Говори и обраќања
UN73_rotate
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 73. сесија на Генералната дебата во Генералното собрание на Обединетите нации
Четврток, 27 Септември 2018


7Почитувани,


Годинава одбележуваме 100 години од крајот на Првата светска војна. Лигата на народите требаше да го чува мирот по Првата светска војна. Но не успеа. Обединетите нации се родија од пепелта на Втората светска војна и се изградија врз свет уништен од фашизмот, нацизмот, расизмот и колонијализмот. Усвојувајќи ја Повелбата на Обединетите нации една храбра генерација лидери им дадоа надеж на обесправените, угнетените, негираните дека можаат да го остварат правото на самоопределување.

Пред 70 години, Универзалната декларација за човековите права стана уште еден зрак на надеж за човештвото. Оваа надеж стана дофатлива преку работата на Обединетите нации и нејзините бројни програми. Преку мировните мисии, контролата на оружје, договори за неширење на нуклеарно оружје и борбата против тероризмот, меѓународниот организиран криминал ние градиме побезбеден свет. Целите за одржлив развој ни помагаат на глобално ниво да ја фокусираме нашата енергија на намалување на сиромаштијата, искоренување на болестите, зголемување на достапноста на образованието, питката вода, хигиената, и создавање можности за младите. Со Парискиот договор се бориме против климатските промени и се обидуваме да изградиме заедници и општества отпорни на ризици од катастрофи. Како последица, милиони луѓе денес живеат подобри животи отколку пред една деценија. Сите овие достигнувања ќе беа незамисливи ако не ги обединевме нашите напори преку Обединетите нации.

Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија, со право можам да истакнам дека Македонскиот народ учествуваше во создавањето на поредокот по Втората светска војна. Бевме на вистинската страна на историјата, бидејќи уште во 1941 започнавме да се бориме против злото на фашизмот и нацизмот.

Македонската држава учествуваше во создавањето на Обединетите нации. Во 1945-та, Федеративна Демократска Југославија беше еден од основачите на Обединетите нации. Како конститутивна република со право на самоопределување до право на отцепување, Македонија беше со-основач на Обединетите нации.

Како држава во состав на таа федерација, учествувавме во донесувањето на Универзалната декларација за човековите права, во меѓународните пактови за граѓански и политички, за економски, социјални и културни права со кои се гарантира човековото достоинство, правото на самоопределување, правото на суверена еднаквост на државите.

На 8 Септември 1991 година, користејќи го сувереното право на самоопределување до отцепување, на мирен начин ја напуштивме федерацијата што се распаѓаше и прогласивме суверена и независна Република Македонија.

И токму во тоа се состои големата неправда. Нам не ни беше дозволено да ги уживаме придобивките на организацијата и документите во чие создавање учествувавме. Нам ни беше оспорено сувереното право да се именуваме како што сакаме, небаре обична административна област во Грција (што го носи истото име) има поголемо право во меѓународните односи од една суверена држава како што е Република Македонија.

На 8 април 1993-та, пред 25 години, Република Македонија стана членка на Обединетите нации. Но, во оваа заедница на правно еднаквите, Република Македонија беше примена како помалку од еднаква, со дерогиран правен персоналитет и со повредено право на самоопределување.

Денес, 25 години подоцна, процесот на разговори во Обединетите нации треба да заврши со донесувањето на Конечната спогодба од Преспа за која некои тврдат дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Спогодбата започнува со една возвишена преамбула на чии формулации би и позавиделе и авторите на Универзалната декларација. Иронично, Спогодбата од Преспа ги крши истите оние универзални принципи и норми на кои се повикува во нејзината Преамбула, вклучително и правото на човечко достоинство. Од сите прекршени права, би сакал да обрнеме внимание само на едно – а тоа е правото на самоопределување.

Правото на самоопределување значи дека само нацијата има право на одлучување за својата судбина, дека никој не е овластен насилно да интервенира во нејзиниот живот, да ги руши нејзините школи и други институции, да спроведува насилство над нејзините обичаи и навики, да го сотира нејзиниот јазик или да ѝ ги забранува нејзините права. Правото на самоопределување значи дека нацијата може да го уреди својот живот во согласност со сопствената волја. Таа има право автономно да го уредува својот живот. Има право на целосна сецесија (отцепување). Нациите се суверени и сите се еднакви.

Од правото на самоопределување извира и правото на народот да го одбере своето име и името на државата што ја создал. Правото на избор на име е нераздвоен дел од правото на самоопределување. Само почитувајќи го правото на самоопределување, Обединетите нации се релевантни за сите народи. Како народ, името Македонци го носиме со векови, а како држава 74 години, уште пред воопшто да постојат Обединетите нации. Нашата приврзаност кон тоа име ја потврдивме и кога пред 27 години го искористивме правото на самоопределување и прогласивме независна и суверена Република Македонија.

Сепак, Грција со Конечната спогодба од Преспа ни наметнува ново име и бара истото да се применува erga omnes – и за меѓународна и за домашна употрба. Предвидено е да го промениме Уставот, при што Грција би била конечниот авторитет што ќе ги одобрува уставните измени. Преку оваа спогодба Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како вие, државите-членки на Обединетите нации ќе ни се обраќате нам. Грција се овластува да ги преименува нашите институции, да ја цензурира содржината на учебниците на нашите деца, да го спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет. Се регулира именувањето на нашиот Македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Во архивите на Обединетите нации постојат илјадници страници документи и сведоштва за тоа што Грчката држава им правела на Македонците во Грција. Сега, со Преспанската спогодба Грчката држава сака да им го направи истото и на Македонците во Република Македонија. Целта е употребата на името Македонци да ја ограничи на најмалиот можен простор – а тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ја притоа нашата уста затворена. Тоа е флагрантно кршење на правото на самоопределување.

Но, оваа Конечна спогодба од Преспа е само горчлив плод на едно одамна затруено стебло. Таа е штетен компромис направен врз основа на Времената спогодба од 1995 година. Во време кога бевме меѓународно изолирани, Времената спогодба постигната под покровителство на Обединетите нации требаше да биде гаранција дека Грција нема да го блокира нашето интегрирање во меѓународните организации. Но, и тука има сериозен проблем. Никој не може да пренесе на друг повеќе права отколку што самиот ги има. А сепак, со Член 5 од Времената спогодба од 1995 година и процесот воден во Обединетите нации на Грција и се дозволи да преговара со Република Македонија околу нејзиното име. Тоа е кршење на правото на самоопределување.

Но, и Времената спогодба не е стебло без корен. Таа произлегува од Резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1993 година. Иако забележува дека Република Македонија ги исполнува критериумите за членство во ОН содржани во Член 4 од Повелбата, Советот за безбедност сепак констатира дека се појавила разлика во врска со името на државата и го условува членството на Република Македонија со привремена референца и со обврска да разговара за разликата околу името. Таа формулација не е ништо друго освен еуфемизам за кршење на правото на самоопределување.

И така, доаѓаме до коренот на проблемот.

При приемот на Република Македонија во Обединетите нации е прекршено правото на самоопределување. Времената и Преспанската спогодба се донесени за да се оправда тоа кршење. Мора да знаете дека текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без мое знаење и без моја согласност како Претседател на Република Македонија. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење.

Кажано со други зборови, јазолот што започна да се заплеткува со Резолуциите 817 и 845 и со Времената спогодба, сега, со Преспанскиот договор стана јамка за бесење. Од Република Македонија сега се бара да изврши правно и историско самоубиство, за да може правното укинувањето на македонскиот народ да се протолкува како негова сопствена волја. Се прашувам што зборува ова за глобалното лидерство и споделената одговорност на Обединетите нации?

