|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го одликува поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џорџ В. Буш, со Орден на Република Македонија, највисоко државно одликување на Република Македонија.
Одликувањето на поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш, му се доделува за исклучителен придонес во развивањето и зацврстувањето на пријателските односи и соработката меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, а особено во афирмирањето и јакнењето на меѓународната положба и угледот на Република Македонија, и промоцијата на евроатлантската иднина на земјата, со личен ангажман како претседател на Соединетите Американски Држави.
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш е голем и искрен пријател и поддржувач на Република Македонија, во реализацијата на нашите надворешно политички цели и приоритети - членството во НАТО и ЕУ, и има исклучително важна улога во развивањето и зацврстувањето на одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и САД, како стратешки партнери. За време на неговиот мандат, Соединетите Американски Држави во 2004 година ја признаа Република Македонија под уставното име. Во 2008 година на НАТО самитот во Букурешт, претседателот Буш, силно бараше и лобираше, Република Македонија да го добие заслуженото членство во Алијансата, кое за жал, поради грчката блокада и ветото, не беше реализирано. Истата година беше потпишана и Декларација за стратешко партнерство и соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија, којшто претставува најзначаен билатерален документ во македонско-американските односи.
|