Говори и обраќања
PRM_Istanbul_3
Обраќање на претседателот Иванов на Глобалниот форум за лидерство во Истанбул
Сабота, 12 Мај 2018

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор, чест ми е да се обратам на Глобалниот форум за лидерство на престижниот Универзитет „Бахчишехир".

Темите за кои ќе дискутираме се многу важни: крстопатот на меѓународните алијанси, одржливиот мир на Блискиот Исток, иднината на Европската Унија. Кон нив ќе додадм уште една.

Во текот на краткиот 20 век доминираа националните држави и меѓународните организации. Но, со крајот на Студената војна, блоковскиот снег се стопи, и на виделина се појави сета сложеност на светот и на цивилизациите кои го сочинуваат. Тоа придонесе одново да се врати свеста и интересот за проучување на цивилизациите.

Првиот кој го направи тоа беше Самуел Хантингтон кој уште пред четврт век тврдеше дека во глобалната политика во 21 век ќе доминира судирот меѓу цивилизациите.

Но, наместо судир меѓу цивилизациите, Нил Фергусон предвидува судири во рамките на самите цивилизации. Кога има две цивилизации од кои едната слабее, а другата станува посилна, прашањето не е дали тие ќе се судрат, туку дали послабата од нив ќе пропадне. Оттука е дилемата дали наместо за судир меѓу цивилизациите може да се зборува за пропаст на цивилизациите.

Пропаста на цивилизациите е поврзана со една група автори која долго време беше заборавена. Во својата книга „Цивилизација: Западот и другите" Фергусон констатира дека денес тешко кој ги чита Шпенглер, Тојнби и Сорокин.

Оваа констатација како да дава одговор на едно прашање што на почетокот на милениумот го постави канадскиот професор Томас Хуглин. Имено, тој праша дали, заведени од просветителството, во изминатиов период сме читале погрешни книги и сме цитирале погрешни автори?

На тоа јас ќе додадам уште едно прашање: Дали сме се ориентирале според погрешни мапи? Гледајќи ги мапите на нашите бироа и ѕидови, како да заборавивме дека светот не е рамен, туку кружен, дека не е дводимензионална мапа, туку тродимензионален глобус. Можеби поради тоа го гледаме светот линеарно, наместо кружно. А, и деформираната Меркаторова проекција што се користеше околу 400 години беше евроцентрична и ја претставуваше Европа поголема отколку што навистина е. Но, кога зборувам за мапи не мислам само на картографски, туку и на теоретски, ментални мапи што ни помагаат да се ориентираме во светот на идеите. Таквата погрешна перцепција на географијата и теоријата придонесе да имаме и погрешна перцепција на историјата.

Фергусон и Хуглин, за жал, се во право. Ако повеќе се читаа авторите како Шпенглер, Тојнби и Сорокин, ние немаше да бидеме заробеници на статична претстава за динамичен свет и линеарно сфаќање на циклична историја. Носителите на одлуки немаше да бидат изненадени од крајот на Студената војна, од враќањето на цивилизациите, па сè до десекуларизацијата на светот.

Освалд Шпенглер во својата книга „Пропаста на Западот", се обидува да објасни што се случува со западната цивилизација. Тоа го прави со помош на концептот псевдоморфоза, што го позајмува од минералогијата. Тоа е феномен во кој даден минерал создава своја форма, но притоа ја губи внатрешната структура. Таа празна форма ја исполнува нов минерал. Со други зборови, надворешната форма е различна од внатрешната структура. Според него, нешто слично се случува и со западната цивилизација.

Арнолд Тојнби, пак, тврди дека секоја цивилизација се соочува со предизвици. И колку е потежок предизвикот, толку покреативно треба да биде решението. А решенијата ги даваат креативните малцинства кои ја менуваат парадигмата на мнозинството и создаваат услови за нов начин на живот. Крајот на една цивилизација започнува тогаш кога нема да успее да одговори на клучните предизвици. Проучувајќи ги животните циклуси на 26 светски цивилизации, Тојнби ќе заклучи дека цивилизациите не се убивани, туку дека тие се самоубиваат.

За разлика од Шпенглер и Тојнби, Сорокин тврди дека ниту една од големите култури и цивилизации целосно не исчезнала, туку дека живее преку сите материјални и нематеријални вредности што им ги пренела на другите цивилизации.

Сорокин се обидува да ги надмине двете основни концепции за социо-културната динамика. Наместо линеарната и цикличната концепција, тој ја застапува концепцијата на осцилација. Таа осцилација подразбира дека секоја голема култура или цивилизација минува низ три фази: Првата е идеацијска или духовна. Втората е сензациска или материјална. Третата е идеалистичка и претставува дијалектичка синтеза на двете претходни.

PRM_Istanbul_5Слично како претходните автори и Сорокин смета дека Западот е во криза. Во таа криза на современата западна сензациска култура исчезнува граничната линија меѓу вистината и лагата, меѓу исправното и погрешното, меѓу убавото и грдото, меѓу позитивните и негативните вредности. Многу од предвидувањата на Сорокин од 1957 година веќе се остваруваат.

Тој вели дека со атомизацијата на вредностите човекот ќе биде лишен од своето вродено достоинство. Денес, 60-тина години подоцна, идеологијата на постхуманизмот заговара симбиоза меѓу биологијата и технологијата со што се редефинира што значи да се биде човек. Истовремено, семејството како заедница на маж и жена, на родители и нивните деца, се дезинтегрира.

