Новости
Povelba_na_Republika_Makedonija_041
Претседателот Иванов додели „Повелба на Република Македонија“ на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА
Среда, 27 Март 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го додели признанието „Повелба на Република Македонија" на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.

Признанието се доделува за значаен придонес на ТИКА во унапредувањето на добросостојбата на македонските граѓани и развој на капацитетите на институциите на Република Македонија, како и за унапредувањето на пријателските односи и соработката меѓу Република Македонија и Република Турција.

Претседателот Иванов на церемонијата на доделување на признанието, потенцираше дека ТИКА во Република Македонија има инвестирано над 60 милиони евра во 900-тини проекти во областа на здравството, образованието, животната средина, инфраструктурата и во други области. Како едни од најзначајните проекти финансирани од Турската агенција за соработка и координација, македонскиот претседател ги истакна проектите за изградбата на Детскиот ургентен центар и за обновувањето на Povelba_na_Republika_Makedonija_02Одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести, кои беа на иницијатива на сопругата на претседателот, г-а Маја Иванова. Оваа „Повелба на Република Македонија" е едно големо благодарам од родителите и децата, од наставниците и учениците, од сите оние кои ја почувствувале солидарноста на пријателскиот турски народ, преку Турската агенција за соработка и развој. Ова, воедно, е и поттик не само за ТИКА, туку и за многу други организации, институции и поединци, да се вклучат во она што го нарекувам натпревар во добрина", рече претседателот Иванов.

Претседателот на Турската агенција за соработка и координација, д-р Сердар Чам, изрази благодарност од името на целата агенција и ја истакна честа за доделеното признание. Чувствувам многу блискост кон Македонија, кон македонскиот народ и целото население коешто живее тука, и морам да признаaм дека со уште поголема одговорност ќе работам после добивањето на ова значајно признание" рече д-р Сердар Чам.

s25032019_1
Доделени сертификатите на учесниците во проектот „Ден со македонските водечки извршни директори"
Понеделник, 25 Март 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Советот на странски инвеститори во Македонија, г. Штефан Петер, денеска ги доделија сертификатите на учесниците во проектот „Ден со македонските водечки извршни директори".

Десетте студенти од додипломски и постдипломски студии кои учествуваа во проектот имаа можност непосредно да се запознаат со работниот ден на менаџерите, да навлезат во процесите на водењето на една компанија и да се стекнат со знаења, практични искуства и вештини во насока на развој на нивниот претприемачкиот дух.

Македонскиот претседател изрази задоволство од спроведувањето на овој проект, што се реализираше под негово покровителство, а во организација на Советот на странски инвеститори од Стопанската комора на Македонија и посочи дека оваа иницијатива е дел од поголемиот проект „Школа за млади лидери", која на овој начин се разгранува.

Претседателот Иванов на доделувањето на сертификатите истакна дека преку оваа иницијатива, младите на кои им се овозможува да поминат време со извршни директори на успешни компании, имаат можност да видат како се носат одлуки и како се одлучува за крупни прашања во доменот на компаниите, додавајќи дека преку проектот, исто така и странските инвеститори гледаат дека во Македонија има млади и способни луѓе со кои може да соработуваат.

Оваа програма се реализираше по втор пат во Република Македонија во периодот од декември 2018 година до март 2019 година, а меѓу успешните менаџери коишто ја спроведуваа обуката беа Штефан Петер од ЕВН Македонија, Ирена Јакимовска од „Комфи ангел", Волфганг Марингер од „Арчелор митал", Ајхан Узун, од „Рамстор" и Алпер Ерсој од „ТАВ Македонија".

s25032019_2

Medal_za_zaslugi_za_Makedonija_1
Медал за заслуги за Македонија за Акан Сувер и Исмаил Серагелдин и Повелба на Република Македонија за „Македонија 2025“
Среда, 20 Март 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска со Медал за заслуги за Македонија ги одликуваше професорите Акан Сувер и Исмаил Серагелдин и го додели признанието Повелба на Република Македонија на Организацијата „Македонија 2025".

