Обраќање на свечената академија по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија
Среда, 07 Септември 2016   

8Sep

8sep1Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани претставници на законодавната, извршната и судската власт на Република Македонија,
Почитувани претставници на политичките партии и цивилното општество,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на верските заедници на Република Македонија,
Претставници на медиумите,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е, како претседател на Република Македонија, да ви го честитам овој голем празник што се празнува на уште поголем јубилеј – 25 години од независноста на Република Македонија.

Овој голем јубилеј е можност за преиспитување, превреднување и самосогледување. Ова е време кога одново ќе ги прелистаме испишаните страници од нашето минато и од нашата сегашност, но и празните, сè уште неиспишани страници на нашата иднина.

Прелистувајќи ги страниците, ќе видиме дека минатото на Македонија е исполнето со судирот меѓу правдата и моќта, меѓу слободата и ропството. Приказната што започнаа да ја пишуваат нашите преродбеници и учители ја продолжија нашите илинденци. На неа се надоврзаа нашите АСНОМ-ци, а ја заокружија основоположниците на независна и суверена Република Македонија. Ја заокружија и ни ја оставија да го продолжиме делото за Македонија.

Овие 25 години бевме ставени на многу испити. Секоја нова страница е исполнета и со предизвици и со успеси. И со грешки, но и со мудри одлуки. И со задоцнети и преуранети, но и со навремени и одмерени чекори.

Но, читајќи ја нашата историја не смееме да заборавиме дека таа е едно поглавје од големата светска историја.

Пред 25 години во светот живееја пет милијарди луѓе. Денес, планетата ја делиме со над седум милијарди луѓе, со сите нивни потреби, желби и стремежи. И од сите желби и стремежи, еден е посилен и потраен, а тоа е стремежот за слобода и за самоостварување. Стремеж да се биде свој на своето. Од околу 7000 народи што постојат во светот, само 193 се изборија за привилегијата да бидат државотворни и да станат членки на семејството на Обединетите нации. Ние сме еден од нив. И тоа е најголемиот успех, најголемиот триумф во македонската историја.

Но, тој успех се случи кога малкумина во регионот и во Европа очекуваа. Крајот на Студената војна го означи почетокот на пролетта на идентитетите. Додека Европа се интегрираше, нашата поранешна заедничка држава се дезинтегрираше. Велат дека кога Берлинскиот ѕид падна, тој се сруши врз Југославија. И, во последниот момент успеавме мирно, без испукан куршум, да излеземе од федерацијата што се уриваше како кула од карти.

Така станавме дел од поредокот изграден по Втората светска војна. Поредок втемелен врз победата над злото на фашизмот и нацизмот. Но, тој поредок веќе се менуваше.

Сувереност прогласивме во време на десуверенизација кога многу држави беа пренеле дел од суверенитетот на меѓународните организации. Независност прогласивме во свет во кој сите сме сè повеќе поврзани и меѓузависни. Овие 25 години се совпаднаа со големи глобални трансформации и премини. Премин од 20 во 21 век. Од вториот во третиот милениум. Од биполарен во униполарен свет. Но, денес имаме мултиполарен свет во кој новите светски сили се соочуваат со стари предизвици, како што старите светски сили се соочуваат со нови глобални предизвици. Со нова голема преселба на народите, со транснационален тероризам и организиран криминал, со климатски промени, со сè поизразен нерамномерен раст, развој и распределба на глобалните ресурси.

Истовремено, светот ја живее новата епоха на себеспознавање. Сè што некогаш беше научна фантастика, сега се остварува како фантастична наука. Благодарение на новите технологии започна да се развива планетарна свест. Сега секој може да комуницира со секого. За првпат во историјата во реално време знаеме што се случува во најдалечните краишта на светот.

Бевме дел од големи преобразби и процеси што создадоа и големи очекувања кај сите нас. Очекувања дека новата епоха на човештвото ќе ни донесе нешто понапредно, посовршено, повозвишено и нам, тука, во Република Македонија.

Но, сите надежи не се остварија...

