Новости
al_husein_2
Средба со Високиот комесар за човекови права на ОН, г. Зеид Раад Ал Хусеин
Петок, 16 Октомври 2015

Мигрантската криза беше главна тема на средбата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со Високиот комесар за човекови права на ОН, г. Зеид Раад Ал Хусеин, во Женева.

Во разговорите, македонскиот претседател истакна дека Република Македонија ги прави сите потребни напори за достојно прифаќање, транзитирање и испраќање на мигрантите.

„Како држава сочувствуваме со судбината на овие луѓе кои состојбите во нивните земји ги натерале да ги напуштат домовите. Затоа им излегуваме во пресрет и им помагаме за сето она што им е неопходно додека транзитираат низ Македонија, човековите права и достоинство се приоритет и затоа мора да бидат почитувани„ рече претседателот Иванов.

На средбата, македонскиот претседател изрази целосна поддршка и подготвеност за континуирана соработка, додавајќи дека нашата држава како членка на Советот за човекови права, дава активен и суштински придонес за натамошното профилирање на ова тело, како заштитник и промотор на универзалните човекови права насекаде низ светот.

Комесарот за човекови права г. Ал Хусеин ја реафирмираше подготвеноста за тесна соработка со Република Македонија и со претседателот Иванов во промоцијата на човековите права и оддаде признание за активноста и ангажманот на Република Македонија во Советот за човекови права, и генерално во целиот систем на ОН за заштита на човековите права.

Двајцата соговорници се согласиja дека одговорните политичари имаат морална и историска обврска одлучно да се спротистават на растечката ксенофобна, исламофобна и екстремистичка реторика коjа што станува се погласна во некои кругови ширум‎ Европа.
Al_husein1

IVANOV-GUTERESH_1
Иванов-Гутереш: Македонија и Србија клучни во менаџирање на мигрантската криза, ОН бара поголема помош од Брисел
Петок, 16 Октомври 2015

Македонија и Србија се клучни во менaџирање на мигрантската криза и Организацијата за бегалци на ОН (УНХЦР) настојува Брисел да овозможи поголема помош за овие две држави, истакнал високиот комесар за бегалци на ОН, г. Антонио Гутереш на средбата со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов во Женева.

На средбата, претседателот Иванов укажа на моменталните состојби со кои се соочува Македонија во врска со мигрантската криза. Во тој контекст претседателот Иванов ги посочи мерките и активностите што се преземаат при влез, транзитирање и излез на мигрантите во регионите зафатени со кризната состојба.

„Кризата укажува дека Република Македонија‎ и земјите од регионот треба да бидат интегрирани во сите структури на ЕУ, но и да ги разменуваат информациите и да имаат пристап до датабазите на ЕУ, НАТО, Шенген и Фронтекс. На државата и е потребна и помош, техничка, кадровска, но пред се финансиска, поради тоа што имаме ограничени капацитети за да пружиме помош и згрижување. Сите активности сеуште се финансираат од државниот буџет со минимална доделена помош од страна на ЕУ",истакна претседателот Иванов.IVANOV-GUTERESH_3

„Мигрантската криза не може да се реши со бирократски одлуки, туку со секојдневно менаџирање на теренот", рече претседателот Иванов, додавајќи дека Република Македонија ги следи и ќе ги следи сите мерки и активности што ги преземаат членките на ЕУ и нашите активности содејствуваат со нивните активности.

Претседателот Иванов ја посочи и потребата од опрема за регистарација на мигрантите и надзор на државната граница, како и потребната соработка и комуникација во воспоставување на мрежа на размена на податоци.

Високиот комесар за бегалци, Гутереш, истакна дека УНХЦР ќе настојува и ќе вложи напори Брисел да додели поголема помош на Македонија и Србија за менаџирање и справување со мигрантската криза. Тој ги поздрави напорите што државата ги вложува за справување со кризата и посочи дека организацијата ги следи сите активности на домашните институции и де‎ка УНХЦР и стои целосно на располагање на Македонија, како за непосредна помош, така и за лобирање пред ЕУ и другите регионални и глобални институции.

