Говори и обраќања
prm_izjavapomiluvanje
Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Петок, 27 Мај 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,

На 12 ти април донесов одлука за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, за поголем број лица, согласно Уставот и Законот за помилување. Одлука за која, како тогаш, така и сега сметам дека ја донесов исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.

Многумина, за жал, не ја разбраа оваа идеја, или можеби не сакаа да ја разберат. Дебатите и во домашната и во меѓународната јавност отидоа во друг правец. Бев обвинуван дека сум сакал да ги заштитам политичарите, дека сум креирал селективна правда, дека политичарите се над законите.

Најсовесно изјавувам дека немав таква намера.

За разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците од мигрантската криза, особено во пресрет на најавите за новиот бран на бегалци и мигранти.

Почитувани сограѓани,

Денес донесов одлука да поништам дел од одлуките, и без помилуваните лица да го побараат тоа од мене.

Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување, донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно дваесет и двајца. Сите други лица, согласно законските измени имаат можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување.

Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки.

Сакам да потенцирам дека искрено верував и сѐ уште верувам дека одлуката за помилување беше најдобрата можност за излез од политичката криза. Убеден сум дека без враќање на меѓусебната доверба и без помирување во која било форма, оваа криза ќе трае уште долго, што не е од интерес ниту за граѓаните, ниту за државата.

Сакам да порачам, дека како и досега, така и во иднина, секогаш сум подготвен да помогнам за надминување на кризата.

Ви благодарам.

PRM_Obrakjanje_Humanitaren_samit_Istanbul
Обраќање на претседателот Иванов на Светскиот хуманитарен самит во Истанбул
Понеделник, 23 Мај 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Живееме во исклучително тегобно, мачно и турбулентно време. Човештвото е заложник на два меѓусебно преплетени процеса.
Сè уште се обидуваме да се помириме со мрачното наследство од 20-тиот убиствен век во кој околу 300 милиони луѓе настрадаа во војни, политички репресалии и меѓуетничко и меѓуверско насилство. Ниту 21-от век не е лишен од насилства и од конфликти.

Придобивките на глобализацијата се злоупотребуваат за глобализирање на ксенофобијата, омразата и хаосот.

Од друга страна, се поставивме за господари на природата, без да умееме да господариме со сопствената алчност. Го нарушивме кревкиот климатски баланс, рамнотежата меѓу човештвото и природата, и ја загрозивме иднината на нашите потомци.

Светскиот хуманитарен самит се одржува во време кога чашата на човечкото страдање повторно почнува да се прелева. Неопходно е да ги научиме лекциите од 20-от век за да не ги повториме.

Дами и господа,

Република Македонија, беше прв пример на успешна превентивна дипломатија на Обединетите нации. Од 1992 до 1999-та, најпрво УНПРОФОР, а потоа УНПРЕДЕП спречија прелевање на конфликтите од поранешна Југославија во Македонија.

Ценети екселенции,

Пред нас има две опции и од нашата генерација зависи во која насока ќе се движиме.

Првата опција е да бидеме проактивни и да се обидеме од оваа криза на човештвото да го извлечеме најдоброто. Но, за тоа ни се неопходни храбри чекори:

Прво: Јасни правила на играта. Зборуваме за ерозија на почитувањето на човековите права и хуманитарното право, а дозволуваме другите сегменти на меѓународното право да бидат игнорирани.

Повикуваме на почитување на Меѓународниот кривичен суд, а ги занемаруваме пресудите на Меѓународниот суд на правдата. Ќе ве потсетам дека веќе 5 години Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на врвниот светски правен авторитет – Меѓународниот суд на правдата.

Двојните стандарди го суспендираат меѓународното право и оставаат простор за анархичност во меѓународните односи. Алтернативата на меѓународното право и меѓународниот поредок е глобалниот хаос и глобалниот непоредок.

Како второ, потребно ни е економски праведен систем.

Како трето, потребно инвестирање во обновата на разорените општества.

Четврто, потребно ни е помирување.