Почитувани сограѓани,

За да продолжиме да го пишуваме нашето поглавје, неопходно е да се потсетиме како стигнавме до тука. А најдобриот начин да одиме напред е да се вратиме назад кон суштината на слободата.

25 години сме слободни и независни. Имаме институции кои носат и спроведуваат закони. Но, тоа не е доволно. Законите сами по себе не се доволни за да ја чуваат слободата. Како општество можеме да бидеме вистински слободни само ако слободата ја чуваме во нашите срца, во срцето на Македонија. А тоа срце денес е исполнето со горчина. Горчина поради прекршените завети.

Драги сограѓани,

Минатата година, на ден Илинден, од херојско Крушево зборував за македонските манифести. А манифестите се повик за воспоставување завет меѓу нас. Завет да си веруваме, да се почитуваме и сплотени да ја градиме државата. Завет заедно да го испишуваме македонското поглавје од светската историја. А секој завет е воедно и гаранција меѓу оние кои стапиле во него. И секој завет подразбира заемна одговорност.

Првиот Илинден имаше свој завет. Илинденците се колнеа врз револверот и камата дека животот ќе го положат за слободата на Македонија.

Примерот на илинденците го следеа борците во Народноослободителната и антифашистичка борба кои во 1944-та се изборија за вториот Илинден, за вториот завет, склучен на првото заседание на АСНОМ. Тоа беше завет со кој беа удрени темелите на првата слободна и демократска македонска држава. Но, тој завет беше прекршен од оние чија претстава за Македонија беше создадена за други потреби и за туѓи интереси.

На 8 септември 1991-та, ние го имавме нашиот трет Илинден. Како граѓани гласавме за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна, и како граѓанска и демократска држава. Држава во која ќе се воспостави и ќе се изгради владеењето на правото, ќе се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и рамноправноста. Држава што ќе обезбеди мир и соживот меѓу своите граѓани, независно од етничката, верската и јазичната припадност. Држава што ќе обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. На 8 септември 1991-та, пред 25 години, ние, граѓаните стапивме во третиот македонски завет.

Дами и господа,

Читајќи го поглавјето од минатото, ќе забележиме дека првите страници се пишувани со голема брзина, со нечиток ракопис и со многу грешки и пропусти. Тие страници се пишувани во драматичен период, кога оружјето повторно ѕвечкаше на Балканот. Кога времето меѓу молњата и громот се намалуваше, а безбедносната бура се приближуваше.

Многумина беа изненадени од нашата одлука за независност. Некои мислеа дека ќе станеме и ќе останеме фуснота во нечија туѓа историја. Дека поглавјето за Македонија конечно ќе биде завршено и затворено. Но, ние, македонските граѓани решивме сами да го испишеме нашето ново поглавје во историјата. Решивме да бидеме главни носители на нашата македонска приказна.

Прогласувајќи независност, изменивме многу планови. Затоа, станавме исклучок од многу правила.

Моравме да се бориме за меѓународно признавање, воспоставување дипломатски односи, зачленување во меѓународните организации.

Од почетокот на независноста, гледаме како некој постојано да се обидува да го прецрта, да го избрише нашето име. А бришејќи го името Македонија, некој како постојано да се обидува да ни ги оспори сите аспекти на нашиот идентитет. И етничкиот, и јазичниот, и културниот, но и политичкиот, граѓански идентитет.

Додека другите држави освојуваа нови пазари, ние ги браневме нашите основни и неотуѓиви човекови права и слободи, нашето право на самоидентификација и на човечко достоинство. Право да бидеме тоа што сме.

Додека другите напредуваа во своите интеграции, ние моравме да ја докажуваме очигледната вистина за нашето македонско име, за нашиот македонски јазик и за нашиот македонски идентитет. Да докажуваме дека постоиме.

Од првиот ден на независноста се соочивме со бројни парадокси.
Нè нарекуваа закана за безбедноста, иако бевме единствената република што мирно излезе од поранешната заедничка држава.
Нè обвинуваа дека ја крадеме историјата, иако други ни ги крадеа артефактите.
Иако ги исполнивме сите услови за меѓународно признавање и интегрирање, долго време бевме негирани и непризнавани.

