
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Ценети присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,
Меѓу бројните поуки, слова и житија што ни ги остави Климент Охридски, прва е општата поука за апостол, маченик или светител. Упатувајќи нè како да ги славиме празниците на светиите, Климент нè поучува дека ние, пред сè, треба да се угледаме на нивната чистота, на нивниот добар живот и на нивното угодување на Бога.
Како скромен, пожртвуван и понизен човек, тој сигурно не ја напишал оваа поука за себе. Пишувајќи ја, тој пред очите на своето срце ги имал сите големи луѓе на верата на кои и самиот тој се угледувал. Климент не ни сонувал дека еден ден, благодарниот народ ќе ја примени неговата поука за да го празнува токму него.
Но, со што Климент Охридски заслужи ние денес да го примениме неговото слово за него самиот?
Кои се неговите дела со кои нè задолжил толку многу?
Секое дело можеме да го споредиме со пченично зрно. Зрното може да се изеде и краткорочно да нè засити или да се засади и преку плодот долгорочно да нè храни. Но, семето ќе дава добар плод, само ако падне на плодна почва, наводнувана од чистиот извор на животворна вода.
Како и семето, така и делото да продолжи и да даде богат плод, неопходни се две нешта.
Прво, неопходно е да се остави писмена трага или завет што ќе ги содржи основните начела, вредности и принципи на делото. Ваквата писмена трага е еден вид карта што треба да им помогне на следбениците да останат на вистинскиот пат.
Второ, неопходно е да се вложува во следната генерација следбеници на патот.
Зошто ова e важно? Ако имаме писмо или завет, но немаме нова генерација, тоа писмо ќе заврши на трошните полици во некоја прашлива библиотека.
Ако, пак имаме ученици, но без писмена трага, без карта во рацетe, тие многу лесно можат да скршнат од зацртаниот пат и да се изгубат во некој темен лавиринт на бесперспективност, а изворната порака да се изврти во нејзината спротивност. Само кога овие два принципa ќе се спојат во едно, можеме да очекуваме делото да продолжи да се шири и тоа со експоненцијален раст. Од едно зрно, десет, од десет, сто...
Свесно или не, светите Кирил и Методиј го примениле токму овој принцип во проширувањето на своето дело. Тие составија азбука и ја препеаја Библијата на старословенски јазик. Тоа е писмениот траг, заветот, картата. Но, истовремено, тие создадоа генерација посветени ученици, меѓу кои и Климент Охридски, за истрајно да продолжат по нивниот пат.
Оваа втора генерација ученици, преку Охридската книжевна школа, образуваа трета генерација од 3500 ученици.
А тие 3500 ученици се распрснаа низ целиот словенски свет каде описменија и покрстија милиони луѓе. Со тоа, тие придонесоа за просветно, духовно и морално издигнување на словенските народи.
Во текот на оваа 2016 година имавме единствена можност да се потсетиме на ова големо духовно, образовно и културно патешествие на Словенството и тоа преку животот и делото на нашиот голем народен учител – св. Климент Охридски.
Дами и господа,
Како претседател на Република Македонија ја имав честа да бидам покровител на свеченостите на кои се сеќававме на св. Климент. Годината беше збогатена со бројни свечени академии, конференции, конкурси, концерти и изложби со кои достојно се одбележа споменот на големиот народен светител и просветител.
На овие свечени настани се потсетивме дека Македонија е библиска земја, преку која христијанството дојде во Европа.
Земја по која чекореле апостолите, земја од која произлегле бројни црковни отци, мислители и служители на раната црква, чиј глас се слушал надалеку и чии дела биле пример за многумина.
Зборувавме за нашите цркви и манастири кои се преполни со фреските на македонските светители и маченици, чии животни приказни биле охрабрување за многумина.
Се присетивме на нашите духовни центри кои со векови биле засолниште за прогонетите, дом на бездомните, извор за жедните и храна за гладните.
Бевме присутни во нашата духовна и културна престолнина – Охрид, во која некогаш имало дури 365 цркви, по една за секој ден од годината. Тоа било седиштето и на Охридската книжевна школа чии ученици станаа учители на целиот словенски свет!
Затоа и се нарекуваме прв христијански народ во Европа!
Затоа и нè сметале за учители на Словенството и за просветители на непросветените!
Имаме неверојатно богато духовно и културно наследство со кое ретко кој народ може да се пофали.
Но, колку е поголемо нашето наследство, толку е поголема нашата одговорност.
Колку повеќе ни е пренесено од предците, толку повеќе треба да им оставиме на потомците.
Колку повеќе имаме, толку повеќе се очекува од нас.
А имаме многу, благодарение и на св. Климент.
Како проповедник и педагог, тој кај народот создал жед за вистината, ја утврдил верата и ги развил навиките на срцето. Ги охрабрувал да отфрлат од себе секаква злоба, јарост, гнев, клевета, користољубие и срамни дела, и да ги возљубат мирот, кроткоста, трезвеноста, љубовта кон сиромасите, гостопримството, постот, чистотата. Ги охрабрувал да си помагаат еден на друг... да пројават ревност кон добрите дела, братољубието, воздржаноста.
