Говори и обраќања
predavanje
Предавање на Универзитетот во Вроцлав на тема: „Мостови на пријателство и соработка: Македонија - Полска“
Вторник, 04 Декември 2018

Магнифиценцијо, Почитуван господине ректоре,
Почитувани декани, професори, студенти,
Ценети присутни,
Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија, чест ми е да се обратам на престижниот Универзитет во Вроцлав, во пријателска Република Полска. Полска е земја која во најмрачните периоди на европскиот континент била симбол на слобода. Во време кога европските држави една по една беа анектирани од Хитлера, Полска беше првата држава која даде отпор и со тоа го охрабри цивилизираниот свет одлучно да застане против злото на фашизмот и нацизмот.

Полското општество помогна да се заврши Студената војна. Солидарност го означи почетокот на крајот на Варшавскиот пакт. Во 1981 година познатата југословенска рок група „АЗРА" ја испеа песната „Полска во моето срце" како израз на симпатијата и на солидарноста на младите од Југославија со автентичното движење за слобода и правда.

И како што полската држава ги згрижи децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, така полската наука покажа грижлив интерес за нивниот мајчин јазик – македонскиот. Не случајно во 1973-та, пред 45 години, токму вашиот престижен универзитет му додели почесен докторат на академик Блаже Конески, што е прва таква титула за Македонец во Полска. (Sokołowski, 2001).

Инаку, само три дена нè делат од денот кога пред 25 години, во 1993-та почина Блаже Конески. Затоа, моето обраќање ќе го започнам со крајот на неговиот живот.

Непосредно пред неговата смрт изнемоштениот Конески ја повикал неговата колешка, познатиот полско-македонски славист Зузана Тополињска и ѝ го диктирал она што ќе биде негово последно објавено сведоштво. (Конески, 1993). Во тоа мошне кратко, но длабоко послание до неговата, но и до идните генерации, тој за последен пат се осврнал на прашањето што го прогонувало речиси целиот негов живот.

Како лингвист и книжевник кој се посветил на развојот на македонскиот литературен јазик, тој бил свесен дека три нешта фрлале сенка врз неговото животно дело. Прво, македонскиот јазик го зборуваат едвај два милиона луѓе. Второ, целосната кодификација на македонскиот литературен јазик е завршена дури во 1945-та, по формирањето на македонската држава. Трето, македонскиот јазик бил и сè уште е оспоруван.

Соочен со овие три факти, Конески имал храброст јавно да постави едно многу тешко прашање: Која е смислата да се пишува, да се твори на мал јазик?

Ова прашање значело преиспитување на целото негово научно и книжевно творештво и, воопшто, смислата на неговиот живот.

Колку и да е мал, македонскиот јазик има своја големина.

Тоа е јазикот што просторно е најблиску до изворот на првиот пишан јазик на словенските земји – старословенскиот. Знаеме дека во 855 година, врз основа на говорот на словенските племиња Сагудати, Другувити, Велегезити и Ринхини кои биле населени во Македонија, Св. Константин ‒ Кирил и Методиј составиле нова азбука – глаголица. Со помош на глаголицата, тие не ја превеле, туку ја препеале Библијата на старословенски. А, препевот е секогаш многу потежок од преводот. Тоа зборува и за богатството на јазикот и за нивната генијалност.

Со помош на тој пишан јазик, Св. Кирил и Методиј и нивните ученици меѓу кои и Св. Климент и Наум Охридски го растерале духовниот мрак и маглата на незнаењето и го ослободиле огромниот духовен, интелектуален, културен и креативен потенцијал на словенските народи. И затоа, еден од големите синови на словенството, Карол Војтила, папата Јован Павле II во 1980 година, во своето апостолско послание Egrigae Virtutis ги прогласи Св. Кирил и Методиј за копокровители и патрони на Европа.

Но, славистот Реџиналд де Бреј ќе напише: „Заради иронијата на историјата, народот чии предци им го дадоа на Словените нивниот прв литературен јазик беа последни на кои им се призна нивниот модерен јазик како словенски и различен од соседните српски и бугарски". (De Bray, 1980).

Зошто е тоа така? Макс Вејнрих духовито забележал дека „јазикот е дијалект со армија зад себе." Во долгите векови на туѓа политичка и духовна власт, нашиот јазик бил систематски потиснуван и забрануван. Само во текот на 19 и првата половина на 20 век стотици словенски натписи биле избришани, илјадници словенски ракописи биле уништени, стотици илјади Македонци биле принудно преименувани, а нивните идентитети насилно менувани. Вклучително и идентитетот на Конески, чие презиме го менувале те во Коневиќ, те во Конев, во зависност од тоа која соседна држава владеела со неговата татковина Македонија.

Соочен со таквата сосотојба, Конески во 1939 година ги запишал познатите стихови: „рика во мене маката / дека сум роден во смачкано племе", односно, во обесправен народ.

Но, сето тоа се промени со крајот од Втората светска војна. Kористејќи го сувереното право на самоопределување, македонскиот народ на 2 август 1944 година ја создаде современата македонска држава. Еден од првите документи на македонската република е и решението „за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава".

За спроведување на тоа решение била формирана Комисија за јазик и правопис. Како нејзин член, Конески бил свесен дека прашањето за јазикот е едно од најважните при разрешувањето на македонското прашање. Како и Крсте Петков Мисирков, тој многу добро знаел дека афирмацијата на македонскиот литературен јазик е услов за заокружување на националната консолидација на Македонците.

Затоа, целиот свој живот го посветил на една цел. А тоа е да му помогне на својот народ да го развие и афирмира својот литературен македонски јазик.

Конески бил еден од најактивните учесници во кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Тој имал централна улога во донесувањето на клучните документи на македонската наука за јазикот – азбуката, правописот, граматиката, речникот, историската фонологија, историјата на јазикот (Видоески, 1986, 2013). Како лингвист, поет и преведувач, тој го насочи вниманието на светската лингвистичка и книжевна јавност кон македонскиот јазик. Како еден од основачите на најважните академски институции и списанија, тој придонесе кон процутот на македонистиката.

Со сè што правеше, Конески и неговата генерација за многу кратко време го издигнаа македонскиот јазик во современ европски јазик со светла иднина.

Но, таквиот успех ги разбудил старите балкански сеништа на негирањето. Македонскиот јазик и денес сè уште се соочува со бројни оспорувачи кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат еден вид симболична опресија врз македонскиот идентитет.

И самиот Конески на своја кожа ја почувствувал ваквата состојба. Ќе ви дадам само една илустрација.

Во 1968 година, пред 50 години, Конески станал почесен доктор на Чикашкиот универзитет. Но, американскиот славист и македонист, проф. Виктор Фридман откри дека околу тој докторат се водела вистинска политичка драма (Фридман, 2011).