Сорокин предвиде и релативизирање на вистината и манипулирање со јавното мислење преку лажни вести. Сигурно се сеќавате дека пред само две години зборот на годината беше „поствистина".

Тој предвиде дека општествените договори ќе обезвреднат. Без почитување на дадениот збор ќе исчезне и довербата во системот. Доволно е да ја погледнеме состојбата со меѓународното право. Република Македонија седум години чека да се испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 2011 година во однос на грчката блокада за НАТО. Една од ретките членки на НАТО, кои дословно ја почитуваат пресудата е Република Турција која секогаш принципиелно го користи нашето уставно име. И за тоа сме многу благодарни.

За жал, се остварува и тврдењето на Сорокин дека личната безбедност сè повеќе ќе се намалува. Со зачестените терористички напади, животот во Европа станува како руски рулет, бидејќи не знаете каде ќе се случи нешто.

Тој исто така кажа дека слободата ќе биде сведена на мит за мнозинството. Наместо да ја гарантира, безбедноста ќе ја заменува слободата. А Бенџамин Френклин рекол дека кој се одрекува од слободата заради безбедноста, не ја заслужува ниту слободата, ниту безбедноста. Ова е кризата на последниот преживеан идеал на Француската револуција, а тоа е идеалот на слободата.

Сорокин тврди дека луѓето ќе бидат отуѓени од нивните неотуѓиви човекови права и слободи. Денеска прогонувањето на луѓе со различна вера и уверување е сè поизразено, не само во несекуларни, туку и во развиени и секуларни општества. Некои, како Оз Гинис, дури го поставуваат прашањето дали денес Обединетите нации воопшто би можеле да ја усвојат Универзалната декларација за човекови права.

Сè на сè, периодот на криза го одликува имитација, наместо креативност, летни бестселери наместо класици, форма наместо суштина, минливи сензации наместо трајни вредности, информација наместо знаење и мудрост.

Но, Сорокин не е толку мрачен како што можеби изгледа на прв поглед. За разлика од Шпенглер и Тојнби, тој не заговара и не предвидува смрт на западната цивилизација. Кризата на западната цивилизација е само фаза што одминува.

Незнаењето за новиот свет што се раѓа носи страв. Многу корпорации и држави направија бизнис од стравот. Инсталираме антивирусни програми за да ги заштитиме мобилните и компјутерите од хакери, вградуваме видео-камери за да ги обезбедиме домовите од крадци, купуваме животно осигурување за да ги обезбедиме животите од несреќи, се одрекуваме од слободата во име на безбедноста. Стравот стана најголем бизнис.

Можеби, пак, стравот од новиот свет на дигитална трансформација е поради отсуството на сигурноста што нашата аналогна генерација ја имаше во стариот свет.

Оптоварени од исчезнувањето на стариот свет, ние не го согледуваме потенцијалот на новиот свет што се раѓа. А тоа е свет во кој младите веќе функционираат според sharing philosophy и практикуваат sharing economy. Наместо индивидуални корисници и конзументи, тие го споделуваат пристапот кон производите и услугите. Користат blockchain за да не губат време на банкарските шалтери. Младите од милениумската и од Y-генерацијата сега се на универзитетите и таму ја чувствуваат моќта на отворениот сајбер-простор. А тој отворен сајбер-простор се состои од виртуелна Александриска библиотека, односно Google, но и виртуелниот пазар, односно Amazon, eBay, AliBaba, AliExpress. Дигиталната трансформација им овозможува на младите да развијат Start up менталитет, да бидат креативни и иновативни, а со тоа да станат она што Тојнби го нарече креативно малцинство што ќе го поведе светот напред.

Нудејќи оптимизам, но без утопизам, Сорокин остава простор за катарза и обновување на суперсистемот. Во тој процес на катарза се раѓа нов свет во кој сензуалниот суперсистем му отстапува место на идеационалниот и идеалистичкиот суперсистем. Тој предвидува дека наместо атомизирани, вредностите повторно ќе станат универзални и апсолутни.

PRM_Istanbul_4Дами и господа,

Цивилизациите ја имаат големата кохезивна моќ да поврзуваат. Сингапурскиот професор Кишор Махбубани забележува дека се случува голема конвергенција на светот. За подобрување на светскиот поредок, тој нуди три предлози.

Прво - отворена глобална дебата во мултилатералните институции. Дијалозите треба да ги заменат монолозите во Обединетите нации и другите организации. И Универзитетот „Бахчишехир" е вклучен во таа отворена дебата преку овој Глобален форум за лидерство.

Второ, напуштање на анахроната политика кон мултилатерализмот. Како што на светскиот поредок му требаат ефективни мултилатерални институции, така на институциите им е потребно меѓународно право. Старите меѓународни институции треба да се адаптираат за предизвиците и можностите на третиот милениум. На пример, Европската заедница, односно, Европа 1.0 во 1993 година прерасна во Европската Унија и со тоа се создаде Европа 2.0. Сега е време Европската Унија да се прошири и продлабочи и да стане Европа 3.0.

Трето, потребна е нова глобална етика. Припаѓаме кон иста морална заедница која има свест за човековите права и слободи. За прв пат во историјата, секој човек од Балканот, од Европа, може да ја оспорува одлуката на сопствената држава пред Судот за човекови права во Стразбур.

