Обраќање на претседателот Иванов на свечената академија по повод патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола | |
|
Ценети професори и студенти, Дами и господа, На денешен ден, 2 декември 1986 година, пред точно триесет години, за првпат започна да се одбележува Меѓународниот ден на укинување на ропството. Но, ропството може да биде физичко и духовно. Човековото тело може да биде во окови, а неговиот дух да биде слободен. Иако, низ вековите ние во Македонија сме биле физички и политички поробени, сепак, сме ја зачувале духовната слобода. Таа слобода ја зачнаа нашите просветители и ја утврдија нашите преродбеници. Денеска се сеќаваме на најголемиот од нив – св. Климент Охридски. Речиси нема град во Македонија во кој нема институција, улица, црква или барем паметник со неговото име. Вториот најстар универзитет во Република Македонија – „Универзитетот Св. Климент Охридски“ во Битола го носи името на основоположникот на првиот словенски универзитет. Но, за да го разбереме делото на св. Климент Охридски, мора да го разбереме неговото време, а тоа е првиот милиениум.
Првиот милениум започна со зенитот на Римската Империја во времето на Октавијан Август, а заврши со зенитот на Византиската Империја во времето на Василиј II. За помалку од три века, паганската се преобрази во христијанска империја. Христијанството, од прогонувана, стана официјална религија. Истовремено, обединетата Европа почна да се дели. Исламот, од Истокот се прошири и кон Западот. Големата преселба на народите ја сруши Римската и ја трансформирше Византиската Империја. Од првиот, моќта со сите нејзини атрибути се пресели во вториот Рим – во Константинопол. Од тој царски град – Цариград, во 862-та година, императорот Михаил ги прати двајцата браќа Кирил и Методиј на нивната трета мисија – описменувањето и покрстувањето на Словените. Подготвувајќи се за мисијата, тие направија две нешта. Ја составија првата словенска азбука – глаголицата и на старословенски јазик ја препеаја Библијата. Второ, ја образуваа следната генерација посветени ученици за да го продолжат нивното дело. Меѓу тие ученици беше и идниот Климент Охридски, кој името ќе го добие од римскиот папа во чест на св. Климент Римски, чии мошти браќата ги донеле во Рим. По смртта на неговиот учител Методиј, Климент, заедно со Наум, Горазд, Ангелариј и Сава, беше протеран од Панонија. Беше назначен за прв словенски епископ. Во Охрид ја создаде Охридската книжевна школа преку која ја образуваше третата генерација од 3 500 ученици. А тие 3 500 ученици описменија и покрстија милиони луѓе низ словенскиот свет. Учениците на Кирил и Методиј ги создадоа учителите на словенството. Со тоа суштински го променија изгледот на европската цивилизација.
Кирил, Методиј, Климент, Наум и другите словенски учители и светители на историската сцена се јавија во периодот кога светот полека започна да се стабилизира по големата промена на поредокот. Овие големи мисионери се луѓе од првиот милениум, кои ги подготвуваа словенските народи за предизвиците на вториот милениум. Вториот милениум започна со големата шизма и крстоносните војни. Со падот на вториот Рим, моќта се пресели во третиот Рим – во Киевска Русија. Тоа е период на новите европски држави во Европа. Милениумот го одбележаа големите географски и научни откритија. Со ширењето на христијанството низ познатиот свет, започнаа и борбите за човекови права и слободи. Им беше објавена војна на неписменоста и незнаењето. Од крвавите верски војни изникна Вестфалскиот поредок на суверени држави. Француската револуција го означи почетокот на ерата на идеологиите кои се судрија во двете светски војни и Студената војна. Расцепканата и поделена Европа започна да се обединува. Преку европските универзитети се обликуваше европскиот образовен систем што создаваше профили во согласност со потребите на времето. И Република Македонија е дел од тој процес. Денес, ние во Македонија имаме над 1 100 основни и средни училишта во кои предаваат над 25 000 наставници и во кои учат над 275 000 ученици. Имаме над 20 универзитети со над 120 факултети. Околу 2 700 универзитетски професори образуваат над 59 000 