Драги пријатели,

Имаме и втора опција, а тоа е да продолжиме како и досега. Но, тогаш постои опасност меѓународниот систем за одржлив и инклузивен економски развој да се заглави во бирократските лавиринти и да стане заложник на борбата за моќ и влијание.

Затоа денес неопходно е храбро политичко лидерство, кое нема да биде паралелизирано од страв. Овој самит и оваа агенда ни помагаат да направиме храбри чекори кон создавање свет во кој ќе биде обновена вербата во човештвото и во солидарноста, во кој ќе се почитуваат и заштитуваат човековите права и правото на човечкото достоинство.

Ви благодарам.
PRM_Obrakjanje_Humanitaren_samit_Istanbul_2

orden
Доделувањe „Орден за воени заслуги“ на Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување и „Медал за храброст“ на загинатите припадници на МВР на 9 мај 2015 г.
Четврток, 05 Мај 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани припадници на безбедносните сили,
Почитувани членови на семејствата на македонските херои,
Драги пријатели,

Пред малку ја чувме химната на Република Македонија во која ја воспеваме слободата. Тоа е слобода кон која се стремеле нашите предци, за која се бореле нашите илинденци и за која се избориле нашите партизани и АСНОМ-ци. Тоа е слобода во која живееме веќе четврт век. Но, историјата нè потсетува дека слободата не е стекната еднаш засекогаш и дека секојдневно се брани и чува. Најревносни чувари на слободата на Македонија се нашите безбедносни сили.

Денеска се собравме за да им се заблагодариме за сето она што го прават за Македонија во овие тешки времиња исполнети со предизвици, закани и ризици.

Во годината кога требаше да славиме четврт век независност, станавме нација заразена со сомнежи. Се шири недоверба во институциите и страв меѓу граѓаните. Македонското општество е поделено по речиси сите основи. Длабоката политичка криза го намали безбедносниот имунитет на Република Македонија. Се соочуваме со постојани и директни закани по националната безбедност и со опасност од загрозување на јавната безбедност. За заканата од илегалната миграција е активиран кризниот менаџмент, а нашите институции функционираат во кризна состојба. Со други зборови, по којзнае кој пат, Македонија се соочува со тегоби и маки.

orden011Почитувани полициски службеници,

Во овој период вие минувате низ троен предизвик. Врз вашите плеќи, вие и вашите браќа по оружје од Армијата на Република Македонија, ја носите тежината на мигрантската криза и насилството на границата. Се соочувате со безбедносните закани од тероризмот и од насилниот екстремизам, насилните акти во градовите и последиците од политичката криза.

Распоредени на нашата јужна граница и на подрачјата зафатени со криза, вие, заедно со Армијата, го чувате суверенитетот на Република Македонија и ја штитите Европа од заканата од илегалната миграција.

Имате тешка улога достојна за историјата. Вие сте чувари на портите за влез во Европа. Секојдевно се соочувате со постојани насилни акти и напади, но и организирано насилство од некои мигранти и нивните помагачи. Но, не потклекнавте ниту за миг. Извршувате задачи во сложени услови за работа. Професионално одговарате на предизвиците. Вашиот одговор е препознатлив во Европа. Тој е гаранција за одлучноста на Македонија да го запре протокот на илегалната миграција и да ги намали безбедносните ризици.

Чувајќи го јавниот ред и мир низ нашата татковина, вие спречувате насилно уривање на државните институции, го заштитувате животот, личната сигурност и имотот на граѓаните. Но, и на овој план се соочувате со предизвици.

Знам дека нема ништо потешко од тоа да се биде напаѓан од своите сограѓани, за чиј мир и безбедност го ризикувате животот.
Знам и дека вашите семејства секојдневно со страв ве испраќаат и со солзи ве дочекуваат.
Знам дека вие и вашите најблиски сте изложени на притисок од дел од јавноста.
Знам дека секој од овие предизвици е проверка за вашата издржливост.
Но, во ниту еден момент не се сомневам во вашата висока лојалност кон државата. А, државата се институциите и граѓаните, независно од нивната етничка, јазична, верска, политичка или која било друга припадност.

Вие сте еден од столбовите на нашата држава за заштита на националната безбедност.

