Новости
PRM_Mandela_summit_1
Претседателот Иванов на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации
Вторник, 25 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од вчера учествува на 73. Генерално Собрание на Обедиенетите Нации во Њујорк.

Претседателот Иванов присуствуваше на настанот на високо ниво – Глобален повик за акција за светскиот проблем со дрогата, со кој претседаваa Претседателот на САД, Доналд Трамп и Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Македонскиот претседател присуствуваше на свеченото отворање на Мировниот самит Нелсон Мандела 2018, што се одржува по повод 100-годишнината од раѓањето на поранешниот јужноафрикански лидер.

Доцна вечерта по македонско време, претседателот Иванов присуствуваше на свечениот прием организиран од Претседателот на САД, Доналд Трамп за учесниците на 73. Генерално Собрание на ОН.

Предвидено е претседателот Иванов да се обрати пред Генералното Собрание на ОН на 27 септември. Исто така, предвидено е претседателот Иванов да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, г. Антонио Гутереш, како и повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

New_Jersey_1
Претседателот Иванов во Њу Џерси: Од нас зависи дали ќе ја сочуваме одлуката од референдумот од ’91 година или ќе се укинеме како народ
Понеделник, 24 Септември 2018

Од нас зависи дали ќе ја сочуваме одлуката од првиот референдум за Република Македонија во која ќе бидеме свои на своето или правно ќе се укинеме како народ и ќе дозволиме некој друг да ни го толкува минатото и да ни ја одзема иднината, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на посетата на македонската заедница во Њу Џерси.

„Сакам да бидам јасен. Конечната одговорност е на македонските граѓани. Бидејќи, каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме. Од нас зависи дали ќе ја сочуваме одлуката од првиот референдум за Република Македонија во која ќе бидеме свои на своето, во која нема да се воздржуваме да кажеме дека сме Македонци, дека нашите предци биле Македонци. Или, ќе се одлучи да се поништи одлуката од претходниот референдум од 8 септември 1991 година. Дали правно ќе се укинеме како народ и ќе дозволиме некој друг да ни го толкува минатото и да ни ја одзема иднината", рече претседателот Иванов, кој во Сидер Гроув, Њу Џерси, ја посети Македонската православна црква „Св. Кирил и Методиј".

Македонскиот претседател го повтори својот став дека нема да гласа на закажаниот референдум на 30 септември.

Претседателот Иванов од денеска во Њујорк го започнува учеството на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации. Предвидено е претседателот Иванов да се обрати пред Генералното Собрание на ОН на 27 септември.
New_Jersey_2

Detroit
Претседателот Иванов во Детроит: Да се каже Република Македонија не е ни срам ни страв
Понеделник, 24 Септември 2018

Ниеден политичар нема мандат да преговара за идентитетот на еден народ. Мнозинството македонски граѓани не гласале за програма во која е предвидена промена на Уставот на Република Македонија заради промена на уставното име на државата. Па така, ниту актуелната влада не добила мандат од народот ниту од гласачите за промена на идентитетот, за откажување од дијаспората, за губење на историјата и паметењето, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на посетата на Македонската Православна Црква „Рождество на Пресвета Богородица" во Детроит.

„Република Македонија е трајна придобивка. Но, со спогодбата со Грција и претстојниот референдум, таа трајна придобивка сега се релативизира. Како да не се сфаќа дека со релативизирање на трајното, ние се релативизираме и како народ. Со оваа спогодба се обидуваат да нѐ понижат, како што ниту еден народ никогаш не бил понижен. Сакаат да нѐ направат недоветни сметајќи дека не знаеме како се викаме", рече претседателот Иванов, кој го повтори ставот дека нема да гласа на референдумот на 30 септември.
detroit_1
„Преродбениците се бореа за слобода од духовното ропство. Револуционерите се бореа за слобода од политичкото ропство. Зарем сега ние, по сите тие жртви ќе влегуваме во ново ропство? Зарем ќе се одрекуваме од слободата да се наречеме според нашето сопствено име. Зарем ќе се стеснуваме да кажеме дека постои Република Македонија, плашејќи ако спомнеме Република Македонија да не навредиме некој. Да се каже Република Македонија не е ни срам ни страв", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател присуствуваше на литургија и осветување на фрескоживописот во црквата, и ги посети децата од македонско потекло што изучуваат веронаука.

„Кога пишувате, зборувате и творите на македонски јазик, вие активно учествувате во изградбата на нашата идеална татковина. Македонија е татковина на старословенскиот црковен јазик. Наш долг како Македонци е да го чуваме и постојано да го унапредуваме нашиот македонски јазик. Затоа, мој апел до вас денеска е да не го оставите и заборавите македонскиот јазик. Да ги учите вашите деца, да ги поттикнувате вашите блиски, да бидете пример и охрабрување за Македонците во дијаспората, но и во Република Македонија", рече претседателот Иванов пред претставниците на црковната заедница во Детроит.
detroit2

PRM_Predavanje_Detroit_1
Претседателот Иванов одржа предавање на Државниот универзитет Вејн во Детроит
Сабота, 22 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на почетокот на работната посета на САД, одржа предавање на престижниот Државен универзитет Вејн во Детроит.

