот на сите припадници на Бошњачката заедница и го поздрави формирањето на Здружението на Бошњаците од Македонија како непартиско и надпартиско здружение.

На свечената прослава свое обраќање имаа и претседателот на Бошњачката културна заедница во Македонија, д-р. Џемил Бектовиќ, и претседателот на Здружението на Бошњаците од Македонија, г. Сеад Кочан.

Свеченоста беше збогатена со изложба на слики на професорите Фехим Хусковиќ и Трајче Блажевски, како и со културно-уметничка програма.

bush
Претседателот Иванов го одликуваше поранешниот претседател на САД, Џорџ В. Буш, со Орден на Република Македонија
Недела, 27 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го одликува поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џорџ В. Буш, со Орден на Република Македонија, највисоко државно одликување на Република Македонија.

Одликувањето на поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш, му се доделува за исклучителен придонес во развивањето и зацврстувањето на пријателските односи и соработката меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, а особено во афирмирањето и јакнењето на меѓународната положба и угледот на Република Македонија, и промоцијата на евроатлантската иднина на земјата, со личен ангажман како претседател на Соединетите Американски Држави.

Поранешниот американски претседател Џорџ Буш е голем и искрен пријател и поддржувач на Република Македонија, во реализацијата на нашите надворешно политички цели и приоритети - членството во НАТО и ЕУ, и има исклучително важна улога во развивањето и зацврстувањето на одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и САД, како стратешки партнери. За време на неговиот мандат, Соединетите Американски Држави во 2004 година ја признаа Република Македонија под уставното име. Во 2008 година на НАТО самитот во Букурешт, претседателот Буш, силно бараше и лобираше, Република Македонија да го добие заслуженото членство во Алијансата, кое за жал, поради грчката блокада и ветото, не беше реализирано. Истата година беше потпишана и Декларација за стратешко партнерство и соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија, којшто претставува најзначаен билатерален документ во македонско-американските односи.

bajram1
Претседателот Иванов на Курбан-бајрам во џамијата во Шуто Оризари
Четврток, 24 Септември 2015

По повод големиот муслимански празник Курбан-бајрам, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ја посети џамијата во општина Шуто Оризари, каде присуствуваше на утринската молитва и на верниците муслимани им го честиташе празникот.

„Сакам на сите муслимани да им го честитам големиот празник Курбан-бајрам. Ова е празник кога треба да им се помогне на сите на кои им треба помош, да им се даде утеха на сите што им треба утеха, да се биде солидарен, и да се помагаат луѓето меѓу себе во добрите дела. Им посакувам тоа што го прават овој ден, да го прават во текот на целата година", рече претседателот Иванов.

Во духот на нашата традиција, да се почитуваме меѓу себе, да ги почитуваме нашите разлики, да ги почитуваме нашите обичаи, и да бидеме сплотени заедно како што биле нашите предци и нашите родители, порача македонскиот претседател.

Пратеникот Амди Бајрам, на сите Роми и на сите муслимани им го честиташе празникот Курбан-бајрам, посакувајќи им среќа и во убава атмосфера да го поминат денешниот празник. Претседателот Иванов беше придружуван и од Заменик министерот за образование и наука, г. Спиро Ристовски.

zdruzenie
Средба со претставници на Здружението на граѓани за лица со епилепсија и родители на деца со епилепсија во Р. Македонија „Епилепсија Македонија“
Понеделник, 21 Септември 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими претставниците на Здружението на граѓани за лица со епилепсија и родители на деца со епилепсија во Република Македонија „Епилепсија Македонија".

На средбата претставниците на Здружението „Епилепсија Македонија" го информираа претседателот Иванов за нивните активности во насока на обезбедување заштита на правата и потребите на лицата со епилепсија и родителите на децата со епилепсија, како и намалување на предрасудите и дискриминацијата врз лицата со епилепсија и обезбедување на нивна рамноправност.

Воедно, беа разменети мислења и околу предизвиците со кои се соочуваат лицата со епилепсија и можностите за нивно надминување. Во тој контекст, претставниците на Здружението„ Епилепсија Македонија" го запознаа претседателот Иванов со своите барања до институциите во државава.