Д-р Акан Сувер е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување со што даде значаен придонес за промовирање на македонските вредности и позиции во Република Турција и поширокиот европски и азиски простор, со личен ангажман како основач и претседател на Фондацијата Мармара.

Д-р Исмаил Серагелдин е одликуван со Медал за заслуги за Македонија за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување со што даде значаен придонес за промовирање на меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог и разбирање, за промовирање на македонскиот модел на соживот, со личен ангажман како основачки директор на новата Александриска библиотека во Александрија.

На Организацијата „Македонија 2025" се доделува признанието Повелба на Република Македонија за значаен придонес во економскиот развој и развојот на капацитетите на институциите на Република Македонија, унапредување на бизнис секторот и промовирање на Република Македонија во странство.

Претседателот Иванов, говорејќи за значењето на Евроазискиот економски самит и нејзиниот основач, д-р Акан Сувер, ја потенцираше важноста на идеите кои се опфаќаат на овој самит, а се земаат предвид во поширокиот евроазиски регион. „Преку овој форум македонската економија и македонските компании имаат ширум отворена врата за соработка во целиот евроазиски простор. Тоа е и врска меѓу Република Македонија и Република Турција", рече претседателот Иванов.

Medal_za_zaslugi_za_Makedonija_2Македонскиот претседател истакна дека д-р Исмаил Серагелдин, долгогодишниот директор на новата Александриска библиотека, е вистински глобален мислител кој се залага за економски праведен систем, адаптација кон климатските промени, искоренување на сиромаштијата и гладот. „Како ко-претседател на Меѓународниот центар Низами Ганџави тој е страсен поборник за слободата на мислата, совеста и верата и слободата на изразување. Д-р Исмаил Серагелдин го промовира македонскиот модел на соживот и почитување на различноста", рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов при доделувањето Повелба на Република Македонија на организацијата „Македонија 2025", рече дека оваа организација придонесува за создавање просперитетна иднина за младите во Република Македонија. „Македонија 2025" напорно работи на внесување на меритократијата, прагматизмот и чесноста во македонското општество и држава, во македонската бизнис заедница, меѓу младите професионалци. Со тоа придонесува кон градење на посилна нација", изјави македонскиот претседател.

Професорите Акан Сувер и Исмаил Серагелдин, како и г-а Вера Ставроф, која го прими признанието во име на организацијата „Македонија 2025", во своите обраќања изразија благодарност и ја истакнаа честа за доделените признанија, кои за нив претставуваат потврда и препознавање за нивната работа.
Medal_za_zaslugi_za_Makedonija_04

Medal_za_zaslugi_01
Медал за заслуги за Македонија за македонистите Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер
Вторник, 19 Март 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги одликуваше со Медал за заслуги за Македонија, истакнатите научни работници, лингвисти и македонисти, Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер.

Волф Ошлис, професор, автор и преведувач на повеќе дела од врвни македонски автори е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Сојузна Република Германија, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија.

Виктор Фридман, еден од најпознатите и најактивните лингвисти со македонистичка ориентација, е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Соединетите Американски Држави, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави.

Американскиот лингвист, Кристина Крамер е одликувана со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Соединетите Американски Држави и Канада, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави и Канада.

Претседателот Иванов рече дека му претставува чест и должност што ги одликува овие истакнати македонисти со Медал за заслуги за Македонија, како израз на благодарност за сето она што тие го направиле и што допрва ќе го прават за македонскиот јазик.

Medal_za_zaslugi_03„Професорите Ошлис, Фридман и Крамер со децении пишуваат книги и научни статии, ги збогатуваат европските и светските лингвистички енциклопедии со одредници за македонскиот јазик. Низ децениите имало меѓународни славистички и балканистички конференции на кои тие биле можеби единствени бранители на вистината за македонскиот јазик. Борејќи се за македонскиот јазик, тие се борат за душата на македонскиот народ. И тоа го прават со силата на аргументите, без ниту еден миг да застранат од научната објективност и професионалната непристрасност", рече македонскиот претседател.