Имено, уште во 1964-та година, полско-американскиот славист и шеф на Катедрата за словенски јазици на Чикашкиот универзитет, проф. Едвард Станкиевич предложил Конески да биде прогласен за почесен доктор на тој универзитет. Предлогот набргу се нашол на агендата на надлежната Комисија за почесни признанија која сериозно го разгледувала. Но, некои од членовите на Комисијата се плашеле од реакциите на Грците. Сметале дека таквата награда може да биде сфатена како непријателски чин од страна на Грците кои го негирале постоењето на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и, воопшто, македонскиот народ. Па така, одлуката за почесниот докторат на Конески била одложена сè до 1968 година. Тоа бил можеби единствен забележан случај на одложување на одлука за доделување на почесен докторат на Универзитетот во Чикаго. И тоа поради големиот страв од еден мал јазик.

А стравот до некаде бил и оправдан, бидејќи веднаш по церемонијата до претседателот на Универзитетот започнале да пристигнуваат протестни писма во кои се изразувало незадоволство поради признавањето на „непостоечки јазик" на еден „непостоечки народ." (Фридман, 2011).

Од тој инцидент мина рамно половина век. Но, тој страв, за жал, сè уште е присутен, и не само во Америка. Ако на веб-страниците на институциите на Европската Унија ги побарате документите што се однесуваат на нашиот регион, ќе забележите една чудна работа. Повеќето документи се преведени на официјалните јазици на државите од нашиот регион. Но, само во нашиот случај наместо македонски јазик, пишува „јазик на Поранешната Југословенска Република Македонија." Колку што знам, таков јазик во славистиката не постои.

Во официјалниот речник на Бриселската бирократија и дипломатија ги нема термините „Република Македонија" и придавката „македонски". Наместо тоа, многу бриселски виртуози на политичката коректност ги користат најубавите можни епитети за мојата држава и мојот народ, но, само со една цел, а тоа е да ги избегнат термините Република Македонија, македонски јазик, македонски народ, македонски идентитет, македонска култура. Па така, ако чуете некој да зборува за некоја многу убава европска земја и притоа упорно избегнува да ѝ го спомне името, голема е веројатноста дека станува збор за Република Македонија.

Ваквата практика стана толку алармантна што во 2011 година упатив писмо до тогашниот претседател на Европската комисија, Баросо, дека нема да примам извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија ако во извештајот не стои придавката „македонски". Таа практика не е во духот на „единството во различноста." И не е само Европската Унија. Пред неколку години постоеше обид да се избрише терминот „македонски јазик" и од официјалниот регистар на термини на Обединетите нации. Морав да пратам писмо до тогашниот генерален секретар Бан Ки-мун за да се спречи таквата непринципиелна намера.

Што зборува сево ова? Оние кои го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат искривено огледало. Наместо да ја приспособат својата искривена слика кон фактичката реалност на терен, тие се обидуваат да ја приспособат реалноста на нивниот искривен светоглед. Светоглед во кој како да нема место за македонскиот јазик и идентитет.

Соочен со ваквите искуства, Блаже Конески ја разобличил логичката грешка на негаторите.

Во срцевината на проблемот лежат двојните стандарди. Има нации, вели Конески, на кои историските права не им се оспоруваат и, од друга страна, има нации на кои тие права им се оспоруваат. Силите што не се мират лесно со самостојниот развиток на народите се подготвени да стават и цел научен апарат во заштита на своите ненаучни и непринципиелни позиции. (Конески, 1968). А политизираната наука не е вистинска наука. Затоа, во една прилика рече дека: „како и да се создаваше македонскиот литературен јазик [...] тие, пак, ќе му изнајдеа некоја мана. Зашто тие се од дното на душата против самиот македонски јазик, а не само против некој негов конкретен облик." (Стојчевска-Антиќ, 2017).

Народот и јазикот се историски феномени и како такви имаат право на своја историја. Затоа, одбивањето на еден народ да му се признае историското право на јазична самостојност е еднакво на тиранија. Решението, вели Конески, не е во ситно пазарење со оние што претендираат да го држат клучот на минатото на еден народ, а со тоа и го оспоруваат неговото историско право, туку во признавање на историското право на сите народи кои смогнале сили да се оформат во современи нации. (Конески, 1968).

Зошто толку зборувам за Конески? Бидејќи во неговиот живот е пресликан и животот на македонскиот народ и на Република Македонија.

И токму затоа тој предупреди дека за нас, Македонците, „повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина." (Конески, 1986).

Најголемиот показател за вредностите на една нација е консензусот околу она што не е за продажба, она за што не може да се пазари и преговара.

Денес, за жал, некои од големите придобивки за кои се изборил се доведуваат во прашање. Дојдоа генерации кои како да го заборавија заветот на Конески и почнаа да се пазарат со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато.

Додека зборувам тука, Република Македонија се соочува со можеби најголемиот предизвик од нејзиното формирање, а тоа е да се одрече од историското право и правото на самоопределување.

Правото на самоопределување значи дека само нацијата има право на одлучување за својата судбина, дека никој не е овластен насилно да интервенира во нејзиниот живот, да ги руши нејзините школи и други институции, да спроведува насилство над нејзините обичаи и навики, да го сотира нејзиниот јазик или да ѝ ги забранува нејзините права. Правото на самоопределување значи дека нацијата може да го уреди својот живот во согласност со сопствената волја. Таа има право автономно да го уредува својот живот. Има право на целосна сецесија (отцепување). Нациите се суверени и сите се еднакви.

Од правото на самоопределување извира и правото на народот да го одбере своето име и името на државата што ја создал, па и името на јазикот што го говори. Правото на избор на име е нераздвоен дел од правото на самоопределување.

Сепак, Грција со Спогодбата од Преспа ни наметнува ново име и бара истото да се применува erga omnes – и за меѓународна и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот. Преку оваа спогодба, Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како другите држави ќе ни се обраќаат нам. Со Спогодбата ќе се преименуваат нашите институции, ќе се цензурира содржината на учебниците на нашите деца, ќе се спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет. Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Она што грчката држава им правела на Македонците во Грција, сега, со Преспанската спогодба сака да им го направи и на Македонците во Република Македонија.

Современата историја покажа дека Балканот е родното место на преседаните. Ако со нас се прават штетни преседани со кои се ограничува нашата сувереност и политичката независност, тогаш прашање на време е кога ќе бидат применети и во други држави.

И наспроти сета политизација на науката од страна на многу европски и светски центри на моќ, го имаме примерот на Полска, на полската наука, на полската славистика.

Веќе спомнав дека Полска ги отвори вратите за македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Грција и им стана втор дом на бездомните и прибежиште на прогонетите. Тие денес се силен мост на пријателство меѓу двете земји и народи. Еден од нив, Коле Симитчиев, дури беше и професор на овој универзитет.

Нашите две држави воспоставија дипломатски односи пред 25 години. Првиот демократски избран премиер Тадеуш Мазовјецки го бранеше правото на македонскиот народ и Република Македонија на самоопределување и човечко достоинство. Односите зајакнаа во 2005 година кога Република Полска одлучи да го употребува уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација. Искрено сме благодарни за принципиелната одлука.

Република Полска е голем пријател, искрен партнер и гласен поддржувач на Република Македонија во Европската унија и во НАТО.