Драги пријатели,

Во 1957-та, пред 61 година, Сорокин пишува: „живееме, размислуваме и дејствуваме во најмрачниот час на ноќта што минува, со сите кошмари, колосални деструктивности и вознемирувачки хорори. Ако човештвото може да ја избегне катастрофата на светски војни, тогаш мугрите на нов, величествен поредок во човековиот универзум чека за да ги поздрави идните генерации".

Како внимателен оптимист со искуство, односно реалист, сметам дека Сорокин има право. Затоа, кога ни се чини дека темнината натежнува и ситуацијата изгледа безнадежна, треба да се сетиме дека ноќта е најтемна пред разденување. Светлината најјасно свети во најмрачните моменти. И ни дава надеж и сила да продолжиме да чекориме кон нејзиниот извор. Да продолжиме и да не се откажуваме. Наместо само да констатираме проблеми, да нудиме креативни решенија.

Додека зборуваме се раѓа најмладата генерација која е предодредена да живее во 22 век. Наша одговорност е да ги подготвиме оние кои доаѓаат по нас да бидат морални и етички лидери со карактер, интегритет, понизност, фокус на луѓето, одговорност и страст. Да не се плашат од непознатото, туку храбро и мудро да се соочуваат со предизвиците, за конечно да запловиме во помирни води. Верувам дека сите ние заедно треба да инвестираме токму во такви лидери на иднината, за Македонија и Турција, за Балканот и Европа, за светот.

Ви благодарам.

PRM_Istanbul_9

BB1
Изјава по состанокот на лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони
Петок, 27 Април 2018

Почитуван претседател на Европскиот совет, господине Туск,
Почитуван премиер на Република Бугарија, господине Борисов,
Почитуван претседател на Република Хрватска, госпоѓа Грабар Китаровиќ,
Почитуван претседател на Република Словенија, господине Пахор,
Драги колеги,
Почитувани претставници на медиумите,

Ова е значаен ден за Република Македонија и за нашиот регион. Денес сме домаќини на еден од ретките регионални механизми за соработка што дава конкретни резултати.

Процесот Брдо-Бриони ни даде можност нам, претседателите, да ги дефинираме генералните стратегиски насоки што потоа премиерите и владите ги конкретизираат и операционализираат преку Берлинскиот процес, што наскоро ќе се заокружи во Лондон. Со новите процеси и иницијативи ниту се намалува ниту, пак, се исцрпува значењето на Процесот Брдо-Бриони, кој ја задржува незаменливата улога да нуди стратегиски решенија.

Затоа, многу им благодарам на претседателите Пахор и Грабар-Китаровиќ што како лидери на Брдо-Бриони неуморно ги застапуваат интересите на нашиот регион. Претстојниот самит меѓу ЕУ и Западниот Балкан во Софија е резултат на нашите барања, на нивните заложби, но и на подготвеноста на премиерот Борисов да го стави регионот на врвот на агендата на бугарското претседавање со Унијата. Ви благодарам, господине премиер.

Денешниот состанок беше во духот на поврзаноста. Поврзаноста е приоритет над сите приоритети. Од поврзаноста зависи дали нашиот регион ќе се вброи меѓу развиените европски региони. Има барем три нешта кои нè поврзуваат.

Првото нешто е економската поврзаност. Очекуваме Европската Унија да продолжи со поддршката на проектите за транспортна и енергетска поврзаност за земјите учеснички во Процесот.

Второто нешто е безбедносната поврзаност. Пред точно една недела го отворив првиот состанок на директорите на агенциите за разузнавање од земјите учеснички во Брдо-Бриони. На состанокот директорите предупредија на три нешта. Прво, дека мигрантската криза не е завршена и сè уште претставува регионална закана. Второ, постојните билатерални несогласувања потенцијално би можеле да го дестабилизираат регионот. И, трето, дека поврзувањето има и своја темна страна. Илегалната миграција, криминалните мрежи, корупцијата, странските борци повратници и тероризмот се тесно поврзани. За да се справат со оваа растечка закана и разузнавачките служби треба уште поцврсто да се поврзат. Наша улога, како лидери, е да им овозможиме на службите да соработуваат.

Со нас е претседателот на Европскиот совет, господинот Доналд Туск, кој има огромна заслуга за успешното менаџирање со мигрантската криза. Претседателе Туск, Вие правилно разбравте дека колку што е цврст Балканот, толку е цврста и Европската Унија.

И тука доаѓаме до најважното нешто што нè поврзува, а тоа е желбата за членство во Европската Унија. Очекуваме Европската Унија да не ни дава празни ветувања бидејќи членството во Унијата за нас не е празен идеал. Како регион имаме задача да обезбедиме добро владеење преку владеењето на правото, почитување на фундаменталните човекови права и слободи.

Пред неколку месеци во Брисел беше донесена Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан како отворен прозорец за нашиот регион. Ги поздравуваме објективните критериуми за проширување на Европската Унија со Западен Балкан со вреднување на заслугите на секоја земја поединечно.

Сепак, не можам, а да не го забележам следново. Стратегијата експлицитно истакнува дека нови отворени прашања нема да бидат увезувани во Унијата. Сакам да потсетам дека граничните прашања и идентитетските прашања имаат различна природа, а со тоа и различни последици. А прашањата со различни последици не можат да се третираат на идентичен начин. Република Македонија нема отворени територијални и гранични прашања, и затоа со право очекува поголема флексибилност од Унијата.

Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската Унија. Но, долго време, политиката на проширувањето потфрлуваше во случајот со Република Македонија не поради принципите и критериумите на Европската Унија, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една земја членка.

Како Претседател на Република Македонија ја повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција. По самата своја природа, проширувањето е политичко, а не само техничко прашање. Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска кои со помош на Европската Унија, успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони.

Ќе завршам со следново. Ако ЕУ не ни ја обезбеди иднината, тогаш ние ќе се занимаваме со минатото. А додека ние сè уште се бавиме со прашања од 19 и 20 век, и додека зборуваме дека треба да се приспособиме на предизвиците од 21 век, дали сме свесни дека децата кои сега се раѓаат ќе живеат во 22 век?

Мора да соработуваме бидејќи сите имаме билети за истиот европски брод. На тој европски брод има кабини резервирани за секоја од нашите држави. И секоја од нашите држави има свое место и своја улога. Извештаите на Европската комисија за напредокот се мапата, а препораките се компасот што ни кажува дали сме на вистинскиот курс.

Затоа, стратегијата на отворен прозорец треба да се замени со стратегија на отворен поглед за фер и рамноправен просперитет на сите кандидати за членство во Унијата.

Ви благодарам.

BB2

sostanok_AR
На нашиот регион му е потребно партнерство во полето на безбедноста - обраќање на состанокот на директорите на Агенциите за разузнавање од земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони
Петок, 20 Април 2018

Почитувани директори на агенциите за разузнавање,
Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија чест ми е да ве поздравам на овој прв состанок на директорите на агенциите за разузнавање во рамките на процесот „Брдо-Бриони".

Живееме во регион низ кој минуваат стратегиски важни коридори. А, сепак, поради забавената интеграција, како регион предолго останавме надвор од Европската Унија и НАТО. Безбедносната соработка стана заложник на отворените билатерални прашања. Отсуството на доверба меѓу државите во регионот се одрази и на довербата во размената на информации. Регионот стана ранлив на организираниот криминал, етничкиот екстремизам и верскиот радикализам.

Во такви сложени услови дојдоа мигрантите. Со нив почнаа да минуваат и странските борци, кои на Блискиот Исток заминаа како екстремисти, а се вратија како терористи. Многу бргу се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и со поддршка и од страна на безбедносните служби и армиски структури. Клучна улога во тој процес имаат агенциите за разузнавање.

Мигрантската криза беше катализатор што ги поттикна нашите држави да ги остават на страна недоразбирањата и да почнат да соработуваат за доброто на целиот регион.

Идејата за подлабока безбедносна соработка се роди на вонредниот состанок на процесот „Брдо-Бриони" во Загреб посветен на мигрантската криза. Денеска, речиси три години подоцна, таа идеја се реализира. Веќе наредната недела, Република Македонија ќе биде домаќин на Самитот на процесот „Брдо-Бриони". Во фокусот на Самитот ќе биде и безбедносното поврзување што треба да се промовира како нова синтагма во регионот.

Почитувани присутни,

Иднината на нашиот регион е во Европската Унија. А, сепак, од некои земји членки на Унијата добиваме мешани пораки за замор од проширувањето. Тој замор, меѓу другото, се должи и на перцепцијата за Балканот како периферија на Европа, како регион што е инхерентно нестабилен. Недостатокот на доверба меѓу нас е совршена шанса за влијание на трети страни врз економскиот просперитет на државите, оживување на етнонационалистички проекти и спречување на интеграцијата во ЕУ и во НАТО.

За да ја промениме ваквата перцепција, ние мора наместо реактивни, да бидеме проактивни. Заканите со кои се соочуваме бараат креативност, партнерство и неконвенционално размислување.

Вистинскиот збор што му е најпотребен на нашиот регион во полето на безбедноста е партнерство. Партнерство што се постигнува со градење доверба заради веродостојни податоци, заеднички операции и заштита на информацијата. Ќе потсетам дека заштита на информацијата, идентитетите на разузнавачите и изворите, спречување на истек на податоци е приоритет за секоја служба. Ова е особено важно во нашето време на лажни вести и војни на перцепции.

Дами и господа,

Нам, на претседателите и на владите, ни е потребен персонал кој се одликува со прагматизам, меритократија и чесност. Неопходно е најдобрите од најдобрите да наоѓаат практични решенија за општото добро на граѓаните, државите и регионот. Потребни ни се професионалци кои ќе се вреднуваат заради превенцијата остварена со веродостојни и превентивни информации.

Постојат сè повеќе нетериторијални творби и предизвици кои територијалната држава сама по себе сè потешко може да ги контролира. Како никогаш досега, за спречување на меѓународниот тероризам, илегалната миграција, транснационалниот организиран криминал, употребата на интернетот за субверзија, хибридните закани и нелинеарната војна се потребни интероперабилност на податоците, заедничко работење и меѓусебно помагање.

Да го искористиме овој прв состанок за да пратиме јасна порака до европските центри. А тоа е порака дека ние, државите од регионот, можеме да соработуваме во оваа област од витално значење за нашите општества и за Европа. Нашите агенции за разузнавање можат заедно да нудат креативни и прагматични решенија за безбедносните предизвици со кои се соочуваме.