Дами и господа,

Грција инсистира наметнатото име, а со тоа и кршењето на правото на самоопределување да има дејство erga omnes. Но, фактите го кажуваат следново. Меѓународниот суд на правдата во пресудата донесена на 30 јуни 1995 година се има произнесено дека правото на самоопределување има дејство erga omnes. Оваа многу важна одлука не била земена предвид при изготвувањето на Времената спогодба три месеци подоцна.

Се вели дека македонскиот е единствен случај во Обединетите нации. Но, во архивите на Обединетите нации е евидентиран речиси идентичен случај во кој една земја-членка и го оспорува правото на членство на друга земја-кандидат поради нејзиното име. Велам речиси, бидејќи барањето на таа земја-членка да се блокира приемот на другата земја било игнорирано од Обединетите нации. Сето тоа се случува после нашиот преседан.

Прашувам: зошто сево ова не важи во случајот со Република Македонија? Зарем не се сите држави суверено еднакви? Дали Обединетите нации се порелевантни за едни, а помалку релевантни за други народи?

Гледаме како одново непринципиелноста на Атина победува над мирољубивоста на Мелос, дека посилните го прават она што можат, а послабите она што мораат. Со Преспанскиот договор одново сме ставени пред свршен чин, во кој ни се вели – помали сте, послаби сте, и затоа мора да го прифатите ултиматумот на Атина. Наместо наградени, ние сме казнети поради нашата мирољубивост. Се заборава дека Обединетите нации беа создадени од визионери кои сакаа поредок во кој и најмалите и најслабите народи да бидат заштитени. Бидејќи почитувањето на правата на малите народи и држави е барометар за исполнување на меѓународната повелба на човековите права.

Аристотел тврдеше дека оној што не е дел од полисот е или ѕвер или бог. Она што бил поединецот за античкиот полис, тоа, на некој начин, е државата за современиот космополис. Грција се однесува како да не ја обврзуваат правилата на меѓународниот поредок. Со ваков однос, се прашувам во која категорија Аристотел би ја класифицирал лулката на демократијата денес.

Ако Обединетите нации не се способни да му дадат сила на праведниот закон, тогаш ќе ја озаконат неправедната сила. А меѓународниот поредок не може да се чува со кршење на меѓународното право.

Долго време не убедуваа дека нема друг начин освен овој. Но, по плодовите го познавме стеблото. Преку Преспанската спогодба увидовме дека сме биле доведувани во заблуда да бараме решение што ќе значи еродирање на правото на самоопределување.

Како да го одмотаме овој замрсен јазол, оваа јамка што ни ја ставаат околу вратот? Одмотувањето треба да започне онаму каде што се започна – со кршењето на правото на самоопределување.

Виенската конвенција за договорно право многу јасно укажува дека секој договор што е спротивен на ius cogens нормите е ништовен. Според Член 1, став 2 и Член 55 од Повелбата на Обединетите нации, една од тие ius cogens норми е правото на самоопределување. Член 5 од Времената спогодба од 1995 година одредува преговори за правото на самоопределување, што ја прави спротивна на оваа ius cogens норма. Тоа, дами и господа, значи дека е ништовна целата Времена спогодба од 1995 година, а со самото тоа, ништовна е и Преспанската спогодба што произлегува од неа.

Никој нема право да ја доведува во прашање одлуката на народот да го одбере своето име и името на државата што ја создал. Бидејќи, таа одлука произлегува од правото на самоопределување воспоставено како апсолутно право на сите народи.

Само правото на самоопределување, а не неговото кршење, може да има дејство erga omnes.

Почитувани присутни,

Додека зборувам тука, во мојата држава Република Македонија се одбројуваат последните часови пред референдумот на кој моите сограѓани се повикани да се произнесат за Преспанската спогодба.

Во изминативе неколку недели Република Македонија ја посетија повеќе високи странски претставници. Знам дека многумина од нив искрено сакаат да и помогнат на Република Македонија да стане дел од Европската Унија и НАТО. И од срце им благодарам за нивните добри намери. Но, се плашам дека и тие биле доведени во заблуда. Нивната порака е дека ако референдумот не успее и ако Преспанската спогодба не се прифати, тогаш не треба да се надеваме на членство во НАТО и во Европската Унија. А јас ги прашувам - ако ни ја земете надежта, што ќе ни остане? Помогнете ни со тоа што ќе го деблокирате процесот за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија без да го кршите правото на самоопределување.

Многумина од нив ги убедуваат македонските граѓани да ја прифатат грчката спогодба. Нив ги прашувам, дали тие би прифатиле да го дерогираат правото на самоопределување на нивните сопствени народи и држави? Дали тие би прифатиле мешање во нивните внатрешни работи, нарушување на сувереноста и политичката независност? Зошто тогаш од нас се бара да прифатиме нешто што никој во светот не би го прифатил?
Не не убедувајте да јадеме од овој отровен плод. Крајно време е отровното стебло, сосе неговиот отровен плод, да бидат отстранети.

Затоа, во овие последни часови пред референдумскиот молк, сакам да упатам и порака до моите сограѓани во Република Македонија.

Гласањето на референдум е ваше право, а не обврска. Во согласност со Член 7, став 3 од Законот за референдум, „никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум." Секој граѓанин има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

Како што референдумот на 8 Септември 1991 доведе до сувереност и независност, така овој референдум на 30 септември може да доведе во состојба на потчитеност и зависност спрема друга држава.

Ако овој референдум биде успешен во согласност со законот, тогаш не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име и нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет. Ќе бидеме држава само по име, но не и по суштина, бидејќи друг ќе ни го регулира начинот на живот.

Но, доколку овој референдум не е успешен, тогаш се отвора нова можност. Можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Да го обновиме националниот консензус што го постигнавме на почетокот на независноста.

Не е потребна храброст за да се капитулира. Храброста е потребна за да се истрае во остварувањето на правото на самоопределување и зачувување на суверенитетот и независноста на државата. Храброста е потребна за да се каже вистината.

Овој 30 септември е одлучувачки за нашата иднина. Но, истовремено, во нашата традиција, со векови наназад на 30 септември се празнува верата, надежта и љубовта, кои произлегуваат од мудроста.

Не губете ја вербата во себе, бидејќи од вас зависи иднината на Република Македонија. Не губете ја надежта и патриотската љубов кон Република Македонија, бидејќи само како суверена и независна држава таа ќе биде заштитник на вашата слобода и вашето човечко достоинство. Јас како граѓанин веќе ја донесов мојата одлука. На 30 септември нема да излезам да гласам. Верувам дека и вие, моите сограѓани ќе донесете мудра одлука.

Истовремено, ви се обраќам вам, претставниците на државите-членки на Обединетите нации. Овој ирационален спор има штетни последици по Република Македонија и нејзините граѓани. Поради грчките блокади, нам ни се одзеде правото на просперитет. Сето тоа, за жал, се одразува на одржливоста на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество. Општество кое изминативе 27 годинин активно придонесува за мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и Европа.

Позицијата на официјална Атина не само што е спротивна на меѓународното право и на одлуката на македонските граѓани, таа е спротивна и на волјата на речиси 140 држави-членки на Обединетите нации кои на Република Македонија и го признаваат фундаменталното право на самоопределување и и се обраќаат под нејзиното уставно име.

Како Претседател на Република Македонија ги повикувам сите држави кои веќе ја признале Република Македонија и воспоставиле дипломатски односи под нејзиното уставно име да не ги менуваат своите одлуки. Покажете ја својата сувереност со тоа што ќе останете доследни на сопствените принципиелни одлуки што сте ги донеле без притисоци. Помогнете ни со тоа што ќе бидете чувари на нашето право на самоопределување, чувајќи го со тоа и вашето право на самоопределување.

Современата историја покажа дека Балканот е родното место на преседаните. Ако со нас се прават штетни преседани со кои се ограничува нашата сувереност и политичката независност, тогаш прашање на време е кога ќе бидат применети и во некои од вашите држави.