Професорот Ошлис изрази благодарност на целото македонско општество за големата чест што им се доделени Медали за заслуги за Македонија.

„Оригиналноста на македонскиот јазик се запознава според убавината на македонските народни песни. Македонски печалбари работеле од Виена преку Цариград, дури до Каиро и насекаде ги пееле своите македонски песни, верувајќи во духот и во душата на Македонците", рече Ошлис.

Medal_za_zaslugi_02

Medal_za_zaslugi_Makedonisti
„Медал за заслуги за Македонија“ за Пеев, Лекоски и Панкина
Вторник, 12 Март 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска додели Медал за заслуги за Македонија, на истакнатите научни работници лингвисти и македонисти, Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина.

Пензионираниот професор по Дијалектологија на македонскиот јазик на Филолошкиот факултет, Коста Пеев, е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување, со што даде значаен придонес за зачувувањето на дијалектите на македонскиот јазик и неговата поширока афирмација.

Стојан Лекоски, книжевен преведувач и библиограф, кој живее во Словачка, е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Република Словачка, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Словачка.

Олга Панкина, македонистка и преведувачка од Русија, е одликувана со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Руската Федерација, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација.

„Овие медали за заслуги за Македонија се израз на нашата благодарност кон Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина, за сето она што го направија за македонскиот јазик. Како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани и македонскиот народ, најискрено ви благодарам. Чувањето и творењето на македонски јазик е обврска кон минатото и влог во иднината. Чувари на тој јазик и тоа наследство се сите слависти и македонисти", рече претседателот Иванов на церемонијата на доделување на медалите.

„Секој од нас длабоко во својата душа го носи својот манастир. Во манастирот свети кандилцето на Св. Климент. Искрено, искрено посакувам пламенчето од кандилцето на Св. Климент никогаш да не згасне. На сите нас натаму нека ни го осветлува патот за создавање на нови дела, нови камчиња во мозаикот на нашата македонска култура", рече Стојан Лекоски, кој се обрати и во име на одликуваните.

Medal_za_hrabrost_1
Претседателот Иванов им врачи „Медал за храброст“ на четворица припадници на АРМ за несреќата кај Ласкарци
Петок, 01 Март 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов им врачи медали за храброст на четворица припадници на Армијата на Република Македонија, кои придонесоа за навременото укажување помош и извлекување на настраданите во сообраќајната несреќа што на 13 февруари се случи кај селото Ласкарци.

Претседателот Иванов ги одликуваше Семир Фета, Омер Емини, Бујамин Реџепи и Сељадин Саљихи со „Медал за храброст" за покажаната исклучителна храброст и пожртвуваност, кои со лично залагање како професионални војници и припадници на Армијата на Република Македонија придонеле за навремено укажување на помош и извлекување на настраданите во сообраќајната несреќа, што се случи кај селото Ласкарци, на патниот правец Скопје -Тетово.

Македонскиот претседател рече дека овие медали за храброст се симболичен начин со кој македонската држава и македонските граѓани ја изразуваат благодарноста. „Ја потврдивте верноста на Армијата кон македонските граѓани, спасивте човечки животи, и ја вративте надежта и вербата во добрината. Ја вративте вербата дека постои добрина во овој свет, и дека за таа добрина вреди да се бориме, секој ден и постојано", порача македонскиот претседател.

„Со вашата храброст, вие сте пример не само за другите припадници на македонската армија, туку и за целото македонско општество. На дело покажавте дека соживотот е всушност грижа за животот на другиот човек, независно од етничката, јазичната или верската припадност", рече претседателот Иванов на церемонијата на доделување на медалот за храброст.

Професионалниот војник Семир Фета, кој живее во селото Ласкарци, изрази голема благодарност до претседателот на државата за доделените медали. „Изразувам сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посакувам побрзо оздравување. Секој што би се нашол на местото би помогнал во овој случај", изјави Семир Фета по доделувањето на Медалот за храброст.

Medal_za_hrabrost_2

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 2 од 198