На едно место тој вели: „Да се обновиме со добрина и со чистота, и животот да ни биде достоен по светост, а не само по име да се нарекуваме христијани! Откако ќе се оддадеме на духовен подвиг, еден друг да се натпреваруваме во добрина..."
Ова се само дел од бројните светиклиментови учења што метафорично сме ги примиле преку мајчиното млеко и преку навиките што ни ги всадиле нашите родители. Тоа се учења кои се пренесувале од постари на помлади, од учители на ученици. Трпеливоста, истрајноста, добрината, гостопримството и другите навики на срцето кај нас опстанале повеќе од еден милениум. А, тие навики на срцето се она што го прави народот она што е. Ретки се луѓето како Климент кои продолжиле да живеат преку карактерот што го всадиле кај народот.
Св. Климент Охридски е втемелувач и на нашиот јазик, кој заедно со верата ни даде творечка слобода тогаш кога бевме политички поробени. Ни даде духовна сила, тогаш кога како народ бевме физички слаби и незаштитени.
Кога сме биле делени, поробувани и прогонувани, она што нè зачувало бил македонскиот јазик. Затоа и се вели дека македонскиот јазик е нашата единствена комплетна татковина која ја носиме со нас и во нас, каде и да се наоѓаме – во ропство или во слобода, во родниот крај или во туѓина. Како инструмент на вистината, јазикот ни помагал да се заштитиме од лагите на пропагандите кои имале за цел да нè раскараат, асимилираат и денационализираат.
А како ние, гордите наследници на св. Климент се однесуваме со она што ни е оставено?
Не можам, а да не забележам дека зборовите кои уште од времето на Климента служеле за меѓусебно охрабрување и надградување, како да го изгубија значењето. Јазикот како наша комплетна татковина се наоѓа во сериозна криза.
Стеблото што пред повеќе од еден милениум го засадија нашите учители, и од кое се хранеле многу генерации, денес како да стои неопкопано, неполеано, незакроено... А, тоа стебло е нашето богатство од минатото. Но, и покрај тоа богатство, комуницирајќи со погрешни зборови и вредности, ние денес како да тонеме во бедата на сериозно нарушените меѓучовечки односи.
Го празнуваме денот на нашиот голем учител, но ги погазуваме неговите поуки. Го славиме неговото дело со нашите зборови, а го негираме со нашите дела.
Се нарекуваме учители на Словенството, а се доведовме во тажната состојба други да ни делат лекции.
Како народ и општество, скршнавме од зацртаниот пат и залутавме во лавиринтот на бесперспективноста.
Како на нас да се остварува претскажаното дека првите ќе бидат последни, а последните први.
Дами и господа,
Секоја година се избира зборот што најдобро ја отсликува состојбата во светот. 2016-та ја одбележи зборот „пост-вистина". Тоа не значи дека вистината веќе не постои, туку дека таа веќе не е толку значајна. Сведоци сме на замаглување на просторот меѓу информацијата и манипулацијата, бидејќи сега и со информацијата се манипулира.
Во вакви услови, сè повеќе луѓе се сомневаат во постоењето на објективната вистина. А, без вистината што ќе ги води во животот, луѓето се осудени да живеат лажни животи.
Оваа загрижувачка глобална состојба неминовно се одразува и кај нас во Македонија. Некои од нашите печатени и електронски медиуми и социјални мрежи многу често изобилуваат со лаги, извртувања и сензационализам, особено за време на политичката криза и за предизборната кампања. Во нашите дебатни емисии има повеќе надвикување отколку убедување, повеќе монолози отколку дијалози. Да се бориш со вака конструираните перцепции и наметнатите предрасуди е како да се обидуваш да исковаш жива. Во време кога отровниот сомнеж е спуштен врз македонското општество, граѓаните ги фаќа вртоглавица од разно-разните интерпретации и манипулации.
Точно е дека за време на изборите секој избирачки глас е важен. Но, како што рекол и св. Климент Охридски: „Каква полза има човек ако го придобие целиот свет, а ја загуби својата душа?" Бидејќи, секоја лага, клевета и навреда не е ништо друго освен семе на лична и колективна омраза и нетрпеливост. А, токму нетрпеливоста придонесе за продлабочување на оваа длабока политичка криза.
Затоа, повикувам предвремените парламентарни избори да ги завршиме достоинствено, онака како што ѝ доликува на држава со 25-годишно демократско искуство. Досега многупати покажавме дека имаме институционален и демократски капацитет за да организираме и да спроведеме фер и демократски избори.
Затоа, во овие последни денови, во овие последни часови на предизборието, ги повикувам сите политички партии, и од власта и од опозицијата, на одговорно однесување.