Претседателот Иванов ги охрабри и ги поддржа напорите на Здружението „Епилепсија Македонија" за спроведување на своите програмски активности, а со цел подобрување на квалитетот на животот на сите лица со епилепсија и нивните семејства. Македонскиот претседател посочи дека е потребно зголемување на јавната и професионална свест за ова заболување и поттикнување на институциите за навремен и соодветен одговор на потребите на лицата со епилепсија.

forumcrnagora
Македонско-црногорски бизнис-форум за унапредување на економската соработка
Среда, 16 Септември 2015

Република Македонија и Црна Гора имаат симболична трговска размена од околу 12 милиони долари во првите шест месеци од 2015 година. Најголем проблем за подобра економска соработка е лошата сообраќајна поврзаност која оневозможува почести контакти меѓу компаниите и стопанствениците, е заклучокот на денешниот македонско-црногорски бизнис-форум, што беше организиран во рамки на официјалната посета на претседателот Иванов на Црна Гора.

На бизнис-форум во Подгорица пред претставници на 45 компании од двете земји беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија, поволниот амбиент и регулатива за отворање бизниси.

Двајцата претседатели на форумот истакнаа дека во сите области е постигнат максимум во соработката меѓу двете држави, но економската, каде што има голем потенцијал, е условена од отежнатата патна инфраструктура.

Комуникацијата на бизнис-заедниците ќе биде подобрена преку поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10, за која претседателот Иванов рече дека треба час поскоро да биде завршена. Побрзо решение на овој проблем се очекува со отворањето директни авиолинии Скопје - Подгорица и Скопје - Тиват кои во туристичка сезона би биле почести и во двата правца, а вон сезона да има летови неколку пати неделно. Тоа ќе се постигне и преку субвенционирање на нискобуџетни авиокомпании.

- Овој форум е можност да се запознаете и ја да развиете соработката во оваа насока. На нас, политичарите, е да ги отстрануваме бариерите и да ви создаваме услови за соработката.Но, на вас, стопанствениците, е да ги препознаете можностите и да ги искористите. Ако Македонија и Црна Гора можат да имаат заеднички амбасади, тогаш зошто македонските и црногорските компании да немаат заеднички настапи на трети пазари? Заедно можеме да бидеме и поконкурентни и попривлечни на европскиот и глобалниот пазар, рече претседателот Иванов и ги покани црногорските бизнисмени да ја посетат Македонија, да се запознаат со постојните капацитети и со позитивното искуство на компаниите кои веќе работат во нашата земја.

forumcrnagora1И претседателот Вујановиќ подвлече дека во економијата може да се направи значајно повеќе.

- Нашата надворешна трговска размена е приближно на ниво од 30 милиони евра годишно, што е малку за потенцијалот на нашите две држави. Ние имаме многу сериозен дефицит во размената, го намалуваме со тоа што ги промовираме нашите извозни можности но не доволно. Од независноста Македонија вложила во Црна Гора 9,5 милиони евра преку своите инвестиции. Тоа е навистина малку иако за економско партнерство во целина постои добра основа и база од договори и спогодби за квалитетна соработка на компаниите, како и добра институционална поврзаност за промоција на економската соработка, рече Вујановиќ.

Тој ги повика бизнисмените од Црна Гора да придонесат во развивањето на економската соработка и притоа укажа дека Владата на РМ го стимулира вложувањето со бројни и квалитетни услови и Македонија е земја каде што инвеститорите се почитуваат.
Можностите за инвестирање во Македонија на црногорските компании им ги презентираше министерот за странски инвестиции Бил Павлевски.

- Посебно во делот на турзимот и туристичките развојни зони кои ги нудиме во Македонија, како на пример компанијата АМАН-груп со која имавме состаноци денеска. Тие може да ги разгледаат можностите да инвестираат во изградба на некој луксузен хотел или ресорт во Македонија. Но целта на формот е да се продлабочи трговијата меѓу двете земји која во овој момент е 30 милиони евра годишно и е многу ниска, а постои можност тоа драстично да се зголеми, изјави Павлевски по презентацијата на форумот.