Таа своја поддршка ја покажа на дело за време на европската мигрантска криза. Република Полска беше една од неколкуте држави членки на Европската Унија која правилно разбра дека синџирот е цврст колку што е цврста неговата најслаба алка. На континентот Европа, таа алка е Република Македонија. Мојата држава издржа пред напливот на мигрантскиот бран, благодарение на помошта што ја доби не од Брисел, туку од Вишеградската четворка и земјите долж балканската мигрантска рута.

Додека зборувам тука, на јужната македонска граница патролираат полски полицајци. Тие ѝ помагаат на македонската армија и македонската полиција во чувањето на Европа од заканата што доаѓа од територијата на Европската Унија. Тоа е парадокс – полицајци на земја членка на Европската Унија се распоредени на територија на земја која не е дел од ЕУ за да ја чуваат Европа од заканата што доаѓа од територијата на земја членка на ЕУ ‒ Грција. Затоа, како Претседател на Република Македонија јавно ја искажувам нашата благодарност до Полска и до другите држави кои ни помагаат да ја чуваме Европа.

Но, освен на полската држава благодарни сме ѝ и на полската наука.

Полската наука покажа жив интерес за Македонија и за македонскиот јазик. Во време кога соседните пропаганди вршеле присвојување на македонскиот јазик, познатиот славист Мјечеслав Малецки недвосмислено изјавил дека македонските дијалекти не треба да се третираат ниту како српски, ниту како бугарски, но како посебен јазик. Малецки системски проучил неколку архаични македонски дијалекти во околината на Солун и тоа кратко време пред грчката држава да успее да ги збрише од својата јазична карта. Со тоа не само што конечно ја потврдил теоријата за потеклото на старсловенскиот јазик, туку и оставил трајно сведоштво за присуството на македонскиот јазик на тој простор. (Видоески, 1977, 2013).

Големиот Мјечеслав Малецки беше еден од основачите на македонистиката во Полска. Неговото дело го продолжија реномираните слависти Збигњев Голомб, Влоѓимјеж Пјанка, Зѓислав Штибер, Кшиштов Вроцлавски, Зузана Тополињска која денес е прва дама на светската славистика, понатаму Мјечеслав Караш, Јан Соколовски, Мира Солецка, Станислав Каролак, Ирена Савицка, Ивона Лучкув, Ана Коритовска и многу, многу други.

Преку Семинарот за македонски јазик, литература и култура, Република Македонија стана дестинација за стотици полски лингвисти.

Низ годините се создаде круг на доверба во која македонистите од Република Македонија можат да ги поставуваат и најтешките прашања за македонскиот јазик без ронка сомнеж во искрените намери на нивните полски соговорници. Дел од тоа интелектуално острење на идеите е и проектот „Граматичка конфронтација на полскиот и македонскиот јазик", воден од академиците Зузана Тополињска и сега веќе покојниот Божидар Видоески. Овој заеднички проект меѓу Институтот за полски јазик на Полската академија на науките и Одделението за лингвистика на Македонската академија на науките и уметностите веќе ја ситни четвртата деценија. И благодарен сум му на ректорот Језерски со чија помош излезе последниот том на овој проект. Тука со нас е и професорот Јан Соколовски кој сега го води овој проект во рамките на Вроцлавскиот универзитет.

Како што Република Полска е на страната на правдата, така полската наука одлучно стои на страната на вистината. И токму затоа чувствувам слобода пред вас да го кажам следново: 25 години по посланието на Конески, македонскиот јазик сè уште го зборуваат малку луѓе, некои кругови сè уште го сметаат за млад јазик и поради тоа сè уште го оспоруваат. И 25 години подоцна сè уште се поставува прашањето: Дали има смисла да се твори и комуницира на мал јазик?

Верувам дека вреди и тоа од најмалку две причини.

Прво, како меѓугенерациски комуникациски код, јазикот е врска меѓу предците и потомците. Јазикот, неговата семантика, симболите и граматиката се образуваат врз основа на перцепција што народите и заедниците ја имале за реалноста. Вреди да се зборува и да се создава на мал јазик кој има уникатна перцепција на светот бидејќи со тоа и светот е побогат. Нашата Европа е побогата.

Второ, македонскиот јазик е lingua franca, благодарение на кој припадник на една етничка заедница се разбира со припадниците на другите етнички заедници во Република Македонија. Тоа е дел од нашиот општествен договор. Нашата сила е во нашата различност, а нашата различност е гарантирана со нашето единство. Израз на тоа единство е македонскиот јазик.

Чувањето и творењето на македонски јазик е обврска кон минатото и влог во иднината. Чувари на тој јазик и тоа наследство се и сите македонисти, особено полските македонисти. Посебно важно место зазема македонистичката работилница при Институтот за словенска филологија на Вроцлавскиот универзитет, која е најсериозен партнер на академските институции во Република Македонија. (Тополињска, 2016).

Затоа, во ова време на сериозни предизвици за Република Македонија и за македонскиот народ, нам повторно ни се потребни нашите пријатели да го чуваат за нас она што сами можеме толку лесно да го изгубиме. Полските македонисти и македонистите во светот се чувари на нашата комплетна татковина бидејќи како што рече Конески „до таму е нашата татковина до каде што е нашиот јазик."

Ви благодарам.

predavanje4

PRM_cop_01
Обраќање на претседателот Иванов на Самитот за Климатски промени COP24
Понеделник, 03 Декември 2018

Ценети екселенции,
Дами и господа,

Како претседател на Република Македонија, имам чест прв да Ви се обратам на моето последно учество на Конференцијата на Страните.

Во последните десет години бев сведок на високи очекувања и големи разочарувања, на големи препреки и на уште поголема решителност на грст луѓе, едно глобално креативно малцинство, коешто беше одлучно да нѐ доведе нас, креаторите на политики и носителите на одлуки во Париз. Таму откривме дека Париз е само почетокот на една долга трка која ќе ја одреди судбината на човештвото. Со нивната заразна страст, ни помогнаа да погледнеме над баналните приоритети на наредните избори, кон суштинските потреби на оваа и на наредните генерации.

Веќе не учествуваме во трката за да победиме, туку за да преживееме како човечки вид. Тркајќи се со глобалното затоплување, мора тековно да се обучуваме и да учиме затоа што времето ни истекува. Мора да темелно да го промениме нашиот начин на живеење, производство, потрошувачка и развој. Треба да го замениме себичниот косумеризам со филозофија на споделување. Без вечна моралност, ќе имаме минливо човештво. Само со промена на навиките на нашите срца ќе започнеме да го менуваме срцето на неодржливиот глобален енергетски систем.

PRM_cop_02

Република Македонија во континуитет го усогласува начинот на известување со стандардите на Европската унија. Го менуваме начинот на кој се изготвуваат и ревидираат стратегиите, политиките и законите – со транспарентно и широко учество на сите засегнати страни. Но, дури ни тоа не е доволно. Додека говорам тука, многу мои сограѓани дишат воздух кој е еден од најзагадените во Европа. Патеката е тесна и мора да ги збиеме редовите. Мора да воспоставиме круг на доверба меѓу политичарите, научниците, претприемачите, наставниците и активистите, затоа што не се натпреваруваме еден против друг, туку заедно како тим. Енергетскиот сектор, земјоделството, транспортот и градежништвото треба да го земат глобалното затоплување предвид. Ова е неопходно за здравјето на луѓето, особено за најранливите категории. Следствено, нашата трајна заложба мора да биде зелен раст и развој и помали јаглеродни емисии. Но, тоа ќе биде возможно само ако создадеме зелени работни места. Затоа, ја поддржуваме Шлезиската декларација за солидарност и праведна транзиција која се однесува на преквалификацијата на работната сила.

