Говори и обраќања
madzirov
Обраќање по повод прогласувањето на г. Никола Маџиров за Национален уметник на Република Македонија
Понеделник, 26 Септември 2016

Почитуван г. Никола Маџиров,
Ценети присутни,
Дами и господа,

Пред речиси една деценија во пресрет на 46. издание на Струшките вечери на поезијата, беше поставено прашањето: „чуму поети во скудно време". И токму на 46-те Струшки вечери на поезијата меѓу другите поетски величини, кои со своите стихови му даваа смисла на животот и го оправдуваа своето постоење, се најде и тогаш сè уште недоволно афирмираниот млад македонски поет Никола Маџиров, како добитник на најзначајната поетска награда во Република Mакедoнија, наградата „Браќa Миладиновци".

Од тогаш Маџиров е постојано присутен на македoнското, но и на европското и светското поетско небо. Она што е навистина фасцинантно зa Маџиров е што остана доследен на поезијата и на литературата, и на животот со неа и за неа. Успеа да остане поет кога многумина се откажаа од поезијата.

Јазикот навистина е нашата единствена комплетна татковина. Toa несомнено најдобро го знаат поетите. Благодарение на препевите на педесетина светски јазици, поезијата на Маџиров има многубројни татковини и во сите нив со пиетет се зборува за неговата прва татковина - Македонија.

Дами и господа,

Денес по шести пат ќе прогласиме Национален уметник на Република Македонија. За ова признание уште од востановувањето се поставува прашањето: Зар ние имаме толку уметници, зар ни е пoтребно таква признание? Македонија до сега има шест, но ќe има уште многу национални уметници. Ќе има затoа што имаме луѓе обдарени со кративност и духовност да создаваат и да ја прославуваат Македонија. Сме имале и ќе имаме уметници со кои ќе се гордееме во светот. Од нас зависи дали ќе ги почитуваме уметниците што ги имаме, акo не повеќе, тогаш барем онолку колку што ги почитуваат во светот.

Драги пријатели,

Да не дозволиме надвиснатите предизвици да ни ја заматат перцепцијата. А, за тоа е потребно многу малку. „Капка врз очилата, и поинаку го гледаш светот", како што вели во еден стих поетот Маџиров.

На крајот дозволете од сè срце, уште еднаш, да му ја честитам наградата на Никола Маџиров и да му посакам пред сè здравје, среќа и уште многу книги и безброј стихови препеани на сите светски јазици.

Ви благодарам.

un-rotator
Обраќање на 71. Генерално собрание на Обединетите нации
Четврток, 22 Септември 2016


un22092016Почитуван господине Претседател,

Почитувани колеги,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми преставува чест, како Претседател на Република Македонија да се обратам пред овој важен форум и да ги споделам ставовите на Република Македонија во однос на актуелните предизвици.

Светот се наоѓа на крстосница на бројни кризи. Влегуваме во фаза на фундаментални промени на глобалниот систем. Се соочуваме со трансформации што тешко можеме да ги запреме и контролираме.

Центрифугалните сили на глобализацијата го доведуваат во прашање поредокот создаден по Втората светска војна. А заедно со поредокот, се редефинираат и неговите вредности и принципи. Во свет во кој силните го прават она што сакаат, а слабите она што мораат, владеењето на правото е сведено на исклучок наместо правило. Наместо меѓународна безбедност и поредок имаме отсуство на безбедноста и непоредок. Ги девалвираме вистинските и неотуѓиви човекови права и слободи. Наместо почитување на различноста, се почесто сме сведоци на прогонување и уништување на различноста.

Имаме кризи во повеќе региони и на повеќе нивоа. Конфликтите се шират и продлабочуваат побргу отколку што се решаваат и отстрануваат. Имаме најчесто задоцнета дијагноза, со реактивни, наместо превентивни мерки, со краткорочни и болни одлуки, наместо долгорочни и побезболни решенија.

Ако има еден збор со кој можеме да ја опишеме состојбата во светот денес, тоа е нестабилност.

