Соопштенија
KabinetPRM
Реакција од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија на соопштението на СДСМ
Четврток, 28 Јуни 2018

Ја информираме јавноста дека во Република Македонија постојат механизми за проверка на финансиското работење на државните институции.

Претседателот Иванов до сега ги почитувал и во целост ги исполнувал пропишаните законски регулативи.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и понатаму, како и досега, ќе продолжи со транспарентно и отчетно раководење со доверениот буџет, што го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на Претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема законска обврска да прифаќа дополнителни „алатки".

За нас е нејасно на кој начин може г. Роберт Поповски, министер без ресор, да наложува и бара од институцијата Кабинет на Претседател на Република Македонија да прифати вакви мерки, за кои веќе постојат механизми во Република Македонија, освен ако не се работи за популизам, што за Кабинетот на Претседателот е неприфатливо. Сметаме дека сè што треба да се направи е да се почитуваат и спроведуваат постоечките прописи.

Во контекст на ова, говори и извештајот на Центарот за економски анализи
http://cea.org.mk/wp-content/uploads/2018/06/CEA-3-6-9-i-Blueprint-Monitoring-public-finances-za-9-meseci-FINAL.pdf каде се посочува дека "софтверската алатка не функционира и нема никакви податоци после 2017 година, со што индикативно е дека фискалната транспарентност е под ризик и дека е сфатена палијативно и кампањски, а не како трајна определба како ефикасна алатка кон поголема отчетност од именуваните и избраните функционери".

Од друга страна, јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со непотпишувањето на Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата со Грција.

„Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор", изјави претседателот Иванов на 13 јуни 2018 година во обраќање до нацијата.

PRM_grb
Писмо од претседателот Иванов до Собранието на Република Македонија
Вторник, 26 Јуни 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, донесе одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година, и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.

Во продолжение, интегрално го пренесуваме писмото од претседателот Иванов до Собранието на Република Македонија:

Почитувани,

Во извршувањето на функцијата Претседател на Република Македонија секогаш постапувам одговорно и своите права и должности ги вршам врз основа и во рамките на Уставот, законите и интересите на Република Македонија.

Затоа, врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година, и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 20 јуни 2018 година.

Одлуката ја донесов поради следните причини:

1. Немам мандат да го потпишам Указот за прогласување на законот за ратификација на оваа спогодба. Еден од столбовите на мојата политика во изборната програма од 2014 година е дека „не прифаќам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот." На претседателските избори 534.910 граѓани гласаа за оваа моја изборна програма и ме избраа на функцијата Претседател на Република Македонија.

2. Спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, затоа што во нив се зборува за „разлика околу името на државата„, а не за „разлики" како што зборува оваа спогодба.

3. Спогодбата нема уставен основ и не е ратификувана во согласност со Уставот. Според член 118 од Уставот на Република Македонија меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок.

4. Законот за ратификација на спогодбата не е во согласност со член 51, член 118 и член 119 од Уставот на Република Македонија.

5. Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција. Според член 308 од Кривичниот законик, „Граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години".

Озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело.

д-р Ѓорге Иванов
Izvestuvanje_Sobranie_-_Spogodba_MK_-_GR-page-001_1
Izvestuvanje_Sobranie_-_Spogodba_MK_-_GR-page-002

prm_portret
Изјава на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов
Среда, 20 Јуни 2018
PRM
Честитика од претседателот Иванов по повод празникот Рамазан-бајрам
Петок, 15 Јуни 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Почитуван реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија да Ви упатам честитки по повод празникот Рамазан-бајрам.

Рамазан е време на пост, солидарност, добрина и простување. Овие моменти се потсетник на основните човекови вредности, потсетник дека треба да си помагаме едни со други и да се воздржуваме од лоши мисли, a толеранцијата да биде мост меѓу сите граѓани во нашата држава.

Македонија секогаш била пример за соживот, почит и разбирање. Дозволете ми овој ден да повикам на слога и заедништво, бидејќи само заедно, искрени и сплотени ќе може да создаваме дела на кои ќе се гордеат идните генерации.

Во духот на празникот, Ви упатувам честитки со желби за лична среќа и духовен мир, а на сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам благосостојба, љубов и бериќет.

 Честит Бајрам – Бајрам Мубарек!

                                                                       д-р Ѓорге Иванов

PRM_Polski_ambasador_01
Проштална средба со амбасадорот на Република Полска, Н.Е. г. Јацек Мултановски
Вторник, 12 Јуни 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Полска, Н.Е. г. Јацек Мултановски.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во двете земји, случувањата на регионално и глобално ниво, како и за клучните предизвици со кои земјите се соочуваат во надминувањето на актуелните состојби.

Билатералните односи меѓу двете земји се пријателски и бележат континуиран позитивен развој, оценија двајцата соговорници.

Македонскиот претседател изрази благодарност за поддршката што Република Полска ѝ ја дава на Република Македонија во остварувањето на највисоките стратешки цели, полноправно членство во Европската унија и во НАТО.

Во однос на натамошната соработка, претседателот Иванов го истакна интересот и подготвеноста за интензивирање и унапредување на севкупните односи со Република Полска, со акцент на трговската и економската соработка.

Амбасадорот Мултановски се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат, изразувајќи задоволство од вршењето на дипломатската должност во Република Македонија.

Претседателот Иванов изрази задоволство од професионалниот ангажман на амбасадорот Мултановски и неговиот придонес во успешниот развој на пријателските односи и соработка меѓу Република Македонија и Република Полска, притоа посакувајќи му натамошен успех на личен и професионален план.

PRM_grb
Став од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија
Вторник, 12 Јуни 2018

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оценува дека вчерашната изјава на претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев, дадена во емисијата „Топ Тема", дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО и зголеми внатрешните опасности претставува очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување.

Стратешките определби на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО се јасно дефинирани и непроменети. Зачувувањето на уставното име и изнаоѓањето на решение кое нема да предизвика уставни промени, во никој случај не е насочено против интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Склучувањето на меѓународен договор содржан во еден или повеќе поврзани меѓусебни документи треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена.

Во врска со повикот на премиерот Заев за поддршка на евентуалниот договор од страна на сите политички чинители, претседателот Иванов уште еднаш укажува дека е потребен широк национален консензус за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните.

Претседателот Иванов смета дека е несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните на Република Македонија, и наметнати технички барања, да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави.

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 13 од 175