Да не ја заборавиме најважната лекција што ја научивме од мигрантската криза: Како што најголемата слабост на регионот е поделбата, така најголемата сила е соработката. Да градиме партнерски односи, да разменуваме веродостојни информации, да си го чуваме грбот едни на други, бидејќи ако ние тоа сами не го правиме, никој друг нема тоа да го прави наместо нас.

Се вели дека еден синџир е онолку цврст колку што е цврста најслабата алка. На континентот Европа, од безбедносен аспект, таа алка е регионот на Балканот. Колку што е цврст Балканот, толку е цврста Европската Унија, толку е цврста Европа.

Со тоа, на самиот крај, ви посакувам успешен состанок и ви благодарам на вниманието.

Marmara01
Обраќање на 21. Евроазиски економски самит во Истанбул на тема „Дилема на нашиот век: технологија наспроти политика“
Четврток, 12 Април 2018

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Нашите домаќини од фондацијата „Мармара" секогаш нè предизвикуваат да размислуваме и да дискутираме за најважните процеси. Така е и со денешната тема, која е дилема на нашиот век – односот меѓу технологијата и политиката.

За да одговориме на оваа дилема, потребно е да ја погледнеме големата слика која ги надминува и границите на државите и мандатите на владите. А таа голема слика се цивилизациите.

Еден од ретките што се осмелил сериозно да ги истражува цивилизациите е Арнолд Тојнби. Според Тојнбиевиот закон за прогресивно поедноставување, прогресот на одредена цивилизација не се мери според просторот што ќе го освои, туку според нејзината способност да пренасочи сè повеќе енергија и внимание од материјалната кон нематеријалната страна на животот.

Овој процес на етеризација може да се опише на следниот начин: што потешки се предизвиците за една цивилизација, толку покреативен треба да биде нејзиниот одговор. Клучна улога имаат креативните малцинства кои изнаоѓаат иновативни решенија за предизвиците. Размислувајќи надвор од шаблоните креативното малцинство ја менува парадигмата на мнозинството и создава услови за нов начин на живот. Некреативното мнозинство, од своја страна, ги прифаќа и имитира овие идеи.

Етеризацијата е способност за пократко време и со помалку вложена енергија да се постигнат истите или уште поголеми резултати. Компјутерите од 30 тонски машини што зафаќаат цела соба се сведоа на лаптопи што тежат едвај еден килограм. Аналогната телефонија со сите бакарни жици, бандери и преносители се сведе на дигитална телефонија со смартфони поврзани со телекомуникациски сателити. Како што се намалува димензијата на компјутерите, така се зголемува капацитетот за процесирање.

Овој процес е највидлив ако ги погледнеме индустриските револуции. Основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, вели дека за разлика од сите претходни индустриски револуции, актуелната четврта индустриска револуција не се развива со линеарно, туку со експоненцијално темпо. Оз Гинис нè потсетува дека четвртата индустриска револуција е премин од ерата на пиротехнологијата кон ерата на биотехнологијата, од господарењето со огнот кон инженеринг на животот. Со дигиталната трансформација на човековата цивилизација се бришат границите меѓу физичкото, дигиталното и биолошкото. Се раѓа свет во кој сè повеќе ќе доминира вештачката интелигенција, роботиката, нанотехнологиите, биотехнологиите, квантната информатика, криптовалути...

Но, каде е тука политиката? Политиката е создадена за потребите на полисот, односно градот. Смислата на политиката е да ги уредува односите во полисот и да дава решенија за заедничките прашања за граѓаните. Оттука, градот е родното место на политиката (но, и на цивилизациите).

Со Вестфалскиот поредок, политиката од градот се пренесе на суверената вестфалска држава. Тоа е модел на апсолутна концентрација на државната моќ, што преку политиката има за цел да постигне внатрешна стабилност и надворешна безбедност. Преку колонизацијата, овој европски Вестфалски поредок стана меѓународен поредок во кој клучни актери се државите.

Но, Даниел Бел забележува дека државите честопати се преголеми за малите локални проблеми, а премали за големите глобални проблеми. Ова особено доаѓа до израз во услови на глобализација. Постојат и сè повеќе нетериторијални творби и предизвици кои територијалната држава едноставно не може да ги контролира.

Во средиштето на овие процеси е дигиталната етеризација на нашата цивилизација која доведува до детериторизација, дерегулација и десуверенизација на државите. Наспроти вертикалната хиерархија на државата, сè поизразено е хоризонталното вмрежување на општеството. Дигиталната трансформација им ја одзема позицијата на државите и на сцена повторно ги враќа градовите, бидејќи реалниот живот е на локално ниво.

На пример, сајбер-пазарите како Amazon, eBay, AliBaba, AliExpress ја поткопуваат сувереноста на националните економии.

Смартфоните станаа дигитални паричници, дигитални берзи, дигитални банки.
Со виртуелните криптовалути се заобиколува банкарскиот систем и државата. На 18 декември 2017 година, криптовалутите достигнаа рекорден трансфер на средства од 600 милијарди долари. Се очекува наскоро криптотрансферот да достигне еден трилион долари. Со помош на blockchain сите трансфери и плаќања можат да се вршат без посредство на банките. А кој ќе почне да користи blockchain веќе не сака да губи време на банкарски шалтер. Оттука, прашањето: Дали можеби банкарскиот систем ќе колабира?