Ценети екселенции,

Од почетокот на овој милениум, ние сме во отворена борба со глобалниот тероризам. Република Македонија е дел од коалицијата што во изминатите 15 години уништи многу терористички ќелии, доби многу битки, но се уште не ја доби војната против тероризмот. На овој план се соочуваме со сериозен предизвик. Како со митската Хидра, за секоја терористичка ќелија што е уништена, како да се јавуваат две нови. Тероризмот на 21 век стана способен да ги апсорбира поразите, да се повлече, регрупира и повторно да нападне. Ние не си имаме работа со организации, туку со движења за освојување територии, придвижени од идеи што надминува етнички, јазични и културни разлики. За да победиме во борбата против тероризмот, не се доволни воени трупи. Неопходно е борбата да ја водиме и со идеи. На радикализацијата да се спротивставиме со програми за контра-радикализација.

Блискиот Исток, Северна Африка и многу други региони тонат во крвави конфликти во кои секојдневно се уништува мозаикот на заедници со различни религии, јазици и култури што макотрпно бил составуван и негуван со векови. Овие конфликти предизвикаа закани, ризици, хуманитарни кризи и нова голема преселба на народите.

На европскиот хоризонт, пак, се надзира нова реалност. Под притисок од финансиската и кредитна криза, општествените и политичките шавови кои ја држат Европската унија полека почнуваат да попуштаат. Бришејќи ги внатрешните граници без да ги обезбеди коридорите, Унијата не може да ги заштити надворешните граници. Европа, денес, покрај другото е соочена со два клучни предизвици – мигрантската криза и заканата од тероризам.

Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Спречувајќи ја илегалната миграција, Република Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа. Европа веќе се соочува со вториот, помасовен бран. Повеќе од 20 милиони мигранти и бегалци од Азија и од Африка се наоѓаат во близина на надворешните граници на Европа. Во наредните години и децении милиони мигранти ќе се обидуваат да дојдат на европскиот континент. Република Македонија ја спречува илегалната миграција која доаѓа од територијата на ЕУ. Унијата мора да изнајде начини и механизми да ги заштити границите, да ги обезбеди коридорите, а оние мигранти и бегалци кои ќе ги прими, да ги интегрира, без притоа да ги асимилира.

Република Македонија 25 години е независна држава. Од првиот ден на независноста, се соочуваме со постојани и директни закани, како што е и илегалната миграција, кои доаѓаат од територии на земји членки на ЕУ и НАТО, или земји под управа на Обединетите Нации. Голем дел од нашите внатрешни ризици и опасности се последица на увезени кризи. Со исклучок на билатералната поддршка за која сме многу благодарни, Република Македонија сама се справува со кризите и со намалувањето на ризиците. Преземаме мерки и носиме одлуки за заштита на нашата, а со тоа и на европската територија. За тоа трпиме критика и закани преку блокирање на нашата интеграција. Неодлучноста на ЕУ да се справи со мигрантската криза ја загрози безбедноста на Република Македонија. Бевме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја распореди армијата на своите граници. Горд сум што како Врховен Командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија. Знам дека многумина во Европа се благодарни за она што Република Македонија го прави за нив. Некои се похрабри и признаваат, некои се помалку храбри, но верувам го почитуваат тоа.

Досегашниот однос кон мигранитет во некои европски земји направија гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Ваквиот однос водеше кон изолационизам, отуѓување и плодна почва за радикализам, насилен екстремизам и тероризам.

Дами и господа,

Годинава Обединетите нации ќе изберат и нов Генерален секретар. Република Македонија го номинираше поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации, г-дин Срѓан Ќерим за оваа одговорна позиција. Ги цениме напорите овој процес да биде транспарентен и да биде согласно заслугите на кандидатите. Процесот на селекција веќе започна во Советот за безбедност. Во оваа пригода, сакам да му посакам многу среќа на г-дин Ќерим, но и да го повторам повикот новиот Генерален секретар да биде избран од Источно-европската група на држави. Истовремено, би сакал да му се заблагодарам на досегашниот Генерален секретар, и мој пријател, г. Бан Ки-мун за неговите неуморни напори во соочувањето со бројните предизвици, но и со реформата на Организацијата.

Но, додека разговараме за реформа на еден од несомнено значајните сегменти на системот на Обединетите нации, како да забораваме дека и самите цели на Организацијата се доведуваат во прашање. Се зборува за човекови права, а се запоставува едно од основните права – правото на слобода на мисла, совест и вера. Прогонувањето на луѓе со различна вера и уверување е се поизразено, не само во не-секуларни, туку и во развиени и секуларни општества. Во вакви услови, некои дури го поставуваат прашањето дали денес Обединетите нации воопшто би можеле да ја усвојат Универзалната декларација за човекови права. Оваа организација ги претставува сите држави, со сите нивни разлики. Но, треба да внимаваме, правејќи компромиси, да не ги компромитираме темелните вредности и слободи и визија. А визијата е запишана во Повелбата на Обединетите нации и во Универзалната декларација за човековите права.