Вие сте доказ дека институциите функционираат и професионално и одговорно си ја вршат работата, и тоа во исклучително сложени услови.

orden1Почитувани присутни,

Како претседател и врховен командант често се соочувам со тешки одлуки. Но, за мене нема потешка одлука од посмртното одликување на припадници на безбедносните сили.

На 9 мај, на Денот на победата и Денот на Европа, бранејќи го нашето осумзрачно сонце, осум херои ги положија животите.

Тажно е што наместо да им се оддаде должна почит, во јавноста се ширеа разни шпекулации, обвинувања и коментари во кои припадниците на полицијата беа омаловажувани и понижувани.

Но, времето, како и секогаш, е најправеден судија. Се покажа дека осумте херои не ги положија своите животи залудно. Со својата жртва тие спречија дестабилизација на државата и конфликт што можеше да има несогледливи последици за мирот, безбедноста и стабилноста на Република Македонија и поширокиот регион. Беа спречени терористички напади и крвопролевања од големи размери. Без професионалниот ангажман и пожртвуваноста на Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување, постоеше постојана и директна закана во наредните денови по улиците на повеќе градови низ Македонија да се лее крв на невини цивили. Благодарение на храброста и на одлучноста на нашите безбедносни сили беше избегнато светот и Македонија да се ужаснуваат од крвави сцени.

Времето е и најдобар учител. Сите ние треба да ја научиме лекцијата од Куманово што е многу скапо платена. А, тоа е дека поделбите и раздорот нè прават послаби и поранливи. Пожртвуваноста на нашите херои треба да биде предупредување до сите учесници во политичкиот живот на Македонија, но и фактор на обединување.

Крајно време е да го отфрлиме духот на поделбите, нетрпеливоста и омразата кон политичкиот противник и конечно да се помириме и да се сплотиме околу државниот интерес. Оттука, нивната жртва е влог кон иднината и помирувањето на Македонија.

Со овие медали за храброст ние нема да ги вратиме назад.
Нема да ги избришеме солзите на нивните родители, сопруги, деца...
Нема да ја исцелиме болката на нивните пријатели и другари.
Нема да ја вратиме радоста во нивните домови.
Но, со овој чин јасно покажуваме дека Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ не се заборавени. Нивната жртва не беше залудна. Напротив. Тие загинаа за нашите деца да имаат мирен сон, но и за побезбеден живот на нашите сограѓани, а со тоа и за заштита на националната безбедност на Република Македонија.

orden02Ценети присутни,

На почетокот ја спомнав државната химна. Но, покрај државната, има и една друга химна, со различен текст и музика, но со иста порака и суштина. Во неа се вели:

„Македонија земјо моја најмила, секогаш и секаде ние први одиме.
За тебе живот даваме, Македонијо. Секогаш и секаде ние ќе се бориме."

Верувам дека сите вие многу добро ја знаете оваа химна на Единицата за брзо распоредување. Во неа е врежана цената на слободата што ја живееме. А таа цена секогаш и секаде ја плаќаат храбрите и посветени припадници на безбедносните сили. И кога ја чуваат границата, и кога го обезбедуваат јавниот ред и мир, без разлика дали живееме во период на хармонија или предизвици. Секогаш и секаде, чесно и професионално, тие се борат за Македонија и за македонските граѓани.

Како претседател на Република Македонија и врховен командант, овие медали ги доделувам како израз на благодарност на македонските граѓани кон нивните херои.

Ордените за воени заслуги за Единицата за специјални задачи и за Единицата за брзо распоредување, како и медалите за храброст за осумте херои ги доделувам бидејќи успеаја, и во најтешките моменти за нашата татковина, да го зачуваат јавниот ред и мир и да го одбранат државниот интерес.

Драги сограѓани,

Има нешто што на нашите безбедносни сили им дава истрајност во извршувањето на овие ризични, но благородни задачи. А, тоа е нивната верба во иднината на Република Македонија. Тоа е нивната надеж за подобро утре. Тоа е нивната длабока увереност дека со сè што прават, создаваат неопходни услови за благосостојба и напредок на сите македонски граѓани во слободно, демократско и праведно општество.