Што зборува сево ова за релевантноста на Обединетите нации за сите народи, за лидерството и споделената одговорност?

Отсекогаш сум се залагал и суштински сум придонесувал за градење на вистинско и трајно партнерство меѓу Република Македонија и Грција и пријателство и доверба меѓу македонското и грчкото општество. Но, ако единствениот начин да се задоволат ирационалните барања на грчката страна е со наметнати мерки кон македонската страна, она што добиваме се односи без доверба. Овој договор не ги приближува, туку ги оддалечува македонскиот и грчкиот народ.
Грчкото и македонското општество треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики. За да имаме вистински, траен и одржлив договор, потребен ни е дијалог наместо монолог, аргументирано убедување, наместо присилно наметнување, взаемно почитување, наместо негирање.

Само поддржувајќи таков фер пристап, Обединетите нации ќе бидат релевантни во нашиот случај, и ќе покажат лидерство и споделена одговорност. Бидејќи, Обединетите нации ќе бидат релевантни само ако ги почитуваат сопствените принципи.

Драги пријатели,

Можеби, додека уште зборувам, веќе се пишуваат изјави во кои ќе се осуди овој мој говор. Најчесто, првата реакција на вистината е омразата. Вистината ги разобличува лагите, ги открива неисполнетите ветувања, ја разоткрива нечистата совест. А има многу нечиста совест во однос на македонскиот случај. Но, вистината ослободува и овозможува да се признае вината, да се поправат грешките, да се исцелат раните од прекршувањето на нашето фундаментално право на самоопределување и правото на човечко достоинство.

А единствена вистина е дека ние сме Македонци и нашата држава е Република Македонија. И почитувајќи ја таа единствена вистина за нашиот идентитет, вие го почитувате нашето човечко достоинство кое е дел од темелот на слободата, правдата и мирот во светот.

Ви благодарам.

1

4_gala
Претседателот Иванов: На 30 септември нема да излезам да гласам
Недела, 23 Септември 2018

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Драги пријатели,
Браќа и сестри,

Благодарам за ова престижно признание. И благодарам на Обединетата македонска дијаспора за овој величествен и достоинствен прием. Горд сум што ве гледам вака, сплотени. Сплотени во љубовта кон Македонија. Успешно ги преживеавме сите предизвици со кои се соочи нашата татковина во минатото. Верувам дека сплотени ќе го надминеме и сегашниот предизвик.

Како Претседател отсекогаш сум се залагал за исполнување на стратешките определби на Република Македонија. Членството во НАТО и во Европската унија е наш интерес и наша обединувачка стратешка цел од која не отстапуваме.

Но, на тој наш пат ни беше поставена пречка. Ни се оспори правото да се именуваме според нашето сопствено име. Со тоа ни се наметна ирационален спор што трае речиси три децении.

Отсекогаш сум се залагал за решение кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да биде на штета на македонските национални интереси. Решение кое нема да опфаќа промена на Уставот на Република Македонија заради промена на уставното име. Но, истовремено, тоа решение треба да биде изградено со широк национален консензус без да ги руши досегашните државни позиции. Таквото решение треба да биде потврдено од страна на граѓаните на референдум.

Денес, на граѓаните на Република Македонија на референдум им се нуди едно решение кое е спротивно на досега изградените државни позиции. Тоа не е резултат на национален консензус и е донесено без мое знаење и без моја согласност.

Дами и господа,

Сите се прашуваат што ќе се случи ако не се прифати Конечната спогодба од Преспа. Но, многу поважно е прашањето кои се последиците ако се прифати Спогодбата?

Сметам дека оваа спогодба е штетна и поразителна за Република Македонија. Прифаќањето на оваа спогодба ќе има несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ. Со оваа грчка спогодба не се јакне македонскиот идентитет, туку правно се укинува македонскиот народ. Не се потврдува, туку се менува македонскиот државен и институционален идентитет. Не се унапредуваат, туку се деградираат нашите стекнати права.

Член 3 од Спогодбата вели дека „Секоја од страните се обврзува да го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата страна."
А токму со содржината на Спогодбата се негира сувереноста и политичката независност на Република Македонија бидејќи се дозволува мешање во нејзините внатрешни работи. Според спогодбата, последниот збор ќе го имаат грчките, а не македонските парламентарци. Со оваа спогодба, Република Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност спрема Република Грција.

Поради членството на Грција во ЕУ и НАТО постои дизбаланс на моќта и условеност на Македонија од страна на Грција. Со оваа асиметрична спогодба, вистината на доминантната страна станува доминантна вистина.

Веќе нема на има Македонски народен театар, Македонска Радио Телевизија, Македонска академија на науките и уметностите, па дури ни Македонска православна црква.

Ваков договор не ги обединува македонските граѓани, туку дополнително го поларизира македонското општество. Со овој договор се поништува „општествениот договор" што гопостигнавме кога прогласивме независна и суверена држава.

2_galaРечиси три децении, Грција тврди дека Република Македонија е вештачка творба. Но, вистината е дека токму со оваа спогодба се создава вештачка творба, која не е израз на волјата на македонскиот народ и македонските граѓани. Со спогодбата се создава нов субјект, нова држава која ќе биде анационална.

Наједноставно кажано, последиците од оваа спогодба можат да се сумираат во една реченица. Она што Грчката држава им го направи на Македонците во Грција сега со оваа спогодба сака да им го направи на Македонците во Република Македонија. Да ги обезличи, да ги обезимени, да ги замолкне.

Не сакам да бидам погрешно разбран. Јас се залагам за партнерство и пријателство меѓу Република Македонија и Грција, меѓу македонското и грчкото општество. Но, за да биде трајно, тоа пријателство треба да се темели на здрави основи. Ако единствениот начин да се задоволат ирационалните барања на грчката страна е со наметнати мерки кон македонската страна, она што добиваме се односи без доверба. Овој договор не ги приближува, туку ги оддалечува македонскиот и грчкиот народ.

Грчкото и македонското општество треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики што ги разделуваат. За да имаме вистински, траен и одржлив договор, потребен ни е дијалог наместо монолог, аргументирано убедување, наместо присилно наметнување, доверба, наместо недоверба.

Знам дека и вие, како македонска дијаспора сте загрижени за оваа состојба, бидејќи, се што се прави во татковината неминовно се рефлектира и на дијаспората. Запознаен сум од вашите многубројни писма, од средбите со претставниците на вашите организации. И затоа, ја користам оваа прилика за да ви се заблагодарам за сета поддршка и помош што ми ја давате во овие навистина тешки времиња. Не смее да се заборави дека Република Македонија не е само држава на македонските граѓани што живеат во неа, туку и татковина на секој еден од вас, припадниците на македонската дијаспора.

Почитувани присутни,

Изминативе недели во Република Македонија речиси секојдневно доаѓаат високи странски претставници да ги убедуваат македонските граѓани да излезат на референдумот и да ја прифатат грчката спогодба. Но, притоа, се заборава дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам.

Речиси секој од тие странски претставници со кои се среќавав ми го поставуваше прашањето: кој е мојот став во однос на референдумот за спогодбата.

Ова е мојот одговор.

Во своето обраќање до македонските граѓани во очи на референдумот за независноста во 1991 година, Претседателот Глигоров истакна дека референдумот треба да биде потврда дека Македонскиот народ е народ со долга историја, со разбудена демократска свест, и дека со тој референдум самостојно и одговорно треба да испишеме нова страница на сопственото битисување.

За разлика од тоа, 27 години подоцна, со референдумот за грчката спогодба се брише таа придобивка за која се произнесоа македонските граѓани во 1991 година.

Сакам да ги потсетам македонските граѓани дека во согласност со Член 7, став 3 од Законот за референдум, „никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум." Секој граѓанин има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам.

3galaДва пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам.

Кога ја преземав функцијата Претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам.

Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет.