Ценети екселенции,

Уште Сенека, кога ја објаснува суштината на градот, односно државата вели: силата и сигурноста на градот произлегува од две работи: материјалот од кој се изградени куќите и законите со кои се уредуваат односите. Градот се руши секогаш кога го нема и едното и другото. Поради двојните стандарди и непочитувањето на меѓународното право, нашиот меѓународен поредок полека деволуира во глобален хаос и непоредок.

Во својот четврт век независност, Република Македонија ја почувствува оваа сурова реалност. На нашиот пат кон меѓународно признавање и интегрирање се соочивме со многу блокади и претрпени штети. Се соочивме со негирање на правото на самоидентификација на македонските граѓани, без кое нема ниту интегритет на човековата личност, ниту човечко достоинство. Поради ова прашање, дури и денес сме блокирани во меѓународни организации, како НАТО и Европската унија. Веќе 5 години Република Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Деновиве од устите на многу државници, тука, од ова место, ќе слушнете за неопходноста од почитување на меѓународното право. Но, исто така, многумина по заминувањето од ова место ќе заборават на она на кое повикуваат. Пресудата од Меѓународниот суд на правдата во спорот меѓу Македонија и Грција, донесена уште пред 5 години - на неа потсетив и пред 2 години од оваа говорница. Но, пресудата до ден денес не е испочитувана. Ова е еден од школските примери за неефикасноста на нашата светска организација.

Неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија беше една од главните причини за постојаната внатрешнополитичка криза во Македонија што кулминираше оваа година. Последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Но, Република Македонија не е исклучок. Целиот регион на Балканот стагнира. Одново се јавуваат ретроградни процеси. Балканските држави наивно веруваа дека некој од надвор ќе им ги реши проблемите. ЕУ очигледно ја нема таа моќ.

Но, и во вакви сложени околности Република Македонија прави се што е во нејзината можност за да има најдобри можни односи со сите соседи. Со Грција имаме разлика околу која се води процес во Обединетите нации. Двете соседни земји имаат едно отворено прашање, а илјадници области каде имаат заеднички интерес, но и сериозни предизвици како мигрантската криза, безбедноста, кои не упатуваат на тесна соработка. Прашањето за името не смее да биде пречка да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес. Но, изгубивме драгоцено време.

Затоа, ги поздравувам мерките за градење доверба меѓу двете држави и повикувам да ги прошириме и да внесеме нови содржини. Колку побргу ги исполнуваме мерките, толку побргу ќе создадеме позитивен амбиент за да бараме решение за разликата околу името, во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
Почитувани присутни,

Јас сум Македонец, моите сограѓани се Македонци и од оваа говорница ви се обраќам на македонски јазик. Бараме сите да не почитуваат како Македонци, како што ние го почитуваме правото на сите да се идентификуваат така како што се чувствуваат. Како што ние, на сите им го почитуваме правото на самоидентификација и човеково достоинство, бараме истото да се однесува и на нас. Сакаме како Македонци да соработуваме и да имаме најдобри односи со сите наши соседи. Нема проблем што не може да се реши и разлика која не може да се надмине. Единствен предуслов е да се почитуваме и преку дијалог да доаѓаме до решенија.

Следната година Република Македонија ќе биде домаќин на Процесот Брдо-Бриони, што полека ги заменува декларативните регионални иницијативи и механизми. Би сакал како специјален гостин на Самитот да учествува Премиерот на Грција.

Дами и господа,

Зборував за фундаментални промени во светот кој е се повеќе поделен, опасен и дезориентиран. Но, проблемот не е во овие состојби. Тие се само последици од акумулирани погрешни ставови, одлуки и чекори. Како човештво, ние скршнавме од патот и заглавивме во лавиринтот на кризите. Затоа и не треба да не чуди кризата на доверба во политичките елити, но и во самиот глобален систем.

