Говори и обраќања
PRM29122016-rotator
Годишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Четврток, 29 Декември 2016


PRM29122016Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани претставници на медиумите,

Вообичаено моето годишно обраќање го имам во Собранието, кое сè уште не е конституирано. За да ја исполнам мојата уставна обврска, ќе ја искористам оваа можност за да ве информирам за прашањата од мојата надлежност. За ова обраќање и писмено ќе го известам Собранието.

Ги одбројуваме последните денови од 2016 година.
Ова беше година на светли јубилеи, кои беа затемнети од големи предизвици и на глобален и на домашен план.

Во ова мое обраќање нема да зборувам за заканата од илегална миграција со која успешно се справуваме. Само ќе констатирам дека многу држави во Европа беа благодарни за одговорното однесување на Македонија во справување со илегалната миграција. Похрабрите јавно ни оддадоа признание.

Австрија, Полска, Словачка, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска и Чешка дури и распоредија свои полициски сили на нашата јужна граница. Јавно им искажувам благодарност.

Нема да зборувам ниту за заканата од насилен екстремизам и ниту за активностите на вратените странски терористички борци, бидејќи сè што имаше да се каже е кажано.

Нема потреба да потсетувам дека на надворешно-политички план 2016 година беше најтешка година не само за Македонија, туку и за регионот, Европа и светот. Нема да ве информирам ниту за бројните регионални и глобални форуми на кои ги застапував интересите на Република Македонија.

Она за што сакам да зборувам е многу поважно за сите нас денес. А тоа е политичката криза што создаде амбиент на страв и на неизвесност.

Како што одминува 2016 година, многу граѓани се прашуваат во каква Македонија ќе се разбудат следната 2017 година.

Ќе ве потсетам дека пред четврт век како држава излеговме од еднопартиски монизам и влеговме во повеќепартиски плурализам. Но, се покажа дека, за жал, тоа се сведе на плурализам во сингулар. Наместо да го надминеме, ние како да го мултиплициравме едноумието. Наместо партиските да ги приспособат на државните интереси, некои од партиите ги сведоа државните на своите теснопартиски интереси. Поради ваквиот неодговорен однос на поединци, политичарите, а со тоа и политиката, го загубија доброто име.

Се заборави вистината дека, по дефиниција, да се биде политичар значи да се биде пристоен. А пристојноста подразбира трпение за да се сослуша соговорникот. Да се води дијалог и преку дијалог да се доаѓа до решение за сите предизвици во демократијата.
Денес, за жал, не можеме да зборуваме за трпение, а уште помалку за пристојност на македонската политичка сцена. Не можеме да зборуваме за пристоен дијалог.

Отфрлајќи го трпението, дозволивме нетрпеливоста да завладее со политиката. Преголемата партизација доведе до досега невидена поларизација на Македонија.

Личната нетрпеливост меѓу политичките лидери и елити се прелеа на целото македонско општество.

Наместо низ широката призма на соживотот и почитта, граѓаните почнаа да се гледаат низ тесната и ограничувачка призма на партиите и идеологиите. Имавме вишок од критицизам и недостиг од самокритичност. Новинарите, бизнисмените, уметниците, спортистите... станаа заложници на политичка криза во која секоја страна ги гледа грешките на противникот, но е слепа за сопствените грешки и пропусти.

Воедно, во изминатава година бевме сведоци на една запрепастувачка динамика. Наместо да се натпреваруваат со идеи и со програми, некои политички актери почнаа да се натпреваруваат најпрво со вербални обвинувања, потоа со навреди, па со кривични пријави, за на крај да завршат со недолично однесување. Се натпреваруваа во палење слики и народни канцеларии. Деновиве гледаме дека некои почнаа да лицитираат и со државните интереси.

Како дојдовме дотука?
На што се должи сево ова?
Длабоко сум уверен дека има две причини.
Првата е надворешна, а втората внатрешна.

Во 2008-та бевме на прагот за членство во НАТО. Во 2009-та ги добивме првиот позитивен извештај и препораката за почеток на преговорите со Европската Унија. Во такви услови, институциите одговорно и забрзано се реформираа, политичарите доброволно и пристојно комуницираа, а граѓаните живееја со очекување дека европската иднина им е на дофат.
И токму тогаш, во зенитот на нашите напори, очекувања и оптимизам, ние бевме разочарани.
Наместо датум за преговори, бевме блокирани.
Наместо членство во НАТО, бевме игнорирани.
Наместо да бидеме наградени, ние бевме казнети.

Од тогаш до денес, Македонија стана колекционер на позитивни европски извештаи и препораки и акциони планови за членство во НАТО.

На почетокот, причината за блокадите беше името на државата и идентитетот на граѓаните. Оваа причина, сама по себе, е апсурдна бидејќи идентитетот на човекот не подлежи на докажување. Идентитетот е аксиома со која се докажува сè друго. А, сепак, ние бевме натерани да го докажуваме недокажливото – нашето право на човечко достоинство. Да докажуваме дека постоиме и дека не сме безимен, едикојси народ.

Но, тоа не им беше доволно. Секоја одмината година нè тешеа и ни велеа дека набргу ќе станеме членка. Но, увидовме дека нивното „набргу" во случајот со Македонија не се мери со календар.
Наместо веднаш и неодложно да нè примат под привремената референца, тие неодговорно нè блокираа на неодредено време.

Малку ли понижување трпиме со таа некрофилска привремена референца?
Ако веќе имаат обврска да ни се обраќаат со таа привремена референца, тогаш, исто така, имаат обврска да ги почитуваат и Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кои го уредуваат начинот на зачленување на Република Македонија во меѓународните организации под истата таа референца.
Не бараме изговори и свесни сме за нашите пропусти. Но, исто така, свесни сме за пропустите и за неисполнетите обврски на НАТО и на Европската Унија кон Република Македонија.

Нашите партнери во Брисел зборуваат за владеење на правото во Македонија. Апсолутно се согласувам дека треба уште многу да работиме на ова поле.
Но, истовремено ги прашувам – ако ни забележувате за состојбата во судството, тогаш зошто не ни дозволувате да ги отвориме 23. и 24. поглавје за правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста?

Неодговорното однесување на НАТО и на Европската Унија кон Македонија неминовно се одрази на нашата внатрешна политика. Се изгуби реформскиот моментум, се затегнаа односите меѓу политичките партии и се намали трансформирачката моќ на Унијата. Последиците од блокадата станаа причина за нови блокади на Република Македонија.

Секој проблем што го игнорирате доволно долго, ќе се јави како симптом што ќе боли. Тука доаѓаме до втората, внатрешна причина за политичката криза.

Многупати повторив дека решението на кризата се наоѓа во институциите на државата. Нема вонинституционални решенија за прашања кои можат да се решат единствено по институционален пат.

Блокирани на патот кон стратегиските цели, ние влеговме во лавиринтот на кризите. Сакајќи да ја решаваат кризата надвор од институциите на државата, одредени неодговорни лидери почнаа да го заобиколуваат Собранието и да ги занемаруваат неговите контролни механизми. Наместо системски, тие решија да дејствуваат вонсистемски. Со заобиколувањето на институциите, влеговме во стапицата на Пржинскиот договор.

Имавме распуштено собрание, техничка влада за спроведување избори и прогласена кризна состојба. Безбедносните институции беа блокирани и парализирани со нарушен систем на команда произлезен од Пржинскиот договор. Постоеше висок ризик да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме како држава.