Во согласност со Уставот на Република Македонија, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте некој друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост.

Република Македонија му припаѓа на народот кој ја создал. А тој народ освен што полага историско право на својата Република, истовремено има историска одговорност кон таа своја Република. Бидејќи ниту една генерација, вклучително и нашата генерација, не може да тврди дека со неа започнува се. Ние сме дел од континуитетот. Наша обврска е да го сочуваме и да им го предадеме на потомците она што сме го наследиле од предците. Како што македонскиот народ е создавачот на Република Македонија, така и Република Македонија е чуварот на македонскиот идентитет. Прашањето за името и идентитетот е постаро и поскапо од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател, од секој поединечен интерес.

Имајќи го сево ова предвид, јас ја донесов мојата одлука. Верувам и убеден сум дека и граѓаните на Република Македонија на 30 септември ќе донесат исправна и мудра одлука.

Како што сме одговорни и пред граѓаните, така сме одговорни и пред дијаспората, која и во најтешките мигови за Македонија била тука, и секогаш ќе биде тука за нас. Верувам дека ќе ја искористите секоја можност за да помогнете и во овој период на предизвици. И дека сплотени ќе продолжиме да ја остваруваме заедничката визија – со заедничка работа да ја направиме Република Македонија поправедна, побезбедна, попросперитетна и поуспешна држава.

Ви благодарам.

5gala

stipendi_shefild_24
Обраќање на свеченото доделување на стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2018/2019 година
Петок, 14 Септември 2018

Почитуван министре Адеми,

Почитуван господине Ефстатијадис,

Почитувани добитници на стипендиите „Борис Трајковски",

Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија и како универзитетски професор, чест ми е уште еднаш да бидам покровител на доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски". Во изминативе девет години речиси на секоја средба на која стануваше збор за македонско-грчките односи, ги посочував заедничките стипендии како пример за добрите односи меѓу двете општества.

Зад овој проект на доверба стојат луѓе со отворени умови, кои во добра волја се подготвени да градат мостови на поврзување меѓу двете општества. И да го прават тоа преку инвестирање во младите луѓе од Република Македонија.

Од почетокот на проектот е постигнато многу. Над 200 стипендисти од 12 генерации имаа можност да студираат на престижниот Сити Колеџ во Солун при Универзитетот „Шефилд". Тоа се над 200 македонски стипендисти кои стекнале многукратно повеќе познанства и пријателства во Грција. Студирајќи, тие градат и лични односи со своите грчки колеги со кои комуницираат без посредство на политичките елити и искривените медиумски перцепции. Со ваквите проекти создаваме нова генерација млади кои нема да бидат оптоварени со предрасудите од минатото. Генерации кои ќе стекнуваат меѓусебна доверба преку меѓусебно почитување и прифаќање.

stipendi_shefild_5Кога зборуваме за довербата, треба да имаме едно нешто на ум. А тоа е дека довербата не може да настане преку ноќ ниту, пак, да се наметне на сила. Таа се создава постепено и без притисок. Потребно e трпение, вистинољубие и почитување на личноста на другиот. Така се гради доверба меѓу луѓето и народите, а не со асиметрична меѓувладина спогодба со која се негира нашето човечко достоинство.

Ако единствениот начин да се задоволат барањата на официјална Атина е со наметнати мерки кон македонската страна, она што добиваме се односи без доверба и без општествен капитал. Или, како што вели една македонска мудрост – со сила убавина не бидува.

Грчкото и македонското општество треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики што ги разделуваат.

За да имаме вистински, траен и одржлив договор, потребен ни е дијалог, наместо монолог, аргументирано убедување, наместо присилно наметнување, доверба, наместо сомнеж. А таа доверба се гради токму со вакви иницијативи како стипендиите „Борис Трајковски".

Ви благодарам.

stipendi_shefild_28

ARM1
Обраќање по повод Денот на Армијата на Република Македонија
Петок, 17 Август 2018

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани присутни,
Драги сограѓани,

Чест ми е да ве поздравам и да ви го честитам утрешниот 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија.

Кога во 2009 година прв пат бев избран за Претседател на Република Македонија, со голема почит ја презедов и должноста врховен командант на вооружените сили. И самиот сум бил војник и знам што значи хиерархија и дисциплина. Знам дека за вас униформата е повеќе од облека. Таа е и симбол на честа, достоинството и интегритетот. Не секој има доволно храброст да ја носи униформата која со себе носи и голема одговорност. Чувањето на слободата и мирот е една од најризичните, но и најблагородните задачи.

Во изминативе години, Армијата на Република Македонија ја исполнуваше оваа голема задача. И тоа го правеше во услови кои од година во година стануваа сè посложени и поризични.

Армијата е неутрален чувар на територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија. Таа ја штити и границата, и сувереноста, и безбедноста и унитарноста на Република Македонија. Но, Армијата не се ограничи само на остварувањето на уставните надлежности.

Низ годините, Армијата им помагаше на своите граѓани во справувањето со природните непогоди и во санацијата на погодените подрачја. Тоа го правеше дури и по цена да ја извршува работата што е во надлежност на други институции. Секогаш и секаде, Армијата беше подготвена да им помогне на своите граѓани. Бидејќи таа е нивниот чувар.

Армијата континуирано учествува и во мировните мисии во светот. Имав можност да ги посетам нашите војници во Кабул и во Сараево. Можам слободно да кажам дека нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници. Моја гордост е да бидам ваш врховен командант. Честопати истакнувам дека со 27 ротации во ИСАФ, 16 ротации во „Одлучна поддршка", 15 ротации во Ирак, 51 ротација во АЛТЕА, 11 ротации во УНИФИЛ, нашата армија стана најпроверувана армија во историјата на Алијансата. И ова се само дел од мисиите.

Морам да ви признам дека како Врховен командант бев горд кога слушав најпофални зборови за македонската армија од странските државници и генерали.

Македонскиот придонес не е симболичен, туку суштински. Едно време бевме четврта земја контрибутор по глава на жител, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет. Имавме повеќе војници во Авганистан, отколку 90% од земјите членки на НАТО.

Иако, Република Македонија сè уште не е во НАТО, Армијата на Република Македонија de facto е во НАТО. Затоа, Република Македонија не скршнува од зацртаниот евроатлантски пат.

Но, најголемиот предизвик за нашата армија за време на мојот мандат дојде во 2015 година со мигрантската криза. Во услови на длабоки политички поделби, секојдневни протести и контрапротести, кога многу институции беа парализирани, а многу процеси блокирани, постоеше опасност територијата на Република Македонија да биде преплавена од мигрантскиот бран.

Знаењето и вештините, сиот човечки и технички потенцијал на Армијата беа ставени на проба. За време на мигрантската криза, припадниците на Армијата постигнаа нешто што поголеми и подобро опремени армии не успеале да го направат. И единствениот ваш мотив беше желбата да се заштити татковината, без да се нарушува човечкото достоинство на бегалците. А штитејќи ја татковината, Армијата на Република Македонија ја заштити и Европа од заканата од илегална миграција. Благодарение на Армијата, барем во тој одлучувачки период, Република Македонија беше најсуверената држава во Европа.

Армијата успешно и посветено се соочи со сите предизвици и целосно ја оправда и мојата доверба и довербата на македонските граѓани.
Затоа, ќе повторам, чест е да се биде врховен командант на армија со нескршлив дух. И тоа никого не треба да го изненадува.

Не треба да се заборави дека вие сте наследници на македонските борци кои биле водени од чисти мотиви и праведни цели. Ние немаме темна дамка во историјата од која би се срамеле и за која би се извинувале. Македонските борци се бореле за слобода и човечки правдини и секогаш биле на вистинската страна на историјата.
Илинденците се бореа против ропството и тиранијата.
Партизаните се бореа против фашизмот и нацизмот.
Вие, припадниците на современата Армија на Република Македонија, се борите против заканата од насилниот екстремизам и глобалниот тероризам. Се борите за заштита од последиците од илегалната миграција.

