Обраќање на отворањето на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“
|
Сабота, 10 Септември 2016
|
|
Почитувани вљубеници во филмот,
Пред четврт век, Република Македонија прогласи независност. Со тоа, како држава станавме актер на светската сцена. Од самиот почеток на приказната за македонската независност, се пријавивме на многу аудиции, во многу меѓународни организации. Во едни бевме примени, а во други одбиени. Некаде бевме ставени на листа за чекање, а некаде ни го грешеа дури и името. Се соочивме со речиси сите предизвици со кои може да се соочи една држава. Со победи и падови, со успеси и порази. Кој и да го прочита сценариото за Македонија ќе види дека воопшто не ни беше здодевно во овие 25 години.
Но, има еден аспект од независноста со кој речиси никогаш немавме проблеми. А тоа е полето на филмската уметност. На ова поле имаме импресивно филмско резиме. Во него стои дека тука, во Битола, биле првите филмски сниматели на Балканот. Тука започна првиот и најстар меѓународен филмски фестивал посветен на директорите на фотографијата. Во нашето филмско резиме стои и тоа дека од Македонија произлегле филмски остварувања што освоиле бројни светски награди. Имаме млади претприемачи на дигиталната ера кои се на најавните и одјавните шпици на многу наградувани филмови, па и оскаровци. Затоа, треба да продолжиме да ги промовираме овие наши културни и уметнички вредности кои му даваат боја на сивилото.
Драги пријатели,
Знам дека во публиката има многу филмофили кои со нетрпение го очекуваат почетокот на овој филмски празник. Затоа, затворајќи го ова обраќање, го отворам 37-то издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки".
Филмот започнува, почувствувај ја светлината!

|