Говори и обраќања
Obrakjanje28112017
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Вторник, 28 Ноември 2017

Почитувани граѓани на Република Македонија,

За политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27 април, одговорност мора да има. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, да се почитува презумпцијата на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела.

Ја поддржував и сега ја поддржувам граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија" која повеќе од два ипол месеци, на мирен и достоинствен начин ја искажуваше грижата за националните интереси на Република Македонија. Граѓаните кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација.

Секојдневно до мене пристигнуваат информации и загрижен сум за политичкиот реваншизам што е видлив на повеќе нивоа, од јавната администрација, до судско-полициските случаи. Со ова се внесува страв и несигурност што доведува до состојба на тензии и политичка дестабилизација.

Почитувани,

Во услови кога не очекува исполнување на многу превземени обврски за консолидација на општеството, како и на планот на европската и евроатлантската интеграција, целата енергија треба да е фокусирана кон градење консензус за национален дијалог и исполнување на реформите.

Со реваншизам и демонстрација на сила, се генерира поларизација на општеството, состојба во која не можеме да очекуваме напредок во реформските процеси.

Повикувам на разумно и одговорно однесување на сите надлежни институции кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија. Секој е одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив.

Граѓаните на Република Македонија очекуваат решенија, а не проблеми. Граѓаните очекуваат поголема благосостојба и просперитет. Сите политички субјекти треба да служат за остварување на тие интереси на граѓаните.

На крајот, сакам да потсетам на нешто што го кажав изминатата година.

Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале.

Ви благодарам.

5_
Обраќање на Конференцијата на началници на генералштабови на Јадранската група
Четврток, 09 Ноември 2017

Почитувани началници на генералштабови,

Почитувани присутни,

Ценети екселенции,

Чест ми е да ве поздравам во Република Македонија на оваа конференција посветена на здружените напори за постигнување на партнерските цели и способности на силите на НАТО.

Денешниот ден има голема симболика. На 9 ноември 1989 година падна Берлинскиот ѕид. Тоа го означи почетокот на крајот на блоковската поделба на Европа. Европската Унија и НАТО ги бришеа непријателствата меѓу државите и ја обединуваа Европа. Со нив се ширеше и зоната на мир, стабилност и безбедност на нашиот континент.

Уште од почетокот на независноста, во Република Македонија се сплотивме околу нашите врвни стратегиски цели – членство во НАТО и во Европската Унија. Бевме свесни дека заедно сме посилни и поуспешни. Затоа, го прифативме партнерството со Соединетите Американски Држави и во 2003-та станавме дел од Јадранската повелба која треба да ги подготви земјите од Западен Балкан да влезат во најуспешниот одбранбен сојуз во историјата.

Патот кон членството во НАТО нè мотивираше да се трансформираме. Успешно ги реформиравме и ги модернизиравме нашите армии со кои активно придонесуваме кон мирот и стабилноста во кризните региони.

Истовремено, со Јадранската повелба постигнувавме регионална стабилност преку регионална соработка. Бидејќи, без соработка, нема ниту стабилност ниту безбедност во нашиот регион. Вие како началници на генералштабовите сте одговорни правилно да ги насочувате армиите, и да ја развивате соработката, а со тоа да придонесувате кон поголема безбедност во регионот и Европа.

Потребата од регионална соработка во одбраната и во безбедноста најдобро се покажа во драматичните моменти кога нашиот регион и Европа се соочија со мигрантската и со безбедносната криза.

Почитувани присутни,

Бенџамин Франклин кажал една мудрост дека, ако не се држиме заедно, ќе висиме одделно. Во текот на мигрантската криза оваа се покажа како вистинита за нас. Сè додека, нашите држави дејствуваа како слободни стрелци, со разбиени редови, мигрантскиот бран ги преплавуваше нашите гранични премини и ги затегнуваше билатералните односи меѓу државите.