ARM2Почитувани присутни,

Има еден збор што во Република Македонија сè поретко го слушаме бидејќи се потешко се изговара. Тоа е зборот благодарам. Слободата, државноста, независноста, мирниот сон на нашите деца како да се земаат здраво за готово. Како да се губи од пред вид дека постои цела армија на луѓе кои положиле заклетва дека ќе ги бранат овие тешко стекнати вредности и по цена на своите сопствени животи. И токму тие луѓе и таа институција ја заслужува нашата благодарност повеќе од многу други. Тоа е Армијата на Република Македонија. Тоа се нејзините досегашни и сегашни војници, офицери, генерали и началници на Генералштабот.

И затоа, како претседател и како врховен командант, од името на македонските граѓани ѝ благодарам на Армијата на Република Македонија.
Ѝ благодарам бидејќи е суверен гарант на територијалниот интегритет и на независноста на Република Македонија.
Ѝ благодарам бидејќи е неутрален чувар на нашиот македонски модел на соживот и на почитување на различноста.
Ѝ благодарам на Армијата која е стожер на слободата и на безбедноста врз кои се крепи и демократијата и нашиот начин на живот.
Ѝ благодарам на Армијата што секогаш се труди да го направи оној дополнителен напор што многумина не го очекуваат. И со тоа дава пример за целата наша држава и за целото наше општество дека се може кога се сака.
Ѝ благодарам на Армијата која никогаш не го оставила народот на цедило. Армијата на Република Македонија секогаш е со народот бидејќи произлегува од народот.

Но, таа наша благодарност не треба да се сведе само на збор. Потребни се и дела, особено денес.

Крајот на Студената војна создаде илузија дека конфликтите се поневеројатни а армиите се помалку потребни. Многумина станаа заробеници на реториката дека вложувањето во одбраната е трошок, наместо инвестиција. Но, реалноста има навика да ги разобличува конструираните илузии.

Територијалната држава се соочува со нови, нетериторијални предизвици. Современата технологија која е извор на нашиот прогрес е истовремено и извор на различни вектори на закани. Во изминативе три години го видовме само почетокот на мигрантската криза со која ќе се соочуваме во текот на целите наши животи. Сè поголеми се заканите од радикализирани поединци и групи кои имаат за цел да ги анулираат нашите вредности и начинот на кој сакаме да живееме. На Балканот повторно се зборува за корекции на граници, за размени на територии и населенија. Како да се заборава лекцијата дека секој план за корекција на границите на Балканот создава негативна верижна реакција. Преседаните на Балканот се користат и ќе се користат за други цели во Источна Европа, Кафказот, Блискиот Исток, Северна Африка. Ова се сериозни предизвици кои бараат сериозни инвестиции.

За таа цел, инвестирањето во одбраната е приоритет кој Владата мора да го следи. НАТО препорача 2% од бруто домашниот производ. Заради променетата безбедносна средина, носителите на политички одлуки мора да инвестираат во одбраната и тоа во неколку домени.

Прво, неопходно е да се инвестира во едукацијата, вежбите и обуката. Слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Слично е и со борбената готовност. Таа мора постојано да се обновува. Не можеме да си го дозволиме луксузот да живееме на стара слава. Воената академија „Михајло Апостолски" ја воспоставивме врз основа на принципите на паметната одбрана на НАТО. Во неа се школуваат питомци на НАТО и земји членки на Партнерството за мир. Но, потребно е многу повеќе за да можат нашите воини ефективно да ги исполнат уставните должности и да дадат поголем придонес во креирањето на светскиот мир.

Второ, неопходно е да се инвестира во современата технологија. Новите хибридни закани се опасни и имаат асиметричен ефект кој ако соодветно не се разбере и превенира создава сериозни последици кои имаат каскаден ефект. Не случајно, минатата година посочив дека АРМ мора да изгради систем на превенција и заштита на критичната инфраструктура. Приоритет е развој на сајбер-одбрана и електронско војување во идна нелинеарна војна. Во нашата сајбер-ера, Армијата треба да го брани и македонскиот сајбер-простор.

Но, сите обуки на светот и сета современа опрема и софистицирана технологија се вистински полезни само под еден услов. А, тоа е ако им се доверат во рацете на луѓе кај кои чувството на морал и достоинство се на највисоко ниво. Луѓе кои со љубов го чуваат подигнатото македонско знаме на слободата. Бидејќи главниот и основен ресурс на нашата армија не е ниту оружјето и опремата, не се ниту обуките и предавањата, туку вие, војниците, подофицерите, офицерите, цивилите вработени во одбраната. Вие сте луѓе од крв и месо со свои семејства, соседи, пријатели. Преку вас, Армијата го подигнува моралот на општеството и ги охрабрува граѓаните. Секој еден од вас е слика за состојбата во која се наоѓа Армијата.

Затоа, трето и најважно, неопходно е да се инвестира во подигнувањето на животниот стандард на припадниците на Армијата на Република Македонија. Само така ќе се подобри моралот бидејќи најголема улога во одбраната во вакви сложени услови е човечкиот персонал. Моралот на војниците се гради и одржува преку унапредување на животните стандарди, преку грижа за семејствата на припадниците, но и почитување на трајните атрибути и вредности на Република Македонија.

Македонскиот војник е скромен, благодарен и се задоволува и со малку. Но, токму во тоа е неговата големина и токму со тоа нè обврзува да се грижиме уште повеќе, бидејќи грижејќи се за војниците, се грижиме за армијата. А грижејќи се за армијата се грижиме за Република Македонија.

Затоа, како Претседател на Република Македонија, постојано инсистирам за зголемување на средствата за Армијата, за да биде подготвена за предизвиците. Ниту една армија не е подобра од нејзините војници, од нејзините офицери и подофицери.

Во Армијата мора да се вложува. Тоа е задача и за носителите на политички одлуки, но и за воените лидери.

Военото лидерство треба да биде имуно на партиските и политички притисоци. Секој што сака да биде воен лидер треба да биде свесен дека тргнува на трнлив пат полн со многу предизвици и многу откажувања. Лидерството и авторитетот не се наметнуваат, тие се заслужуваат. Лидерството и авторитетот се градат преку секојдневно носење одлуки на терен и во реални ситуации, во присуство на потчинетите војници и офицери. Воените лидери мора да се фокусираат на професионалните и животните стандарди на своите војници, да бараат приспособување на одбраната на новите предизвици.

Ова е особено важно денес. Брзиот развој на предизвиците и промените во нашето непосредно безбедносно опкружување бара поинаков тип на размислување, неконвенционално дејствување, иновации и технологии, и пред сè и над сè, храброст во носењето одлуки.

Лидерите мора да ги сфатат културните разлики и да ја разберат важноста на почитување на истите за успехот на мисијата. Сето ова заедно со ефектот на современите технологии врз борбениот простор диктираат потреба од инвестирање во градење стратешки лидери на тактичко ниво.

Затоа, вам, на македонските воини ви порачувам да го одржите досегашното ниво, да ги зачувате непристрасноста, професионализмот и посветеноста, да продолжите да доследно да ја извршувате уставната обврска.

Вам, на воените лидери ви порачувам да продолжите да се усовршувате, да се грижите за војниците и будно да ги следите промените во безбедносната средина.

Само така Армијата ќе продолжи да биде главна движечка сила во остварувањето на стратешките цели, за што побргу да го славиме овој голем ден – денот на Армијата на Република Македонија како полноправна членка на НАТО.

Со тоа, на самиот крај, ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам и за дисциплината во извршувањето на одговорната задача. Ви честитам и ви благодарам за вашата солидарност кон граѓаните и за безрезервната лојалност кон татковината.