Овие состојби дополнително се комплицираа на почетокот на април 2016-та.

Имаше организирана кампања за одложување на изборите закажани во јуни.

На нашата јужна граница илјадници мигранти се обидуваа насилно да ја срушат заштитната ограда и повторно да го отворат балканскиот мигрантски коридор кон Европа.

Истовремено, на нашата северна граница упаднаа 40 насилни екстремисти и терористи со намера да извршуваат одмазднички терористички акти.

Постоеше и сè уште постои висок ризик од заканата од странските терористички борци кои се вратија од боиштата на Блискиот Исток.

За сето време, Специјалното јавно обвинителство е селективно и политизирано обвинителство кое наместо инструмент за правда, се сведе на инструмент за уцена на политичките противници. Потпишувајќи го законот за формирање на СЈО, јас не очекував селективност и политизираност во неговата работа.

Сето ова што ни се случуваше неминовно водеше кон граѓански конфликт.

Во такви сложени услови, како претседател на Република Македонија бев единствената институција со легитимитет и овластувања да носи одлуки. И, наместо да бидам пасивен набљудувач на отворен судир, понудив решение за кризата. Понудив помирување преку помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза.

Еден ден, кога ќе бидат декласифицирани сите документи, граѓаните ќе имаат целосен увид во состојбата поради која ја презедов таа мерка. Но, ќе кажам само дека во состојба во која беше доведена во прашање иднината на државата, помилувањето беше единствениот мирен начин да се замрзнат непријателските намери меѓу спротивставените страни и да се избегне анархија.

За таа моја одлука претрпев многу критики и обвинувања.

Ме обвинуваа дека со одлуката за помилувањата сум ги прекршил Уставот и законите. Но, не само што со одлуката не ги прекршив Уставот и законите, туку ги скршив црните сценарија насочени против Македонија.

Ме обвинуваа дека сум го помилувал криминалот во Македонија. Но, помилувањата воопшто не вклучуваа запирање на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот. Ако некој крадел, ќе мора да го врати украденото и да плати за стореното.

Владеењето на правото подразбира дека сите луѓе, почнувајќи од мене, независно од нивната етничка, религиска, политичка и социјална припадност, независно дали се на власт или во опозиција, се еднакви пред словото на законот. За такво владеење на правото се залагам. За тоа и го потпишав Законот за формирање на СЈО. Бидејќи, без сузбивање на криминалот и на корупцијата, не можеме да градиме иднина за Република Македонија.

Ме обвинуваа дека сум сакал да ги заштитам неодговорните политичари.
Но, со помилувањата сакав да постигнам само помирување.

Сепак, таквиот начин на решавањето на политичката криза не беше прифатено од дел од јавноста и штом се создадоа законски услови за тоа, ги повлеков дадените помилувања.

Откако ризикот се намали и непосредните закани нè одминаа, лидерите на партиите повторно седнаа и се договорија за предвремени парламентарни избори.

Конечно, на 11 декември имавме слободни, фер и демократски избори.

На изборите граѓаните си го кажаа своето.
Со тоа што го искористија своето демократско право и покажаа највисоко ниво на одговорност, граѓаните придонесоа кон тоа да се види крај на кризата.

Граѓаните разбраа дека за да се излезе од кризата не е потребно надгласување, туку усогласување, не е потребно уценување, туку помирување.

Со распределбата на своите гласови, граѓаните всушност ги принудија партиите да водат дијалог во институциите, но не по цена на државните интереси.

Граѓаните најодговорно си го исполнија својот дел од договорот наречен демократија и за тоа им честитам.

Драги сограѓани,

Изборите завршија. Заврши и прегласувањето и пребројувањето. Во постизборниот период, сакам да го соопштам мојот став во однос на неколку прашања.

Сè уште слушам како одредени лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и со идентитетот на граѓаните. Тие лицитираат со државните интереси.

Ќе ги потсетам дека Македонија во 1991 година се конституира како национална држава на македонскиот народ, во кој се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија.

Точно е дека пред 15 години со Охридскиот рамковен договор го дополнивме нашиот инклузивен демократски модел. Отворивме врата за правична застапеност на граѓаните од сите, не само за една заедница. Ќе повторам – сите, а не само една.

Мојот став е повеќе од јасен.

Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава.
Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава.

Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите.

Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија.

Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање реална статистика е пописот. Последниот попис во Македонија беше пред цели 14 години. Тоа е предолг период за која било држава. Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката.

Очекувам новата влада што поскоро да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари.

Им порачувам дека е неодговорно да се бараат права без да се преземаат обврски, точно онака како што е наведено во амандманот 4 од Уставот на Република Македонија.

А обврска и одговорност на секој граѓанин на Македонија, независно од етничката, верската, јазичната и идеолошката припадност, е да се грижи за доброто на оваа наша единствена заедничка татковина – Република Македонија.

Недозволиво е некои лидери на парламентарни партии на преговарачка маса да ги ставаат државните интереси на Република Македонија, спротивно на Уставот на Република Македонија.

Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават.
Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во нивните постизборни комбинаторики да разговараат или да преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на македонскиот народ. Бидејќи за државните интереси ниту се разговара, ниту се преговара.

Никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентитет.
Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа се слободата и независноста на Република Македонија.
Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава.
Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде федерална држава.
Република Македонија е унитарна држава со мултуетничко, мултирелигиско и мултијазично општество.

Почитувани сограѓани,

Денес, кога зад себе ја оставаме годината на четвртвековниот јубилеј од независноста, наместо во посилна и во посплотена, ние живееме во слаба и во раскарана Македонија. Раскарана по секоја можна основа.

Сè започна со блокадите, кои создадоа поделби, и поделбите кои родија реваншизам.

Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале.

Затоа, го повикувам лидерството на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да смогнат сила за да си простат, да се помират и конечно да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Република Македонија.

Ако навистина ја сакаат оваа држава и ако навистина се грижат за македонскиот народ, ги повикувам да ја почитуваат волјата на граѓаните бидејќи во омразата никој нема ниту иднина, ниту надеж.

Ги повикувам на национално помирување. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни и подготвени за сите можни предизвици на нашето време.

Затоа, очекувам од новата влада во својата програма да има два клучни приоритета:

Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата.

Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

Овие приоритети се неопходни, пред сè, поради бројните закани со кои се соочуваме и поради внатрешните слабости кои ги имаме. Последиците од конфликтите во регионот на Северна Африка и на Блискиот Исток, илегалната миграција, активностите на странските терористички борци и на нивните поддржувачи, транснационалните криминални мрежи, насилниот екстремизам, радикализам и интересите на разни центри на моќ, влијаат врз поларизација на македонското општество.
Тие можат да предизвикаат идни внатреетнички, меѓуетнички и меѓурелигиски тензии во Македонија. Постои навистина висок ризик за внатрешната безбедност од надворешните закани со кои се соочуваме. Не само ние, туку и целиот наш регион, цела Европа.

Поради ваквиот сооднос меѓу надворешните закани и внатрешните слабости, неопходни се таквите системски реформи.

Разузнавањето, Армијата на Република Македонија, граничната полиција, службите за спроведување на законите и Обвинителството мора да се трансформираат за да ја заштитат националната безбедност на државата, во согласност со промените на предизвиците и заканите со кои се соочуваме.

