Новости
PRM_grb
По втор пат реализација на проектот „Ден со македонските водечки извршни директори“ под покровителство на претседателот Иванов
Понеделник, 03 Декември 2018
NMN2017
Јавен повик за доставување на пријави за избор на „Најдобар млад научник“ за 2018 година
Сабота, 01 Декември 2018

Признанието го доделува претседателот на Република Македонија, како поттик на научната и на истражувачката мисла на младите во Република Македонија.

Јавниот повик ги опфаќа сите лица коишто заклучно со 2018 година навршуваат 30 години, а кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати.

Кандидатите кои се пријавуваат на огласот потребно е да достават доказ за исполнување еден или повеќе од долунаведените услови:

• награда или признание за научноистражувачка работа;
• објавени резултати од научноистражувачка работа;
• применетост на резултатите од научното истражување за тековната 2018 година.

Горенаведените материјали заедно со биографија и со уверение за државјанство на Република Македонија да се достават во еден печатен и еден електронски примерок (CD)

Право на учество имаат сите граѓани на Република Македонија кои ги исполнуваат условите за конкурирање.

Документите да се достават до Кабинетот на претседателот на Република Македонија, најдоцна до 31.12.2018 година.


Кабинет на претседателот на Република Македонија
(Комисија за „Најдобар млад научник")
Вила „Водно"
„Ацо Караманов" 33А
МК-1000 Скопје


Javen_povik_NMN_2018-1

Sovet_Invalidski_organizacii
Средба со претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија
Петок, 30 Ноември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност - 3 Декември, денеска прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија.

Претставниците на Националниот совет на инвалидските организации изразија благодарност за досегашната поддршка од претседателот Иванов, како и за можноста преку ваквите редовни средби, да го информираат за положбата на лицата со инвалидност, за актуелните предизвици со коишто тие се соочуваат, како и за постигнатите резултати во однос на имплементирањето на меѓународните норми и стандарди од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност.

Соговорниците го запознаа претседателот Иванов и со тековните активности по повод „3-ти Декември"  Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, кој се одбележува со цел да го промовира разбирањето на предизвиците на инвалидноста, како и да ја подигне свеста кај граѓаните и институциите за остварување на правата и подобрување на положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија.

Македонскиот претседател истакна дека како и досега, така и во иднина ќе продолжи да ги поддржува активностите на Националниот сојуз, порачувајќи дека е неопходнa континуиранa заложба за афирмирање на нивните потреби и права, со цел решавање на приоритетните барања на инвалидските организации во Република Македонија.

На средбата присуствуваа претставници на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - Порака,   Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија - Македонски параолимписки комитет, како и на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија.

01
Претседателот Иванов на Универзитетот „Улудаг“: Македонскиот модел на интеграција без асимилација е модел на иднината
Среда, 28 Ноември 2018

Македонскиот модел на интеграција без асимилација е модел на иднинатa, бидејќи во својата основа подразбира почитување на различноста,  истакна претседателот Иванов во своето предавање на  Универзитетот „Улудаг“ во Бурса.

„Ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој наш заеднички модел кој подразбира уживање на правата, но и почитување и споделување на обврските и одговорностите кои произлегуваат од уставниот поредок“, подвлече претседателот Иванов, потенцирајќи дека ваквиот модел, Македонија не сака себично да го чува за себе туку да го споделува со светот, што според него, е особено важно денес.

„Македонскиот модел на соживот создавал луѓе со отворен ум кои ја прифаќаат и ја почитуваат различноста. Луѓе како Мајка Тереза, која е родена во 1910 година во Скопје, во Македонија. Во радиус, не повеќе од 100 метри од нејзината родна куќа, имало католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. Мајка Тереза, стана синоним за човек кој го живее единството во различноста“, рече претседателот Иванов во своето предавање на  Универзитетот „Улудаг“ во Бурса.

 

Соживотот, нагласи македонскиот претседател, бил присутен и во борбата на македонскиот народ за слобода и независност. Сите апели, повици, манифести и декларации ја нагласуваат почитта кон различноста. Според претседателот Иванов, Република Македонија го има вградено и го има унапредено ова искуство во својот инклузивен демократски модел на интеграција без асимилација.


Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е посветена на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог. „Во 2003 година го иницираме првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите и сме активни учесници во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации што беше формирана во 2005 година на иницијатива на владите на Шпанија и на Турција. Својата посветеност Македонија дополнително ја потврди како домаќин на четирите светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог“, рече македонскиот претседател.


Според него,  за некои држави на Балканот, во Европа, македонскиот демократски модел на соживот сè уште претставува предизвик. Но, едно е јасно, рече претседателот Иванов, нашиот модел втемелен врз позитивните искуства од минатото, е воедно и модел на иднината. „Ако во минатото сме можеле да живееме и да напредуваме заедно, можеме и мораме да се обидеме тоа да го постигнеме и во иднината. Разликата во отворениот и затворениот простор е во комуникацијата и интеграцијата. Честопати велам дека оној што комуницира, тој се интегрира, а оној што не комуницира, се гетоизира и измислува непријатели“, нагласи македонскиот претседател во своето предавање на  Универзитетот „Улудаг“ во Бурса.