студенти. Честопати истакнувам дека во изминатите години, државата имаше три приоритети. Првиот приоритет беше образование. Вториот приоритет беше образование. И третиот приоритет беше образование. Овие приоритети дадоа плод. Преку интернетот и новите технологии, знаењето од целиот свет ни е на дофат на нашите прсти. Македонските студенти се дел од единствениот европски образовен простор. Се стипендираат студентите кои со своите врвни резултати ќе успеат да се запишат на најпрестижните универзитети во светот. Нашите млади научници се натпреваруваат на светски натпревари и освојуваат награди на меѓународни научни олимпијади. Сè на сè, имаме образование кое е задолжително, но и достпано за секој. Целта на ваквото образование беше во насока на исполнување на трите нови приоритети, а тоа се економија, економија и економија. Со други зборови, целта на образованието беше да се образуваат кадри кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот. Да им се овозможи да бидат свои луѓе, кои со својот индивидуален успех ќе придонесуваат кон колективниот успех на Македонија. Вложувајќи во нивната сегашност, ние вложуваме во нивната иднина, а со тоа и во иднината на Македонија. Во изминативе 25 години од независноста ние располагаме со ресурси за кои св. Климент Охридски не можел ниту да сонува. А, сепак не можеме, а да не забележиме дека две нешта недостасуваат во целата слика за современото македонско образование. Првото нешто е поврзано со духот на нашето време. Освен политичките, вториот милениум го одбележаа и трите индустриски револуции. Првата индустриска револуција со парната машина го механизираше производството. Втората индустриска револуција со електричната енергија и производната лента создаде масовно производство. Третата информатичка револуција го автоматизираше производството. Денес, ние живееме во третиот милениум. Тоа е милениум на четвртата дигитална револуција што го поврзува физичкото, дигиталното и биолошкото. Благодарение на креативноста и на иновативноста, израснаа нови гранки на интердисциплинарни науки, како биотехнологија, нанотехнологија, биоинформатика, молекуларна биологија и многу други. Сите овие нешта, нам во Македонија, ни изгледаат далеку. И не е ни чудно, бидејќи нашето образование сè уште подготвува кадри за вториот милениум. Ние сè уште обучуваме млади за професии и струки кои застаруваат. Најразвиените економии во светот речиси и да не образуваат такви кадри бидејќи ги увезуваат, најчесто од земјите како Република Македонија. Има исклучоци за почит, кои живеат во Македонија, а работат во светот со најсовремените технологии. Но, потребно е исклучокот да стане правило. Затоа, потребни ни се нови профили, прилагодени на новите потреби. Но, за да го постигнеме тоа, потребно е македонското образование да го прилагодиме кон современата наука. Да инвестираме во истражувањето и во развојот, во технолошките паркови, во современите софистицирани технологии. Потребно ни е образование што ќе создава луѓе за третиот милениум. Второто нешто што недостасува во нашето образование е поврзано со св. Климент Охридски. Иако св. Климент е човек на првиот милениум, сепак, пораките што тој ни ги пренесува се трајни и непроменливи. Од век до век, од милениум до милениум. Дами и господа, Знаеме дека целта на образованието е да ги подготви младите да учествуваат во јавниот живот, каде го пренесуваат сето она што го научиле во училиштата и на универзитетите. Оттука, јавниот простор е лакмусова хартија што може да ни помогне да ја утврдиме состојбата во нашето образование. Сепак, ако внимателно го погледнеме нашиот јавен простор, нашите пишани и електронски медиуми, нашите расправи и дебати, ќе видиме дека јавниот простор е исполнет со монолози, наместо дијалози, со омраза, наместо со почитување. Дебатите сè почесто се добиваат со надвикување, наместо со убедување. Корените на ваквиот однос можат да се бараат и во училишните клупи и училници, но и во универзитетските аули и амфитеатри во изминатите 25 години. Сево ова нè потсетува дека образованието, само по себе, не е доволно. Потребно е и воспитание. Дипломата е можеби потврда за нашето вредно учење и