Како човештво успеавме да постигнеме неверојатен научен и технолошки развој што ни овозможи напредок, но истовремено ни го одзеде слободното време, а со тоа и можноста за длабоко размислување и промислување. Се поставивме за господари на природата, без да умееме да господариме со сопствената алчност. Ова е време на консумеризам, морален релативизам и екстремен индивидуализам. Го нарушивме кревкиот климатски баланс, рамнотежата меѓу човештвото и природата и ја загрозивме иднината на нашите потомци. Целите за одржлив развој, што Република Македонија целосно ги поддржува, треба да ја исправат таа грешка. Како потписник на Парискиот договор за климатски промени, Република Македонија веќе ги утврди националните придонеси кон климатските промени.

Но, проблемот е многу подлабок. Крајно време е да излеземе од лавиринтот на кризите.

Ценети екселенции,

Како претседател, но и како универзитетски професор, постојано го слушам гласот на младите. Ги знам предизвиците со кои се соочуваат.

Потенцијалите на младите се уште се заробени од мноштво политички, но и ментални, економски и образовни граници. Младите ширум светот се уште немаат еднакви можности за квалитетно образование и вработување, но подеднакво ги чувствуваат суровите правила на меѓународниот пазар.

Долго време, ние одлучувавме за иднината на младите, без да им дозволиме да бидат дел од процесот на носење одлуки. Не ги земавме сериозно нивните потреби, барања и желби, а потоа очекувавме тие да ги следат правилата на игра што ги создадовме за нив, но без да ги консултираме. Можеби, затоа многу глобални, регионални и локални политики не беа поддржани од младите и останаа само на хартија. Време е тоа да се промени. Потребни ни се политики не само за младите, туку и со нив. Потребни се политики од младите за младите.

Ќе ви дадам еден пример. Оваа година, во рамките на Школата за млади лидери, која се одржува под мое покровителство веќе 7 години по ред, младите луѓе од Република Македонија, но и поширокиот регион беа дел од лабораторија на идеи во која развија проекти за одржлив развој, од унапредување на јавната администрација, инфраструктурни, образовни, здравствени прашања, зголемување на вработеноста и намалување на сиромаштијата. Вакви проекти треба да поддржуваме и промовираме, за што стапив во контакт со адекватните инстанци во Светска Банка. Проекти за иновативни идеи и креативни решенија на младите, кои не се заробеници на стариот светоглед што исчезнува.

Дами и господа,

Свесни сме дека Агендата за одржлив развој 2030 не претставува готов рецепт како да постигнеме поголема благосостојба, подобар живот за нашите граѓани, подемократско општество и поздрава животна средина, сочувана за идните генерации, но секако содржи добри насоки како да ги реализираме овие цели. Но, и тука се соочуваме со парадокс. Во моментов имаме тешко одржлив меѓународен систем што се обидува да воспостави одржлив развој.

Младите се генерација на нови технологии, генерација која ги живее придобивките на глобалното поврзување. Младите веќе живеат во свет во кој имаат пристап до огромен број сознанија и информации. Да им дозволиме својот идеализам и перцепција да го внесат во регионалните и глобалните иницијативи и организации. Да им дозволиме да го внесат нивниот свеж поглед на новата реланост во која живееме, неоптоварен со предрасудите од минатото. Бидејќи, минатото е нешто на кое се потсетуваме, а не место во кое престојуваме.

Една мудрост вели дека човештвото е во најдобра состојба тогаш кога има најголем степен на слобода. Но, без закон, нема слобода, туку анархија. Ако сакаме на идните поколенија да им оставиме побезбеден свет, мора да го почитуваме меѓународното право. Но, и да се вратиме на врвните и вечни морални начела и вредности. Едно од нив е почитувањето и прифаќањето на различноста.

Ние многу често измислуваме нови идеали бидејќи се плашиме од старите идеали. Гледаме нанапред со ентузијазам затоа што се плашиме да погледнеме наназад, во минатото. А на полиците на минатото, освен конфликти, предрасуди и непријателства ќе најдеме и модели кои овозможиле мирен соживот и почитување и прифаќање на различноста. таков е и нашиот македонски модел на интеграција без асимилација.

Дел од работата на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации е да ги пронајде овие модели, да ги унапреди и примени во современиот динамичен свет. Мора да им помогнеме на овој план, за одново да научиме како да живееме со нашите најдлабоки етнички, религиски, културни и идеолошки разлики.

Драги пријатели,

Еден филозоф еднаш рече дека можеби имало и поубави времиња. Но, ова е нашето време, и ние сме одговорни за него. Треба да мислиме за оние што доаѓаат после нас, за младите. Не треба да се плашиме, бидејќи стравот е филтер низ кој ги перципираме само заканите, но не и можностите што се пред нас.