Ниту една од земјите што е дел од Балканската мигрантска рута сама не можеше да се заштити од заканата од илегална миграција. Но, кога недовербата ја заменивме со доверба, а соперништвото со соработка, ние успеавме да ја регулираме и да ја контролираме илегалната миграција. Успеавме да го затвориме коридорот и да ги заштитиме нашите држави и Европа од оваа закана. Клучна улога во тој поглед имаат нашите армии.

Република Македонија беше првата држава во Европа која прогласи кризна состојба за закана од илегална миграција и ја испрати армијата на границата. По терористичкиот напад во Париз, за само два дена Армијата на Република Македонија успеа да постави 20 километри заштитна ограда.

Но, Македонската армија тоа го постигна бидејќи е искалена низ 17 акциони планови за членство во НАТО, 27 ротации во ИСАФ, 6 ротации во „Одлучна поддршка", 22 ротации во АЛТЕА и 10 ротации во УНИФИЛ. Мигрантската криза беше врвен тест за способноста на најпроверуваната армија во историјата на НАТО.

Денес, регионот на Балканот и на Европа се соочуваат со нова безбедносна криза, во која никој веќе не е безбеден. Помина времето кога границите на Европа се чуваа надвор од Европа. Територијалната суверена држава се соочува и со нови нетериторијални закани. Иако, се намалува бројот на меѓудржавните конфликти, истовремено се зголемува бројот на конфликтите во самите држави.

Рутата што во 2015-та ја отворија бегалците и мигрантите, започнаа да ја користат и странските терористички борци. Се проценува дека најмалку 5600 странски борци од Европа заминале на боиштата во Сирија и Ирак, што е 15% од вкупниот број на борци на ИСИС. Од Австрија има 300, од Белгија 450, од Данска 135, од Германија околу 950, од Норвешка околу 100, од Шведска околу 300. Околу третина од нив веќе се вратиле во своите матични европски земји.

Само од Балканот заминале околу 960. Според последните информации, од Македонија има 154, од кои 33 загинале, а 80 се вратени. Во Сирија останале 41, од кои 33 се во ИСИС, а 8 во Ал Нусра. 20-тина се затворени со акцијата „Ќелија". Од Босна и Херцеговина заминати се 237. Најмногу странски борци има од Косово, 317, од кои 130 се веќе вратени. Од Албанија има 150, од Црна Гора 13, а од Србија околу 50. Многумина од оние кои на Блискиот Исток заминаа како радикали и екстремисти, во Европа се враќаат како терористи.

Поради радикализацијата од странските борци, Европа сè повеќе е соочена со терористички напади извршени од втора или трета генерација мигранти дојдени во европските земји.

За да одговориме на оваа закана, потребно е државите од Јадранската група целосно да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на НАТО и на Европската Унија со непречен пристап до сите бази на податоци. Но, тука има еден предизвик.

Ценети присутни,

Јадранската повелба претставува јасна порака за отворената врата на НАТО. Во Повелбата се истакнува дека „Европа нема да биде вистински слободна сè додека целиот регион на Југоисточна Европа не е безбеден... Европа не може да биде обединета, сè додека има држави од регионот кои сè уште не се вклучени во евроатлантските институции".

Отворената врата е метафорична покана да влеземе во Алијансата. А сепак, речиси десет години Република Македонија чека пред отворената врата на НАТО.

Иако Берлинскиот ѕид падна пред точно 28 години, НАТО и Европската Унија како сè уште да се заробеници на сенката на блоковската поделба.

Иако Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, сепак беше блокирана и оставена сама на себе. Аргументите за блокадата на Македонија се аргументи измислени за време на Студената војна кои немаат место во проектот за обединета, слободна и мирна Европа.

Со НАТО ги споделуваме истите вредности, интереси и приоритети.

Со НАТО ги споделуваме обврските, задачите и одговорностите.

Со НАТО ги споделуваме и истите критериуми. Затоа и интероперабилноста и оперативната способност се одамна надминати теми. Но, тоа го правиме бидејќи од почетокот на независноста во Алијансата ја гледавме нашата иднина.