надградување, но не и за нашите морални и етички вредности. Одвојувајќи го образованието од воспитанието, како да го нарушивме балансот неопходен за градење целосни и морални личности. Имаме меморизирање наместо размислување, оцени наместо знаење, но и знаење, наместо мудрост. Затоа, потребно е одново да го пронајдеме златниот баланс меѓу образованието и воспитанието што ќе ни помогне да градиме успешни професионалци кои истовремено се и доблесни и одговорни личности. Точно е дека секоја човечка епоха има свои уникатни потреби и методи за задоволување на тие потреби. Но, исто така, секоја епоха има едно нешто заедничко, а тоа е основната цел на образованието. Почитувани присутни, Пред неколку години, обидувајќи се да го декодира и објасни македонскиот збор „образование“, Венко Андоновски нè потсети дека „ние сме она што е нашето образование... тоа сме ние, тоа е нашиот образ“. И затоа, образ-ова-ни-е. Но образот, иако е на лицето, сепак е орган на душата. Од образованието зависи какви сме како луѓе. Тоа нè носи до прашањето: Какво образование ни оставил во завет нашиот голем учител, св. Климент Охридски? Какви луѓе образувал? Какви генерации оставил зад себе? Читајќи ги неговите поуки, ќе забележиме дека св. Климент постојано инсистира на следниот наратив. А тоа е дека тој не само што ги описменувал, туку и ги образувал луѓето да бидат морални личности свесни за својот вроден и неотуѓив човечки интегритет и достоинство. Ги потсетувал дека се образ Божји, и дека токму преку образот, кој е орган на душата, тие се слични на Бога. Тоа значи дека секој од нас, мора да го чува образот. Но, како? И за тоа одговорот го наоѓаме кај големиот народен учител. Во сите свои слова, св. Климент одново и одново зборува за две нешта – за доброто и за убавото. Зборува за етичкото и естетското кои се две страни на истиот медалјон. Добрината е убава, а убавината на душата е добра. И ден-денес, во Охридско-струшкиот регион кога се вели „убо“ или „убаво“ се мисли „добро“. Бидејќи добрината и убавината се нераздвојно поврзани. За жал, токму доброто и убавото, етичкото и естетското, јавната пристојност и одговорност стануваат исклучок наместо правило во нашето образование. Го изгубивме компасот и скршнавме од патот. А компасот е учењето што ни го пренесува св. Климент Охридски. И тој компас многу јасно и ден-денес покажува кон што треба да се стремиме. Кон тоа, какви поединци треба да градиме. Доволно е да погледнеме каков е човекот кон кој се стреми св. Климент. Тоа е човек кој ја отфрлил злобата и нема лоши намери кон другите луѓе. Одговорниот човек е гостопримлив и дарежлив, но не само со пари, туку и со време, внимание и охрабрувачки збор за другите луѓе. Одговорниот човек е понизен наместо возгордеан, работлив наместо мрзлив, трудољубив наместо сластољубив, смирен наместо гневен. Одговорниот човек се грижи за својот дом, за своите најблиски, но и за соседите. Се грижи за сопствената држава. Секогаш и секаде го дава најдоброто од себе. Сево ова нè упатува на следниот заклучок. Смислата на образованието не е само стекнување со знаење и со вештина, туку и воспитување на морални и одговорни личности. Личности кои со своите таленти, знаења и вештини ќе придонесуваат кон личната благосостојба, но и благосостојбата на целото општество. Но, за да го постигнеме тоа, потребни ни се нови приоритети. Ако во срцевината на првата тријада на приоритети е образованието, а во втората тријада е економијата, потребна ни е трета, сеопфатна, холистичка тријада, со три приоритети: воспитание, образование и економија. Во годината кога одбележуваме 11 века од физичкото упокојување на св. Климент Охридски, има само еден начин како вистински ќе ја искажеме нашата благодарност кон него. Не е доволно само да го спомнуваме. Потребно е да го почитуваме. А ќе го почитуваме само ако му останеме верни на неговото дело, на неговиот завет. Ако одново го земеме компасот в рака и се вратиме на патот од кој скршнавме. Да градиме образование кое со воспитание ќе гради одговорни поединци во одговорно општество. И само така ќе успееме, тука во Македонија, вистински да заживееме во третиот милениум. Ви благодарам.
|