Очекуваме дека COP24 ќе ги постави општите правила за следење на напредокот на земјите при спроведувањето на Парискиот договор. Упатствата мора да се јасни, сеопфатни, но исто така доволно флексибилни со цел секоја земја да прави свои проценки и да известува за својот напредок кон глобалната цел. Република Македонија припаѓа на еден од најранливите региони во светот по прашањето на климатските промени. Покрај правилата за ублажување на климатските промени, одлуките за климатските промени би требало да опфатат и адаптација на засегнатите сектори. Мора да постои еднаквост меѓу ублажувањето и адаптацијата. Ова е особено важно во контекстот на финансиите.

Република Македонија останува посветена на овие заложби. Мора да ја трчаме трката не за да победиме, туку за да преживееме. Не за нас, туку за идните генерации.

Ви благодарам.

PRM_cop_03

forum_paris
Обраќање на претседателот Иванов на Парискиот мировен форум
Недела, 11 Ноември 2018

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Чест ми е како Претседател на Република Македонија да ви се обратам на Форумот за мир во Париз. Овде сме да зборуваме за мирот и безбедноста, заштитата на животната средина, одржливиот развој, новите технологии и инклузивната економија. Но, решението на овие глобални предизвици лежи во едно нешто, а тоа е нашиот светоглед.

Контурите на светогледот кај секој човек се исцртуваат уште во детството. Три потреби се клучни во оформувањето на младите – внимание, афирмација и грижа. Децата кои примаат внимание, афирмација и грижа од своите родители и учители се развиваат во емпатични, сигурни и грижливи луѓе. Тоа се луѓе со самодоверба кои влеваат доверба, кои ја сакаат вистината и со страст се залагаат за социјална правда и мир, за одржлив развој, борба со климатските промени. Тоа се луѓе кои веруваат во човековите права и слободи и го почитуваат достоинството на различностите.

Но, ако погледнеме околу нас, токму овие вредности сè повеќе недостасуваат.

Отсуството на одговорност доведе до криза на довербата. Светот минува низ голема трансформација во која исчезнува граничната линија меѓу вистината и лагата, меѓу исправното и погрешното. Општествата се фрагментираат, семејствата се распаѓаат, индивидуите се изолираат. Се создаваат гета без ѕидови, во кои различните се толерираат без вистински да се почитуваат. Човекот се постави за господар на природата, без да умее да господари со сопствената алчност. Нарушен е кревкиот климатски баланс.

Постојат бројни причини за ваквата состојба. Но, јас ќе се осврнам само на една ‒ образованието. Во многу земји во светот формалното образование, за жал, не нуди доволно внимание, афирмација и грижа за младите. Доминантниот Хумболтов модел на образование се темели на негативно внимание. Се казнуваат грешките наместо да се наградуваат успесите и да се стимулираат креативноста и иновативноста. Овој пристап влијае на светогледот на младите луѓе.

forum_paris_2Уште како универзитетски професор го препознав овој проблем. Но, шанса да направам суштинска промена настапи дури откако некои од моите студенти станаа политичари и носители на одлуки кои во 2009-та ме кандидираа за Претседател на Република Македонија. А, што да прави професор кога ќе стане претседател? Одговорот е едноставен ‒ отвора своја школа. Така во 2010 година со мојот тим ја започнав Школата за млади лидери која потоа прерасна во Меѓународна школа.

Како што родителот инвестира во децата, така јас како Претседател сакав да инвестирам во младите. Целта ни беше на најталентираните и најуспешните млади лидери во Република Македонија и во регионот да им го дадеме она што не можат да го добијат во рамките на официјалниот образовен систем.

Прво, да ги препознаеме најуспешните и да им посветиме неопходно внимание.
Второ, да го афирмираме сето она што до тогаш го постигнале, сите нивни хуманитарни иницијативи, поттикнувајќи ја самодовербата кај младите и градејќи култура на доверба.
Трето, да се грижиме за нивниот натамошен развој како лидери со тоа што ќе инвестираме во нив.

А за да го постигнеме тоа се вративме на изворот, каде водата е најчиста, кај Аристотел. Знаеме дека Аристотел имал три нивоа на предавање на знаењето.

Егзотеричните предавања биле наменети за оние кои сакаат да ги прошират своите знаења, но само до ниво на општа култура.

Езотеричните предавања биле за оние посветени ученици кои можеле сложените концепти да ги разберат со моќта на умот. За среќа, голем дел од тие предавања се сочувани.

Меѓутоа, највозвишени се акроматските предавања што Аристотел ги имал очи во очи. Веќе 24 века се трага по тие изгубени предавања. Но, врз основа на постапките на неговите најдобри ученици, можеме да ги реконструираме некои од основните принципи. Се претпоставува дека дел од тие акроматски предавања биле четирите златни правила, кои се дел и од сите големи религии. Веројатно, Аристотел на своите најодбрани, највозвишени ученици им велел:
• Прво: „бидете трпеливи".
• Второ: „секогаш учете од другиот".
• Трето: „искористете го моментот".
• Четврто: „ако сакате да успеете, тогаш бидете подготвени на секоја жртва".

forum_paris_4Оној што брза прави грешки, другиот учи од него, го чека да згреши и го користи моментот. Вистинскиот момент само еднаш се појавува. Целата филозофија во овие четири изворни принципи од највозвишените акроматски предавања е тоа дека тие се случуваат во еден момент ‒ и тогаш е потребна подготвеност за жртва.

Знаењето застарува, но мудроста не. Затоа, наша цел при создавањето на Школото за млади лидери беше мудроста и вештините на докажаните лидери да им ја направиме достапна на оние кои ќе бидат идни општествени лидери во Република Македонија и на Балканот.

На нашето Школо, младите лидери имаат шанса да разговараат очи во очи со некои од најуспешните лидери на денешницата и од нив да учат како да ги применат знаењата и вештините. Станува збор за интердисциплинарно и апликативно знаење, практични совети и менторство од врвни светски лидери.

Досега над 350 млади луѓе од Република Македонија и од регионот, со различен академски и професионален фокус, беа обучувани од над 200 врвни лидери од областа на политиката, бизнисот, иновациите, комуникациите.

Сакавме да изградиме лидери со вистински вредности, интегритет и отворен ум. Секоја генерација ја потсетував на Ајнштајновата мисла дека умот е како падобран – корисен е само кога е отворен. Само со отворен ум младите ќе можат да размислуваат надвор од шаблоните, да изнаоѓаат нови и иновативни и креативни решенија за локалните и глобалните предизвици.