Очекуваме дека НАТО ќе остане доследен на големиот проект, и дека ќе овозможи и последната сенка од блоковската поделба на Балканот и на Европа да исчезне.

Ви благодарам.
5-_

stipendii_1
Обраќање по повод доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“
Понеделник, 06 Ноември 2017

Почитувана министерка за образование и наука д-р Тренеска – Дескоска,
Почитуван директор на Сити колеџот господине Верверидис,
Почитувани стипендисти,
Дами и господа,

Претседателот Борис Трајковски остави неизбришлива трага во современата македонска историја. Како голем лидер, визионер и благороден човек, тој го промовираше мирот и пријателството меѓу луѓето, народите, соседите. Затоа, денеска ми е чест да ги врачам стипендиите што го носат неговото име. И тоа е сосема природно, бидејќи оваа стипеднија е инвестиција во мирот и пријателството меѓу македонското и грчкото општество.

Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на министерството за Образование и наука на Република Македонија и на Сити колеџот од Солун за доследноста и посветеноста во обезбедувањето на стипендиите. Верувам дека оваа успешна соработка ќе продолжи и во иднина.

Стипендиите им ги доделуваме на најдобрите меѓу најдобрите пријавени на конкурсот со извонредно високи критериуми. Нема поисплатлива инвестиција од инвестицијата во образованието.

Почитувани стипендисти,

Со стипендиите „Борис Трајковски" ви се дава одлична можност вашите таленти, знаења и вештини да ги надградите на една престижна образовна институција, Сити Колеџот од Солун при Универзитетот Шефилд од Велика Британија.

На вас останува она што ќе го добиете како знаење да го реализирате во животот и да го ставите во функција на остварување на своите визии храбро преземајќи иницијативи и работејќи на реализирање на сопствените идеи. Уверен сум дека образованието кое ќе го добиете ќе го користите доблесно и со него ќе придонесете за сопствен, но и за благодат на заедницата и општеството.

Повеќе од кога било порано, на Република Македонија и се потребни иновативни и креативни луѓе кои не се плашат да се вклучат во глобалниот натпревар на бизнис идеи и потфати. Уверен сум дека меѓу вас, носителите на стипендиите „Борис Трајковски" се идните врвни македонски претприемачи и менаџери. Пред вас е успешна кариера, но и одговорност да придонесете кон општеството кое инвестирало во вас. Вашиот успех е и успех на целото македонско општество.

Живееме во време на голема дигитална трансформација, со многу предизвици и многу можности. Во вакви услови, некои стравуваат, а некои храбро се соочуваат со промените. Една стара мудрост од Истокот вели: „кога дува ветер, едни градат ѕидови, а други ветерници". Бидете луѓе што градат ветерници.

Со тоа ви, посакувам врвни постигнувања и успешно завршување на мастер програмата.

Ви благодарам.

stipendii_2

kran_montana2_4
Проширувањето на ЕУ е политичко и стратегиско прашање - обраќање на претседателот Иванов на форумот „Кран Монтана“
Четврток, 26 Октомври 2017

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Им благодарам на организаторите на форумот „Кран Монтана" што ни даваат можност отворено да разговараме за прашањата кои се важни за Европа.

Оваа 2017 година се навршуваат шест децении од Римските договори. Во текот на првите 50 години, Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Истокот. Со проширувањето на Унијата се ширеше и зоната на стабилност, мир и просперитет на континентот.

Но, во својата шеста деценија, Унијата се наоѓа на историска крстосница. Нерешената финансиска, актуелната мигрантска и растечката безбедносна криза делумо ги парализираа европските институции. Бавејќи се сама со себе, Унијата го забави проширувањето и го запостави истокот и југоистокот на континентот.

Во такви услови, јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Сево ова придонесува наместо подлабока интеграција да имаме сè поизразена регионализација. Државите сè повеќе се групираат со цел поуспешно да се справуваат со предизвиците, но и подобро да ги користат можностите.