Но, не се откажувавме и обесхрабрувавме. Идејата за слобода имаше моќ да го трансформира нашето општество. НАТО нудеше сигурност и безбедност, додека Европската Унија нудеше успех и благосостојба. Затоа постигнавме согласност за нашите врвни стратегиски цели ‒ членство во НАТО и во Европската Унија. Затоа, се залагавме за либерализација на економијата, плурализација на политиката и европеизација на општеството. И бевме непоколебливи во остварувањето на нашите стратегиски цели.

Тоа беше голема преобразба со големи очекувања. Нашата цел беше да ги достигнеме највисоките европски вредности, принципи и критериуми за демократијата, владеењето на правото, човековите права, за пазарна економија. Правејќи значајни чекори на сите полиња, Република Македонија стана позитивен пример и предводник на европската и евроатлантската интеграција на регионот.

Но, и тука се соочивме со предизвици. Колку повеќе се приближувавме до целта, толку повеќе целта ни ја оддалечуваа од нас. Иако ги исполнивме сите критериуми за членство во НАТО и за почеток на преговорите со Европската Унија, бевме блокирани и оставени сами на себе. Нашите стратегиски цели кои на почетокот нè обединуваа, со блокадите почнаа да нè фрустрираат.

Не мина долго време и блокираните процеси и изгубените години предизвикаа длабоки политички кризи. Кризи во кои станавме заложници на горчина, гнев и нетрпеливост кон политичкиот противник. Кризи во кои се поделивме. Дијалогот од државните институции го преселивме во амбасадите на странските држави. Го загубивме чувството за јавна пристојност во јавниот простор. Кризи во кои многу процеси стагнираа и во кои го погазивме заветот што си го дадовме кога прогласивме независност. Завет заедно, сплотени да ја градиме државата. И така, последиците од блокадите станаа причини за нови блокади.

Драги сограѓани,

Многу добро се сеќавам на претходниот јубилеј – на 20-годишнината од независноста. Тогаш сплотени и единствени ѝ се радувавме на независноста.

Но, за разлика од пред пет години, овој јубилеј нè затекна раскарани и поделени, со меѓусебна недоверба и омраза. Оваа година во која кулминираше политичката криза беше можност за општествена катарза, за прочистување на нашето општество од сета неодговорност, нетрпеливост и омраза што се наталожија во изминатиот четврт век. Оваа јубилејна година требаше да биде пресвртница и нов почеток. Но, наместо тоа, продолживме да тонеме сè подлабоко во калта на реваншизмот и меѓусебните обвинувања. Општеството, економијата, медиумите, културата, уметноста, спортот... станаа заложници на политичка криза во која секоја страна ги гледа грешките на противникот, но е слепа за сопствените грешки.

Почитувани сограѓани,

По многу одлагања и неизвесности, на 11 декември треба конечно да се одржат долгоочекуваните предвремени парламентарни избори. На овие избори не е важно само кој ќе освои најмногу гласови и кој ќе владее до наредните избори. Тоа ќе го кажат граѓаните. Многу поважно е како ќе мине предизборниот и изборниот процес. Дали ќе се почитува волјата на граѓаните, не само од победникот, туку и од поразениот. А, најважно од сè е она што ќе следи по изборите, по 11 декември.

Изгубивме многу скапоцено време. Овие избори се шанса да ја завршиме оваа горка страница исполнета со неизвесност и да свртиме нова страница.

Новата влада ќе има голема задача, на повеќе полиња.

Во услови на блокирани европски и евроатлантски интеграции, неопходно е Македонија да направи стратегиско свртување кон внатре. Што значи тоа? Ако Европската Унија нема волја да ги започне преговорите за членство и да ги отвори поглавјата за Македонија, тогаш ние самите треба да си ги отвориме 34-те поглавја, и ние самите треба да си ги исполниме критериумите за членство во Унијата. Неопходно е да ги зацврстуваме институциите, да го реформираме судството, образованието, да ја унапредуваме економијата. На тој начин, ќе ги отстраниме или барем ќе ги минимизираме последиците од блокадите. Затоа, неопходно ни е стратегиско свртување кон внатре. Сами да се менуваме, на подобро.