Веќе 15 месеци сме во прогласена кризна состојба за заканата од илегалната миграција. Таа кризна состојба ќе продолжи и понатаму. Затоа, не смееме да дозволиме по изборите политичката криза да прерасне во институционална криза.

Драги сограѓани,

Најголемиот предизвик за нас не е да знаеме која е нашата цел и каде сакаме да одиме. Тоа го знаеме од почетокот на независноста, а тоа е европска и евроатлантска Република Македонија. Најголемиот предизвик е да знаеме што сме подготвени да оставиме зад нас за да стигнеме таму каде што сакаме.

Длабоко верувам дека две нешта нè влечат назад. Првото нешто се поделбите, како последици од блокадите. Второто нешто е реваншизмот како последица од поделбите. Ве повикувам зад нас да ги оставиме и поделбите и реваншизмот. Знам дека по сето она што се кажа и што се направи досега, ова е многу тешка одлука, затоа што треба да си простиме за некои многу тешки зборови, навреди, клевети и дела. Треба да си ги признаеме и сопствените грешки и пропусти. Ова е тешка одлука бидејќи бара понизност, што е одлика само на големи, доблесни и одговорни луѓе. Без таква одлука со која конечно ќе се одречеме од поделбите и реваншизмот, ние не можеме да се надеваме на просперитет и на успех.

Затоа, ве повикувам да престанеме со реториката на патриоти и предавници.
Да престанеме бидејќи со секој збор и навреда ја продлабочуваме поделбата во нашето општество. Со секој збор и навреда, на нашите потомци во наследство им оставаме само кавги и поделби.
Да престанат и нападите кон дипломатските претставници.
Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите.
Одредени политички лидери да престанат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија за да остваруваат свои цели. Истовремено, го повторувам и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат на нивните постапки и реторика и да се придржуваат до Виенските конвенции.

Но, за да го направиме тој чекор за помирување, неопходна е одговорност.

„Одговорноста го воспоставува идентитетот, но ние не сме одговорни поради нашиот идентитет; наместо тоа ние имаме идентитет затоа што сме одговорни," рече Вацлав Хавел.
Одговорноста е темел на довербата меѓу луѓето и институциите, бидејќи секој кој носи одлуки мора да преземе лична одговорност за своите чекори.

Таму каде што има лична одговорност има и предвидливост, структура, потенцијал за раст. Само одговорноста создава услови за безбедност, стабилност и напредок.

Одговорноста, пак, не лебди во воздух. Таа мора да биде дел од политичката култура. Секој народ, секоја држава, секоја институција има своја култура на функционирање. Културата може да се сведе на она што, по некоја случајност и без длабоко размислување е спонтано создадено, или на она што внимателно е осмислено и создадено. И додека првото е спонтано, но и подложно на разно-разни влијанија, второто е смислено и отпорно на штетни влијанија. Политичката криза покажа дека, за жал, во Македонија доминира културата на неодговорност.

Точно е дека разликата меѓу големите и малите држави се состои во тоа што големите држави сами си ги решаваат проблемите. Но, големината на една држава се состои и во силните институции коишто одговорно си ги извршуваат своите надлежности. А одговорни институции се невозможни без одговорни поединци бидејќи само одговорни поединци создаваат одговорни институции.

Кога на институциите им е дозволено да си ја работат својата работа, тие функционираат професионално и даваат решенија за предизвиците со кои се соочуваме.
Сетете се на професионализмот на безбедносните институции во менаџирањето со мигрантската криза.
Сетете се на нашата армија, полиција, на безбедносните сили кои професионално и одговорно ги чуваат не само нашите граници, туку и границите на Европа.
Сетете се на нашата армија која секогаш и секаде им помагала на граѓаните во справувањето со елементарните непогоди и катастрофи.
За сè што направи, македонската армија заслужува почит, благодарност и признание.

Но, исто така, важи и спротивното. Кога институциите се заобиколувани, блокирани и парализирани, наместо да се дел од решението, тие стануваат дел од проблемот. Се надевам дека лидерите конечно ја научија лекцијата – дека не треба да се бараат решенија надвор од институциите на државата. Затоа, повикувам, по којзнае кој пат да им ја вратиме моќта на институциите.

Денес мора да бидеме одговорни, за утре да можеме да бидеме отчетни.

Почитувани сограѓани,

Не случајно во моево обраќање постојано зборувам за одговорност наспроти неодговорност. Бидејќи цврсто верувам дека, повеќе од кога и да било порано, иднината на Македонија зависи само од еден збор – одговорност. И тоа не општа и безлична, туку конкретна и лична одговорност.

Оставајќи го зад себе 25-годишниот јубилеј од независноста на Република Македонија, ги повикувам 6-те лидери на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатлантска Македонија.
Ги повикувам што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на европската и евроатлантската агенда.
Ги повикувам да се обврзат дека сите закони и решенија од европската агенда ќе имаат приоритет, се додека довербата на граѓаните во Европската Унија и НАТО е толку висока.

Но, истовремено, ја повикувам Европската Унија да престане да ја блокира нашата иднина. Блокадата не е ништо друго освен казна за македонските граѓани. Со блокирањето на преговорите се блокира можноста за градење одговорни, европски институции во Република Македонија.
Со блокадите, нам ни се ускратува правото на просперитет.
Повторувам, со блокадите ни се ускратува правото на просперитет.
Затоа, време е за поголема одговорност на Унијата кон Македонија.

Драги сограѓани,

Најсветли моменти во историјата на човештвото се моментите кога луѓето храбро и одговорно чекорат кон решавање на предизвиците.

Иднината на Македонија не зависи само од нашите желби, проекции, планови и програми, туку и од нашите конкретни чекори. Што ќе направиме сега ќе влијае не само на нашето утре, туку и на илјадници утра на идните генерации.

Вие, граѓаните на Македонија, на својот грб ги почувствувавте меѓупартиските препукувања. Се изнагледавте сцени кои не и прилегаат на држава со 25-годишно демократско искуство. Се изнаслушавте отровна реторика. Бевте сведоци на обиди за делегитимизација на државните институции преку решавање на проблемите во амбасадите на странските држави.
Вие, граѓаните на Македонија ја видовте опасноста од поделбите и од провалијата на реваншизмот, што ги доведува во прашање дури и државните интереси.

Затоа, додека не е доцна, повикувам на простување, помирување и сплотување околу државните интереси.
Повикувам, конечно, одлуките за Македонија да ги носиме во институциите што сами ги создадовме, преку претставниците што сами ги избравме.
Повикувам на одговорно однесување. А одговорноста се гради преку јавност и транспарентност. Граѓаните треба да бидат врвниот контролор на одговорноста на лидерите, политичарите, институциите. Бидејќи сите постојат заради граѓаните.

Само така ќе ја градиме Република Македонија како држава во која наместо поединци ќе владее правото, во која ќе се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и рамноправноста.

Држава што ќе обезбеди мир и соживот меѓу своите граѓани, независно од етничката, верската и јазичната припадност. Држава што ќе обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.

Како претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили се повикувам на мојата одговорност дека ќе го правам она за што положив свечена заклетва.

Ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици, закани и ризици. Ќе ги бранам Уставот и уставниот поредок на Република Македонија.
И не помислувам да отстапам од тоа.