Пол Мејсон смета дека паралелните валути, банките на време, новите форми на сопственост, економијата на споделување и многу други иновации се дел од нов економски живот чие срце чука со поинаков ритам. Нивниот најмал заеднички содржател е што сите функционираат како нехиерархиски социјални мрежи на интернет.

Но, на оваа светла, постои и темна страна на медалот. Deep web е околу 500 пати поголем од површинскиот, surfice web. Во рамките на овој deep web е и dark web како дигитален црн пазар на кој цвета нелегална трговија со наркотици, оружје, кредитни картички, човечки органи...

Сето тоа функционира преку интернетот, кој стана 'рбет и нервен систем на глобализацијата. Тој нервен систем ги поврзува сите вмрежени компјутери, смартфони и други паметни направи кои заедно го чинат глобалниот суперкомпјутер. А, најголем дел од тој глобален суперкомпјутер е во сопственост на поединци, а не на држави. Во моментов државите и другите меѓународни субјекти како Европската Унија водат правни битки за да го регулираат тој суперкомпјутер.

За волја на вистината, државите се обидуваат да се адаптираат на овие процеси. Некои од балтичките земји се лидери во дигитализација на административните услуги, односно „е-влада". Со проектот „Регулаторна гилотина" во Република Македонија е намалена бирократијата и регулаторниот товар врз фирмите. Воспоставивме и е-катастар на недвижности кој сега покрива 99% од територијата на државата. А кој ќе ја почувствува слободата и леснотијата на дигиталните услуги, не се враќа на шалтер.

Некои држави одат и чекор понатаму и сакаат да се трансформираат во стартап-нација која од универзитетите ќе очекува да создаваат кадри за потребите на стартап-економијата. Преку инкубатори и акселератори ќе се препознаваат и поддржуваат новите идеи од студентите додека студираат и со државни гаранции ќе се поттикнува приватниот капитал да ги поддржува во нивната реализација. Република Македонија има Фонд за иновации и технолошки развој, преку кој се обезбедуваат средства за поддршка на иновациската дејност. Стартап-државата создава амбиент и услови за развој и благосостојба во дигиталната ера.

Но, државата е бајпасирана, заобиколена и на локално ниво поради паметните градови кои ги исклучуваат политичарите, барем оние од стар ков. Сè додека се чекаше политичарите да ги средат градовите, во нив имаше многу загадување, криминал и сиромаштија. Сега, со помош на технологијата се прават обиди градовите да се саморегулираат. Тоа се градови во кои инфраструктурата е усогласена со современите потреби на луѓето. Ефикасноста на јавните услуги е подигната на максимум, а неефикасната бирократија е сведена на минимум. Затоа, сè што ви е потребно во светот на Smart City е што подолго да ви трае батеријата на вашиот смартфон.

Дигиталната трансформација ја промени и насоката на меѓугенерациската едукација. Ако во минатото родителите ги едуцирале децата за да се снајдат во животот, денес децата ги едуцираат родителите за да се снаоѓаат со најновата технологија.

А младите немаат трпение за политиката и за политичарите од минатото. Затоа милиони млади мигрираат во најразвиените центри за таму да ги реализираат своите бизнис-идеи и да ги остварат своите животни планови. Југоистокот на Европа се празни. Си заминуваат оние кои со своите таленти, образование и вештини создаваат реална вредност. Одделени од своите татковини, овие нови, дигитални номади имаат потреба за припадност. Решението за предизвикот на современиот номадизам можеме да го најдеме кај големиот арапски историчар Ибн Калдун. Тој тврдел дека она што ги држи заедно територијално неповрзаните арапски номади е принципот на асабија или кланска солидарност. Денес, во ерата на дигиталните номади имаме дигитална асабија. Независно каде се, луѓето се дел од социјални мрежи и групи што им даваат чувство на припадност што е клучна човекова потреба.

Но, наивно е да се очекува дека дигитализацијата ќе даде одговор на сите предизвици. Како и секоја човекова творба, така и дигиталната трансформација подлежи на законот на непланирани последици бидејќи нештата можат да тргнат наопаку.

Оттука е прашањето: Дали дигиталната трансформација создаде социјална мрежа или социјална пајажина?
Очекуваме социјалните мрежи да ни донесат поголема слобода во изразувањето. Со еден твит го споделувате вашиот став со целата планета. Но, истовремено, давајќи ни слобода на изразување, социјалните мрежи ни го одзедоа слободното време за промислување.

Технологијата ни донесе олеснет пристап до дигитални услуги, трансфери и преноси. Но, цената за оваа неподнослива леснотија ја плаќаме со приватноста.

Неодамна Софија стана првиот хуманиоден робот со државјанство. Дали еден ден роботите со вештачка интелигенција ќе се кандидираат на избори и ќе водат политика? Дали некоја политичка партија ќе може да ги надмине во исполнувањето на нивните предизборни ветувања? Но, дали со тоа човекот нема да стане роб на сопственото создание? Дали наместо лидер со мудрост, односно Софија, ќе добиеме нов тиранин, нов Нерон.