Но, тоа стратегиско свртување кон внатре е многу подлабоко и посуштинско.

Настапува време за нов израз на највисока согласност околу споделените интереси на сите граѓани на Република Македонија. Согласност меѓу граѓаните и институциите, меѓу граѓаните и нивните избраници и претставници.

По изборите, новата влада, но и сите ние заедно ќе треба напорно да работиме за релаксирање, наместо заострување на односите во општеството. За враќање на културата на дијалог и на компромис во политиката.
Треба да ја градиме Македонија како држава на успешните. Како општество поштедено од политизација и партизација, во кое политичките битки ќе се водат во институциите, а не на улиците.
Општество во кое врвна вредност ќе биде лојалноста кон државата и нејзините институции, а не кон партијата. Лојалност кон сограѓаните, а не кон сопартијците. Општество во кое ќе престанеме да се гледаме низ тесната и ограничувачка призма на партиите и идеологиите, но, ќе се гледаме како сограѓани, сонародници, соседи, луѓе.
Држава со здрава и зрела политичка елита, во кое власта ќе ги прифаќа конструктивните предлози на опозицијата и во кое опозицијата ќе ги поддржува добрите политики на власта.
Медиуми кои ќе го вратат и ќе го чуваат достоинството на новинарската професија и пристојноста во јавниот простор. Медиуми кои ќе бидат совест на општеството.
Судство кое ќе дели правда втемелена врз утврдената вистина.
Училишта и универзитети кои ќе продуцираат кадри подготвени да се натпреваруваат и да победуваат на глобалниот пазар на идеи.
Претприемачи и бизнисмени кои ќе бидат подготвени да водат етички бизнис.
Општество во кое родителите ќе им овозможат безбедна иднина на своите деца, тука, во Македонија. Држава во која ќе се создадат услови за да запре процесот на иселување на младите.
Општество во кое крстот и полумесечината, црквата и џамијата нема да бидат граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии. Бидејќи сите сме луѓе, независно од нашата вера.
Општество во кое, наместо да мрмориме и да озборуваме, наместо да се навредуваме и повредуваме, ќе го правиме она на што нè повикува нашиот голем народен учител Климент Охридски: да се престигнуваме во добрина.

Но, за да го правиме тоа, неопходно ни е да го обновиме заветот.
Како ќе го постигнеме сево ова? Ако се држиме до три принципи.
Прво. Права што се неодвоиви од обврските и должностите.
Второ. Одговорност што е конкретна и лична, а не општа и безлична.
Трето. Култура на почитување и прифаќање на различниот.

Мојот повик не е само до институциите, до партиите, до власта и опозицијата, до цивилното општество и медиумите. Мојот повик е и до секој поединец. До секој Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Србин, Ром, Бошњак. До секој христијанин, муслиманин, Евреин и атеист. До секој професор и студент, до секој трговец и земјоделец. До секој работник и пензионер. До секој родител и секое дете. До секој припадник на безбедносните сили. До секој творец, уметник, спортист. До секој граѓанин на Македонија. До секој наш иселеник во светот.

Иднината на Република Македонија зависи од секој еден од нас, од секој еден од вас. Од тоа дали кон вашите права ќе ги придодадете и вашите обврски кон Македонија. Од тоа дали ќе преземете лична одговорност за секој ваш чекор, за секоја ваша животна одлука. Од тоа дали ќе го почитувате и ќе го прифаќате вашиот сосед, со сета негова етничка, религиска, социјална и идеолошка различност, онака како што нè поучуваат врвните и вечни морални начела и вредности.

Драги сограѓани,

Во изминатите 25 години се соочивме со речиси сите предизвици со кои може да се соочи една држава. Негирање и непризнавање. Отворени прашања и затворени граници. Блокади и ембарга. Двојни стандарди и лицемерие. Туѓи пропаганди и внатрешни поделби. Насилство и вооружени конфликти. Рушење безбедносни системи и влегување во туѓи игри. Трагедии и елементарни непогоди. Болна и трауматична транзиција што создаде генерација на пропуштени можности и изневерени очекувања...