Затоа, ве повикувам сите, независно дали сте Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи, атеисти..., да ги охрабриме и да ги поддржиме во нивната мисија, но и да ја споделиме нивната надеж и верба во Македонија. Верба дека Македонија има сила да ги надмине поделбите и одново да се издигне. Верба дека доаѓа нова генерација млади и посветени луѓе кои ќе работат за подобра иднина во Македонија. Со тоа, во вистинска смисла на зборот, ние ќе ја искажеме нашата благодарност кон хероите на Македонија.

Ви благодарам.

orden3

PRM15042016
Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Петок, 15 Април 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Пред три дена донесов одлука која е исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. И по сите реакции, како и тогаш, така и сега, цврсто сум убеден дека таквата одлука ќе помогне за надминување на политичката криза и намалување на тензиите меѓу политичките противници.

Свесен сум за одговорноста која ја презедов.

Внимателно ги проследив и ги анализирав сите реакции по мојата одлука. Сметам дека одлуката го штити исклучиво државниот интерес и ве информирам дека останувам на истата.

Уште еднаш повторувам, секој оној кој смета дека сум му одземал право, сторил лоша услуга и својата невиност сака да ја докаже на суд, го повикувам лично во писмена форма да поднесе барање за поништување на одлуката која се однесува на него.

Кога ќе ги добијам таквите барања, ќе повикам правни експерти да понудат можно правно решение. И политичките партии можат со свои правни експерти да се вклучат во овој процес.

Дозволете ми да констатирам дека:

- Партиите и нивните поддржувачи ги користат институциите како средство за пресметка.
- Судовите се под притисок при постапување по предмети.
- Безбедносните институции се парализирани со нарушен систем на команда и висок е ризикот да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме.
- Специјалното обвинителство има потреба од време за квалитетно вршење на истраги.

Барам претставниците на меѓународната заедница, кои се вклучени во процесот да помогнат сите страни целосно да си ги исполнат преземените обврски од Договорот од Пржино, додека потписниците на договорот да ги спроведат преземените обврски и да овозможат слободни, фер, демократски и кредибилни избори.

Ги охрабрувам сите носители на јавни функции кои извршуваат работи согласно Уставот и законите, судии, обвинители, полициски службеници и други да не подлежат на притисоци и влијанија од кого било во вршењето на своите должности. Ги охрабрувам за сите случаи јавно да проговорат и ако чувствуваат потреба да ме информираат.

Уште еднаш ги повикувам претставниците на меѓународната заедница да внимаваат на своето однесување и активности и ги потсетувам дека би можело да бидат погрешно разбрани.

Граѓаните на Република Македонија очекуваат од политичките партии нивно внатрешно прочистување и промовирање на нови лица во политиката во Република Македонија.

Целта на носењето на одлуката е таа да биде гаранција дека до денот на одржување на изборите, партиите и нивните поддржувачи, работата на институциите и активноста на претставниците на меѓународната заедница нема да бидат злоупотребени и нема да влијаат во нарушувањето на изборниот процес.

Очекувам распишаните избори на 5 јуни да бидат вовед во ново поглавје за Република Македонија.

Ви благодарам.

prm_izjava_12042016
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов до граѓаните на Република Македонија
Вторник, 12 Април 2016

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Нашата држава речиси две години се наоѓа во длабока политичка криза. Најдлабока политичка криза досега која од ден на ден се продлабочува. Дури ни распишувањето на изборите не е доволна гаранција дека кризата набрзо ќе се реши и ќе заврши, колку и сите ние тоа да го посакуваме.

Во овој период се обидував во неколку наврати да помогнам, да се вклучам во решавањето на оваа криза. Но, едната од двете спротивставени страни не покажа волја и интерес за мое вклучување и инсистираше разговорите да се водат исклучиво под покровителство на меѓународниот фактор во земјата. Немајќи избор, ја прифатив таа нивна одлука, иако мислам дека не е добра за земјата. Кога некои од надвор ви ги решаваат домашните проблеми, тоа лошо говори за самите вас. И нормално е, при тоа решавање или помагање, тие секогаш да се водат пред сѐ од своите интереси. Но, со сила може нешто да се земе, а не може да се даде. Моето понудено посредништво не беше прифатено.