Најлесна работа во светот е да ја смениме визијата за да соодветствува со реалноста. Она што е тешко е да ја менуваме реалноста за да соодветствува со благородната визија на Обединетите нации. Дел од таа визија е како да промовираме глобално владеење и поредок без да воспоставиме светска влада и доминација на моќните, и како да ги поставиме основите за вистинско мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично меѓународно општество кое истовремено е и слободно и праведно и стабилно и безбедно.

Ви благодарам.

PRM19092016
Обраќање на состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации за големи движења на бегалци и мигранти
Понеделник, 19 Септември 2016

Почитуван господине претседавач,
Екселенции, Дами и господа,

Живееме во вистински 21 век, во време на надеж и страв.
Надеж за подобар живот, образование, економски развој, заштита на животот на граѓаните и нивниот имот.
Страв од последиците од регионалните конфликти и кризните региони.

Движењата на бегалците и мигрантите се предизвикани од потрага по надеж и бегство од стравот. 20 милиони илегални мигранти и бегалци се лоцирани близу до надворешната граница на Европа и се мотивирани да ги користат коридорите до Европа.

Потребен ни е заеднички пристап за справување со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици преку јасно разграничување помеѓу правниот и хуманитарниот, политичкиот, економскиот, социјалниот и безбедносниот аспект на кризата.

Новата ера на суровиот 21 век има потреба од ново лидерство и обнова на институциите кои ќе можат да ги менаџираат кризите и предизвици.

Заканата од илегална миграција е совршена алатка за не-воен притисок во менаџирањето со конфликти и кризи. Тоа се прави преку „извезување" и насочување намигрантите по патот до крајната дестинација. Тоа доведе до сериозни тензии меѓу Европските држави.

Предивиците на безбедноста на Европската Унија се повеќе зависат од лидерството, политичката стабилност и кризниот менаџмент на владите на трети земји кои се главните точки за влез и излез на коридорите. „Третите" земји се на географска позиција која ги контролира портите на коридорите.
На Европската Унија и се потребни стабилни и безбедни трети земји кои се способни да ги заштитат коридорите.

Република Македонија има проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза.

Ние бевме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја испрати армијата на границата, формирајќи и заеднички воено-цивилен главен штаб за да се зголеми заштитата на границата и да се канализира движењето на мигрантите, без нивно навлегување во градовите каде би можеле да имаат контакт со радикализирани лица или повратници од конфликтните подрачја.

Протокот на илегални мигранти може да се спореди со поплава. Оттука, потребно е да се активира системот за управување со кризи и да се распореди армијата во поддршка на цивилните служби.

Системот на управување со кризи мора да развие план за вонредни состојби и таканаречена стратегија на елиминирање на последиците од таа фигуративна поплава, кој вклучува и таканаречени "брани" на надворешните граници, процес на прочистување со помош на хотспотови, обезбедување на каналите и контролирање на тековите на самиот влез и излез на коридорите и рутите кои ги користат бегалците, мигрантите и странските терористички борци.

Ја презедовме одговорноста да бидеме чувар на портите на Европа. Распоредувањето на Армијата за поддршка на полицијата во заштита на границата резултира со затнување на движењето на илегалната миграција низ Балканскиот коридор. Ние треба да поддржиме ревизија на законите за учеството на Армијата во заштита на границите, домашната безбедност и контратероризмот.

Што се однесува до побараната помош во врска со безбедносниот аспект на кризата, неколку партнерски земји одговорија со испраќање на полициски службеници, опрема за заштита на границата и финансиска помош, имено: Унгарија, Хрватска, Србија, Словенија, Чешка, Словачка, Австрија и Полска. Во моментов, во Македонија има 110 странски полициски службеници кои учествуваат во заштитата на нашата граница.

Република Македонија е без пристап до базите на податоци на ЕУ за внес и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци, со недостиг на разузнавачка соработка за размена на податоци и
под негативна медиумска перцепција за спроведување на одлуките на Унијата.

И покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, што се виде во управувањето со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици.

Сакам да упатам порака до Европската Унија: На Македонија и е потребна помош за да ви помогне вам.

Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ.

Македонија ќе делува во насока на заштита на националната безбедност. Какво било решение кое вклучува прием и сместување на мигранти и отворање на бегалски кампови во земји долж коридорот кои не се членки на ЕУ нема да биде одржливо и не смее да биде дозволено. Ние немаме ниту капацитет, ниту ресурси за да се справиме со очекуваниот обем на мигранти.
Во таков случај, сосема е веројатно дестабилизирање на државата.