Ви благодарам.

narodna_tehnika
Обраќање на церемонија за доделување на признанието „Повелба на Република Македонија" на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија ‒ Народна техника на Република Македонија
Петок, 16 Декември 2016

Почитувани членови на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија ‒ Народна техника на Република Македонија,
Драги гости,
Дами и господа,

2016-та е година на јубилеји. Годинава се потсетуваме на сите институциите и организации кои со својата многудецениска работа ги градеа и развиваа капацитетите што ни овозможија пред 25 години да станеме независна и суверена држава.

Меѓу бројните славенички организации и институции една има уникатно место. Тоа е Народната техника на Република Македонија. Некој ќе праша во што се состои уникатната природа на оваа организација? Зошто Народна техника е поразлична од другите? Зарем ова не е само едно здружение на аматери?

Ќе почнам од последното прашање. Зборот аматер денес нема толку позитивно значење. Но, оригиналниот, латински зборот amator значи вљубеник. Во таа, оригинална и вистинска смисла на зборот, Народна техника е здружение на вљубеници во техничките и применетите науки.

Како таква, Народна техника е центар за сестрани луѓе кои се подготвени да ги развиваат своите многубројни технички таленти и дарови. Ова е место за луѓе кои излегуваат од шаблоните на тесната струка и професија, и се подготвени да зачекорат во фасцинантната авантура на техниката.

Затоа, како Претседател на Република Македонија, но и како технофил, чест ми е да бидам покровител на прославата на седум деценискиот јубилеј од основањето на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија ‒ Народна техника на Република.

Дами и господа,

Техничката култура е неизоставен дел од севкупната култура и е клучен елемент за развојот на секој поединец.

Уште од антиката, образованието подразбирало три стадиуми. Во првиот стадиум човек треба да на научи две нешта - гимнастика како вештина на телото и музика, како храна на душата. Штом ќе ги совлада овие две дисциплини, човек се стекнува со мнение – doxa. Вториот стадиум низ кој минувале младите е tehna, односно учење техничките вештини. Дури откако ќе ги совлада овие вештини, младиот човек продолжува кон третиот стадиум на образованието – paideia. Тогаш станува свој човек.

Народна техника е дел од вториот, клучен стадиум на човековото образование. Како најорганизирана форма за техничко воспитување и образование, Народна техника придонесува за зголемување на интересот на младите за креативноста и иновативноста на техничкото творештво. Оттука сите активности кои на ова поле ги спроведува Народна техника имаат огромно значење за образованието, културата, но и воопшто за развојот на нашето општество и како такви придонесуваат за доближување на Република Македонија кон најновите текови и достигнувања во европски и светски рамки.

Доволно е да ја погледнеме импресивната листата на активности, натпревари, конкурси, инцијативи, програмски содржини, иницирани и реализирани од Сојузот. Особено е импресивен бројот на учесници кои во изминатите седум децении биле дел од наведените активности. Како гостин на дел од овие манифестации имав можност лично да се уверам во ентузијазмот и посветеноста на младите излагачи чија креативност и вештина заслужуваат највисоки оценки.

Драги пријатели,

Живееме во време кога техничко-технолошките иновации го движат и обликуваат светот, кога научната фантастика станува фантастична наука. Не само што треба да бидеме во чекор со новото време туку преку сопствената креативност, интелигенција и љубопитност, но и пожртвувана работа и огромен труд да бидеме креатори на развојот и иновациите.

Верувам дека Повелбата на Република Македонија е соодветно признание и чин на благодарност за илјадниците ученици, наставници, ентузијасти, волонтери и аматери кои се вградија во седумте децении постоење на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија ‒ Народна техника на Република Македонија. Тие беа, се и понатаму ќе бидат ударна сила на Народна техника.

Повелбата е и дополнителен поттик за поголема ревност што секако ќе донесе уште поголеми постигнувања. Не се сомневам дека и понатаму вашите членови ќе се закитуваат со медали и признанија на најпрестижните меѓународни натпревари и достојно ќе ја претставуваат Република Македонија.

Исто така сум убеден дека и понатаму од вашите членови ќе произлегуваат истакнати академици, професори, инженери кои со својата креативност и умешност ќе бидат подвижници на развојот и напредокот на нашата татковина.

Во оваа пригода би сакал и да ја потврдам мојата лична, но и поддршката на македонските институции на вашата дејност и работа. Како и досега така и во иднина со задоволство ќе ги следиме, помагаме и промовираме вашите достигнувања и постигнувања.

На крајот од моево обраќање би сакал од сè срце да ви посакам уште многу и многу години плодна и успешна работа. Ја користам можноста да ви посакам и многу здравје, среќа и успех во новата 2017 година.

Ви благодарам.
01

SvKliment
Обраќање на свечената академија по повод државниот празник 8 декември – „Св. Климент Охридски“
Среда, 07 Декември 2016


svecena_akademija_9Почитувани граѓани на Република Македонија,


Ценети присутни,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Меѓу бројните поуки, слова и житија што ни ги остави Климент Охридски, прва е општата поука за апостол, маченик или светител. Упатувајќи нè како да ги славиме празниците на светиите, Климент нè поучува дека ние, пред сè, треба да се угледаме на нивната чистота, на нивниот добар живот и на нивното угодување на Бога.

Како скромен, пожртвуван и понизен човек, тој сигурно не ја напишал оваа поука за себе. Пишувајќи ја, тој пред очите на своето срце ги имал сите големи луѓе на верата на кои и самиот тој се угледувал. Климент не ни сонувал дека еден ден, благодарниот народ ќе ја примени неговата поука за да го празнува токму него.

Но, со што Климент Охридски заслужи ние денес да го примениме неговото слово за него самиот?

Кои се неговите дела со кои нè задолжил толку многу?

Секое дело можеме да го споредиме со пченично зрно. Зрното може да се изеде и краткорочно да нè засити или да се засади и преку плодот долгорочно да нè храни. Но, семето ќе дава добар плод, само ако падне на плодна почва, наводнувана од чистиот извор на животворна вода.

Како и семето, така и делото да продолжи и да даде богат плод, неопходни се две нешта.

Прво, неопходно е да се остави писмена трага или завет што ќе ги содржи основните начела, вредности и принципи на делото. Ваквата писмена трага е еден вид  карта што треба да им помогне на следбениците да останат на вистинскиот пат.

Второ, неопходно е да се вложува во следната генерација следбеници на патот.

Зошто ова e важно? Ако имаме писмо или завет, но немаме нова генерација, тоа писмо ќе заврши на трошните полици во некоја прашлива библиотека.

Ако, пак имаме ученици, но без писмена трага, без карта во рацетe, тие многу лесно можат да скршнат од зацртаниот пат и да се изгубат во некој темен лавиринт на бесперспективност, а изворната порака да се изврти во нејзината спротивност. Само кога овие два принципa ќе се спојат во едно, можеме да очекуваме делото да продолжи да се шири и тоа со експоненцијален раст. Од едно зрно, десет, од десет, сто...

Свесно или не, светите Кирил и Методиј го примениле токму овој принцип во проширувањето на своето дело. Тие составија азбука и ја препеаја Библијата на старословенски јазик. Тоа е писмениот траг, заветот, картата. Но, истовремено, тие создадоа генерација посветени ученици, меѓу кои и Климент Охридски, за истрајно да продолжат по нивниот пат.

Оваа втора генерација ученици, преку Охридската книжевна школа, образуваа трета генерација од 3500 ученици.

А тие 3500 ученици се распрснаа низ целиот словенски свет каде описменија и покрстија милиони луѓе. Со тоа, тие придонесоа за просветно, духовно и морално издигнување на словенските народи.

