Соопштенија
PRMportret2
Честитка до христијанските верници кои гo прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар
Недела, 01 Април 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и апостолски егзарх, д-р Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Почитуван д-р Стојанов,

Ми претставува особено задоволство, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам христијанскиот празник - Велигден.

За Христијаните, денот на Христовото воскресение е најголемиот и најзначајниот ден во историјата на човештвото. Празнувајќи ја победата на Исус Христос над смртта, ние со благодарност ја прифаќаме единствената жртва што може да нѐ откупи и ослободи од силата на гревот. Овој празник е и потсетување дека секој човек има непроценлива вредност и неотуѓиво човечко достоинство, што е вродено право и заемна обврска да ги почитуваме и прифаќаме нашите ближни и соседи со сите нивни разлики.

Честитајќи Ви го големиот празник, Ви посакувам Вам и на сите верници, овие велигденски празници да ги минете во духовен мир, хармонија, споделувајќи љубов во Вашите семејства.

Христос воскресна!

Честит празник и за многу години.

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret2
Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Пaсха
Петок, 30 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Пaсха, упати честитка до г-ѓа Берта Романо-Николиќ, претседател на Еврејската заедница во Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.

Почитувана г-ѓо Романо-Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам еден од најголемите еврејски празници, празникот Пасха.

Пасха го прославува ослободувањето на Евреите од египетското ропство и токму одбележувањето на овој голем празник во себе ја содржи пораката за слобода, правда и достоинство и симболизира ново раѓање и надеж.

Еврејската заедница во земјава има особен придонес во градењето и во почитувањето на општествените вредности и верските различности. Таа е нераскинлив дел од македонскиот модел на соживот кој се базира на почит и заедништво и негување на различните традиции. Нека и оваа Пасха ни биде потсетник да не дозволиме никој да посегне по нашето заедништво, достоинство и слобода.

Честитајќи Ви го, уште еднаш, празникот на слободата и на поклонението, Ви ги испраќам моите најискрени желби за мир, духовен спокој, меѓусебна доверба и пријателство.

д-р Ѓорге Иванов


priem_sisi_4
Претседателот Иванов телефонски му честита на египетскиот претседател Ал-Сиси за победата на претседателските избори
Четврток, 29 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во телефонски разговор со претседателот на Арапска Република Египет, г. Абдел Фатах Ал–Сиси, му ја честиташе победата на претседателските избори, посакувајќи му многу успех во извршувањето на одговорната функција.

Претседателот Иванов изрази уверување дека односите меѓу Република Македонија и Арапска Република Египет, ќе продолжат да се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и почитување.

Во телефонскиот разговор македонскиот претседател изрази задоволство од одличниот политички дијалог со претседателот Ал-Сиси, порачувајќи дека под негово водство се реализираше новиот период на взаемно партнерство, доверба и пријателство меѓу двете држави.

Двајцата претседатели се заложија за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи преку интензивирање на соработката во сите сфери од взаемен интерес, особено во областа на економијата и трговската размена, како и во сферата на безбедноста и разузнавањето.

Претседателот Иванов изрази надеж дека Египет под раководство на претседателот Ал-Сиси, и во иднина ќе биде земја-лидер и гарант на безбедноста, сигурноста и мирот во регионот на Северна Африка.

За време на телефонскиот разговор двајцата претседатели договорија реализација на возвратна официјална посета на претседателот Ал-Сиси на Република Македонија.

akreditivi_danska_7
Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваните амбасадори на Кралството Данска, на Големото Војводство Луксембург и на Обединетата Република Танзанија
Вторник, 27 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Данска, на Големото Војводство Луксембург и на Обединетата Република Танзанија во Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Данска за Република Македонија со седиште во Белград, Н.Е. г. Андерс Кристиан Хаугард, претседателот Иванов изрази задоволство од успешниот развој на македонско - данските односи и на соработката во разни области од заемен интерес.

Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната поддршка и помош од Кралството Данска во однос на македонската евроатланска интеграција, изразувајќи убедување дека истата ќе продолжи и во иднина. Амбасадорот на Кралството Данска, г. Хаугард изрази подготвеност за зацврстување на досегашните одлични односи со македонскиот народ преку унапредување на соработката во повеќе области.

akreditivi_luksemburg_7На средбата со новоименуваниот амбасадор на Големото Војводство Луксембург за Република Македонија со седиште во Луксембург, Н.Е. г. Кристиан Бивер, двајцата соговорници разговараа за можностите за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу двете држави, како и за динамизирање на севкупните билатерални односи и соработка.

Претседателот Иванов изрази уверување дека европската и евроатлантската интеграциска определба и во иднина ќе преставува силен мост на поврзување во односите меѓу Република Македонија и Големото Војводство Луксембург. Во таа насока амбасадорот на Големото Војводство Луксембург, г. Бивер истакна дека неговата земја силно го поддржува патот на нашата држава кон евроатлантската заедница.

akreditivi_tanzanija_7

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Обединетата Република Танзанија со седиште во Рим, Н.Е. г. Џорџ Кахема Мадафа, претседателот Иванов истакна дека и покрај географската оддалеченост меѓу двете земји, постојат можности за развој и унапредување на севкупните односи. Двајцата соговорници разменија мислења за регионални и глобални прашања, како и за изнаоѓање на најприфатливи форми за билатерална економска соработка.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

PRMsocustvo
Сочувство до Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин
Понеделник, 26 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин, по повод пожарот во сибирскиот град Кемерево.

Почитуван господине Претседателе,

Со големо жалење ја примив веста за пожарот кој изби во трговскиот центар во сибирскиот град Кемеровo и предизвика вистинска трагедија во Вашата земја. Искрено жалам за загубените животи, за човечките страдања и штетите предизвикани од оваа ужасна трагедија.

Екселенцијо, нема соодветни зборови кои ќе ја намалат Вашата и тагата на граѓаните на Русија, но дозволете ми во овие тажни моменти за Вас, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам изрази на најискрено и длабоко сочувство.

Ве молам, Ваша Екселенцијо, изразите на најискрено сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите и до целиот пријателски народ на Руската Федерација, а на повредените да им пренесете желби за брзо закрепнување.

д-р Ѓорге Иванов


PBKweb_1
Средба на претседателот Иванов со делегација на Политичкo безбедносниот комитет на Европската унија
Четврток, 22 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на Политичкo безбедносниот комитет на Европската унија, подготвително тело на Советот на Европската унија, составено од претставници на министерствата за надворешни работи на земјите членки во Брисел.

На средбата беа разменети мислења за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската унија, актуелните состојби во регионот, особено во контекст на заканите од илегална миграција, борбата против тероризмот и радикализмот, и кризниот менаџмент.

На средбата претседателот Иванов истакна дека е потребен единствен и координиран одговор на заканите но и развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци, а државите од Западен Балкан да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на ЕУ со непречен пристап до сите бази на податоци.

Според претедателот Иванов, ниту една земја од регионот нема капацитет самостојно да се справи со илегалната миграција и посочи на потребата од соодветна европска стратегија поддржана со финансиска помош, што е од витално значење за регионалната стабилност. Во тој контекст, претседателот Иванов го истакна значењето на помошта на земјите од Вишеградската група, преку присуството на нивни полициски службеници на северната и јужната граница.

На средбата беше искажан интерес за дефинирање на правна рамка за партнерство со Унијата во однос на заштита на границите, контратероризмот и кризниот менаџмент.

Претседателот Иванов на средбата рече дека интеграцијата во Европската Унија останува еден од основните надворешно - политички приоритети на Република Македонија. Според претседателот Иванов, отворањето на пристапните преговори со Европската унија ќе даде силен импулс за натамошна трансформација на македонското општество и ќе биде најдобар одговор пред предизвиците со кои се соочува земјата.

PBKweb_2

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 17 од 175