Дами и господа,

Денес, во Европа, храброста е скапа и ретка. Македонија покажа дека има храброст да се соочи со заканите во услови на политичка криза.

Следниот предизвик со кој ќе се соочиме се во МЕГАПОЛИСИТЕ и нивната различност.

Толеранцијата на различноста мора да се замени со почит на различноста.

Ви благодарам.

povelba1
Обраќање на свечената академија по повод 70 години од пензионерското организирање во Македонија и доделувањето на признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија
Петок, 16 Септември 2016

Почитувани пензионери,
Драги гости,
Дами и господа,

Пред четврт век, Република Македонија прогласи независност и сувереност. Најголем удел во тој голем историски потфат имаа генерациите кои беа работоспособни и кои на своите рамена, со својот труд, искуство и знаење придонесуваа кон градењето на младата држава.

Голем дел од таа, клучна генерација веќе не се млади, ниту вработени. Денес сум тука со вас, во својство на покровител на прославата на седум децении пензионерско организирање во Република Македонија. Особено ми е драго што на денешнава академија ќе имам и можност на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија да им доделам Повелба на Република Македонија како благодарност за сите нивни активности на полето на пензионерското организирање.

Јубилеите се убава можност да се направи рекапитулација на сработеното. Благосостојбата на една држава може да се согледа од тоа како ги третира најмладите и најстарите граѓани. Државата треба да продолжи со своите програми и проекти да ви овозможи достоинствен живот. Овој јубилеј е можност да се еволуираат програмите и активностите и, секако, со нова енергија да се продолжи во унапредувањето на правата и должностите на пензионерите. Велам должности, бидејќи вие сте многу важен дел од општеството.

Пензионирањето од работа не значи пензионирање од општеството. Напротив, пензионерите со своите активности и помагање во рамките на домот и семејството, но и во пошироката заедница, преку учество во најразлични иницијативи со своето искуство и интелектуален капацитет се активни чинители на општествените текови. Сево ова на соодветен начин треба да биде максимално исползувано и верифицирано од нашето општество.

Навистина е импресивна листата на активности, инцијативи, програмски содржини, организирани, иницирани и реализирани од здруженијата на пензионери во сите делови на нашата земја. Исто така впечатливи се активностите на полето на културата и уметноста, особено во музиката. Неодминлив дел се и спортските пензионерски натпревари на локално, регионално и државно ниво.

Ја поздравувам и меѓународната соработка која ја остварува Сојузот на здруженијата на пензионери на Република Македонија. Секако, кога се зборува за она што е дејност на Сојузот не може да се изостави медиумската активност, пред сè издавањето на месечникот „Пензионер плус", но и редовно ажурираната веб-страница на Сојузот, кои нудат неопходни и корисни информации.

Драги пензионери,

Верувам дека Повелбата на Република Македонија е и признание за сите пензионери за нивниот придонес за заедницата за време на работниот век, но и по заминувањето во пензија. Но, истовремено и очекување од вас. Да го пренесете вашето акумулирано знаење, искуство и мудрост, без кои ниту едно општество не може да функционира. Да ни помогнете да не ги повторуваме грешките што се правеле во минатото. Да им дадете пример на младите.

На крајот од моево обраќање би сакал од сè срце да ви посакам со радост и во добро здравје да уживате во вашите пензионерски денови, кои сте ги заслужиле макотрпно работејќи. Со мислата за благосостојба на сите наши граѓани и за силна и просперитетна Република Македонија, дозволете ми, на самиот крај, уште еднаш да ви го честитам големиот јубилеј и да ви посакам среќни и исполнети пензионерски денови.

Ви благодарам.
povelba2

tatkovinska_proslava_01
Обраќање на претседателот Иванов на татковинската прослава по повод канонизацијата на Мајка Тереза
Недела, 11 Септември 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Ценети екселенции,
Драги пријатели,

Во годината на милосрдието, кога одбележуваме 11 века од упокојувањето на св. Климент Охридски и кога прославуваме четврт век од независноста на Република Македонија, ја имаме привилегијата да ја славиме канонизацијата на мајката на милосрдието, нашата сограѓанка Мајка Тереза.