Жељко Видаковиќ, потпретседател на Унијата на работодавачи на Црна Гора изјави дека форумот бил можност за продлабочување на пријателските односи кои не се така интензивни во стопанството.

- Македонија со своите потенцијали има голема шанса за многу поголем пласман на квалитетни земјоделски производи во Црна Гора, која годишно увезува скоро половина милијарда евра храна. Ние, пак, имаме шанси да земеме поголемо учество на големиот туристички пазар во Македонија, што може да се постигне со воспоставувањето постојана авиолинија за која се залагаат претседателите на двете земји. Тоа би повлекло не само туристичка, туку и други видови економска соработка, рече Видаковиќ.

Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македоонија изјави дека со Унијата на работодавачи на Црна Гора имаат воспоставено и одржуваат социјални и економските односи. Како бизнис-заедница, рече тој, се заинтересирани и за учество во дистрибуција на прехранбени продукти и на други производи преку воспоставување карго врска меѓу двете земји.

На форумот учествуваше и претприемачот Илија Вучков, како претставник на претприемаштвото во Македонија, што е во согласност со програмата на претседателот Иванов - во делегацијата на РМ за презентација на бизнис-можностите да учествуваат и млади претприемачи, претставници на мали и средни бизниси, кои нудат иновативни услуги и производи.

Со македонско-црногорскиот бизнис-форум во Подгорица, претседателот Иванов ја заврши својата втора официјална посета на Црна Гора.

forumcrnagora2

rotatorCrnaGora
Македонија и Црна Гора поскоро да влезат во НАТО за добро на регионот и на Алијансата – претседателот Иванов во официјална посета на Црна Гора
Вторник, 15 Септември 2015

cg01Република Македонија и Црна Гора треба што поскоро да ја добијат заслужената покана за членство во НАТО, која би била во интерес на регионалната безбедност и стабилност, но и на самата Алијанса, оценија претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ по средбата во Цетиње.

- Република Македонија незаслужено и спротивно на меѓународното право е блокирана во ЕУ иако сме земја-кандидат веќе десет години. Блокирани сме, исто така, и во НАТО и покрај 16-те акциони планови за членство, покрај учеството во сите мировни операции и покрај пресудата во Хаг во наша корист. Свесни сме дека ЕУ е соочена со сериозни предизвици поради состојбите во еврозоната, источното партнерство, мигрантската криза...", рече претседателот Иванов на заедничката прес-конференција.

Но и покрај тоа, додаде претседателот Иванов, Македонија очекува дека проширувањето на Унијата и на Алијансата, не само да продолжи, туку и да се забрза.

- Само на тој начин ЕУ може да биде посилна и поотпорна на предизвиците со кои се соочува. Само така нашиот регион ќе биде уште постабилен, попросперитетен и поразвиен, рече претседателот Иванов.

Црногорскиот претседател Вујановиќ истакна дека Црна Гора очекува покана за прием во НАТО на министерскиот состанок во декември и го реафирмираше ставот дека Македонија го заслужува членството уште пред седум години.

- Многу сме заинтересирани да се деблокира процесот на НАТО-интеграците на Македонија. Таа блокада која е последица од спорот со Грција трае многу долго. Ние во сите билатерални и мултилатерални активности истакнувавме дека тој процес треба да се деблокира и Македонија да го заврши она што требаше да го заврши во 2008 година во Букурешт и да добие покана. Целиот простор на Западен Балкан заслужува да биде дел од НАТО, кое како воено-безбедносна алијанса значи најдобра гаранција на безбедноста, истакна Вујановиќ.

cg02Двајцата претседатели се согласни дека Македонија и Црна Гора имааат одлични пријателски односи, без отворени прашања и потврдени со голем број меѓудржавни договори. Сепак, сметаат дека економската не е во чекор со политичката соработка.