Во текот на оваа 2016 година имавме единствена можност да се потсетиме на ова големо духовно, образовно и културно патешествие на Словенството и тоа преку животот и делото на нашиот голем народен учител – св. Климент Охридски.

svecena_akademija_2Дами и господа,

Како претседател на Република Македонија ја имав честа да бидам покровител на свеченостите на кои се сеќававме на св. Климент. Годината беше збогатена со бројни свечени академии, конференции, конкурси, концерти и изложби со кои достојно се одбележа споменот на големиот народен светител и просветител.

На овие свечени настани се потсетивме дека Македонија е библиска земја, преку која христијанството дојде во Европа.

Земја по која чекореле апостолите, земја од која произлегле бројни црковни отци, мислители и служители на раната црква, чиј глас се слушал надалеку и чии дела биле пример за многумина.

Зборувавме за нашите цркви и манастири кои се преполни со фреските на македонските светители и маченици, чии животни приказни биле охрабрување за многумина.

Се присетивме на нашите духовни центри кои со векови биле засолниште за прогонетите, дом на бездомните, извор за жедните и храна за гладните.

Бевме присутни во нашата духовна и културна престолнина – Охрид, во која некогаш имало дури 365 цркви, по една за секој ден од годината. Тоа било седиштето и на Охридската книжевна школа чии ученици станаа учители на целиот словенски свет!

Затоа и се нарекуваме прв христијански народ во Европа!

Затоа и нè сметале за учители на Словенството и  за просветители на непросветените!

Имаме неверојатно богато духовно и културно наследство со кое ретко кој народ може да се пофали.

Но, колку е поголемо нашето наследство, толку  е поголема  нашата одговорност.

Колку повеќе ни е пренесено од предците, толку повеќе треба да им оставиме на потомците.

Колку повеќе имаме, толку повеќе се очекува од нас.

А имаме многу, благодарение и на св. Климент.

Како проповедник и педагог, тој кај народот создал жед за вистината, ја утврдил верата и ги развил навиките на срцето. Ги охрабрувал да отфрлат од себе секаква злоба, јарост, гнев, клевета, користољубие и срамни дела, и да ги возљубат мирот, кроткоста, трезвеноста, љубовта кон сиромасите, гостопримството, постот, чистотата. Ги охрабрувал да си помагаат еден на друг... да пројават ревност кон добрите дела, братољубието, воздржаноста.

На едно место тој вели: „Да се обновиме со добрина и со чистота, и животот да ни биде достоен по светост, а не само по име да се нарекуваме христијани! Откако ќе се оддадеме на духовен подвиг, еден друг да се натпреваруваме во добрина..."

Ова се само дел од бројните светиклиментови учења што метафорично сме ги примиле преку мајчиното млеко и преку навиките што ни ги всадиле нашите родители. Тоа се учења кои се пренесувале од постари на помлади, од учители на ученици. Трпеливоста, истрајноста, добрината, гостопримството и другите навики на срцето кај нас опстанале повеќе од еден милениум. А, тие навики на срцето се она што го прави народот она што е. Ретки се луѓето како Климент кои продолжиле да живеат преку карактерот што го всадиле кај народот.

Св. Климент Охридски е втемелувач и на нашиот јазик, кој заедно со верата ни даде творечка слобода тогаш кога бевме политички поробени. Ни даде духовна сила, тогаш кога како народ бевме физички слаби и незаштитени.

Кога сме биле делени, поробувани и прогонувани, она што нè зачувало бил македонскиот јазик. Затоа и се вели дека македонскиот јазик е нашата единствена комплетна татковина која ја носиме со нас и во нас, каде и да се наоѓаме – во ропство или во слобода, во родниот крај или во туѓина. Како инструмент на вистината, јазикот ни помагал да се заштитиме од лагите на пропагандите кои имале за цел да нè раскараат, асимилираат и денационализираат.

А како ние, гордите наследници на св. Климент се однесуваме со она што ни е оставено?

Не можам, а да не забележам дека зборовите кои уште од времето на Климента служеле за меѓусебно охрабрување и надградување, како да го изгубија значењето. Јазикот како наша комплетна татковина се наоѓа во сериозна криза.

Стеблото што пред повеќе од еден милениум го засадија нашите учители, и од кое се хранеле многу генерации, денес како да стои неопкопано, неполеано, незакроено... А, тоа стебло е нашето богатство од минатото. Но, и покрај тоа богатство, комуницирајќи со погрешни зборови и вредности, ние денес како да тонеме во бедата на сериозно нарушените меѓучовечки односи.

Го празнуваме денот на нашиот голем учител, но ги погазуваме неговите поуки. Го славиме неговото дело со нашите зборови, а го негираме со нашите дела.

Се нарекуваме учители на Словенството, а се доведовме во тажната состојба други да ни делат лекции.

Како народ и општество, скршнавме од зацртаниот пат и залутавме во лавиринтот на бесперспективноста.

Како на нас да се остварува претскажаното дека првите ќе бидат последни, а последните први.

svecena_akademija_15Дами и господа,

Секоја година се избира зборот што најдобро ја отсликува состојбата во светот. 2016-та ја одбележи зборот „пост-вистина". Тоа не значи дека вистината веќе не постои, туку дека таа веќе не е толку значајна. Сведоци сме на замаглување на просторот меѓу информацијата и манипулацијата, бидејќи сега и со информацијата се манипулира.

Во вакви услови, сè повеќе луѓе се сомневаат во постоењето на објективната вистина. А, без вистината што ќе ги води во животот, луѓето се осудени да живеат лажни животи.

Оваа загрижувачка глобална состојба неминовно се одразува и кај нас во Македонија. Некои од нашите печатени и електронски медиуми и социјални мрежи многу често изобилуваат со лаги, извртувања и сензационализам, особено за време на политичката криза и за предизборната кампања. Во нашите дебатни емисии има повеќе надвикување отколку убедување, повеќе монолози отколку дијалози. Да се бориш со вака конструираните перцепции и наметнатите предрасуди е како да се обидуваш да исковаш жива. Во време кога отровниот сомнеж е спуштен врз македонското општество, граѓаните ги фаќа вртоглавица од разно-разните интерпретации и манипулации.

Точно е дека за време на изборите секој избирачки глас е важен. Но, како што рекол и св. Климент Охридски: „Каква полза има човек ако го придобие целиот свет, а ја загуби својата душа?" Бидејќи, секоја лага, клевета и навреда не е ништо друго освен семе на лична и колективна омраза и нетрпеливост. А, токму нетрпеливоста придонесе за продлабочување на оваа длабока политичка криза.

Затоа, повикувам предвремените парламентарни избори да ги завршиме достоинствено, онака како што ѝ доликува на држава со 25-годишно демократско искуство. Досега многупати покажавме дека имаме институционален и демократски капацитет за да организираме и да спроведеме фер и демократски избори.

Затоа, во овие последни денови, во овие последни часови на предизборието, ги повикувам сите политички партии, и од власта и од опозицијата, на одговорно однесување.

Само со одговорно однесување ќе се создаде атмосфера во која граѓаните со сигурност ќе знаат дека секој нивен глас навистина вреди.

Само со одговорно однесување ќе се охрабрат граѓаните да излезат и да го дадат својот глас за програмата и за партијата на која вистински ѝ веруваат.

Само со одговорно однесување ќе има услови едногласно да биде признаена и поздравена волјата на народот.