Можеби најдобриот пример за заедничко справување со предизвиците е Вишеградската група. На почетокот на мигрантската криза, Република Македонија носеше голем дел од товарот за чувањето на Европа од илегалната миграција. Тоа беше исклучително тешко, бидејќи границата на Европската Унија кон Македонија беше порозна. На пример, во октомври 2015 година, само во текот на неколку часа имавме над 14 000 мигранти и бегалци на грчко-македонската граница кај градот Гевгелија.

Во тие драматични моменти баравме помош од нашите европски партнери. Додека бриселската бирократија одолговлекуваше, Вишеградската четворка дејствуваше. Четирите држави препознаа дека инвестирајќи во безбедноста на Македонија, инвестираат во сопствената безбедност.

Благодарение на примерот на Вишеград, денес дури седум од државите што се дел од иницијативата за Трите мориња имаат свои полициски сили на македонската граница. Овие држави најнепосредно ѝ помагаат на Република Македонија во борбата против илегалната миграција.

kran_montana2_7Дами и господа,

Покрај предизвиците, процесот на регионализација го поттикнуваат и можностите.

Добар пример за тоа е Иницијативата „16+1" на Народна Република Кина за соработка со државите од Централна и од Источна Европа. Преку финансирање на големите инфраструктурни проекти, оваа иницијатива ќе им овозможи на државите да бидат меѓусебно цврсто поврзани.

Инфраструктурното поврзување е особено значајно за земјите кои сè уште не се дел од Европската Унија. Затоа, Република Македонија ги поддржува проектите за изградба на Јадранско-јонската магистрала, железницата Минхен – Истанбул, брзата пруга Будимпешта-Белград што преку Македонија треба да продолжи кон Пиреја, Коридорот 8 и каналот Вардар–Морава–Дунав. Со тоа ќе се комплетира европскиот проект за слободен проток на луѓе, стока, услуги и капитал. Бидејќи, слободниот проток подразбира и слобода на изборот на превозниците и патниците по кој коридор да патуваат. Сево ова ќе значи отворање на ново, просперитетно поглавје за нашиот макрорегион.

Третиот пример за регионализација е поврзан со проширувањето. За разлика од некои постари земји членки на Унијата од Балканот, кои како да го заборавија регионот во кој се наоѓаат, Словенија и Хрватска покажаа одговорност кон Југоисточна Европа. Тие го иницираа процесот „Брдо Бриони" со што до некаде го вратија нашиот регион на агендата во Брисел.

Веќе неколку години, Брдо Бриони праќа јасна порака дека одлагањето на проширувањето во комбинација со економската криза и безбедносните предизвици го направија нашиот регион уште поранлив на надворешните фактори на дестабилизација. Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред сè политичко и стратегиско прашање. Како Претседател на Република Македонија ќе бидам домаќин на следниот самит на Брдо Бриони во 2018 година. Очекувам дека овој самит ќе даде конкретни резултати.

И тука доаѓаме до „Иницијативата за трите мориња" која е дел од регионализацијата на Европската Унија. Оваа иницијатива има намера да овозможи синергија меѓу постоечките механизми и заеднички одговор кон можностите и предизвиците.

Просторот меѓу Јадранското, Балтичкото и Црното Море опфаќа 28% од територијата и 22% од популацијата на Европската Унија. Иако повеќето земји не се дел од еврозоната, сепак, тие го чинат економски најдинамичниот дел од Унијата со вкупен ГДП од 2.8 милијарди евра. Но, за да се мобилизира овој голем економски потенцијал, неопходна е поцврста инфраструктурна, економска и енергетска поврзаност во регионот.

Верувам дека оваа иницијатива ќе биде уште еден катализатор на просперитетот на регионот.

Ценети присутни,

Во моментов, Република Македонија не е дел од „Иницијативата за трите мориња", која е отворена само за земји членки на Унијата. Но, тоа не значи дека не сакаме да бидеме економски, енергетски и инфраструктурно поврзани.

Повеќето од земјите што сега се дел од Трите мориња ни помагаат во справувањето со мигрантската криза. Речиси сите од земјите се дел од Иницијативата „16+1" и процесот „Брдо Бриони". Затоа, сметаме дека оваа иницијатива е исклучително значајна, бидејќи им овозможува на земјите од истокот на Европа да изнаоѓаат решенија во согласност со своите специфични потреби.