Сепак, тоа не беше причина внимателно да не ги следам и анализирам настаните, кои од ден на ден се влошуваат. Некако се дојде и до распуштање на Собранието, но најголемата опозициска партија најави бојкот, што повторно е лошо за земјата.
Моите анализи одат во следните насоки:

1. Ова што ѝ се случува на Македонија не е наша игра. Ова е туѓа игра.

Нелегално да се снима целиот државен врв, новинари, медиуми, дипломати и сето тоа потоа како фабрикуван материјал да се стави во рацете на еден човек, со силна поддршка да го користи тоа, и сѐ што се случуваше потоа, јасно укажува дека некој друг сериозно има замешано прсти во креирањето на оваа криза. Впрочем, Македонија не е ни прва, а веројатно ни последна држава на која ова ѝ се случува.

2, Ова што ни се случува не е во интерес на никој во Македонија. Ова е нечиј туѓ интерес. Ваквата криза никому не му помогна во земјата. Ниту на власта, ниту на опозицијата, колку и да се имаше такви очекувања. Но оваа криза сериозно ѝ наштети на Македонија и на сите наши граѓани. И наштети на угледот на земјата, и наштети на забавувањето на реформите и напредокот, на фокусираноста на стратешките цели за членство во ЕУ и НАТО, и наштети на економијата, на продлабочувањето на поделбите во секоја пора на општеството, на радикализација на политичките структури, на деструкција која веќе никој не може да ја контролира или претпостави. Никој не може да ме убеди дека оваа криза е интерес на Република Македонија.

Оваа криза е за нечиј туѓ интерес. За нечии туѓи цели и интереси. Некој кој сака нешто да постигне. Некој кој сака преку завојуваните политичари, политички лидери и нивни поддржувачи, да оствари своја цел.

3. Сето она што се случуваше во изминатиов период, резултираше со досега невидена политичка конфронтираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување. Бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа, работите отидоа толку лично и далеку, си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки, што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства, само да не бидат поразени на следните избори, затоа што не знаат до каде ќе оди другата страна во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата. Политиката се претвори во тоа кој кому ќе пушти повеќе кривични пријави и ќе отвори кривични постапки, кај кого ќе има повеќе претреси и притвори. Кој колку другиот ќе го заплаши и заглави. Судиите се под невиден притисок од сите страни. Претставници на меѓународната заедница ни се шетаат низ судовите додека тие треба да донесат одлуки дали некого да притворат или не. Пред некој ден еден судија однесоа во болница затоа што колабира за време на процесот. Сево ова веќе станува за многумина неиздрживо, сѐ повеќе наликува на борба до истребување. Се плашам дека Република Македонија може да почне да наликува како онаа географска Македонија во 20-тите години на минатиот век, кога антагонизмот меѓу Македонците отиде до такви размери, што се претвори во меѓусебно истребување преку физички ликвидации. Да се потсетиме дека и тогаш тие беа поттикнати од надворешни фактори.

4. Се распушти Собранието. Опозицијата објави бојкот на изборите и формирање на фронт за слобода. Ова значи дека ќе се оди и на попречување на одржувањето на изборите. Имаме техничка влада со ограничени овластувања. На раб сме на кризна состојба. Работата е заплеткана до бескрај и никој не може да ја отплетка, дури ни водствата на партиите, ниту пак претставниците на меѓународната заедница. Ниту Пржинскиот договор, ниту распуштањето на Собранието не ги намали тензиите, напротив ги зголеми. Никој никому не верува. Секој мисли дека другиот му подготвува нешто зад грб. Ако се остави само по себе да се отплеткува вака заплетканиот јазол, ќе поминеме како заложници во долгогодишна политичка криза, на која не може да ѝ се предвиди крајот. Сериозно се доведува во прашање потребата од мирна изборна кампања и мирен изборен ден. Ако пак тоа не се случи, државата и сите граѓани ќе имаат долгорочни последици. Се плашам дека навистина граѓаните можат да стават крај на кризата со следните избори.

