Средба со амбасадорот Клеменс Која, новиот шеф на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија
Вторник, 18 Септември 2018   

PRM_obce_01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Клеменс Која, новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија.

Претседателот Иванов, упати честитки до амбасадорот Која за неговото поставување на должноста, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, посакувајќи му успех во работата.

На средбата, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на македонските власти во повеќе сфери - владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка во области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживотот, во сферата на медиумите и слободата на изразување.

Во таа насока, македонскиот претседател изрази очекување дека Република Македонија и во иднина ќе ја продолжи соработката со ОБСЕ со цел поддржување на реформските процеси.

На средбата, беше разговарано и за актуелната политичка состојба во земјава и активностите на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во пресрет на претстојниот референдум. Македонскиот претседател изрази очекување дека набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР професионално ќе ја извршува својата задача во рамките на својот строго утврден мандат.

  Back<<Назад