Заедничка констатација на претседателот Иванов и Високиот комесар за бегалци Гутереш, е дека Македонија мора да учествува во секоја фаза од изготвувањето и имплементацијата на заедничкиот европски одговор за мигрантската криза и дека е потребна поголема солидарност и споделување на одговорност меѓу државите во врска со овој предизвик, и дека тие мора да се покажат уште веднаш меѓу државите од ЕУ и Западен Балкан.
IVANOV-GUTERESH2

zeneva_OON1
Средба со г. Мајкл Милер, Генерален директор на ООН во Женева
Четврток, 15 Октомври 2015

Надворешно политичките приоритети на Република Македонија и актуелната мигрантска криза со која се соочуваат земјите од Западен Балкан и Европа, беа темите на кои се фокусираа претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и Генералниот директор на ООН во Женева, г. Мајкл Милер на денешната средба во Женева.

Посочувајќи дека Македонија, односно Балканот е клучниот европски коридор за транзитирање низ Европа, македонскиот претседател истакна дека кризата укажува дека е потребна итна интеграциja на Македониja и земjите од регионот во безбедносниот систем на ЕУ, но и зголемена техничка и финансиска помош со цел справување со кризата.

„Република Македонија дава максимален придонес во надминувањето на кризата со мигрантите, делуваме усогласено со другите земји, посебно со земјите од регионот, се разбира, не загрозувајќи ја националната безбедност", рече претседателот Иванов. „Неопходна e засилена соработка меѓу државите во регионот во контекст на постојано информирање и превенција од заканите и ризиците од илегалната миграција", додаде македонскиот претседател реафирмирајќи ја идејата од основање на антитерористички центар на Балканот.

Двајцата соговорници изразија согласност дека се додека не бидат решени проблемите во кризните жаришта напливот на беглаци ќе постои и дека солидарноста и споделувањето на одговорноста меѓу државите во врска со овој предизвик мора да се покажат уште веднаш.

Во однос на македонското членство во Европската унија, претседателот Иванов посочи дека земјите членки на ЕУ, независно од прашањето за името, треба да и дозволат на Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ. „Република Македонија предолго е блокирана во евроатлантските интеграции, што создава тензии во политичкиот живот и меѓуетничките состојби во земјата", посочи претседателот Иванов.

Во тој контекст, на средбата беа разменети и најновите информации околу процесот за решавање на прашањето за името, при што претседателот Иванов посочи дека е потребна засилена активност од страна на ООН како покровители на процесот, и изрази надеж дека јужниот сосед ќе покаже поголема конструктивност во однос на воспоставување на политичкиот дијалог со цел подобро разбирање и надминување на билатералните разлики.

Г. Милер изрази очекување за проширување на соработката, и изрази подготвеност за натамошна поддршка на Република Македонија, преку проекти со цел надминување на актулените предизвиците.

На средбата беа разменети мислења околу политиките на ООН, како и за ангажманите и активностите на Република Македонија во рамки на меѓународната организација.
zeneva_OON2

KIC_01
Претседателот Иванов во посета на македонскиот Културно-информативен центар во Софија
Петок, 09 Октомври 2015

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во рамки на работната посета на Бугарија, го посети Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, кој годинава одбележува јубилеј 10 години од функционирањето.

На средбата со директорот на Центарот Васко Шутаров се разговараше за дејноста и за досегашните активности на КИЦ. Претседателот Иванов упати честитки за досегашната работа на Центарот, кој е вистински репрезент на македонската култура во Бугарија.

Шутаров, посетата на претседателот Иванов на македонскиот храм на културата овде во Бугарија ја смета за охрабрување на културната дипломатија и поддршка на нивниот 10-годишен труд и постоење во Софија, кој е веќе препознатлив на културната сцена во бугарската престолнина, но и ширум Бугарија.

Во изминатиот десетгодишен период, истакна Шутаров, во КИЦ се реализирани преку 350 културни настани, преку 600 културни работници биле наши гости, а на уште толку проекти биле поддршка или партнери. Годинава со поддршката на Министерството за култура, рече Шутаров, имаат исклучително богата јубилејна програма со гостувања на македонски врвни оперски имиња, уметници и исклучително значајни книжевници.