Верувам дека за да ја исполни својата првична цел, политиката треба да се приспособи на новите очекувања на луѓето, во новите глобални услови. Луѓето сè уште имаат желба за слобода исто толку колку што имаат потреба за безбедност. Новите политичари треба да нудат брзи и креативни решенија. А инспирација и пример можат да им бидат лидерите кои управуваат со мегалополисите. Искуствата од раководењето на еден Истанбул, еден Њујорк и еден Хонг Конг во 21 и 22 век стануваат поважни за иднината на раководењето со глобализираниот диверзитет отколку искуствата со националната држава на 19 и 20 век. Можеби е време политиката, која се роди во полисот, сега да се врати во мегалополисот.

Ви благодарам.

Marmara02

saem_na_kniga_1
Обраќање на Меѓународниот самит на книгата во Баку
Недела, 18 Март 2018

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Како Претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор и библиофил, задоволство ми е да се обратам на овој Меѓународен самит на книгата кој е истовремено и празник на книгата.

Книгата е тесно поврзана со преносот на човековото знаење, но и со развојот што знаењето го поттикнува. Истовремено, книгата е симбол на идеите и на знаењата што ги пренесува.

Во 1933 година, пред 85 години, нацистите организирале горење на илјадници книги кои ги сметале за неподобни. Но, тоа е само еден од последниот во долгата низа слични акти на ограничување на слободата на мисла, совест, верување и слободата на говорот. 30 години претходно, на сличен начин завршиле и речиси сите примероци од книгата со која de facto се кодифицирал мојот мајчин македонски јазик.

Тоа не треба да нè изненадува. Целта на тираните отсекогаш била да ја ограничат слободата на најмалиот можен простор, а тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ги притоа нашите усти затворени. Но, во исконскиот судир меѓу страста на идеалите и моќта на интересите победува незапирливиот човечки стремеж за слобода.

На плоштадот во германскиот град Кесел каде нацистите изгореле околу 2.000 книги, аргентинската уметничка Марта Минухин гради реплика на Партенонот составена од 100.000 книги што биле забранувани. Книгите горат, но идеите не. Или, како што уште пред 2 000 години рекол Акиба бен Јозеф, „хартијата гори, но зборовите летаат".

Низ вековите луѓето имале креативни начини за да ги зачуваат записите и да ги пренесат пораките. Ги криеле во пештери, ги кодирале, усно ги пренесувале како луѓето-книги во „Фаренхајт 451". Денес, тоа го правиме со дигитализација на книгите.

Тука има еден парадокс. Многу книги кои не биле забранувани денес се заборавени. И, наспроти тоа, многу книги кои биле забранувани, денес се сè уште привлечни и побарувани. Затоа и некој се пошегувал велејќи дека ако сакате идеја за добра книга, погледнете го Index librorum prohibitorum, односно списокот на забранети книги. Меѓу нив има автори кои просветлувале, но и такви кои заведувале. Преку нив се пренесуваат благородни идеи за почитување на различноста, но и зборови на омраза и уништување.

Нашите општества се развиваат, напредуваат и се менуваат и во тој процес се соочуваат со нови предизвици и можности, нови ризици и несигурности. Сè почесто сме сведоци на исклучивост, ксенофобија, радикализам, екстремизам и тероризам.

Оттука, централното прашање со кое се соочува секое општество и секоја држава е: Дали слободата и поредокот можат да опстанат заедно? Како државата ќе го постигне балансот меѓу јавната безбедност и индивидуалната слобода? Од одговорот на овие прашања зависи каков ќе биде карактерот на нашето општество. Верувам дека како држави ние треба да го пронајдеме вистинскиот баланс меѓу гарантирањето на слободата на говорот и борбата против говорот на омраза.

Исто така, како универзитетски професор сметам дека на книгата секогаш се одговара со книга, а никогаш со пламен. На идејата се одговара со добро аргументирана контраидеја, а не со говор на омраза. Но, тој потфат подразбира две нешта:

Прво, потребна е волја и отворен ум за да се разбере што, всушност, авторот сака да каже. Дали ни го објаснува светот и нашето место во него? Дали успева да го долови духот на времето? Дали ни нуди применливи решенија за предизвиците?

Второ, откако ќе разбереме што сака да пренесе авторот, треба да се придржуваме до Кантовите критериуми за јавна употреба на умот, со јавна пристојност во јавниот простор.

Но, во денешно време нема време за тоа. И повторно, поради две причини. Првата е дека ни се одзеде слободното време, а без слободно време нема ниту читање книги, ниту размислување. Откажувањето од читањето и од размислувањето е декларација за духовен и интелектуален банкрот.

Втората причина е дека живееме во време на информации и брзи комуникации. Време кога годишно се издаваат околу 2.200.000 нови книги во светот. Тоа се околу 6 000 нови публикации секој ден, односно по 250 книги секој час, околу 4 книги секоја минута. До крајот на ова мое кратко обраќање, глобалниот човечки опус ќе биде побогат за 30-ина нови наслови.

Дали полека влегуваме во стапица да објавуваме заради објавување? Дали станавме експерти на нова научна дисциплина – цитатологија? И, конечно, дали сето тоа ни дава појасна претстава за светот и за нашето место во него? Дали книгите се во функција на одржлив развој на државите или само кариерен развој на поединците?

Фрустрациите од 20 век експлодираат во 21 век со лажни вести и лажни херои. Мудроста што се стекнува цел живот не може да се сведе на 280 карактери. Твитот не може да ја замени книгата. Поради тиранијата на ургентното, немаме време за филозофија, за размислување за најголемите животни прашања. А, без тоа нема ни решенија, а без решенија нема ниту одржливост на развојот.