Најавен како поддржувач на принципите на пазарната економија и политичкиот плурализам, македонскиот претседател говореше на тема: „Раѓањето на нов свет: Предизвици и можности за генерациите Y, Z и Алфа".

Зборувајќи за хиперповрзаноста, за предизвиците и можностите на новите генерации низ призмата на познатите филозофи, претседателот Иванов ги објаснуваше промените во светот, предизвикани од брзиот напредок на технологијата, миграцијата, демогафијата, климатските промени.
a
„Настапува период на пост-демократија. Тоа не е недемократија, туку демократијата ќе влезе во поинаква фаза кога ќе се види дека на неа не делуваат толку тие што ги избираат политичарите, туку спин докторите. Спин доктори се креатори на политиките, програмите и активностите на политичарите", рече претседателот Иванов.

Говорејќи за големата криза од 2008-та година и за причините поради која се случија промени, и во реалноста и во размислувањата, тој посочи дека се загубила етиката и ги охрабри младите да го искористат својот потенцијал, во ова време на хиперповрзаност во дигитално трансформиран свет. Според македонскиот претседател таквиот нов свет на sharing philosophy, block-chain технологии и старт ап бизниси, го создаваат младите дигитални генерации, преку социјалните мрежи.

„Знаењето нема смисла ако не се користи, тоа треба да има апликативна функција, да го примените тоа знаење, да ви користи во животот. Се претпоставува дека едно од тие најтајни учења е дека се што е човекова креација, се што е создадено од човек, без разлика дали е политика, спорт, војна, медицина, култура, сè подлежи на исти четири правила. Ако ги почитувате, секој пат ќе најдете решение за сè. Тие четири златни правила се состојат од четири мудрости: бидете трпелив, учете од другиот, искористете го моментот и четврто, ако сакате да успеете бидете подготвени за жртва", изјави претседателот Иванов.

Пред студентите, македонскиот претседател истакна дека е восхитен од нивната самодоверба, храброст и подготвеност, да бидат социјално активни за бројни прашања, но истовремено им порача да го канализираат уникатниот потенцијал на нивната генерација за достигнување на трајни вредности.

Државниот универзитет Вејн, основан во 1868 година, е меѓу топ 50-те американски државни универзитети за истражувачка дејност. Во рамките на овој универзитет е Мајк Илич Бизнис Школата, која го носи името во чест американскиот бизнисмен со македонско потекло г. Мајк Илич.

За време на престојот во Детроит, на претседателот Иванов ќе му биде врачена наградата Глобален државник, највисоко признание што го доделува Обединетата Македонска Дијаспора. Посетата на македонскиот претседател на САД е по повод учеството на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, каде е предвидено да се обрати на 27 септември.

PRM_Predavanje_Detroit_3

PRM_obce_01
Средба со амбасадорот Клеменс Која, новиот шеф на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија
Вторник, 18 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Клеменс Која, новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.

Претседателот Иванов, упати честитки до амбасадорот Која за неговото поставување на должноста, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, посакувајќи му успех во работата.

На средбата, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на македонските власти во повеќе сфери - владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка во области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживотот, во сферата на медиумите и слободата на изразување.

Во таа насока, македонскиот претседател изрази очекување дека Република Македонија и во иднина ќе ја продолжи соработката со ОБСЕ со цел поддржување на реформските процеси.

На средбата, беше разговарано и за актуелната политичка состојба во земјава и активностите на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во пресрет на претстојниот референдум. Македонскиот претседател изрази очекување дека набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР професионално ќе ја извршува својата задача во рамките на својот строго утврден мандат.

Prostalna_PRM_Bartol
Проштална средба со шефот на канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, Горазд Бартол
Понеделник, 17 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари проштална средба со морнаричкиот капетан Горазд Бартол, шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија.

Двајцата соговорници разменија мислења за текот на реформските процеси кои Република Македонија ги спроведува во одбраната и безбедноста, а кои се целосно во согласност со НАТО препораките и стандардите.

На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната непосредна соработка, како и подготвеност за натамошна потесна соработка и поддршка ‎од канцеларијата за врски на НАТО, во доменот на одбраната и безбедноста.‎

Македонскиот претседател на средбата порача дека членството во НАТО и Европската унија остануваат стратешки цели на Република Македонија кои се од пошироко значење за мирот, стабилноста и просперитетот на целиот регион.

Претседателот Иванов на морнаричкиот капетан Бартол му заблагодари за ангажманот во Република Македонија и му  посака успех во натамошната кариера.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 9 од 198