5. Доаѓаат месеци и години кога политичарите, независно кој од нив се на власт, а кој во опозиција ќе се занимаваат со сериозни и стратешки важни одлуки за државата, нацијата и идентитетот и јас не сакам да дозволам ниту оние кои ќе бидат во власта, ниту оние кои ќе бидат во опозицијата, да носат одлуки, а да се истовремено оптоварени и под личен притисок од можноста неправично да бидат уценети, да се соочени со лична закана за својата слобода, чест и углед, иднина или каква било уцена од некој надворешен или внатрешен фактор. Можеби и токму заради таква цел, некој ја предизвика и оваа ситуација. За да можe да влијае врз нив или дури можеби и да ги контролира нивните одлуки, се разбира пред сѐ во свој интерес.

Почитувани,

Од овие причини со намера да придонесам во решавањето на кризата, до релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи, свесен за последиците врз државата и граѓаните ако нешто не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано да се пресече јазолот, согласно сите мои уставни и законски овластувања, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни.

Таквата одлука ја донесов и ја потпишав денес. И стојам зад неа. Во одлуката пишува дека стапува во сила веднаш.

Почитувани,

Во однос на оваа одлука сакам да информирам за неколку работи.
- Не се водев од позицијата кој на која политичка опција припаѓа, туку се водев исклучиво од државниот и националниот интерес. Меѓу опфатените има и многу мои политички поддржувачи, но и многу мои политички противници. Но, не поаѓам од моите лични позиции, туку од државните интереси.

- Никого од опфатените во овие одлуки не информирав, или на кој било начин не му најавив или, пак, побарав согласност од него за оваа моја постапка. Претпоставив дека ако го направам тоа, или сите, или најголемиот дел од нив, убедени во својата невиност и исправност ќе ме одбиеја и агонијата во земјата ќе продолжеше со години, заедно со сите можни негативни последици.
- Не навлегував во тоа дали е некој невин или виновен. Поаѓам од презумпцијата на невиност. Моја претпоставка е дека најголемиот дел не се виновни за тоа за што им е покрената кривична постапка, иако не можам да го потврдам тоа без судска одлука. Ова го мислам од причина, што стана јасно дека целта на некого е да ги заплетка политичарите и нивните блиски во кривични постапки и во страв и неизвесност, и притоа во една таква ситуација да остварува свои цели. Но, состојбата е таква, што чекајќи тие да си ја докажат својата невиност, можеме да ја доведеме во прашање иднината на државата. Република Македонија и нејзините граѓани немаат време за тоа.

- Најголемиот дел од прекините на постапките се во фаза кога само некому му е само поднесена кривична пријава, а воопшто не е покрената истрага или обвинение, или пак судски рочишта. Претпоставувам дека за голем дел од нив никогаш немаше да дојде до покренување на истрага или обвинение. Помал дел се такви каде е отворена истрага или обвинение, што исто така не значи дека се виновни. Само една од одлуките е амнестија за лице кое веќе е правосилно осудено, но со оглед што за сите други од тој случај се прекинува постапката, ценев дека е неправедно само тоа лице да отслужува казна. Само затоа што за разлика од другите во тој предмет го признал делото и се спогодил со обвинителството за висината на казната.

- Ако некого со оваа постапка го навредив, или на кој било начин го доведов во состојба да се чувствува непријатно, јавно му се извинувам и потенцирам дека немав кон никого лоша намера. Овој чекор го правам само за зачувување на државните и националните интереси, пред сѐ и над сѐ.

- Ако некого сум пропуштил и тоа го оценам во наредниот период, ќе го исправам пропустот. Доколку проценам дека некој сака со слични чекори, повторно да нѐ заплетка во вакво сценарио, не ја исклучувам можноста повторно да реагирам на идентичен начин.