PRM_Bursa_01
Средба со претставници на Стопанската и трговска комора на Бурса
Вторник, 27 Ноември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Република Турција, денеска во градот Бурса оствари средба со претставници на Стопанската и трговската комора на Бурса.

Повикувајќи ги бизнисмените од Бурса да инвестираат во Република Македонија, претседателот Иванов во своето обраќање истакна дека двете држави и нивните институции вложуваат значајни напори за дополнително упапредување на соработката во областа на економијата.

„Република Македонија и Република Турција денес имаат исклучително добри претпоставки да се фокусираат на она што е најважно, економската соработка и инвестициите. Нашата држава нуди огромен број можности и прилики за инвестирање. Ние можеме многу повеќе и во инвестициите и во трговската размена", рече македонскиот претседател, додавајќи дека економските меѓудржавни договори го олеснуваат тоа.

Претходно, претседателот Иванов во областа Изник, ги посети историскиот храм „Аја Софија" каде што биле одржани двата Нијски Вселенски собори, Античкиот римски театар и познатата Фондација за чинии на Изник.

Утре, претседателот Иванов ќе оствари средба со Гувернерот на Бурса, г. Јакуп Канболат  со Градоначалникот на Бурса, г. Алинур Акташ и ќе одржи предавање на универзитетот „Улудаг".

PRM_Bursa_02

PRM_Bosfor_01
Претседателот Иванов на самитот „Босфор“: На Балканот е неопходна политичка, безбедносна и економска поврзаност
Понеделник, 26 Ноември 2018

Политичката, безбедносната, економската, транспортната и дигиталната поврзаност се неопходни за нашите компании да бидат поконкурентни на глобалниот пазар, нашите држави поуспешни во создавањето услови за просперитет на младите, а нашите региони поатрактивни за директни странски инвестиции. А тоа е клучно за одржлив мир и развој за сите, рече претседателот Иванов во своето обраќање, на отворањето на 9. Самит „Босфор", што се одржува во Истанбул.

Осврнувајќи се на предизвиците со кои денес се соочуваат економиите, претседателот Иванов ги посочи малите пазари за големите компании. „Како што границите на Балканот се разгрануваа, така граничните премини се мултиплицираа, а пазарите се ситнеа", подвлече македонскиот претседател. Вториот предизвик, според него, е големиот одлив на стручен кадар. „Како држави ние успеавме да го затвориме балканскиот мигрантски коридор за илегалните мигранти. Но, никако да успееме да ја спречиме миграцијата на нашите млади. По сè изгледа дека илегалните мигранти и нашите млади имаат едно нешто заедничко, а тоа е нивната дестинација –  најразвиените европски центри. Таму можат да ги реализираат своите бизнис-идеи и да ги остварат своите животни планови. Нашиот регион се празни. Си заминуваат оние кои со своите таленти, образование и вештини создаваат реална вредност. Цената ја плаќаат и државите и компаниите", оцени македонскиот претседател. Третиот голем предизвик, додаде претседателот Иванов, е застарениот начин на функционирање на дел од компаниите. Иако веќе сме во првиот век на третиот милениум, некои од компaниите во регионот сè уште функционираат според правилата од вториот милениум. Ризикуваат да станат некомпетентни, а со тоа и неконкурентни на глобалниот пазар.

Според македонскиот претседател, за да се надмине регионалната фрагментираност, неопходна е политичка и безбедносна поврзаност. За Балканот тоа подразбира членство во Европската Унија и во НАТО.

„Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Балканот. Ние доброволно се менуваме поради трансформирачката моќ на Унијата. Но, заморот од проширувањето кај нас создаде замор од чекање и наместо да се бавиме со реформи, ние почнавме да се бавиме со самите себе. Затоа, неопходно е Европската Унија час поскоро да ги започне преговорите за членство со Република Македонија", рече претседателот Иванов.

PRM_Bosfor_02

Говорејќи за предизвиците во регионот, претседателот Иванов оцени дека е потребна економска и транспортна поврзаност, како и дигитална трансформација на застареното функционирање.

Кога нашите држави и економии ќе се поврзат, тогаш нашиот регион ќе стане една економска зона, со многу повеќе можности за нашите млади кадри, рече македонскиот претседател. Тој додаде дека за рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор, неопходно е да сме рамноправен дел и од европските и евроазиските патни, железнички и енергетски коридори.

Целта на Самитот Босфор, кој се одржува под покровителство на Претседателот на Република Турција, е да обезбеди платформа за дијалог и да ја поттикнува економската соработка меѓу државите.

PRM_Bosfor_03


 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 6 од 198