Но, многу од страниците на минатото и сегашноста се испишани и со бројни успеси на многу полиња.
Изградивме институции и ја развиваме свеста за државниот интерес.
Имаме сопствена aрмија која ја гарантира нашата безбедност и безбедноста на нашите деца. Армија и полиција кои заедно ја чуваат Македонија и Европа од заканата од илегалната миграција.
Имаме поволна бизнис-клима за странски инвестиции. Градиме нова, динамична и извозно-ориентирана индустрија.
Наместо земја која извезува само суровини, Македонија станува земја која извезува производи и услуги конкурентни на европскиот и светскиот пазар.
Имаме препознатлив модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста.
Водиме мирољубива политика и сакаме најдобри можни односи со сите наши соседи.
Стекнавме бројни пријатели и партнери кои нè поддржуваат на нашиот европски и евроатлантски пат.
Се изборивме за визна либерализација што ги отвори можностите за нашите граѓани.
Имаме јасна цел за тоа каде природно припаѓаме и каде ја гледаме нашата иднина.
Кон успесите ги вбројуваме и победите на нашите спортисти. Веењето на македонското знаме и интонирањето на македонската химна по секој добиен натпревар и секој освоен медал.
Производите Made in Macedonia кои се на речиси сите континенти.
Нашите млади претприемачи на дигиталната ера кои се на најавните и одјавните шпици на оскаровците.
Нашите автори чии дела се преведуваат и се читаат на многу јазици.
Нашите млади научници кои се дел од глобалната академска заедница.
На страниците од сегашноста читаме и за солидарноста, хуманоста и помошта што им ја даваме на нашите сограѓани.

Но, ни остануваат уште многу празни, неиспишани страници што ќе ги пополнуваат нашите деца, нашите потомци. Оние кои се родени во независна, суверена и самостојна Република Македонија ќе ги слават наредните 25 години. Ним им припаѓа наредниот голем јубилеј.

Но, нивниот дел од приказната во голема мера зависи од она што ние денес го правиме. Последиците од одлуките што ги носи нашата генерација ќе ги чувствуваат наредните генерации. Затоа, треба да внимаваме што им оставаме во наследство, бидејќи со секое наше натамошно опстојување во поделеност и омраза, ние одземаме од радоста на нашите потомци.

Не смееме да дозволиме горчината на нашата генерација да им ја пренесеме на наредните генерации. Мора да ги подготвиме за иднината. Тие ќе живеат во свет со уште поголемо забрзување, со уште поголема динамика. Свет во кој ќе треба да се вклучуваат во светските процеси, да се натпреваруваат на глобалните пазари. Во такви услови, ним ќе им треба место за потпора, парче земја каде ќе бидат свои на своето, каде ќе можат во секое време да се самооствараат. А тоа парче е Македонија.

Да ги ослободиме од товарот незадоволствата и непријатностите што ги поделија нашите генерации.
Да им овозможиме да се посветат на повозвишени и поблагородни нешта, корисни за Македонија и за регионот. Да се фокусираат на создавањето, а не на рушењето. Да бидат комуникативни, иновативни и креативни.
Да им овозможиме да почувствуваат каква возвишена привилегија и какво достоинство е да се има сопствена држава.
Да им овозможиме да бидат граѓани на светот без притоа да престанат да бидат граѓани на својата татковина – Република Македонија.

Но, за да го направиме тоа, ние мора да си простиме, да се помириме и да се сплотиме околу државните интереси на Република Македонија. Додека не е предоцна. Да си простиме, да се помириме и да се сплотиме за да можеме на идните поколенија да им оставиме држава во која ќе бидат слободни, во која ќе бидат свои на своето. Држава во која со голема радост ќе се чекаат и ќе се прославуваат уште многу јубилеи, уште многу родендени на независноста на Република Македонија.

Среќен ти роденден татковино!
Да живее Република Македонија!

8sep2

  Back<<Назад