Да резимирам. Овие форми на регионализација не се антиевропски, туку проевропски. Тие го пополнуваат вакуумот на соработка што се создаде поради бројните европски кризи. Регионализацијата е порака до Европската Унија да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на Европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното поврзување, да го отвори просторот.

Неопходно е да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици.

Неопходно е да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар.

Неопходно е да бидеме дел од истото европско и евроатлантско семејство.  Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион и континент на безбедност, мир и благосостојба.

Ви благодарам.

kran_montana2_8

kran_montana2_8
Oбраќање на претседателот Иванов на свеченото отворање на форумот „Кран Монтана“
Четврток, 26 Октомври 2017

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Ние, земјите кандидати за членство во Европската Унија ја користиме секоја можност за да праќаме пораки до Унијата. Често тоа го правиме од форумите што се организираат низ европскиот континент. Дел од тие пораки, за жал, никако да стигнат до Брисел. Па затоа, благодарeниe на форумот „Кран Монтана", денеска сме собрани тука, во Брисел, во политичкиот и во административниот центар на Европската Унија за да им помогнеме на креаторите на европските политики да ги чујат пораките.

Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Истокот. Но, во својата шеста деценија, Унијата се соочи со финансиска, мигрантска и безбедносна криза.

Одлагањето на проширувањето дополнително ги усложни состојбите. Status quo во интеграциите, во комбинација со економската криза и безбедносните предизвици ги направија Балканот и Република Македонија уште поранливи на надворешните фактори на дестабилизација.

Прво, мигрантската и безбедносната криза покажуваат колку е неопходно да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Добар пример за ваква соработка е помошта што ја добивме од неколку европски држави во екот на мигрантската криза. Овие земји покажаа солидарност на дело во спречувањето на илегалната миграција. Тоа е пример што Унијата треба да го следи.kran_montana2_9

Второ, финансиската и кредитна криза покажува дека е неопходно да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. На тоа поле може да ни помогне Иницијативата „16+1" што им овозможува на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа инфраструктурно да се поврзат, со што се комплетира европскиот проект за слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал.

Но, сето тоа ќе остане незавршено без третиот елемент, а тоа е проширувањето на Унијата. Очекувам Европската Унија да покаже одлучност и на Република Македонија да ѝ даде датум за почеток на преговорите за членство. Сите европски стандарди и принципи се усвојуваат додека течат преговорите за членство. Со секое затворено поглавје, земјата се европеизира и се приближува кон посакуваните европски стандарди. Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред сè политичко и стратегиско прашање.

Пораката до Унијата е да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на Европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното и енергетско поврзување, да го отвори просторот. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион и континент на безбедност, мир и благосостојба.

Ви благодарам.

Inzenerski_komori_1
Обраќање на 14. генерално собрание на Европскиот совет на инженерски комори
Сабота, 21 Октомври 2017

Почитувани членови на европските инженерски комори,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Како Претседател на Република Македонија ми претставува особена чест и задоволство да ви се обратам на 14-тото генерално собрание на Европскиот совет на инженерски комори.

Вашето присуство во Скопје е израз на доверба во Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, но и воопшто за севкупната македонска инженерска и академска заедница. Иако Република Македонија се уште не е дел од Европската Унија, сепак нејзините инженери и архитекти се дел од моторот што ја движи Унијата.

Иако не сум инженер, ја почитувам и високо ја вреднувам инженерската струка, затоа што е струка на практични луѓе. Впрочем изворното значење на она што денес го нарекуваме инжинер, на латински ingeniare, значи да се измисли или изнајде, а ingenium, значи умешност.

Светот во кој денес живееме е дело на поединците кои се умешни во изнаоѓањето решенија за предизвиците на природата и човештвото. Тоа особено дојде до израз за време на трите индустриски револуции. Првата индустриска револуција со парната машина го механизираше производството. Втората индустриска револуција со електричната енергија и производната лента создаде масовно производство. Третата информатичка револуција го автоматизираше производството.