Пред една недела, кога како претседател на Република Македонија ја предводев државно-црковната делегација на чинот на канонизацијата во Рим, ја почувствував привилегијата и честа да живеам во град што на светот му даде светица.

Но, кога зборуваме за Мајка Тереза, треба да знаеме како нашата сограѓанка стана светица на светот.

Драги сограѓани,

Во животот на секој човек, на секој еден од нас постојат нешта кои не зависат од нас. Родителите од кои ќе произлеземе. Денот кога ќе дојдеме и кога ќе си заминеме од овој свет. Татковината во која ќе се родиме. Времето во кое ќе живееме. Така е и со Мајка Тереза. Таа се роди како Агнеза токму тука, во Македонија, во срцето на Скопје, од татко Никола и мајка Дрона, посветени христијани-католици. Израсна во време кога нашата татковина Македонија сè уште не беше слободна.

Но, исто така, во нашите животи постојат нешта што зависат исклучиво од самите нас. Од вредностите што ќе ги прифатиме и според кои ќе живееме. Од животниот повик што ќе го следиме. Од наследството, заветот што ќе го оставиме.

Младата Агнеза растеше опкружена со сета етничка, верска, јазична и културна различност на Скопје, меѓу католичка и православна црква, муслиманска џамија и еврејска синагога. Таа ги прегрна вредностите на македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа, таа често велеше: „Ако не беше Скопје, ќе ме немаше и мене." Македонија и Скопје, со сета своја различност ја подготви младата Агнеза за многукратно поголемата различност на индискиот подконтинент.

tatkovinska_proslava_02Но, таа исто така неуморно го бараше својот животен повик. Уште во раната младост таа беше хумана и солидарна кон болните, бедните, напуштените... Во 1928 година таа целосно се предаде и се посвети на Божјиот повик за неа. Од Скопје преку Даблин, замина за Калкута, во далечната Индија, каде младата Агнеза стана сестра Тереза.

Во тоа време, речиси половина од 4-милионскиот град Калкута тонела во сиромаштија. Сиромашните квартови биле преплавени со бегалци, бездомници, сираци и питачи. Крвавите меѓурелигиски насилства биле речиси секојдневна појава. Болниците биле преполни. Луѓето умирале по калливите улици, од неухранетост и од лесно излечиви болести. Умирале без трошка човечко достоинство.
Почитувани сограѓани,

Ваквите предизвици се тест за секој човек, за секој еден од нас. Дали ќе ги ставаме потребите на другите пред нашите лични потреби и амбиции? Дали ќе зачекориме во неизвесноста на непознатото или ќе останеме во сигурноста на нашиот дом, град и татковина?

Сестра Тереза не избега од предизвикот. На 10 септември 1946-та, пред 70 години, обременета од ужасните глетки на човечката трагедија, сестра Тереза имаше моќна и трансформирачка визија за нејзиниот животен повик од Бог. Повик да основа мисионерски ред на милосрдието што ќе се грижи за најсиромашните од сиромашните. Да ги напои жедните, да ги нахрани гладните, да ги лекува болните и да ги вдоми бездомните, независно од нивната вера, јазик и култура.

Нејзината моќна визија набргу стана реалност. Редот на милосрдието растеше и по бројот на сестрите, но и по својата мисија, за да може да опфати што повеќе категории од најранливите членови на општеството.

Каде и да одела, ја опсипувале со прашања: Зошто го напуштила удобниот и сигурен живот и татковината? Зошто таа, христијанин-католик им помага на муслиманите, на хиндусите, на отфрлените? И кога и да ја прашале, таа одговарала дека во најбедните од бедните, во болните, напуштените и заборавените, таа го гледа лицето на Исус Христос. И дека сè што прави, таа прави за Него и поради Него.

И така, сестра Тереза стана позната како Мајка Тереза или мајка на милосрдието. Со нејзината отвореност, топлина и почит кон соговорникот, таа правеше секој човек да се чувствува прифатен. Со својата добрина, таа го поттикнуваше најдоброто кај луѓето. Успеа да досегне до сите луѓе со добра волја. За секој христијанин што ѝ помагал во Индија, имало уште 10-мина припадници на други религии што ѝ помагале.

tatkovinska_proslava_03Со тоа, личниот повик на младата калуѓерка од Скопје, од Македонија, прерасна во големо општествено движење што ја менуваше парадигмата за човековата вредност низ светот.