Само со одговорно однесување на 11 декември ќе го означиме крајот на политичката криза и почетокот на националното помирување во Република Македонија. А помирувањето ни е потребно повеќе од кога и да било порано.

Нема друг пат кон остварувањето на државните интереси освен преку национално помирување.

Нема друг пат кон иднината на младите во Македонија освен преку национално помирување.

Нема друг пат, освен патот на помирувањето.

Дами и господа,

Чествувањето на св. Климент и 25-годишнината од независноста на Македонија е можност за катарза и за прочистување на македонското општество од сета нетрпеливост што се напласти во изминатиот четврт век.

Затоа, да ја искористиме оваа можност за повторно да ја осознаеме убавината и радоста на животот. Да ја оставиме зад нас нетрпеливоста и омразата од минатото. Да се сосредоточиме на сегашноста и на иднината на нашите деца.

Но, треба да знаеме дека кога ќе зачекориме по патот на помирувањето, неминовно ќе се соочиме со две пречки што сами си ги поставивме на патот.

Првата пречка за да тргнеме напред кон подобар живот е вишокот на критицизам.

Втората пречка е недостатокот на самокритичност.

За да ги надминеме овие две пречки, треба да се сетиме на заборавените лекции од св. Климент. Во нив ќе најдеме дека лекот за критицизмот е охрабрувањето, а за некритичноста и самоправедноста е понизноста.

Св. Климент најверојатно би бил восхитен од капацитетите и можностите на нашето образование, но не и од нивото на нашето воспитание.

Тој би бил фасциниран од самодовербата, храброста и социјалниот активизам на младите, но, би ги советувал да го канализираат огромниот потенцијал на нивната генерација за достигнување на трајните вредности, наместо минливите виртуелни илузии. Илузии што ги ограбуваат од неповратното време.

svecena_akademija_8Би нè потсетил дека традицијата е живата вера на мртвите, додека традиционализмот е мртвата вера на живите. Би укажал дека улогата на црквата е да им помогне на луѓето да го отфрлат залажувачкиот традиционализам и да ја прегрнат вистинската, животворна традиција.

Би нè молел да престанеме да се делиме и да се отуѓуваме. Бидејќи тоа е луксуз што ниту многу поголеми, побројни и помоќни нации не можат да си го дозволат.

Иако нè грее истото сонце, иако го дишеме истиот воздух, иако живееме на истата македонска земја, ние ги доживуваме политичките противници како непријатели. Не трпиме мислење различно од нашето. Исклучивоста завладеа во нашите односи.

Време е зад нас да ги оставиме поделбите и да се сплотиме за конечно да заживееме во мир, напредок и благосостојба.

Но, тука има еден парадокс. Имено, најдобриот начин за да одиме напред кон целта е да се вратиме назад кон патот од којшто скршнавме. Тоа е патот што пред повеќе од еден милениум ни го покажал токму св. Климент Охридски. А еден патоказ што може да ни помогне е скриен токму во неговото име – Климент односно Clementia, што на латински значи милост.


Св. Климент Охридски своето духовно име го добил во 868-та година од римскиот папа Адријан II, во чест на св. Климент Римски, чии мошти ги донеле неговите учители, св. Кирил и Методиј во Рим.

Св. Климент Охридски инсистира на милоста во речиси секое негово послание, вклучително и во поуката со која го започнав моето обраќање. Во неа, тој нè потсетува дека милоста е единствената жртва прифатлива за Бога.

Зошто е важна милоста? Милоста ќе ни помогне да се помириме, да се сплотиме и заедно да ги исцелиме раните што си ги нанесовме во изминатите две и пол децении.

Милоста кон нашите ближни, нашите соседи, но и кон нашите противници ќе ни помогне да изградиме праведно македонско општество, кое се потпира врз две вредности - мирот како грижа за добросостојбата и достоинството на граѓаните, и вистината како предуслов за правдата.

Драги пријатели,

Во писмените записи и учења на св. Климент ние ја имаме картата со која можеме да стигнеме до целта. Но, за да го продолжиме делото, потребно е да вложуваме и во младите.

Вацлав Хавел еднаш рече дека единствената политика што е достојна да се нарекува политика се фокусира на служење на заедницата и на оние кои ќе дојдат по нас. Одговорноста на нашата генерација е да вложува во наредната генерација која ќе продолжи по зацртаниот пат, и ќе ги жнее плодовите на делото што беше засадено пред повеќе од еден милениум. Само следејќи ја оваа вистина, тие ќе имаа живот во полнота.

Свети Клименте, бескрајно ти благодариме.
svecena_akademija_28 

FMU
Обраќање по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на Факултетот за музичка уметност - Скопје
Вторник, 06 Декември 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги гости,

„Некои сметаат дека музичкото образование е привилегија, но јас верувам дека тоа е есенцијално за да се биде човек", рече американската пејачка, актерка и поетеса Џул Килчер.

Нашето музичко образование започнува неформално, во нашиот дом, меѓу нашите најблиски преку мелодиите со кои растеме додека се формираме како личности. Преку училишните установи продолжува во формално образование. Оние најпосветените и најталентираните завршуваат на факултетите за музичка уметност.

Токму денес имаме несекојдневна можност да му доделиме Орден за заслуги за Македонија на првиот и најстариот Факултет за музичка уметност од Скопје и тоа на неговиот 50-годишен јубилеј.

Орденот го доделуваме во знак на благодарност за сето постигнато во облагородувањето на нашата реалност и во поттикнувањето на нашата човечност. Во изминатите пет децении, од оваа значајна институција излегоа врвни музички имиња кои ја претставуваат Република Македонија на најпознатите светски музички сцени.

Драги пријатели,

Како неизоставен дел од нашите животи, музиката има улога да нè облагородува, расположува, зближува. За жал, сведоци сме дека во последните години популарната музика сè почесто е исполнета со тежок звук, шунд и евтини рефрени.

Како никогаш досега музичкото образование е важно за градењето на едно здраво и хумано општество. Тоа образование не зависи само од образовните институции, туку и од медиумите, од концертите и фестивалите кои ги организираме, зависи од она што го пуштаме во нашиот дом, на нашите веселби и прослави.

Затоа, како институции и поединци треба особено да внимаваме со што ги образоваме нашите најмлади, што им нудиме на нашите граѓани. Мора да ја негуваме, да ја афирмираме и да ја почитуваме нашата музика. Богатството на нашиот музички фолклор и квалитетната музичка продукција не смеат да бидат само дел од архив и од историја, туку жива култура постојано присутна во нашето секојдневие.

Нашиот народ вели „кој пее, зло не мисли". Познати сме по нашите песни и игри. Песната и музиката отсекогаш биле дел од битисувањето на народот на Македонија, и во добро и во лошо, во среќа и во тага, во делник и во празник. Во годинава кога имавме навистина многу јубилеи, вклучително и четврт век независност, но и кога имавме политичка криза, ајде конечно да ги оставиме тажните песни зад нас.

Да почнеме да се радуваме и да живееме исполнети со надеж, верба и љубов. Нека постојано нè следи убавата музика и нека ни ги врати ведрината и оптимизмот.

Во таа смисла, на самиот крај, уверен сум дека овој орден ќе биде поттик за натамошно успешно развивање на музичкото образование и за афирмација на македонското музичко творештво и на македонските музичари.

Ви посакувам уште многу години посветена и успешна работа.