Нека ни е честит празникот на Армијата!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

ARM3

ILINDEN_1
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод 2 Август – Илинден
Четврток, 02 Август 2018

Почитувани граѓани на Република Македонија,

 

Годинава, на ден Илинден одбележуваме 115 години од славната Крушевска Република, 74 години од државотворниот АСНОМ и 27 години од независнoста на Република Македонија.

 

Република Македонија е плод на неповратниот историски процес што започна со пролетта на европските народи во првата половина на 19 век. Но, таа пролет кај македонскиот народ беше поинаква. Додека соседните балкански народи преку монархии градеа независни држави, Македонскиот народ го избра патот на републиката. За разлика од оние кои повикувале странски династии да ги заштитуваат и претставуваат, Македонскиот народ сам си ги давал своите заштитници, застапници и херои кои се бореле за општото добро - за res publica.

 

Водени од тој идеал, на ден Илинден 1903-та тука во Крушево, тие ја формираа првата македонска република – Крушевската Република. Тоа е воедно и првата демократска република на Балканот која ги вклучи идеалите на слободата од тиранијата, еднаквоста пред законот и братството меѓу народот на Македонија.

 

Иако краткотрајна, Крушевската Република внесе светлина во долгата и темна македонска ноќ. Иако само за миг го огреа таа светлина на слободата, народот повеќе не сакаше да се врати назад во темнината на ропството и тиранијата. Слободата на Републиката стана негова трајна идеја-водилка.

 

За Илинден и за славното Крушево пишуваа сите светски медиуми. Сведоштвото за тој сон се пренесуваше низ сите светски метрополи, од Њујорк, Москва, Токио, Виена, Берлин, Лондон, Париз дури и до земјите на Латинска Америка.

 

ILINDEN_4Рефлектирајќи врз тие судбоносни настани, Димо Хаџи Димов во 1924-та ќе прорекне дека „народот што можеше да даде едно Илинденско востание и да преживее цел синџир тешки и горчливи разочарувања по него, но кој, пак, не е очаен, ами се крева на нови борби, тој народ нема да умре, туку ќе го доживее триумфот на својот идеал. Доволно е само да не си ги затвора очите пред условите во кои се развиваше во минатото и во кои ќе се развива во иднината неговото ослободително дело.“

 

Само 20-тина години подоцна, една млада генерација предводена од Кузман Јософовски Питу ги препозна условите и ја презеде на себе историската одговорност; одговорност да го поведе народот во организирана и решавачка борба за политичка слобода и социјална правда. И повторно, идеја – водилка на таа славна генерација беше македонскиот републиканизам. Затоа, излегувајќи како победник над фашизмот и нацизмот од Втората светска војна, македонскиот народ на ден Илинден 1944-та, ја формираше својата втора македонска република – АСНОМ-ската Република Македонија.

 

Верен на републиканскиот идеал, на 8 Септември 1991 година, македонскиот народ ја прогласи својата трета независна Република Македонија. Народот по трет и конечен пат ја презеде одговорноста за нејзината сегашност и иднина на самиот себе, без повеќе да се потпира на други.

 

Драги сограѓани,

 

За да ја разбереме историската одговорност на народот кон својата република неопходно е да се вратиме на изворот, каде што водата е најбистра.

 

Во 1919 година, македонските студенти во Софија побарале од Ѓорчета Петров да одржи беседа на гробот на Гоце Делчев. Тие најверојатно очекувале да го чујат веќе познатиот наратив дека Делчев бил алфа и омега на револуционерна Македонија. Но, Ѓорче им кажал нешто друго. Гоце верувал дека не силните индивидуи, туку организираната сила на народот треба да ја изнесе борбата на своите плешки. Делчевата генерација кај народот ја вгнездила верата во сопствените сили, бидејќи ропството исчезнува тогаш кога робот престанува да биде роб во душата. Ѓорче им рекол дека македонското ослободително дело е историска неопходност што не се должи само на поединци, туку на колективната волја на населението во Македонија. Тој бил убеден дека „идејата за самостојна Македонија е директна цел на нејзиното население“ на нејзиниот македонски народ.

 

Oваа цел за самостојна Македонија започна да се реализира на нашиот прв Илинден, во нашата прва република - Крушевската Република создадена заради правдата, слободата и човечкиот живот на нејзините граѓани.

 

И оваа благородна цел продолжи да се развива на нашиот втор Илинден, во нашата втора АСНОМ-ска Република Македонија која стана симбол на слободата и изразител на суверенитетот на македонскиот народ.

 

И токму оваа цел беше конечно заокружена на нашиот трет Илинден, кога на 8 септември 1991-та од суверената волја на македонскиот народ се роди суверената македонска држава.

 

Нишката што ги поврзува трите наши македонски републики е суверенета волја на македонскиот народ. Таа суверена, општа волја на македонскиот народ секогаш била изразена во општото добро - во републиката.

 

ILINDEN_3Драги сограѓани,

 

Македонскиот народ секогаш ги сакал своите републики. Со носталгија се сеќавал на претходната, и со надеж ја очекувал наредната. Бидејќи само во Републиката која е негова, која е израз на неговата волја и на неговиот стремеж, народот можел да се чувствува дека е свој на своето.

 

И тоа не треба да не чуди, бидејќи највозвишена цел на еден народ е да создаде своја држава. И само оние народи кои формирале своја држава ја реализирале слободата со тоа што станале самодоволни.

Но македонскиот народ не сакал каква било држава, туку ја сакал онаа најправедната, најслободната, најпрогресивната. Ја сакал својата република, бидејќи токму таа го штитела од нечовечните деспотии, тирании и автократии. Македонскиот народ ја сакал Републиката како највисок идеал на сите слободољубиви народи. Републиката што го штити општото добро. А општото добро е работа на народот – и токму тоа е суштината на концептот res publica res populi.

 

Републиката е на народот, бидејќи од него извира сувереноста и во него се слева сувереноста.

Република Македонија не е приватна сопственост та некој да тргува со неа, со нејзините атрибути и вредности.

Република Македонија не е личен имот та некој да ја распродава.

Република Македонија не е ничија земја, та секој да ја присвојува.

Република Македонија му припаѓа на народот кој ја создал.

 

А тој народ освен што полага историско право на својата Република, истовремено има историска одговорност кон таа своја Република. Бидејќи ниту една генерација, вклучително и нашата генерација, не може да тврди дека со неа започнува се. Нацијата, државата, Републиката се создавани и градени од многу генерации. Кај едни се родила како идеја што им ја греела душата а други се бореле и избориле за остварување на таа идеја. Трети пак, работеле на нејзино надградување. И сите тие генерации се вградени во нашата единствена татковина Република Македонија.

 

Што друго е македонската традиција ако не демократија развлечена низ времето, демократија која им дава право на глас и на нашите предци. На преродбениците и Илинденците, на антифашистите и АСНОМ-ците, на граѓаните основоположници на суверена и независна Република Македонија.

 

Но зошто, зошто наместо само една, сме имале дури три републики? Зошто сме ги губеле нашите републики, за да мора потоа одново да ги создаваме? Верувам дека причината лежи во една ненаучена лекција што постојано ни се повторува.

 

Во 1903-та била донесена одлука за подигнување на Илинденското востание. Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Хаџи Димов и други сонцељубиви револуционери категорички се спротивставиле на избрзаната одлука за прерано кревање на востанието, бидејќи народот се уште не бил подготвен. Но, наместо да бидат послушани, тие биле игнорирани и заобиколени. За кратко време Крушево било разрушено а востанието крваво задушено. Настапило ново, потешко ропство, нова и потешка тиранија.

 

Во 1945-та, непосредно по првото заседание на АСНОМ се правеле обиди одлуките за нас да се носат без нас. Ченто, Брашнаров, Чучков, Шатев, Полежиновски, Влахов и многу други патриоти се спротивставиле на едноумието на Комунистичката партија бидејќи цврсто верувале дека ние можеме да бидеме свои на своето. Но, наместо да бидат послушани, нивните гласови биле задушени.