Мајка Тереза беше препознаена и наградувана. Но, и покрај врвните светски признанија, таа остана неверојатно понизна. Затоа, и кога во 1979-та ја примаше Нобеловата награда за мир, таа ја употреби за да изгради дом за бездомните.

Драги сограѓани,

Денеска, кога ја празнуваме света Тереза, ние се потсетуваме и на нејзиното наследство, на нејзиниот завет.

Мајка Тереза им служеше на сите оние кои страдаа. Им даваше надеж на безнадежните и сила на исцрпените. Таа вдоми илјадници сираци и усреќи илјадници семејства. Со редот на милосрдието, Мајка Тереза спаси милиони животи и ја врати свеста за вредноста на човечкиот живот, за неотуѓливото човечко достоинство. И постојано, таа потсетуваше дека светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов, за признавање, за почитување.

Со сето тоа, Мајка Тереза си изгради жив споменик, потраен и повеличествен од сите наши споменици.

Но, што би рекла Мајка Тереза за нас денес? Што би рекла за нејзините раскарани сограѓани?

Наместо да се истоштуваме во политички битки за докажување на нејзиното потекло и присвојување на нејзиното име, Мајка Тереза би нè упатила да се угледаме на нејзиниот пример. Да правиме мали добри дела со голема љубов. А за тоа не мора да одиме на крајот од светот бидејќи, како што таа велеше, почитта и љубовта започнуваат во нашиот дом, во нашето маало, во нашиот град, во нашата држава Македонија.

Гледајќи нè политички разединети и поделени, би побарала од нас да не се делиме и караме, туку да си простиме, да се помириме и да се почитуваме. Нејзината канонизација беше можност за таков чекор. Лидерите на двете најголеми партии од македонскиот блок ја прифатија мојата покана и дојдоа на канонизацијата во Ватикан. За жал, лидерите на двете најголеми партии од албанскиот блок не успеаја да се издигнат над дневнополитичките тензии и недоразбирања.

Гледајќи колку лесно крстот и полумесечината, црквата и џамијата ги претвораме во граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии, би нè потсетила дека верата е љубов во акција. Дека не смееме само на име да се нарекуваме верници, туку дека мора да помагаме, се додека не нè заболи. Затоа што вистинската љубов боли.

Би нè охрабрила да го чуваме највредното нешто што го имаме, највредното што и таа го понесе со себе во Индија, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа што само така ќе научиме да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики.

Тоа се вредностите што денес ни се повеќе од неопходни во Македонија. Тоа е аманетот што ни го остави Мајка Тереза, светицата од Скопје, светицата на светот. Верувам дека единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон неа е ако го исполнуваме овој нејзин завет.

Ви благодарам.
tatkovinska_proslava_04

Manaki_1
Обраќање на отворањето на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“
Сабота, 10 Септември 2016

Почитувани вљубеници во филмот,

Пред четврт век, Република Македонија прогласи независност. Со тоа, како држава станавме актер на светската сцена. Од самиот почеток на приказната за македонската независност, се пријавивме на многу аудиции, во многу меѓународни организации. Во едни бевме примени, а во други одбиени. Некаде бевме ставени на листа за чекање, а некаде ни го грешеа дури и името. Се соочивме со речиси сите предизвици со кои може да се соочи една држава. Со победи и падови, со успеси и порази. Кој и да го прочита сценариото за Македонија ќе види дека воопшто не ни беше здодевно во овие 25 години.

Но, има еден аспект од независноста со кој речиси никогаш немавме проблеми. А тоа е полето на филмската уметност. На ова поле имаме импресивно филмско резиме. Во него стои дека тука, во Битола, биле првите филмски сниматели на Балканот. Тука започна првиот и најстар меѓународен филмски фестивал посветен на директорите на фотографијата. Во нашето филмско резиме стои и тоа дека од Македонија произлегле филмски остварувања што освоиле бројни светски награди. Имаме млади претприемачи на дигиталната ера кои се на најавните и одјавните шпици на многу наградувани филмови, па и оскаровци. Затоа, треба да продолжиме да ги промовираме овие наши културни и уметнички вредности кои му даваат боја на сивилото.

Драги пријатели,

Знам дека во публиката има многу филмофили кои со нетрпение го очекуваат почетокот на овој филмски празник. Затоа, затворајќи го ова обраќање, го отворам 37-то издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки".

Филмот започнува, почувствувај ја светлината!

Manaki_2

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 15 од 64