Почитувани присутни, Дами и господа, Драги пријатели,
Темата на оваа сесија е „Стремеж кон студена војна". Морам да ви признам дека насловот ме изненади. Дали можеме да зборуваме за Студена војна во време кога насекаде околу нас има отворени, жешки конфликти?
Ќе ве потсетам дека во текот на Студената војна имаше поредок и стабилност што се одржуваше со баланс на стравот меѓу двете идеолошки спротивставени страни.
Во 1989 година, заедно со Берлинскиот ѕид паднаа и старите режими во Централна и Источна Европа. Со крајот на Студената војна се роди надежта за помирен, побезбеден и подобар живот. Со победата на либералната демократија се јави теоријата на Фукујама за крајот на историјата на идеите.
Но, по еуфоријата следеше соочување со реалноста. Триумфализмот траеше кратко и спласна по само една деценија. Историјата се врати со сета своја жестокост.
Точно е дека денес имаме заладување во односите меѓу некои од клучните глобални актери. И точно е дека дел од реториката нè потсетува на Студената војна. Но, не станува збор за ист феномен бидејќи постојат суштински разлики.
Почитувани присутни,
За време на блоковската поделба имаше два клучни глобални државни актери. Денес, во нашиот мултиполарен свет има многу повеќе глобални актери, како државни, така и недржавни.
Ако за време на Студената војна, балансот на стравот придонесувал кон каква-таква стабилност, денес, застрашувањето од страна на недржавните актери како што се транснационалниот тероризам, насилниот екстремизам, организираниот криминал, внесува сè поголема нестабилност.
Наместо меѓународен поредок денес имаме глобален непоредок. Наместо мир, безбедност, развој, просперитет и правда за сите што се очекуваше по крајот на Студената војна, се врати стравот од другиот, ксенофобијата, се разгореа кризните жаришта на Блискиот Исток, Северна Африка, но и во Европа.
Сведоци сме дека хаосот не може да се контролира и канализира. Пример за тоа е конфликтот во Сирија што започна како идеолошка граѓанска војна, прерасна во внатрешен етно-религиозен судир, а на крајот стана поширок регионален судир каде и глобалните актери вмешаа прсти. На прв поглед, состојбата наликува на она што Хобс го нарече војна на секој против секого.
Наместо смирување, можно е дури и проширување на зоните на конфликти и создавање глобален појас на нестабилност, што може да предизвика континуирани миграциски бранови. Токму тие сиви зони на конфликт се плодно поле за злото на транснационалниот тероризам кој сее страв и мрежите на организиран криминал кои заработуваат милијарди долари од трговијата со човечки судбини.
Затоа, ако зборуваме за нова Студена војна, ние само робуваме на претстави создавани за некои други, одамна поминати времиња. На повидок е нешто многу поголемо. Сведоци сме на процесот на темелна трансформација на меѓународниот во светски поредок, во кој сè поактивни ќе се недржавните актери. Покрај судирот меѓу државите или сојузите на држави, има и друг судир.
Ценети присутни,
Ако пред четврт век можевме да зборуваме за Студената војна како судир меѓу идеологиите, денес можеме да зборуваме за судир на две парадигми или два света.
Моќта во 20 век беше концентрирана во проактивните центри на глобалниот север. Во 21 век глобалниот југ се разбуди. Развиениот свет ја плаќа цената на исклучивоста. Некои заедници и народи од третиот, неразвиен свет, кои во минатото биле исклучувани и маргинализирани, денес се на врвот на агендите на развиените држави.
Се раѓа нова сила – глобално граѓанство – глобален демос. Оваа нова сила бара да ѝ се посвети внимание и да ѝ се почитуваат можностите кои ги поседува во свет кој сè уште ги чувствува раните од сите можни доминации од минатите векови, од империјалните, преку колонијалните, па сè до нео-колонијалните.
Наспроти концептот за Lebensraum како свет на поредокот, стои она што Хабермас го нарекува Lebenswelt како свет на животот.
Ќе ви дадам една илустрација.
Пред само три недели, на 14 март се случи сериозен инцидент на нашата јужна граница, близу Идомени, кога околу 2445 мигранти илегално влегоа на македонска територија. Меѓу нив имаше и 74 новинари, активисти, членови на невладини организации и волонтери од 5 континенти. Тие не само што им помагале на мигрантите да ја преминат границата, туку и целиот настан како реалити шоу директно го пренесувале на светските медиуми и социјалните мрежи.
Кај Идомени се судрија светот на државите и светот на недржавните актери. Државите ги создаваат и ги бранат границите, а светот бара да се отворат границите. Затоа, како што рече Хобсбаум, ова е време на екстреми.
Тоа е илустрација за масовен глобален активизам. Недржавните актери со помош на социјалните мрежи и на медиумите се обидуваат да вршат притисок и да влијаат на политиката на државите. Некогаш, со нивните активности, создаваат поголема видливост за потребите на луѓето и им даваат глас на безгласните.
Која е идејата што ги обединува? Ги обединува идејата за свет во кој границите во реалниот свет ќе исчезнат како што исчезнаа границите во виртуелниот свет.
Зошто го зборувам сево ова? Секоја епоха има свои потреби. Во средниот век тоа беше феудалниот систем со закрепостените селани. Кога развојот на општеството ги надмина границите на феудалните заедници, во Вестфалија се создаде концептот на нацијата држава која требаше да одговори на новите потреби.
Ние живееме во време кога и формата на нацијата држава е претесна за да ги реализира глобализираните потреби на општеството, како позитивните, така и негативните. Нефункционалноста на сегашните меѓународни организации создава потреба од функционални глобални институции и механизми кои ќе создаваат применливи глобални норми. Неуспехот да се изградат такви функционални институции може да нè врати во нов феудализам.
Во таа смисла, ова е можност да ги осознаеме контурите на светот што се раѓа. Како што во антиката полисот се трансформирал во космополис, така, денес, поредокот на државата се трансформира во поредок на светот.
Ви благодарам.

|