 

Во 1998-та, една претходна Влада на Република Македонија донесе одлука да го признае Тајван, и покрај спротивставувањето на претседателот на Републиката. Во ситуација во која сите механизми на системот беа ставени на страна, претседателот Глигоров потсети дека законите на Републиката се напишани за да се почитуваат, институциите се поставени да соработуваат, но и да вршат контрола едни над други и да не дозволуваат да се појавуваат грешки. Преку владеењето на правото Републиката има воспоставено законски механизми за да може да ја остварува својата суштина – а тоа е да се грижи за општото добро на граѓаните. Но, наместо да биде послушан, Глигоров беше игнориран и заобиколен. Онака како што денес, 20 години подоцна, оваа Влада се обидува да ме заобиколи мене.

 

Ако Тајванскиот договор беше резултат на среброљубие, Грчкиот договор е резултат на славољубие. Заслепени од рефлекторите, на некои наши политичари како личната слава да им е помила од достоинството и судбината на цел еден народ.

 

Ако со тајванскиот договор се направи обид да се редефинира позицијата на Република Македонија на меѓународен план, со грчкиот договор се редефинира самата наша држава.

 

ILINDE_2Почитувани сограѓани,

 

Се зборува за владеење на правото, а се врши правно насилство. „Насилството, рекол Солженицин, нема со што друго да се покрие, освен со лага, а лагата нема на што да се потпре, освен на насилство. Штом некој ќе го прогласи насилството за свој метод, мора незапирливо да ја бира лагата како свој принцип.“

 

Лага е дека со овој грчки договор ќе се менува само името на нашата држава. Напротив, се менува и македонскиот државен и институционален идентитет.

 

Лага е дека со овој грчки договор не се погазува 74 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ. Напротив, со овој грчки договор се брише и државно-правниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се брише и 27 годишната историјата на независната македонска држава.

 

Лага е дека со овој грчки договор се гарантира членство во Европската Унија и НАТО. Без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентализам, нема членство во Унијата и НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам. Со прифаќањето на ваквиот договор, ние само ја сечеме гранката на која седиме само затоа што некој не уверува дека во меѓувреме ќе ни израснеле крилја.

 

Лага е дека со овој договор конечно ќе сме станале рамноправен субјект со тоа што Грција ќе не признаела. Напротив, не само што се деградираат нашите стекнати права во Обединетите нации, туку спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема Република Грција. Бидејќи, со овој договор Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата Република.

 

И конечно, лага е дека со овој грчки договор се јакне македонскиот идентитет. Напротив, со овој грчки договор правно се укинува македонскиот народ.

 

Многупати се обидувале да ни накалемат некаков туѓ идентитет, но сепак не успеале, бидејќи нашето постоење не зависи од нив туку од самите нас.

Затоа, сега не убедуваат сами себе да си се укинеме.

Затоа, сега сакаат да го убедат македонскиот народ да изврши правно и историско самоубиство. Бидејќи од суверената волја на македонскиот народ извира и суверената македонска република.

Без македонскиот народ, општото добро ќе биде сведено на ничие добро, кое секој ќе може да го разграбува и разнебитува.

Без македонскиот народ, македонската република станува ничија земја.

Бидејќи без македонскиот народ нема македонска република.

 

За возврат на тоа ни е ветен просперитет, но по цена на нашиот идентитет. А јас се прашувам, каков ли е тој просперитет без идентитет, без слобода да се наречеме според нашето сопствено име?

 

Вината за ваквата состојба не можеме да ја бараме ниту во нашиот јужен сосед, ниту во европските и евроатлантски партнери. Бидејќи ниту ирационалната параноја на првиот, ниту студениот прагматизам на вторите не можат да не променат.

 

Каде е тогаш вината?

 

Знаејќи какво е семето, Мисирков уште пред 115 години посочил каков ќе биде плодот. Тој речиси пророчки не предупредува за ова кобна македонска одлика и вели: „Собитијата што се развија до сега ни покажаа колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи дека постапуваме правилно.“

 

Затоа и авторот на последниот македонски манифест, оној што предмалку го чувме, прашувајќи кој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината, без тронка задршка одговара – „Не обидувајте се никогаш вината да ја барате подалеку од нас.“

 

Затоа, лекцијата што постојано ни се повторува бидејќи никако да ја научиме е следната: најголемите национални катастрофи на Македонија и се случувале тогаш кога е заобиколувана општата волја и кога е напуштан националниот консензус.

 

ILINDEN_5Републиката постои за да го заштити општото добро од секој оној што ќе посака да го присвои само за себе. Смислата на републиканските механизми е да ја спречат злоупотребата на власта за тесни лични и партиски интереси.  Секогаш кога тесните лични и партиски интереси го завземаат местото на трајните интереси на Републиката се завршувало со национална катастрофа.

 

Драги сограѓани,

 

Најголемиот показател за вредностите на една нација е консензусот околу она што не е за продажба.

 

„Големо ни е името, ќе посакаат да ни го земат“, предупреди Блаже Конески. А дали со штетниот грчки договор сега ние сами, доброволно им го даваме името? Прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет.

 

Затоа, не го прифаќам грчкиот договор кој е на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Република Македонија. Нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци. Останувам доследен на мојот принципиелен став.

 

Истовремено, повикувам да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија.

 

Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми,

Почитувани христијани, муслимани, Евреи, атеисти,

 

Еден од столбовите на македонската република е и македонскиот јазик. Република Македонија и овозможува на секоја заедница да го користи својот јазик во сите сфери и на сите нивоа во согласност со Уставот.

 

Република Македонија е задничка татковина на сите нејзини граѓани. Ние се гордееме што имаме 68 години од Албанскиот и Турскиот театар во Република Македонија. Имаме богата издавачка дејност и на Албански, Турски, Српски, Влашки, Ромски, Бошњачки... Дали друга Балканска држава може да се пофали со таква традиција на меѓусебно почитување на која можат да ни позавидат и многу европски држави.

 

Но, ваквото единство на различноста е возможно благодарение на македонскиот јазик што ја има незаменливата улога на официјален јазик на државата, основен комуникациски код и кохезивен фактор што ги поврзува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општеството.

Македонскиот јазик е lingua franga благодарение на кој припадник на една едничка заедница се разбира со припадниците на другите етнички заедници. Тоа е дел од нашиот општествен договор. Нашата сила е во нашата различност, а нашата различност е гарантирана со нашето единство. Израз на тоа единство е македонскиот јазик.

 

Драги сограѓани,

 

До сега зборувавме за придобивките на Републиката. Но, што остана од сето тоа? Што би кажале нашите преродбеници и револуционери за она што ни го оставија во наследство?

 

Сте се запрашале ли што би рекол Карев за состојбата на нашата Република? Дали и Македониумот во кој е погребан ќе го преименуваме?

 

Што би рекле Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров за идеалот на револуцијата? Залудно ли ни ја враќаа вербата во сопствените сили?

 

Што би рекол Димо Хаџи Димов, кој не упати постојано да чекориме кон нови и славни Илиндени, кои ќе ја усовршуваат македонската слобода, државност, независност? Дали ги зачувавме тие придобивки?

 

Што би рекол Прличев, кој ни го остави тројниот завет да се познаеме себеси, да се почитуваме себе си, и да се чуваме себе си со тоа што ќе ја чуваме татковината?

 

Сте се запрашале ли што би кажал Мисирков, кој го издигна македонскиот јазик како основен белег на македонскиот народ, како непобитен факт за нашата самобитност?

 

Што би рекол Конески, кој заклучи дека „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Македонскиот јазик, е заправо единствена наша комплетна татковина.“ Што би рекол тој за лажните пророци кои ја урнисуваат таа наша идеална татковина?