- Дејствувањето на некои институции во изминатиот период кои треба да се само професионални, добива впечаток дека имаше призвук на политичка хајка и оттука, доколку и во иднина тоа го почувствувам, ќе дејствувам соодветно и ќе го направам истото.
- Убеден сум дека со оваа одлука правам крупен чекор кон меѓусебно помирување, и дека ова ќе помогне за една натамошна нормална, како во сите развиени држави политичка и демократска борба, заснована врз натпревар на идеи и резултати, а не на меѓусебно исцрпување и уништување, и особено не во функција на туѓи интереси и сили. Убеден сум дека со овој чекор им помагам и на меѓународните посредници кои имаат добри и чесни намери кон нашата земја. Пред сѐ во нивните напори за консолидација на политичката криза и придвижување на земјата кон натамошен напредок, реформи и реализација на стратешките планови за влез во НАТО и ЕУ.

- Можно е на краток рок и двете страни, или сите можни страни, да ме напаѓаат и да ме обвинуваат за овој чекор. Да ме обвинуваат со различни теории за заговор, или разни други обвинувања на моја сметка. Подготвен сум да се справам со тоа. Кога се нафатив со оваа функција, бев свесен дека таа носи и многу непријатности. Но, длабоко сум сигурен дека донесов исправна одлука.

На крајот ќе заклучам: Јас ова што ѝ се случува на Македонија не можам да го дозволам во мојот мандат. Ние не смееме тоа да го дозволиме како генерација. Ова што се случува во Македонија е сѐ, само не политика, ова е поголема игра, во која Македонците, но и другите, Албанците и останатите, и не само политичарите, туку и академиците, професорите, лекарите, интелектуалците, бизнисмените, сите се под уцена и сите се заложници на оваа ситуација. Кризата ќе заврши кога ќе престанат сите да бидат заложници на страв, лична освета, гнев, омраза и поделби.

Потребен ни е процес на национално помирување. Доста беше Македонецот да оди против Македонецот. Ова го гледам како чекор во таа насока.

Кризата почнува да завршува од овој момент и посакувам да добие завршница со фер и демократски избори по сите стандарди. Легитимирани и признаени од меѓународните институции, и потоа државата помирена да продолжи да оди напред, оставајќи ги зад себе овие две мрачни години кои историјата ќе ги смета за црна дамка на нашата генерација.
Јас ја преземам оваа одговорност со полна верба и свесност за сите можни идни реакции од секого, и сум подготвен да ја бранам оваа одлука секаде и пред секого.

Ви благодарам.

marmara1
Обраќање на претседателот Иванов на 19. Евроазиски економски самит
Четврток, 07 Април 2016

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Темата на оваа сесија е „Стремеж кон студена војна". Морам да ви признам дека насловот ме изненади. Дали можеме да зборуваме за Студена војна во време кога насекаде околу нас има отворени, жешки конфликти?

Ќе ве потсетам дека во текот на Студената војна имаше поредок и стабилност што се одржуваше со баланс на стравот меѓу двете идеолошки спротивставени страни.

Во 1989 година, заедно со Берлинскиот ѕид паднаа и старите режими во Централна и Источна Европа. Со крајот на Студената војна се роди надежта за помирен, побезбеден и подобар живот. Со победата на либералната демократија се јави теоријата на Фукујама за крајот на историјата на идеите.

Но, по еуфоријата следеше соочување со реалноста. Триумфализмот траеше кратко и спласна по само една деценија. Историјата се врати со сета своја жестокост.

Точно е дека денес имаме заладување во односите меѓу некои од клучните глобални актери. И точно е дека дел од реториката нè потсетува на Студената војна. Но, не станува збор за ист феномен бидејќи постојат суштински разлики.

Почитувани присутни,

За време на блоковската поделба имаше два клучни глобални државни актери. Денес, во нашиот мултиполарен свет има многу повеќе глобални актери, како државни, така и недржавни.

Ако за време на Студената војна, балансот на стравот придонесувал кон каква-таква стабилност, денес, застрашувањето од страна на недржавните актери како што се транснационалниот тероризам, насилниот екстремизам, организираниот криминал, внесува сè поголема нестабилност.

Наместо меѓународен поредок денес имаме глобален непоредок. Наместо мир, безбедност, развој, просперитет и правда за сите што се очекуваше по крајот на Студената војна, се врати стравот од другиот, ксенофобијата, се разгореа кризните жаришта на Блискиот Исток, Северна Африка, но и во Европа.