Ви благодарам.

uclo0
Обраќање на претседателот Иванов на свечената академија по повод патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола
Петок, 02 Декември 2016

Почитуван ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола,

Ценети професори и студенти,

Дами и господа,

На денешен ден, 2 декември 1986 година, пред точно триесет години, за првпат започна да се одбележува Меѓународниот ден на укинување на ропството. Но, ропството може да биде физичко и духовно. Човековото тело може да биде во окови, а неговиот дух да биде слободен. Иако, низ вековите ние во Македонија сме биле физички и политички поробени, сепак, сме ја зачувале духовната слобода. Таа слобода ја зачнаа нашите просветители и ја утврдија нашите преродбеници. Денеска се сеќаваме на најголемиот од нив – св. Климент Охридски.

Речиси нема град во Македонија во кој нема институција, улица, црква или барем паметник со неговото име. Вториот најстар универзитет во Република Македонија – „Универзитетот Св. Климент Охридски“ во Битола го носи името на основоположникот на првиот словенски универзитет.

Но, за да го разбереме делото на св. Климент Охридски, мора да го разбереме неговото време, а тоа е првиот милиениум.

 

Првиот милениум започна со зенитот на Римската Империја во времето на Октавијан Август, а заврши со зенитот на Византиската Империја во времето на Василиј II. За помалку од три века, паганската се преобрази во христијанска империја. Христијанството, од прогонувана, стана официјална религија. Истовремено, обединетата Европа почна да се дели. Исламот, од Истокот се прошири и кон Западот. Големата преселба на народите ја сруши Римската и ја трансформирше Византиската Империја. Од првиот, моќта со сите нејзини атрибути се пресели во вториот Рим – во Константинопол.

Од тој царски град – Цариград, во 862-та година, императорот Михаил ги прати двајцата браќа Кирил и Методиј на нивната трета мисија – описменувањето и покрстувањето на Словените. Подготвувајќи се за мисијата, тие направија две нешта. Ја составија првата словенска азбука – глаголицата и на старословенски јазик ја препеаја Библијата. Второ, ја образуваа следната генерација посветени ученици за да го продолжат нивното дело. Меѓу тие ученици беше и идниот Климент Охридски, кој името ќе го добие од римскиот папа во чест на св. Климент Римски, чии мошти браќата ги донеле во Рим.

По смртта на неговиот учител Методиј, Климент, заедно со Наум, Горазд, Ангелариј и Сава, беше протеран од Панонија. Беше назначен за прв словенски епископ. Во Охрид ја создаде Охридската книжевна школа преку која ја образуваше третата генерација од 3 500 ученици. А тие 3 500 ученици описменија и покрстија милиони луѓе низ словенскиот свет. Учениците на Кирил и Методиј ги создадоа учителите на словенството. Со тоа суштински го променија изгледот на европската цивилизација.

uclo2Дами и господа,

Кирил, Методиј, Климент, Наум и другите словенски учители и светители на историската сцена се јавија во периодот кога светот полека започна да се стабилизира по големата промена на поредокот. Овие големи мисионери се луѓе од првиот милениум, кои ги подготвуваа словенските народи за предизвиците на вториот милениум.

Вториот милениум започна со големата шизма и крстоносните војни. Со падот на вториот Рим, моќта се пресели во третиот Рим – во Киевска Русија. Тоа е период на новите европски држави во Европа. Милениумот го одбележаа големите географски и научни откритија. Со ширењето на христијанството низ познатиот свет, започнаа и борбите за човекови права и слободи. Им беше објавена војна на неписменоста и незнаењето. Од крвавите верски војни изникна Вестфалскиот поредок на суверени држави. Француската револуција го означи почетокот на ерата на идеологиите кои се судрија во двете светски војни и Студената војна. Расцепканата и поделена Европа започна да се обединува. Преку европските универзитети се обликуваше европскиот образовен систем што создаваше профили во согласност со потребите на времето.

И Република Македонија е дел од тој процес. 

Денес, ние во Македонија имаме над 1 100 основни и средни училишта во кои предаваат над 25 000 наставници и во кои учат над 275 000 ученици. Имаме над 20 универзитети со над 120 факултети. Околу 2 700 универзитетски професори образуваат над 59 000 студенти.

Честопати истакнувам дека во изминатите години, државата имаше три приоритети.

Првиот приоритет беше образование. Вториот приоритет беше образование. И третиот приоритет беше образование.

Овие приоритети дадоа плод. Преку интернетот и новите технологии, знаењето од целиот свет ни е на дофат на нашите прсти. Македонските студенти се дел од единствениот европски образовен простор. Се стипендираат студентите кои со своите врвни резултати ќе успеат да се запишат на најпрестижните универзитети во светот. Нашите млади научници се натпреваруваат на светски натпревари и освојуваат награди на меѓународни научни олимпијади.

Сè на сè, имаме образование кое е задолжително, но и достпано за секој. Целта на ваквото образование беше во насока на исполнување на трите нови приоритети, а тоа се економија, економија и економија. Со други зборови, целта на образованието беше да се образуваат кадри кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот. Да им се овозможи да бидат свои луѓе, кои со својот индивидуален успех ќе придонесуваат кон колективниот успех на Македонија. Вложувајќи во нивната сегашност, ние вложуваме во нивната иднина, а со тоа и во иднината на Македонија.

Во изминативе 25 години од независноста ние располагаме со ресурси за кои св. Климент Охридски не можел ниту да сонува.

А, сепак не можеме, а да не забележиме дека две нешта недостасуваат во целата слика за современото македонско образование.

Првото нешто е поврзано со духот на нашето време. Освен политичките, вториот милениум го одбележаа и трите индустриски револуции. Првата индустриска револуција со парната машина го механизираше производството. Втората индустриска револуција со електричната енергија и производната лента создаде масовно производство. Третата информатичка револуција го автоматизираше производството.

Денес, ние живееме во третиот милениум. Тоа е милениум на четвртата дигитална револуција што го поврзува физичкото, дигиталното и биолошкото. Благодарение на креативноста и на иновативноста, израснаа нови гранки на интердисциплинарни науки, како биотехнологија, нанотехнологија, биоинформатика, молекуларна биологија и многу други.

Сите овие нешта, нам во Македонија, ни изгледаат далеку. И не е ни чудно, бидејќи нашето образование сè уште подготвува кадри за вториот милениум. Ние сè уште обучуваме млади за професии и струки кои застаруваат. Најразвиените економии во светот речиси и да не образуваат такви кадри бидејќи ги увезуваат, најчесто од земјите како Република Македонија.

Има исклучоци за почит, кои живеат во Македонија, а работат во светот со најсовремените технологии. Но, потребно е исклучокот да стане правило.

Затоа, потребни ни се нови профили, прилагодени на новите потреби. Но, за да го постигнеме тоа, потребно е македонското образование да го прилагодиме кон современата наука. Да инвестираме во истражувањето и во развојот, во технолошките паркови, во современите софистицирани технологии. Потребно ни е образование што ќе создава луѓе за третиот милениум.

Второто нешто што недостасува во нашето образование е поврзано со св. Климент Охридски. Иако св. Климент е човек на првиот милениум, сепак, пораките што тој ни ги пренесува се трајни и непроменливи. Од век до век, од милениум до милениум.

Дами и господа,

Знаеме дека целта на образованието е да ги подготви младите да учествуваат во јавниот живот, каде го пренесуваат сето она што го научиле во училиштата и на универзитетите. Оттука, јавниот простор е лакмусова хартија што може да ни помогне да ја утврдиме состојбата во нашето образование.