 

Што би рекол Рацин за овие темни мугри што надвиснале над нас?

 

Што би рекол Вапцаров кој не учеше како самосвесно да си ја сакаме татковината, и тоа без протекторати?

 

Што би рекол Гане Тодоровски кој во едно слично време-невреме запраша „ќе не има ли тогаш кога ќе не нема – ако не немаше токму тогаш кога требаше да не има?“

 

Што би рекле Кузман Јосифовски – Питу и АСНОМ-ците, од чии дела и зборови сега се одрекнуваме, чиј манифест, сега слушам, ќе сме го цензурирале?

 

Што би рекол Ченто, првиот претседател на втората АСНОМ-ска Република Македонија која ни ја остави за да ја пазиме како зеницата во окото?

 

Што би рекол Борис Трајковскикој на 100-годишнината од Илинден, тука, од ова исто место потенцираше дека во Европа не се влегува без идентитет и достоинство?

 

И конечно, што би рекол Киро Глигоров кој не потсети дека нашата независна македонска република е нешто најскапо што го имаме, бидејќи Македонија е се што имаме?

 


ilinden_7Оваа година целиот свет ќе го слави 70 годишниот јубилеј од донесувањето на Универзалната декларација на човековите права. За правата запишани во таа Универзална декларација се бореа и Илинденците, и АСНОМ-ците и сите ние како современи македонски граѓани на нашиот заеднички дом – Европа. Како конституивен дел на југословенската федерација, Република Македонија учествуваше во создавањето на таа Универзална декларација. Дали денес ние сами ќе се избришиме од тековите на светската историја?

 

Почитувани сограѓани,

 

Денес, во овој нов свет, Републиката не е само тука и не е само сега. Републиката се протега до таму до каде што допира светлината на Илинденскиот факел. Од Крушевската, преку АСНОМ-ската, па се до нашата независна Република Македонија. Таа република живее во срцата на секој чесен Македонец и на секоја чесна Македонка, на секој чесен македонски граѓанин, каде и да се наоѓа.

 

Затоа Илинден е ден кога доаѓа и светлината која не осветлува, но и громовите кои не предупредуваат. Не предупредуваат дека за да се живее живот во светлина потребна е пожртвуваност.

 

Како што Илинденците со својата жртва го подготвија патот за партизаните, и како што партизаните со својата жртва го отворија патот за нашата генерација во Република Македонија, така, и нашата жртва е некогаш неопходна за да опстои тој дух на републиката.

 

Да се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска. Обврска да се чува наследството за кое нашите предци се избориле со пркос и непокор. Да се чува континуитетот на нашата определба, бидејќи како Македонци ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци. Да не им го одземаме на нашите деца, внуци и правнуци она што ни го оставиле нашите татковци, дедовци, прадедовци. На тоа не потсетуваат и нашите манифести како израз на нашата општа волја и нашиот национален консензус.

 

Денес, тој наш консензус е недвосмислен. Македонските граѓани се сплотени околу идејата за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Но, таму сакаме со нашето име, со нашиот идентитет, со нашето достоинство и нашата чест. Затоа, ниту еден политичар нема мандат да тргува со идентитетот на македонскиот народ. 

 

Како Претседател на Република Македонија, јас сум само гласот на народот. Вашите барања се и мои барања, вашите очекувања се и мои очекувања, вашите одлуки се и мои одлуки.

 

Вие имате легитимно право да се грижите и да ја чувате својата Република. Иднината на вашата, на нашата Република Македонија ја градите со секој ваш став во однос на секое прашање за Републиката.

 

Историјата ќе суди за тие што го следеле патот, го исполнувале заветот и не се откажувале од светлината на Илинден, светлина која многумина се обидувале да ја попречат за да не стигне до идните поколенија.

 

Големите потреби раѓаат и големи надежи. Денес, повеќе од кога и да е претходно, судбината на независна Република Македонија е во рацете на самите Македонци и нивната историска обврска. Верувам дека нашиот народ е доволно зрел и мудар да ја одбере својата судбина и да ја одбрани својата Република. Бидејќи народот треба да се грижи за Републиката што ја создал. Ја создал, и истовремено подал рака на соживот кон своите вечни сотатковинци, кои иако зборуваат различни јазици и се именуваат со различни имиња, сепак се синови и ќерки на нашата единствена заедничка независна Република Македонија. Бидејќи македонскиот републиканизам исклучува секаков шовинизам.

 

Затоа, да си ја сакаме, да си ја почитува и да си ја чуваме независна Република Македонија, за и таа да не чува од бурите на денешницата. Бидејќи немаме ништо повредно од тоа.

 

За многу години Илинден!

Нека ни е вековита слободата, независноста и сувереноста!

Да живее Република Македонија!

ILINDEN_6

PRM_Obrakjanje_Ilindenski_Marsh_01
Обраќање на свеченоста по повод манифестацијата „Илинденски марш 2018“
Петок, 27 Јули 2018

Почитувани сограѓани,

Драги пријатели,

Вечерва сме собрани да одбележиме еден важен јубилеј – 40 години од Илинденскиот марш. Во 1978 година, тројца млади и храбри патриоти од Лисиче одлучиле да ја изразат својата благодарност кон нашите илинденски херои на еден, за тоа време, несекојдневен начин – со тоа што на коњи ќе тргнат на пат до славното Крушево за да го остварат заветот на основачите на првата македонска република.

Тој прв обид, во сега веќе далечната 1978 година, во многу нешта наликува на првиот обид на македонскиот народ да создаде своја република.

Како и Крушевската Република, така и овој Илинденски марш не е наметнат, туку е автентичен израз на македонскиот стремеж за слобода.

Како и Крушевската Република, така и овој Илинденски марш, барем на почетокот бил краткотраен. Бил забрануван, неговите основачи затворани, нивните најблиски заплашувани.

Но, како и славните илинденци, така и коњаниците не се откажале и не потклекнале. Цели 20 години ги одржувал споменот за првиот марш, за тој прв младешки израз на самосвест и непокор. Исто како што и споменот за првиот Илинден ја греел душата на македонскиот народ сè до вториот славен Илинден.

И еве веќе 20 години тој марш е возобновен, исто како што беше обновена и македонската слобода, државност и независност. Па така, македонските граѓани собрани на Мечкин Камен, но и сите кои го следат одбележувањето од своите домови, се сведоци на тој свечен чин.

Драги пријатели,

Овој Илинденски марш на најавтентичен начин симболизира една голема вистина, а тоа е дека никој и ништо не може да го запре нескротливиот марш кон слободата. Никој и ништо не може да го обесхрабри народот, да му го замаглува помнењето, да му го брише минатото и да му ја одзема иднината. Никој и ништо веќе не може да ги спречи коњаниците од цела Македонија достоинствено да се упатат кон Крушево, кон нашата прва република. Да ни дадат пример како се чува споменот за нашите славни херои.

И токму затоа денес, како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани им се заблагодарувам на членовите на здружението „Илинденски марш 1978" со Повелба на Република Македонија. Оваа повелба е благодарност за нивниот исклучителен придонес за негувањето на културното наследство и за вредностите поврзани со чествувањето на Илинденското востание.

Конечно, ја користам оваа прилика, во предвечерјето на нашиот најголем и најсветол празник Илинден, да упатам еден повик. Ги повикувам македонските граѓани од сите краишта на нашата татковина Република Македонија, во што поголем број да дојдат во Крушево. Да дојдат во нашата прва македонска република, да се искачат на Мечкин Камен, за заедно да ги пречекаме овие храбри и посветени коњаници. Да ги пречекаме и да го поздравиме нивниот истраен и незапирлив марш кон слободата. Бидејќи слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг и низ секој изгрев што нè осветлува.

Ви благодарам.

PRM_Obrakjanje_Ilindenski_Marsh_02

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 3 од 64