Младите лидери се припадници на милениумската Y-генерација. Затоа, покривме теми кои им се блиски, а се темелат на филозофијата на споделување. Sharing philosophy подразбира и sharing economy, во која младите го споделуваат пристапот кон производите или услугите, наместо да бидат нивни индивидуални сопственици. Ги обучуваме да користат crowdfunding и crowdsourcing за да наоѓаат фондови за нивните проекти од голем број интернет-корисници.
Држевме обуки за одржлив развој и стартап-филозофија. Ги охрабрувавме да ја користат моќта на вмрежувањето за да носат позитивни промени во општеството. Со други зборови, Школата за млади лидери е стартап-училиште за идните општествени лидери во Македонија и на Балканот.

forum_paris_5Но, можеби најважното нешто што сакаме младите да го научат е лекцијата за моралното лидерство. Стана популарно да се вели дека не е важно дали некој политички или бизнис-лидер е морален или не, сè додека добро ја извршува работата. Способноста, а не карактерот, е она што е важно. Но, прагматизам без морал води кон краткорочни решенија со долгорочно штетни последици. Лидери без морал се дел од проблемот, а не од решението.

Затоа, кај младите лидери ја развиваме свеста дека сите ние пловиме на истиот глобален брод. Но, за да ги заштитиме нашите економии и држави од бродолом, неопходно ни е сидро. А, тоа сидро се трите принципи на секоја успешна економија, што важат и за успешната политика и образование. Ако која било земја или компанија ги имплементира меритократијата, прагматизмот и чесноста – ќе успее.

Со меритократијата ги избираме најдобрите да бидат лидери. Ако се опкружувате со успешни луѓе и ако поддржувате успешни луѓе, и вие ќе имате успех. За тоа се неопходни високи критериуми.

Со прагматизмот учиме и го користиме најдоброто од другите. Не е доволно да се учи за да се знае. Знаењето треба да биде применливо.

Со чесноста се трудиме да нема корупција и промовираме чесност и во приватниот и во професионалниот живот.

Колку ова ги чини даночните обврзници на Република Македонија? Ни малку. Реализацијата на Школата за млади лидери е целосно финансирана од приватниот сектор од Република Македонија, но и од глобалните брендови. Станува збор за компании што ја препознаа важноста и вредноста на нашиот проект и ја поддржаа нашата мисија, уверени дека инвестираат во идните општествени лидери. Школата основана од претседателот на државата, а финансирана од приватниот сектор, е пример за јавно-приватно партнерство кое има за цел да инвестира во општеството и иднината.

Оваа инвестиција е веќе исплатлива. Бројни млади лидери од претходните генерации веќе почнаа да заземаат одговорни лидерски позиции во различни општествени сфери и да стануваат позитивен пример за другите. Тоа се млади луѓе кои своите погледи ги насочуваат кон иднината, кои размислуваат за иднината и кои сакаат да ја достигнат иднината, не само за себе, туку за што повеќе луѓе во општеството.

forum_paris_6Благодарение на сево ова, Светскиот форум на бизнис-ангели ја прогласи Школата за млади лидери за најдобар социјално-одговорен проект во Европа за 2017 година.

Некој од вас можеби ќе рече: „Претседателе, па во светот веќе постојат многу лидерски школи." Точно, но најголем дел од нив се исклучително скапи и достапни само за малкумина. Речиси нема претседателски школи кои се практично бесплатни бидејќи се поддржани од приватниот сектор. Тоа го прави нашето Школо исклучок од правилото. А тој исклучок за нас прави огромна разлика.

Друг можеби ќе праша како овој модел на лидерско школо ги решава глобалните предизвици за кои сме собрани денес. Нашиот модел може да се користи за промена на доминантната образовна парадигма, која треба да биде ориентирана кон решенија. Со тоа се создава нова генерација лидери со вистински вредности кои нема да бегаат од проблемите, туку ќе ги решаваат. Лидери кои нема да доминираат и дискриминираат, туку ќе соработуваат и вклучуваат. Лидери кои наместо страв ќе шират надеж и во своите општества и во светот.

Успеавме да создадеме препознатлив модел што инспирираше и други актуелни и поранешни шефови на држави да започнат свои лидерски школи по урнек на нашата. Но, верувам дека ваквиот успех е само почеток.

Мојата порака до вас, лидерите на денешницата е: Не гледајте до следните избори, туку до следните генерации. Инвестирањето во идните лидери треба да стане нова мода, нов тренд. За вакви идеи не треба да се бараат авторски права. Ова е многу потребно во секое општество. Би бил пресреќен доколку чујам дека и други шефови на држави и влади формирале лидерски школи. Дека на идните лидери им дале внимание, афирмација и грижа, и со тоа ги подготвуваат да го преземат кормилото. Само така успехот ќе стане основа за нов успех. Бидејќи, преку инвестирањето, младите лидери се повикани да ја препознаат и одговорноста како идни лидери.

Додека зборуваме, милениумската Y-генерација го зазема своето место во светот. Веднаш зад нив е постмилениумската Z-генерација која не познава свет без интернет. А, во моментов се раѓа најмладата алфа-генерација која е предодредена да живее во 22 век. Наша одговорност е да ги подготвиме оние кои доаѓаат по нас да ги заземат своите места на нашиот глобален брод. Да им дадеме мапа и компас со тоа што ќе ги подготвиме да бидат морални и етички лидери со карактер, интегритет, понизност, фокус на луѓето, одговорност и страст. Да не се плашат од непознатото, туку храбро и мудро да се соочуваат со предизвиците, за конечно да запловиме во помирни води. Бидејќи само променети поединци можат да го променат духот на светот.
forum_paris_1


PRM_Izvidnici_01
Обраќање на претседателот Иванов на отворањето на Eвропската извидничка академија
Среда, 31 Октомври 2018

Почитувани членови на Сојузот на извидници на Македонија,

Почитувани извидници од сите краеви на Европа,

Дами и господа,

Имам особена чест и големо задоволство да сум со вас на отворањето на европската извидничка академија. Одржувањето на ваков значаен настан во Република Македонија сведочи за местото и за значењето на македонските извидници во европското и светското извидничко движење кое брои над 50 милиони млади луѓе и има историја подолга од еден век. Токму годинава се навршуваат и 65 години од официјалниот почеток на организираното извидништво во Република Македонија.

Во изминатите децении, Сојузот на извидници на Македонија има придонесено за правилно воспитување и образование на илјадници млади луѓе во нашата татковина. Денес, Сојузот на извидници на Македонија функционира на речиси целата територија на Република Македонија, со 25 активни извиднички одреди.

Користејќи го извидничкиот метод и неформалната едукација, тие се организација во која младите ги пронаоѓаат своите интереси и вештини. Со својата посветена работа, Сојузот на извидниците на Македонија придонесува кон правилниот развој на младите со тоа што кај нив ја вкоренува самодовербата, ги учи на вистинските вредности, ги поттикнува да ги почитуваат другите луѓе со сите нивни разлики.

Сојузот сево ова го прави со тоа што покрај магнетниот компас, на извидниците им дава и морален компас. Тој морален компас им помага на извидниците да изградат карактер и интегритет, да бидат понизни и подготвени да им служат на другите, да работат за општото добро. Тој морален компас им помага да се фокусираат на луѓето и кај нив да го поттикнуваат најдоброто. Да бидат одговорни едни за други. И сето тоа да го прават со речиси заразна страст.