„Благодарение на поддршката на Министерството за култура за поттикнување на преведувањето на македонски автори на странски јазици веќе се потпишани седум договори за преводи на македонски автори на бугарски јазик меѓу кои дел се веќе издадени. Од печат илезе „Ѕвездениот корен" од академик Анте Поповски, за кој догодина ќе одбележиме 85 години од неговото раѓање", рече Шутаров.

КИЦ благодарение на своето 10-годишно постоење и богатата програма, веќе има бројна публика која може да исполни камерни простори, но и простори кои собираат повеќе илјади посетители, нагласи Шутаров. Годинава, оствариле пробив на културната понуда во многу други градови во Бугарија, а особено го издвои Пловдив, кој е европска престолнина на културата за 2019 година.KIC_1

Шутаров најави дека до крајот на годината ќе бидат домаќини на уште три изложби, два музички настани, а на крајот на годината ќе бидат претставени на саемот на книгата во Софија.

На 22 октомври во протсториите на КИЦ ќе биде отворена изложба на академскиот сликар Коле Манев насловена „Неспокој - спокој". Инаку, по повод посетата директорот на КИЦ Шутаров на претседателот Иванов му подари врамен плакат посветен на 10 годишнината од функционирањето на КИЦ.

Со посетата на КИЦ на Република Македонија во Софија, претседателот Иванов ја заврши работната посета на Бугарија.

Sredba_Plevneliev01
Иванов-Плевнелиев: Да се интензивираат преговорите за договорот за добрососедство
Четврток, 08 Октомври 2015

„Бугарија е подготвена во секој момент да излезе со поддршка за Македонија и во НАТО и во европските интеграции. За преговорите за договорот за добрососедство заеднички став на двајцата претседатели е дека треба да се вклучат и самите министри за надворешни работи, со цел договорот поскоро да се финализира",изјави денеска во Софија претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по средбата со бугарскиот претседател Росен Плевнелиев.

"Имавме одлична средба со претседателот Плевнелиев во конструктивен дух, со многу начини како да дојдеме до решение за прашања како што е договорот за добрососедство кој се уште, за жал не е затворен. Затоа заземавме став да се вклучат министерствата, па дури и министрите директно за конечно таа работа да се затвори која на некој начин е препрека и за другите иницијативи кои ги имаме меѓу нашите две земји. Бугарија е подготвена во секој момент да излезе со поддршка за Македонија и во НАТО и во европските интеграции. Затоа што заеднички констатирвме дека може на се да влијаеме, но не и на географијата. Ние сме биле и остануваме соседи, народи кои живеат и делат еден ист простор кој се соочува со исти предизвици, особено сега со бегалската криза која го оптоварува целиот регион",рече претседателот Иванов.Sredba_Plevneliev02

Претседателот Иванов, охрабрен од искажувањата на бугарскиот претседател, очекува интензивирање на соработката меѓу двете земји.

„Затоа не охрабрува сето она што го кажа претседателот Плевнелиев дека многу од идеите и иницијативите кои ги изложивме се прифатливи и дека веројатно не чека еден период со Бугарија кога ќе имаме навистина прогрес во сите сфери. Бугарија е четврти-петти трговски партнер на Македонија, и тоа со ваква каква што имаме инфраструктура дојдовме до тоа ниво во економијата. Истото не очекува следниот период да се случи и во политичките односи затоа што навистина имаме меѓусебна доверба и начин на комуникација како што доликува на два први соседи, истакна претседателот Иванов.

Во однос на спогодбата за добрососедски односи претседателот Иванов истакна дека очекува да се интензивираат разговорите по локалните избори во Бугарија кои се закажани за 25 октомври.

„Претстојат локални избори во Бугарија. Веројатно тоа ќе се случи по изборите. Изборите се време на кампањи, на различни интерпретации. Веројатно тоа што го очекуваме би требало да се случи по завршувањето на локалните избори во Бугарија кога работните групи, но и самите министерства ќе ја интензивираат соработката. Напредок има, но станува збор за разлики по основ на нијанси во формулациите", рече претседателот Иванов.
sredba_Plevneliev_03 

Eftimovic_specijalen_pretstavnik_na_Putin_
Средба со г. Михаил Швидкој, специјален претставник на Претседателот на Руската Федерација за меѓународна културна соработка
Вторник, 06 Октомври 2015
 
Почеток < Пред 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Следно > Крај
Страница 66 од 198