Сепак, ако внимателно го погледнеме нашиот јавен простор, нашите пишани и електронски медиуми, нашите расправи и дебати, ќе видиме дека јавниот простор е исполнет со монолози, наместо дијалози, со омраза, наместо со почитување. Дебатите сè почесто се добиваат со надвикување, наместо со убедување.

Корените на ваквиот однос можат да се бараат и во училишните клупи и училници, но и во универзитетските аули и амфитеатри во изминатите 25 години.

Сево ова нè потсетува дека образованието, само по себе, не е доволно. Потребно е и воспитание. Дипломата е можеби потврда за нашето вредно учење и надградување, но не и за нашите морални и етички вредности. 

Одвојувајќи го образованието од воспитанието, како да го нарушивме балансот неопходен за градење целосни и морални личности. Имаме меморизирање наместо размислување, оцени наместо знаење, но и знаење, наместо мудрост.

Затоа, потребно е одново да го пронајдеме златниот баланс меѓу образованието и воспитанието што ќе ни помогне да градиме успешни професионалци кои истовремено се и доблесни и одговорни личности.

Точно е дека секоја човечка епоха има свои уникатни потреби и методи за задоволување на тие потреби. Но, исто така, секоја епоха има едно нешто заедничко, а тоа е основната цел на образованието. 

Почитувани присутни,

Пред неколку години, обидувајќи се да го декодира и објасни македонскиот збор „образование“,  Венко Андоновски нè потсети дека „ние сме она што е нашето образование... тоа сме ние, тоа е нашиот образ“. И затоа, образ-ова-ни-е. Но образот, иако е на лицето, сепак е орган на душата. Од образованието зависи какви сме како луѓе.

Тоа нè носи до прашањето: Какво образование ни оставил во завет нашиот голем учител, св. Климент Охридски? Какви луѓе образувал? Какви генерации оставил зад себе?

Читајќи ги неговите поуки, ќе забележиме дека св. Климент постојано инсистира на следниот наратив. А тоа е дека тој не само што ги описменувал, туку и ги образувал луѓето да бидат морални личности свесни за својот вроден и неотуѓив човечки интегритет и достоинство. Ги потсетувал дека се образ Божји, и дека токму преку образот, кој е орган на душата, тие се слични на Бога. Тоа значи дека секој од нас, мора да го чува образот. Но, како? И за тоа одговорот го наоѓаме кај големиот народен учител.

Во сите свои слова, св. Климент одново и одново зборува за две нешта – за доброто и за убавото. Зборува за етичкото и естетското кои се две страни на истиот медалјон. Добрината е убава, а убавината на душата е добра. И ден-денес, во Охридско-струшкиот регион кога се вели „убо“ или „убаво“ се мисли „добро“. Бидејќи добрината и убавината се нераздвојно поврзани.

За жал, токму доброто и убавото, етичкото и естетското, јавната пристојност и одговорност стануваат исклучок наместо правило во нашето образование. Го изгубивме компасот и скршнавме од патот. А компасот е учењето што ни го пренесува св. Климент Охридски. И тој компас многу јасно и ден-денес покажува кон што треба да се стремиме. Кон тоа, какви поединци треба да градиме. Доволно е да погледнеме каков е човекот кон кој се стреми св. Климент.

Тоа е човек кој ја отфрлил злобата и нема лоши намери кон другите луѓе. Одговорниот човек е гостопримлив и дарежлив, но не само со пари, туку и со време, внимание и охрабрувачки збор за другите луѓе. Одговорниот човек е понизен наместо возгордеан, работлив наместо мрзлив, трудољубив наместо сластољубив, смирен наместо гневен. Одговорниот човек се грижи за својот дом, за своите најблиски, но и за соседите. Се грижи за сопствената држава. Секогаш и секаде го дава најдоброто од себе. 

Сево ова нè упатува на следниот заклучок. Смислата на образованието не е само стекнување со знаење и со вештина, туку и воспитување на морални и одговорни личности. Личности кои со своите таленти, знаења и вештини ќе придонесуваат кон личната благосостојба, но и благосостојбата на целото општество. Но, за да го постигнеме тоа, потребни ни се нови приоритети.

Ако во срцевината на првата тријада на приоритети е образованието, а во втората тријада е економијата, потребна ни е трета, сеопфатна, холистичка тријада, со три приоритети: воспитание, образование и економија.

Во годината кога одбележуваме 11 века од физичкото упокојување на св. Климент Охридски, има само еден начин како вистински ќе ја искажеме нашата благодарност кон него. Не е доволно само да го спомнуваме. Потребно е да го почитуваме. А ќе го почитуваме само ако му останеме верни на неговото дело, на неговиот завет. Ако одново го земеме компасот в рака и се вратиме на патот од кој скршнавме. Да градиме образование кое со воспитание ќе гради одговорни поединци во одговорно општество. И само така ќе успееме, тука во Македонија, вистински да заживееме во третиот милениум.

Ви благодарам.
uclo3 

makkvalitet
Обраќање на претседателот Иванов на доделувањето на признанието „Македонски квалитет 2016 година“
Петок, 02 Декември 2016

Почитувани стопанственици,
Драги гости,

Минатата 2015 година, Сојузот на стопански комори на Македонија предложи да бидам покровител на една нова манифестација, а тоа е доделување на Признанието за македонски квалитет. Тогаш со задоволство се согласив бидејќи цврсто верувам во две нешта. Прво, дека наспроти сите негативни кампањи во Македонија има квалитет. И, второ, дека за тој квалитет да продолжи да се развива мора да се охрабри и да се награди.

Годинава, престижното признание го добиja 10 македонски компании кои со своето работење станаа амбасадори на македонскиот квалитет. Изборот се прави со прецизно воспоставени и строги критериуми. И во такви строги услови, изборот на десетте носители на Признанието за македонски квалитет воопшто не беше лесен. Не затоа што има малку, туку затоа што има многу компании со извонредни постигнувања и во земјата и надвор од неа. Тоа е показател дека сè повеќе наши стопански субјекти посветено и ревносно работат на унапредување на својот квалитет.

Дами и господа,

Му честитам на Сојузот на стопански комори на Македонија. Доделувајќи го признанието, вие придонесувате кон унапредувањето на бизнис-климата во Македонија. Се радувам што ова признание е резултат на соработката и со мојот кабинет, кој е секогаш тука на располагање за промоција на македонската економија. Како претседател, ја користам речиси секоја моја посета во странство за со себе да понесам и претставници на владиниот економски тим и на македонски компании. Досега, ова партнерство меѓу државата и бизнисот даваше добри резултати. Затоа, заедно ќе продолжиме да освојуваме нови пазари и да градиме силни економски партнерства за Македонија.

Само со постојан развој и напредок на домашните компании можеме да очекуваме економски напредок на Република Македонија. Затоа, посакувам наградените, но и сите други компании да се развиваат и да го подобруваат квалитетот на своите производи, за истовремено со нивниот раст да расте и нашата економија.

Притоа, тие не треба да ја заборават општествената одговорност која е одлика на успешните и големите, и затоа е неизоставен дел од секоја успешна економија и од секое развиено општество.

На крајот би сакал на сите добитници на признанието, но и на сите други членки на Сојузот на стопански комори да им посакам натамошна успешна и плодна работа.

Ви благодарам.

makkavlitet2

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 12 од 64