PRM_Izvidnici_02Драги пријатели,

Веќе 65 години, Сојузот претставува пример за работа со младите и за младите. Поради сево ова, како Претседател на Република Македонија, донесов одлука на Сојузот на извидници на Македонија да му доделам Повелба на Република Македонија. Оваа повелба е благодарност за сето она што вие, како сојуз, го направивте во изминативе децении. Уверен сум дека тоа ќе биде дополнителен мотив да продолжите со вашата благородна мисија. Да бидете заедница на доверба во која младите се чувствуваат безбедни и прифатени, каде ќе можат слободно да ги споделат своите проблеми и размислувања и да се градат и изградуваат во високоморални личности. Но, и уште повеќе од тоа.

Оваа повелба е истовремено и предизвик да се вклучите во обновата на вредностите во Република Македонија. А таква обнова ни е повеќе од потребна. Ако само еден ден ги следиме случувањата во нашата држава, на нашите социјални мрежи и медиуми, и во виртуелниот и во реалниот живот, ќе видиме колку всушност добрите извиднички вредности му се насушно потребни на македонското општество.

Вистината никогаш немала толку непријатели како што има денес, во нашево време на лажни вести и војни на перцепции. Јавната пристојност стана исклучок наместо правило. Храброста и истрајноста станаа ретка и скапа работа. Отсуството на одговорност доведе до криза на довербата. Сево ова се коси со принципите врз кои се темели извидништвото. Бидејќи извидникот зрачи со доверба. А таа доверба извидникот ја стекнува со тоа што се однесува одговорно, што постои знак на еднаквост меѓу неговите или нејзините мисли, зборови и дела. А овие нешта се основа не само за живот на доблесниот поединец, туку и темел на секое слободно општество.

Затоа, потребно е одново да го пронајдеме златниот баланс што ќе ни помогне да градиме доблесни, морални и одговорни личности. Личности кои со своите таленти, знаења и вештини ќе придонесуваат кон личната благосостојба, но и благосостојбата на целото општество. Верувам дека Сојузот на извидниците на Македонија има голема задача во обнова на општествените вредности.

На самиот крај, ја користам оваа можност да посакам успешна извидничка академија и на сите гости од речиси сите европски држави да им посакам пријатен и незаборавен престој во Република Македонија.

Ви благодарам.

PRM_Izvidnici_03

Ohrid_25.10.2018
Обраќање на отворањето на првата Национална конференција за византологија и медиевистика на тема „Самуиловата држава – 1000 години потоа (1018-2018)“
Четврток, 25 Октомври 2018


Почитувани присутни,
Дами и господа,

Чест ми е да ве поздравам на првата Национална конференција за византологија и медиевистика. Летово, додека престојував во вилата „Билјана" во Охрид, кај мене дојдоа професорите Филиповски и Цветановски и ме поканија да бидам покровител на оваа конференција. Додека разговаравме за Самуил, пред очи ни беше Охрид и Самуиловата тврдина. Иако, нè делат 1000 години од падот на Самуиловата држава, сепак, актуелните случувања во Република Македонија упатуваат дека имаме ненаучени лекции кои одново ни се повторуваат.

Кога веќе ја имам можноста да ја отворам оваа научна конференција, дозволете ми да се произнесам и за темата. Како универзитетски професор кој речиси две децении предава политички теории и политичка филозофија, предмет на интерес ми беа и политичките теории и институции на Источното Римско Царство. Тоа ќе биде дел од фокусот на моето обраќање.

Кога во 867 година Ерменецот Василиј со преврат станал византиски император, нему му биле потребни сите можни аргументи за да ѝ даде легитимитет на својата власт. Еден од тие аргументи бил фактот дека тој се родил во византиската тема Македонија, која опфаќала само еден мал дел од поширокиот историски и географски регион Македонија. Тоа било повод неговата династија да се нарече македонска. Надоврзувајќи се на овој наратив, Константин VII Порфирогенит изградил перцепција за наводна генеолошка врска на неговиот дедо Василиј I со античката македонска династија за да го зајакне легитимитетот. Тоа денес некои го нарекуваат антиквизација.

На византиската македонска династија, секако, ѝ одел во прилог фактот дека во тоа време не постоел друг државен субјект што би се повикувал на славната македонска традиција. Но, набргу нештата се смениле.

Словенските светители и просветители Кирил и Методиј и нивните ученици Св. Климент и Наум Охридски создале услови за културно, образовно, духовно, а со тоа и социоекономско издигнување на словенските народи, и конкретно, народот на Македонија. Семето што го посеале изртило и пуштило корен од кој никнала една фиданка. Во 969 година, користејќи ја презафатеноста на Византија на Истокот, комитопулите Давид, Мојсеј, Арон и Самуил кренале востание против разнишаната бугарска власт. Во 976 година, односно пет години по укинувањето на Првото бугарско царство од страна на Византија, Самуиловата држава се воспоставила како нова геополитичка реалност на Балканот.

Острогорски вели дека и според составот и според карактерот, Самуил создал ново царство. Политичкото, духовното и културното јадро на таа држава било во југозападниот дел од Македонија. Таму се наоѓале и првата и втората престолнина – Преспа и Охрид.

Како „воинствен човек кој никогаш не знаел да мирува", Самуил ја искористил Граѓанската војна во Византија и за релативно кратко време ја создал најголемата словенска држава на Балканот, која излегувала на три мориња, а на север била ограничена со Дунав и Сава. Како голем воен стратег, Самуил инвестирал во одбраната на јадрото на државата преку низа утврдувања. Притоа, освоените бугарски територии биле пред сè во функција на заштита на територијата на Македонија.

Оваа нова државна творба имала и свој специфичен државен интерес –контрола на стратешкиот коридор Виа Егнација од Солун до Драч.

Самуил воспоставил и нов црковен центар во Преспа. Со цел да го зацврсти легитимитетот на народната црква во Македонија, Самуил ги пренел моштите на еден од учесниците на Првиот вселенски собор ‒ Св. Ахил Лариски. Подоцна, духовниот центар го пренел во Охрид каде била жива глаголичката традиција која не фатила корен во Бугарија.

Самуиловата држава и суштински се разликувала од Византиското и Бугарското Царство и поради толерантниот однос кон богомилската ерес. Во тоа, на некој начин, ги гледаме контурите на она што денес го нарекуваме македонски модел на соживот и почитување на различноста.

Ова се неспорните факти. Постојат многу отворени прашања за кои сè уште се води дебата. Дали Самуил бил крунисан за цар или крал? Која била Самуиловата етничка припадност ‒ Ерменец, Македонец-Брсјак или Бугарин? И покрај овие дилеми, едно е сигурно. А тоа е дека лојалноста на населението кон владетелот не зависи толку од неговиот етнички идентитет колку од неговата способност да ги задоволи социоекономските и културните потреби и интереси на населението. Народот на Македонија го прифатил Самуил како свој владетел. Не само што нема докази за незадоволство на народот од владеењето на Самуил, туку, до последните битки, тој и неговите наследници можеле да мобилизираат голема војска.