Само со одговорно однесување ќе се создаде атмосфера во која граѓаните со сигурност ќе знаат дека секој нивен глас навистина вреди.
Само со одговорно однесување ќе се охрабрат граѓаните да излезат и да го дадат својот глас за програмата и за партијата на која вистински ѝ веруваат.
Само со одговорно однесување ќе има услови едногласно да биде признаена и поздравена волјата на народот.
Само со одговорно однесување на 11 декември ќе го означиме крајот на политичката криза и почетокот на националното помирување во Република Македонија. А помирувањето ни е потребно повеќе од кога и да било порано.
Нема друг пат кон остварувањето на државните интереси освен преку национално помирување.
Нема друг пат кон иднината на младите во Македонија освен преку национално помирување.
Нема друг пат, освен патот на помирувањето.
Дами и господа,
Чествувањето на св. Климент и 25-годишнината од независноста на Македонија е можност за катарза и за прочистување на македонското општество од сета нетрпеливост што се напласти во изминатиот четврт век.
Затоа, да ја искористиме оваа можност за повторно да ја осознаеме убавината и радоста на животот. Да ја оставиме зад нас нетрпеливоста и омразата од минатото. Да се сосредоточиме на сегашноста и на иднината на нашите деца.
Но, треба да знаеме дека кога ќе зачекориме по патот на помирувањето, неминовно ќе се соочиме со две пречки што сами си ги поставивме на патот.
Првата пречка за да тргнеме напред кон подобар живот е вишокот на критицизам.
Втората пречка е недостатокот на самокритичност.
За да ги надминеме овие две пречки, треба да се сетиме на заборавените лекции од св. Климент. Во нив ќе најдеме дека лекот за критицизмот е охрабрувањето, а за некритичноста и самоправедноста е понизноста.
Св. Климент најверојатно би бил восхитен од капацитетите и можностите на нашето образование, но не и од нивото на нашето воспитание.
Тој би бил фасциниран од самодовербата, храброста и социјалниот активизам на младите, но, би ги советувал да го канализираат огромниот потенцијал на нивната генерација за достигнување на трајните вредности, наместо минливите виртуелни илузии. Илузии што ги ограбуваат од неповратното време.
Би нè потсетил дека традицијата е живата вера на мртвите, додека традиционализмот е мртвата вера на живите. Би укажал дека улогата на црквата е да им помогне на луѓето да го отфрлат залажувачкиот традиционализам и да ја прегрнат вистинската, животворна традиција.
Би нè молел да престанеме да се делиме и да се отуѓуваме. Бидејќи тоа е луксуз што ниту многу поголеми, побројни и помоќни нации не можат да си го дозволат.
Иако нè грее истото сонце, иако го дишеме истиот воздух, иако живееме на истата македонска земја, ние ги доживуваме политичките противници како непријатели. Не трпиме мислење различно од нашето. Исклучивоста завладеа во нашите односи.
Време е зад нас да ги оставиме поделбите и да се сплотиме за конечно да заживееме во мир, напредок и благосостојба.
Но, тука има еден парадокс. Имено, најдобриот начин за да одиме напред кон целта е да се вратиме назад кон патот од којшто скршнавме. Тоа е патот што пред повеќе од еден милениум ни го покажал токму св. Климент Охридски. А еден патоказ што може да ни помогне е скриен токму во неговото име – Климент односно Clementia, што на латински значи милост.
Св. Климент Охридски своето духовно име го добил во 868-та година од римскиот папа Адријан II, во чест на св. Климент Римски, чии мошти ги донеле неговите учители, св. Кирил и Методиј во Рим.
Св. Климент Охридски инсистира на милоста во речиси секое негово послание, вклучително и во поуката со која го започнав моето обраќање. Во неа, тој нè потсетува дека милоста е единствената жртва прифатлива за Бога.
Зошто е важна милоста? Милоста ќе ни помогне да се помириме, да се сплотиме и заедно да ги исцелиме раните што си ги нанесовме во изминатите две и пол децении.
Милоста кон нашите ближни, нашите соседи, но и кон нашите противници ќе ни помогне да изградиме праведно македонско општество, кое се потпира врз две вредности - мирот како грижа за добросостојбата и достоинството на граѓаните, и вистината како предуслов за правдата.
Драги пријатели,
Во писмените записи и учења на св. Климент ние ја имаме картата со која можеме да стигнеме до целта. Но, за да го продолжиме делото, потребно е да вложуваме и во младите.
Вацлав Хавел еднаш рече дека единствената политика што е достојна да се нарекува политика се фокусира на служење на заедницата и на оние кои ќе дојдат по нас. Одговорноста на нашата генерација е да вложува во наредната генерација која ќе продолжи по зацртаниот пат, и ќе ги жнее плодовите на делото што беше засадено пред повеќе од еден милениум. Само следејќи ја оваа вистина, тие ќе имаа живот во полнота.
Свети Клименте, бескрајно ти благодариме.
|