Инженерите беа хероите на овие важни трансформации. На некој начин, вие, инженерите го измисливте и создадовте модерниот свет.

Речиси нема аспект од човековиот живот во кој инженерството нема свој придонес. Градежништвото, енергетиката, транспортот, комуникациите, здравството, финансиите, технологиите... Сите овие сфери се резултат на вашите пронајдоци, вашите решенија. Апстрактното знаење го трансформирате во практични пронајдоци. Академските истражувања ги претворате во апликативни решенија кои имаат реална вредност за секојдневниот, реален живот на луѓето.

Сепак, тука има еден предизвик. Ако ја проучуваме историјата на технологијата, ќе увидиме дека секоја од трите индустриски револуции завршува со потреба од нов почеток, од нова револуција. Има и добра причина за тоа. Секоја од нив започнала со љубопитност, креативност, инвентивност и желба за знаење, а завршила со комерцијализација на иновациите и изумите.

Верувам дека нема подобар пример од војната на струите што се водела кон крајот на 19 век. Иако во оваа војна победи изумот на Тесла – наизменичната струја, сепак, на крајот домнираше претприемничкиот дух на Едисон.

Нештата не се променети. Многу од изумите на третата индустриска револуција веќе се комерцијализирани. Се има чувство дека плафонот е веќе достигнат, и дека актуелните производи и решенија се само варијации на иста тема од која најголема корист имаат корпорациите. Некои сметаат дека во Европа денес има премногу Едисони а премалку Тесли, што полека доведува до состојба на безидејност.

Но, тоа воопшто не треба да ве обесхрабрува, бидејќи на повидок е нов почеток. Во третиот милениум соочени сме со нови предизвици и можности. Ова е милениум на четвртата дигитална револуција што го поврзува физичкото, дигиталното и биолошкото.

Благодарение на креативноста и на иновативноста на инженерите и научниците, израснаа нови интердисциплинарни инженерски гранки.

Четвртата индустриска револуција е можност за оваа наша генерација инженери да го обликуваат новиот свет. Тоа е можност да се излезе од безидејноста во која се уште се наоѓа Европа на 20 век, или Европа 1.0.

И одново, херои на ова ново време сте вие, инженерите, кои треба да ја создаваат новата, одржлива, дигитализирана, енергетски ефикасна и еколошки пријателска Европа 2.0.

Индустриските револуции покажаа дека луѓето можат да измислат нови материјали и нови извори на енергија, но покажаа и дека знаењето е третиот ресурс, покрај сировите материјали и енергијата. За разлика од материјалите и енергијата кои со долготрајно користење се трошат, со знаењето е сосем спротивно. Колку повеќе го користите, толку повеќе го имате.

Решенијата што ќе ги понудите, врз основа на вашето стекнато и акумулирано знаење, во овие клучни години и децении ќе го трасираат патот за генерациите што доаѓаат. Вашите иновации ќе бидат основа за новиот свет што се раѓа.

Како што во секој плод е скриено семето за идни плодови, така во секоја иновација се крие основата за нови иновации.

Во сето ова, клучна е улогата на инженерските комори кои се гарант за квалитетот на инженерските услуги. Како нови еснафи и цехови, коморите се грижат за образовните и професионалните стандарди на инженерската професија и придонесувате кон постојан и континуиран професионален развој и напредок во професијата. Со сето тоа, коморите се главни двигатели на инженерството.

Како партнер на Европската Комисија, Европскиот совет на инженерски комори работи на зајакнување на заедничките принципи за обука на инженерите што ќе значи создавање на квалитетен инженерски кадар. Тоа ќе ја олесни мобилноста на инженерите во рамките на единствениот европски пазар. А тоа е неопходно за заедно и рамноправно да ја градиме иднината на нашите општества и иднината на нашата Европа.

Ви благодарам.

Inzenerski_komori_2

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 7 од 64