Сите овие факти упатуваат на заклучокот дека државата на Самуил суштински се разликувала од Бугарското Царство. А сепак, денес, 1000 години подоцна, науката сè уште дебатира за бугарскиот карактер на Самуиловата држава. Како се случи тоа?

Прво, византиските автори го користат терминот Македонија само за деловите од Македонија кои се под византиска власт. Тие прават внимателно терминолошко разграничување меѓу Самуиловата држава и византиската тема Македонија за да го монополизираат името Македонија само за своите потреби. Пример за таква монополизација имаме и денес. Современата грчка држава инсистира името Македонија да се употребува само за административната област што се наоѓа во нејзините граници. Бирократите во некои меѓународни организации го бришат името Република Македонија и придавката македонски со еднаква ревност како што тоа го правеле византиските хроничари пред 1000 години.

Второ, официјалната византиска историографија одбива да ја признае и да ѝ даде легитимитет на Самуиловата држава. За разлика од Првото Бугарско Царство кое било признато од Цариград, а бугарскиот цар бил сметан за духовен син на византискиот император, Самуил и неговата држава не биле признати. Јован Скилица, востанието на комитопулите го нарекува одметништво, а Самуил го нарекува тиранин. Во такви услови на непризнавање и изолација, Самуил се свртел кон Рим. Дали примил круна од папата или не е прашање на дебата, но факт е дека големата византиска офанзива од 1001 година се случува по крунисувањето на Самуил. Со сличен предизвик се соочивме и ние. Првите обиди на независна Република Македонија да биде меѓународно признаена резултираа со агресивна грчка дипломатска офанзива која кулминираше со нелегално економско ембарго и долгогодишна блокада на нашите интеграции.

Трето, Џонатан Шепард ја забележува разликата меѓу декларираните и вистинските цели на Василиј. Иако освојувањето на Самуиловата држава била негова јавно декларирана цел, сепак, неговата вистинска цел била обезбедување внатрешна кохезија на Империјата и контрола врз војската и амбициозните генерали. Сè додека Василиј успешно се борел со Самуил, неговата власт не се доведува во прашање. Анексијата на Самуиловата држава во 1018 година го лишила Василиј од натамошен изговор за контрола врз војската. Дали нешто слично гледаме и денес, кога прашањето за името на Република Македонија се користи како средство за мобилизација на избирачите од страна на грчките политички елити пред секои избори?

Четврто и последно, авторите ги пренесуваат сфаќањата од епохите во кои пишуваат на епохите кои ги проучуваат и за кои пишуваат. Според Стивенсон, Василиј II го добил епитетот „бугароубиец", 150 години по смртта, за да се оправдаат византиските походи против Второто Бугарско Царство. Епитетот на Василиј II станал еден од клучните аргументи за бугарскиот карактер на Самуиловата држава и нејзиниот народ.

Не би сакал да бидам погрешно разбран. Не се обидувам да ги поистоветам Самуиловата држава и Република Македонија, ниту Византиското Царство и современата грчка држава. Овие паралели ги спомнувам само затоа што ја потврдуваат Хегеловата констатација дека ако нешто научивме од историјата, тоа е дека ништо не научивме од историјата. Сме можеле да донесеме многу помудри одлуки ако внимателно ја читавме историјата, особено онаа за Самуил.

Што значи сево ова за нас денес?

Бидејќи сме во Охрид, како метафора ќе употребам една практика поврзана со патронот на градот. Св. Климент бил познат по тоа што, меѓу другото, го научил народот да ги калеми овошките. Затоа и денес охридските цреши ги нарекуваме климентици. Но, освен калемење на овошки, постои и калемење на теории, истории и светогледи.

На стеблото на Самуиловата држава е накалемена туѓа гранка. Таа туѓа гранка се официјалните византиски перцепции за карактерот на Самуиловата држава. Од тогаш стеблото наместо сопствени дава туѓи плодови. И затоа многу хроничари и историчари со децении и векови се хранеле од плодовите на калемот, мислејќи дека тоа се плодови на изворното стебло.

Нештата почнале дополнително да се комплицираат по Француската револуција кога на Балканот продреле идеите за националната држава.

Додека на Западот се развил вестфалскиот модел на суверена држава одвоена од црквата, на Истокот опстанал предвестфалскиот модел на симфонија. По пропаста на Византија и освојувањето на Османлиите, митрата на патријархот станува супститут за царската круна. Патријархот станал лидер на милетот, односно милет-баши, одговорен пред Султанот за мирот и поредокот меѓу верниците.

Со пропаѓањето на Османлиската Империја, нетериторијалните милети станаа територијални девлети, диецезите на помесните балкански цркви станаа граници на новите балкански држави. Религиските идентитети станаа национални идентитети. Во лушпата на предмодерниот милет-систем почнале да растат модерните нации држави.

Заведени од вирусот на империјализмот, балканските елити ги развија проектите за големите држави на Балканот. Но, за да го колонизираат просторот, тие прво мораа да го колонизираат времето. Предмодерните сложени процеси почнаа да ги поедноставуваат и толкуваат со модерни категории. Настаните од дамнешното минато почнаа да ги перципираат низ матрицата на модерниот национализам. Или, како што вели Чеслав Милош, „колку подоцна некаде се појавил национализмот, толку поревносно се стремел да се надоврзе на времињата од приказните". Затоа, Стојан Прибичевиќ со право ќе констатира дека „националистичките и културните предрасуди доведуваат до тоа во голем број словенски и несловенски натписи за Македонија да провејуваат лажни факти, сомнителни теории и погрешни претпоставки."

Точно е дека победниците ја пишуваат историјата. Но, исто така, точно е дека поразените ги создаваат легендите кои, иако, не секогаш се држат до фактите, сепак ја пренесуваат смислата на настаните. За разлика од модерниот човек воспитан во духот на рационализмот и картезијанскиот скептицизам, фокусот на предмодерниот човек не се толку фактите, колку смислата. Затоа се вели дека знаењата се минливи, но мудроста е вечна. А таа мудрост се стекнува со искуството на бројни генерации.

Самуил бил поразен, неговата држава била анектирана, подоцнежните востанија биле задушени. Но, во колективната меморија на народот останал споменот за тој краток блесок во долгата македонска ноќ. Кога во последната деценија на 11 век архиепископот Теофилакт пристигнал во Охрид, охриѓани за негов инает го пречекале со победнички песни со кои ја славеле пропаднатата Самуилова држава.

Можеби токму затоа, во 1944 година, отворајќи го Првото заседание на АСНОМ, илинденецот Панко Брашнаров со преполна душа ќе рече дека со тој чин се измива „од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава".

Таа АСНОМ-ска Македонија е фиданка што изникна од коренот од кој изникнала и Самуиловата држава. И како фиданка, таа го даде вистинскиот плод, оној долго заборавен и потиснуван од туѓите, калемени гранки на пропагандите и идеологиите. Тој плод, меѓу другото, е и независна и суверена Република Македонија во која вие, историчарите, имате целосна академска слобода да истражувате и пишувате. Таа слобода ви овозможува без ронка страв и со критичко око да ги преиспитувате догмите врежани во камен кои со децении беа третирани како општопознати факти од страна на некои ваши колеги од соседството.