Постмодернизмот го скрши големото огледало што ни овозможуваше преку дедукција да дојдеме до големата слика. Сега наместо едно, имаме милион огледала кои даваат само сегменти од сликата.

Така стигнуваме до второто прашање: За што се употребува човековото знаење?

Ова прашање е адресирано во наративот за Вавилонската кула. Тоа е прв голем потфат на луѓето кои решиле да соѕидаат град и кула висока до небото и со тоа да се прослават себе си. Во отсуство на јазична бариера, луѓето можеле меѓусебно полесно да се разберат и да ги комбинираат своите знаења, вештини и технологии за да го остварат сонот – да бидат како Бог. Знаеме како заврши таа епизода.

Од тогаш до денес, луѓето тежнеат да го остварат тој идеал. Оз Гинис нè потсетува дека во нашиот храбар нов свет на биотехнологијата вавилонскиот нагон е повторно актуелен. Кон игнорирањето на филозофијата се придодава вулгаризацијата на науката и нејзино претворање во слугинка на технологијата.

Според Николас Остлер, англискиот јазик ќе биде последната lingua franga во историјата. Со усовршувањето на софистицираните програми и дигиталните алгоритми, учењето странски јазици ќе стане застарена вештина како калиграфијата. Денес, Google translate сака да го реши проблемот со Вавилонската кула со тоа што ќе ја отстрани јазичната бариера. Но, тука ќе се соочи со друг предизвик. А тоа е идентитетот. Бидејќи различните идентитети на различен начин го поимаат светот и им придаваат различни значења на истите зборови. Чеслав Милош рекол: „нема заедничка мера онаму каде што човекот на различен начин го поима своето место во светот". А тоа е нешто што не може да се стави во дигиталниот калап.

Книгите и теориите што во нив се запишани се мисловен компас и умствени мапи што треба да ни помогнат да се ориентираме во светот. Меѓу милионите напишани книги постојат и такви кои придонеле да се јават креативни малцинства и поединци кои опремени со знаењето и со информациите дошле до моментот „еурека". Во сите векови и епохи, тоа се двигатели на развојот и мотиватори на општеството бидејќи во своите дела, во своите книги ги образложиле своите идеи на лесно разбирлив начин и храбро ги изложиле на критиката на јавноста.

Ви благодарам.
saem_na_kniga_2

PRM_Obrakjanje
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Среда, 14 Март 2018

Почитувани граѓани,

Најпрво, би сакал да се обратам до народните избраници во Собранието на Република Македонија.

Кога го вратив Законот за употреба на јазиците, детално и правно ја образложив мојата одлука. Побарав од вас внимателно да ги разгледате моите забелешки и очекував да постапите одговорно, совесно и како што налага Деловникот на Собранието.

Внимателно го следев вашето делување во собраниските комисии и на пленарните седници.

Начинот на кој по втор пат го изгласавте овој закон претставува институционално насилие и удар врз демократијата. Се надевам дека сте свесни за преседанот што го правите и за последиците и штетите по правото и правната држава, што во иднина можат да произлезат од овој преседан.

Не само што го злоупотребивте европското знаме на овој закон, туку ги прекршивте и сите правни процедури, постапки и рокови во начинот на неговото носење.

Во ниту еден момент не побаравте консултации со науката и надлежните институции кои се најповикани да дадат свое мислење по прашањето на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија.

Така не се води држава.

Така не се остваруваат нашите стратешки цели.

Така не се почитува Уставот, нешто на што се заколнавте при стапувањето на вашата исклучително одговорна општествена функција.

Почитувани,

Во периодот на доделувањето на мандатот на сегашниот премиер, во неколку наврати јасно и јавно укажав дека прашањето на употреба на албанскиот јазик не смее да го загрози уставното уредување на Република Македонија.

Од тие причини, од тогашниот мандатар, а сегашен премиер, побарав да добијам писмени гаранции дека новата коалициска влада, со своите политички мотивирани потези, нема да го загрози суверенитетот и уставниот поредок на Република Македонија.

Гаранциите беа дадени, но не беа испочитувани.

Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Во услови на блокада на институциите, голема е веројатноста да се отвори прашањето за редефинирање на нашето уставно уредување.

Законот за употреба на јазиците е неправеден и репресивен закон, кој фаворизира само еден јазик. Ваков закон ќе ги продлабочи меѓуетничките тензии и претставува закана по меѓуетничкиот соживот.

Почитувани граѓани,

Преминат е предвидениот рок од 30 дена за отворање на собраниската дебата, заобиколена е расправата по пратеничките амандмани на опозицијата, игнорирани се советите од Европската Унија, повреден е Уставот на Република Македонија и деловникот за работа на Собранието.

И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен, овој закон не е израз на демократијата. Овој закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани на Република Македонија. Мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден ваков противуставен, анти-државен и суштински неправеден закон. А неправедниот закон и не заслужува да се нарече закон.

Како Претседател на Република Македонија јас ова нема да го дозволам.

Затоа, нема да потпишам Указ за прогласување на закон кој е донесен на ваков начин. Закон со кој се злоупотреби европското знаме, закон за кој не се водеше дебата по амандманите кои произлегоа од моите укажувања, закон кој се изгласа вон сите процедури, закон кој е противуставен и закон кој ги крши дадените гаранции.

Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 5 од 64