Сведоци сме дека хаосот не може да се контролира и канализира. Пример за тоа е конфликтот во Сирија што започна како идеолошка граѓанска војна, прерасна во внатрешен етно-религиозен судир, а на крајот стана поширок регионален судир каде и глобалните актери вмешаа прсти. На прв поглед, состојбата наликува на она што Хобс го нарече војна на секој против секого.

Наместо смирување, можно е дури и проширување на зоните на конфликти и создавање глобален појас на нестабилност, што може да предизвика континуирани миграциски бранови. Токму тие сиви зони на конфликт се плодно поле за злото на транснационалниот тероризам кој сее страв и мрежите на организиран криминал кои заработуваат милијарди долари од трговијата со човечки судбини.

Затоа, ако зборуваме за нова Студена војна, ние само робуваме на претстави создавани за некои други, одамна поминати времиња. На повидок е нешто многу поголемо. Сведоци сме на процесот на темелна трансформација на меѓународниот во светски поредок, во кој сè поактивни ќе се недржавните актери. Покрај судирот меѓу државите или сојузите на држави, има и друг судир.

marmara2Ценети присутни,

Ако пред четврт век можевме да зборуваме за Студената војна како судир меѓу идеологиите, денес можеме да зборуваме за судир на две парадигми или два света.

Моќта во 20 век беше концентрирана во проактивните центри на глобалниот север. Во 21 век глобалниот југ се разбуди. Развиениот свет ја плаќа цената на исклучивоста. Некои заедници и народи од третиот, неразвиен свет, кои во минатото биле исклучувани и маргинализирани, денес се на врвот на агендите на развиените држави.

Се раѓа нова сила – глобално граѓанство – глобален демос. Оваа нова сила бара да ѝ се посвети внимание и да ѝ се почитуваат можностите кои ги поседува во свет кој сè уште ги чувствува раните од сите можни доминации од минатите векови, од империјалните, преку колонијалните, па сè до нео-колонијалните.

Наспроти концептот за Lebensraum како свет на поредокот, стои она што Хабермас го нарекува Lebenswelt како свет на животот.

Ќе ви дадам една илустрација.

Пред само три недели, на 14 март се случи сериозен инцидент на нашата јужна граница, близу Идомени, кога околу 2445 мигранти илегално влегоа на македонска територија. Меѓу нив имаше и 74 новинари, активисти, членови на невладини организации и волонтери од 5 континенти. Тие не само што им помагале на мигрантите да ја преминат границата, туку и целиот настан како реалити шоу директно го пренесувале на светските медиуми и социјалните мрежи.

Кај Идомени се судрија светот на државите и светот на недржавните актери. Државите ги создаваат и ги бранат границите, а светот бара да се отворат границите. Затоа, како што рече Хобсбаум, ова е време на екстреми.

Тоа е илустрација за масовен глобален активизам. Недржавните актери со помош на социјалните мрежи и на медиумите се обидуваат да вршат притисок и да влијаат на политиката на државите. Некогаш, со нивните активности, создаваат поголема видливост за потребите на луѓето и им даваат глас на безгласните.

Која е идејата што ги обединува? Ги обединува идејата за свет во кој границите во реалниот свет ќе исчезнат како што исчезнаа границите во виртуелниот свет.

Зошто го зборувам сево ова? Секоја епоха има свои потреби. Во средниот век тоа беше феудалниот систем со закрепостените селани. Кога развојот на општеството ги надмина границите на феудалните заедници, во Вестфалија се создаде концептот на нацијата држава која требаше да одговори на новите потреби.

Ние живееме во време кога и формата на нацијата држава е претесна за да ги реализира глобализираните потреби на општеството, како позитивните, така и негативните. Нефункционалноста на сегашните меѓународни организации создава потреба од функционални глобални институции и механизми кои ќе создаваат применливи глобални норми. Неуспехот да се изградат такви функционални институции може да нè врати во нов феудализам.

Во таа смисла, ова е можност да ги осознаеме контурите на светот што се раѓа. Како што во антиката полисот се трансформирал во космополис, така, денес, поредокот на државата се трансформира во поредок на светот.

Ви благодарам.

marmara3

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 18 од 64