Но, денес, за жал, се прават обиди и на таа фиданка да ѝ се накалеми туѓа гранка. А таа туѓа гранка е Договорот од Преспа. Во член 8, точка 5 е предвидено формирање на „Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања". Иако тој комитет би требал да го разгледува објективното научно толкување на историските настани, сепак, симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави.

Авторите на текстот на Договорот од Преспа, кои и да се тие, покажуваат или елементарно непознавање на балканската историја или загрижувачка индиферентност кон сложените процеси на градење балкански идентитети. Искрено, не знам која од овие две алтернативи е полоша. Но, тие одат и чекор понатаму со тоа што негираат многу универзални вредности. Го негираат пред сè правото на самоопределување кое значи дека само нацијата има право на одлучување за својата судбина, дека никој не е овластен насилно да интервенира во нејзиниот живот, да ги руши нејзините школи и други институции, да спроведува насилство над нејзините обичаи и навики, да го сотира нејзиниот јазик или да ѝ ги забранува нејзините права. Го негираат и правото на слобода на мисла, совест и религија, но и правото на слобода на мислење и изразување гарантирани со Универзалната декларација за човекови права.

Со Договорот од Преспа, вашата академска и образовна дејност ќе ја надгледуваат политичари, дипломати и бирократи кои ревносно ќе ги цензурираат учебниците што вие ги пишувате или од кои вие предавате.

Една од причините за пропаста на Самуиловата држава беше превртливоста на нејзините елити, кои за титули, инсигнии, стипендии и престиж ја менувале страната. Нешто слично гледаме и денес.

И во такви услови, за жал, секогаш ќе се најде некој кој ќе прифати да напише политички коректна историја во која ќе се наметнуваат претстави скроени по волјата на нашиот јужен сосед. И тие плодови на тој нов калем ќе им се даваат на нашите деца во училиштата и на нашите студенти на факултетите.

Големиот дијагностичар на современото грчко општество Никос Димоу вели дека Грците имаат потреба да се митологизираат себеси а ги демитологизираат другите. Договорот од Преспа има за цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата, и со тоа да го затвори поглавјето за самоопределувањето на Македонскиот народ и неговата суверена и независна Република Македонија.

Искуството покажа дека речиси сите проблеми на Балканот настануваат тогаш кога политичарите се занимаваат со историја, а историчарите со политика. Некој ќе каже, Претседателе, па и овој ваш говор е посветен на историјата. Но, јас не зборувам за историјата. Јас зборувам за принципите и вредностите што се доведени во прашање поради политизацијата на историјата, и за тоа зборувам со неоспорливи историски факти. Моја должност како Претседател на Република Македонија е да ги штитам придобивките за кои се бореле и се избориле нашите предци. А тие придобивки нужно ја вклучуваат и вистината за нашето минато, како основа за нашата сегашност и иднина.

Зборувам не само како Претседател, туку и како ваш универзитетски колега. Да не дозволиме некој да ја исполитизира историската наука. Да не дозволиме некој да создава политички коректна историја. Да не дозволиме некој да ни ја ограничува академската слобода и да не цензурира.

Цензурата е дете на стравот и мајка на незнаењето. Бидејќи стравот од вистината раѓа незнаење. Тоа не е ништо друго освен страв од деконструкција на модерни национални митови создавани на наша сметка.

Пред еден милениум Самуиловата држава се соочувала со слични предизвици како и современата македонска држава – Република Македонија. Тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација, погрешно именување. Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода, или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја.

Ви благодарам.

PRM_Obrakjanje_Referendum
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Понеделник, 01 Октомври 2018

Почитувани граѓани на Република Македонија,

На вчерашниот референдум народот го отфрли Преспанскиот договор. Со негласање, народот јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус.Тивкото мнозинство одлучи. Бојкотот е гласот на оние кои се потценети и не се слушнати.

Пораката од народот е испратена до оние кои мора да ја слушнат.

Реалноста е дека референдумот не успеа. Не се обидувајте да ја измените оваа реалност. Не ја потценувајте суверената волја на македонскиот народ. Не може да се зборува за волја на мнозинството во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа.

Колку и да извртувате, не можете да ја промените реалноста. А реалноста е дека референдумот е неуспешен. Време е за одговорност пред македонскиот народ.

Поддршката за ЕУ и НАТО е колатерална штета на непопуларниот референдум. Поддршката за ЕУ и НАТО од над 80% ја сведовте на само 36,9%. Ги манипулирате и нашите граѓани, а на нашите европски и евроатлантски партнери им пласирате лажни претстави и перцепции.

Држава не се води со слободно и неовластено толкување на Уставот и законите на Република Македонија. Истовремено, очекувам набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР сериозно да ги земе предвид приговорите околу нерегуларностите на одредени избирачки места.

А на оние кои се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и непринципиелно заземаат страна им порачувам да ги почитуваат меѓународните конвенции за дипломатски односи. Не може оние кои имаат демократски дефицит да наметнуваат решенија спротивни на суверената волја на македонскиот народ.

Почитувани сограѓани,

Пред само неколку дена, од говорницата на Обединетите нации, Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп изјави дека слободата, мирот и демократијата се можни само во суверени и независни држави. Вчера, македонскиот народ ја покажа својата суверена волја. Како и францускиот претседател Макрон, така и јас верувам во силниот идентитет на секој народ, верувам во историјата и амбицијата на нашиот македонски народ.

Референдумот не е анкета. Одлуката на граѓаните обврзува. На референдумот вие граѓаните непосредно ја остварувате вашата суверена власт. Собранието таа одлука мора да ја почитува.

Затоа, им честитам на Македонскиот народ, на Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите за нивната одлука.

Почитувани,

Дозволете да се обратам и на сите граѓани на Република Македонија кои вчера излегоа и го дадоа својот глас на референдумот.

Само цврсто сплотени околу нашите државни интереси, почитувајќи го уставниот и правниот поредок може да го изодиме патот до европското и евроатлатското семејство. Немаме дилеми дека местото на Република Македонија е во ЕУ и НАТО. Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди. Само така ќе можеме да се справиме со двата големи предизвика:

Првиот предизвик се сериозни и темелни реформи во сите сегменти, бидејќи без вистински судски реформи, без правда и владеење на правото, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО.

Вториот предизвик е одново да го изградиме нашиот национален консензус за да можеме со еден глас и сплотени да настапуваме во бранењето на нашите државни интереси и остварувањето на нашите стратешки цели.

На крајот, како Претседател на Република Македонија, сакам да ве потсетам дека речиси во сите одлучувачки моменти од историјата на Македонија, народот носел мудра одлука. Наше е да ја почитуваме таа одлука. Ова треба да биде поука за сите политички партии да внимаваат што и кому ветуваат.

А како граѓанин, пак, очекувам од владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум. Сите во животот се соочуваме со порази. Некој повеќе, некој помалку. Големината на човекот е да го препознае и признае поразот.

Вчера, Република Македонија остана непоразена.

Да живее Република Македонија.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 2 од 64