Претседателот Иванов истакна дека разговарале за поврзување на Јадранско - јонската магистрала со коридорите 8 и 10.

- Ова е многу значаен патен инфраструктурен проект за Република Македонија и за регионот. Реално, доколку не сме патно и железнички поврзани, не можеме да очекуваме ниту завидна економска соработка. Само преку зголемена економска соработка можеме уште повеќе да ги зацврстиме односите меѓу нашите две земји, но и пазарите и капиталот со останатите држави од регионот, рече претседателот Иванов.

Според претседателот Вујановиќ, простор за економска соработка има во сите области, а најголеми шанси, како што рече, во туризмот и земјоделството, т.е. производството на здрава храна. Инфраструктурата е предуслов за соработка во економијата и во трговската размена.

- Сериозен хендикеп е лошата сообраќајна конекција на Црна Гора и Македонија. Тоа не може краткорочно да се совлада и претставува пречка за контакти на компаниите, луѓето и бизнисот и за подобра и квалитетна соработка, истакна Вујановиќ.

Според него, за контактите ќе придонесе и авиоповрзувањето, што може да се реализира со субвенциско мотивирање на нискобуџетни компании за чартер-летови.

Претседателите на денешната средба во Цетиње разговарале и за регионалната и мултилатерална соработка, како и за други прашања меѓу кои актуелната мигрантска криза.

За време на официјалната посета на Црна Гора, претседателот Иванов се среќава со премиерот, г. Мило Ѓукановиќ и со претседателот на Собранието г. Ранко Кривокапиќ.



Претседателот Иванов го поздрави изборот на специјалниот обвинител

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, за време на официјалната посета на Црна Гора, го поздрави изборот на специјалниот јавен обвинител во Македонија.

- Го поздравувам изборот на специјалниот обвинител и се надевам дека и другите обврски кои се произлезени од договорот меѓу политичките партии ќе бидат навреме реализирани и дека тогаш ќе можеме да бараме и од Европската унија да го исполни она што го ветува, односно Македонија да ја најде начин да ја напушти статус-кво состојбата во однос на нашите евроинтеграции, изјави претседателот Иванов на прес-конференцијата претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ во Цетиње.

cg03


krivokapicСредби со претседателот на Собранието, г. Ранко Кривокапиќ и со претседателот на Владата, г. Мило Ѓукановиќ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Црна Гора, во Милочер одржа средби со претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Ранко Кривокапиќ и со претседателот на црногорската влада,г. Мило Ѓукановиќ.

На средбите биле разменети мислења и информации за актуелните политичко-економски состојби во двете земји, евроатлантските интеграции и за севкупните безбедносно-политички состојби во регинот, вклучително и бегалската криза.

Заедничка констатација е дека двете земји негуваат одлични политички односи и споделуваат идентични надворешно-политички приоритети и цели, членство во ЕУ и НАТО, што, пак, се идеални претпоставки за интензивирање на соработката во сите сфери од заемен интерес, особено на полето на економската соработка меѓу двете земји.

Во таа насока претседателот Иванов ја поздрави иницијативата за одржување заеднички состанок на владите на двете земји и нагласи дека ги охрабрува контактите меѓу бизнис-заедниците од Македонија и Црна Гора, како што е утрешниот бизнис-форум во Подгорица.

gjukanovicНа средбите беше реафирмирана потребата од инфрастрктурно поврзување (патно и железничко) меѓу двете земји и беше изразено задоволство што Јадранско-јонската магистрала преку процесот Брдо-Бриони се најде највисоко во приоритетите на Берлинскиот процес.

Македонскиот претседател на средбата со премиерот Ѓукановиќ истакна дека „поврзувањето на коридорите 8 и 10 со Јадранско-јонската магистрала неповратно ќе го промени нашиот регион, ќе ја олесни економската соработка и ќе ги направи нашите економии попривлечни за странските инвеститори".

Претседателот Иванов оцени дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност, изрази задоволство од заемната поддршка и истакна дека Република Македонија е целосно подготвена за соработка со Црна Гора.

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 67 од 198