Соопштенија
Katar-amb
Проштална средба со г. Хасан Бин Абдула Заид-Ал Махмуд, амбасадор на Државата Катар во Република Македонија
Среда, 06 Јуни 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Државата Катар во Република Македонија, Н.Е. г. Хасан Бин Абдула Заид-Ал Махмуд.

На средбата претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи, преку размената на посети на највисоко ниво и реализација на повеќе иницијативи. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во двете земји, како и за можностите за интензивирање на соработката во сите сфери од заемен интерес, особено во сферата на економијата.

Претседателот Иванов се заблагодари за севкупниот ангажман на амбасадорот Хасан Бин Абдула Заид-Ал Махмуд, како прв резидентен амбасадор на Државата Катар во Република Македонија и за неговиот придонес во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји и му посака успех во натамошната работа.

PRM_grb
Став од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија
Петок, 01 Јуни 2018

Во недостиг на клучни документи, а со цел обезбедување на поширок консензус за прашањето за името, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов го охрабрува претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев да ги достави предлогот за водење на преговори со уставна основа, нацртот на договорот, како и ставовите на делегацијата во водењето на преговорите.

Ставот на претседателот Иванов дека не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес е основен непроменлив принцип, што е во согласност со утврдената правна рамка за водење на разговорите за разликата околу името во рамките на Обединетите нации и во никој случај не е насочен против интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и во НАТО.

Претседателот Иванов укажува на потребата од постигнување на национален консензус за надминување на разликата околу името и изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните.

KabinetPRM
Средба на претседателот Иванов со министерот за надворешни работи, г. Никола Димитров
Четврток, 31 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Никола Димитров, министер за надворешни работи на Република Македонија.

На средбата, министерот Димитров усно информираше за последните случувања поврзани со разговорите за прашањето за разликата околу името, без притоа да приложи каков било писмен документ.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека непридржувајќи се кон законските одредби за склучување на меѓународни договори, целиот процес наликува на личен договор меѓу двајцата премиери.

„Целиот процес наликува на личен договор меѓу премиерот Заев и премиерот Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија. Мојот став е дека не прифаќам решение за прашањето за името за севкупна употреба, или ерга омнес", рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов подвлече дека склучување на меѓународен договор треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена.

SriLanka1
Предавање акредитивни писма на новоименуваниот амбасадор на Шри Ланка за Република Македонија
Среда, 30 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Демократска Социјалистичка Република Шри Ланка за Република Македонија, со седиште во Берлин, Н.Е. г. Карунасена Хетиарачи.

Претседателот Иванов подвлече дека дипломатските односи меѓу двете држави се воспоставени пред две децении и дека треба во иднина да се интензивираат меѓусебниот политички дијалог и економската соработка во сите полиња, за што е потребна институционална поддршка.

Амбасадорот Хетиарачи изрази уверување дека ќе се разгледаат можностите за унапредување на трговската размена меѓу двете земји, со цел да се воспостави долгорочно партнерство кое ќе доведе до нови содржини на соработка во повеќе области од заеднички интерес.

Претседателот Иванов на новоименуваниот амбасадор на Шри Ланка му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

SriLanka2

PRM-portret
Честитка по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј
Четврток, 24 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај - Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

Почитувани сограѓани,

Дозволете ми да Ви го честитам државниот празник, 24 Мај - Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

Одбележувајќи го овој голем ден, ние се поклонуваме пред ликот и делото на светите браќа Константин-Кирил и Методиј. Создавајќи ја и проширувајќи ја глаголицата од Македонија, Кирил и Методиј старословенскиот јазик го трансформираа во првиот пишан јазик на словенските земји на кој е преведено Светото писмо и на кој христијанството се прошири меѓу Словените. Со тоа, тие всушност создадоа единствен комуникациски код што им овозможи на словенските народи рамноправно да се интегрираат во заедничкиот европски духовен, културен и политички простор. Нивните ученици станаа учители на целото словенство и нераздвоен дел од Европа. Она што старословенскиот беше за словенството, тоа е современиот македонски јазик за нашето мултиетничко македонско општество – заеднички јазик кој овозможува рамноправна интеграција без асимилација на сите нејзини членови.

Делото на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј, треба да биде наша водилка во градењето на општество достојно на вредностите кои тие ни ги оставија. Да бидеме горди на нивното наследство, да си го чуваме и почитуваме сопствениот јазик и сопствената култура.

Нека е вечно нивното име и нека ни е за многу години големиот празник Свети Кирил и Методиј!

д-р Ѓорге Иванов

PRM_Palmer
Средба на претседателот Иванов со г. Метју Палмер, заменик-помошник секретар во Стејт Департментот на САД
Среда, 23 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Метју Палмер, заменик-помошник секретар во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави.

Македонскиот претседател изрази очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Република Македонија - интеграцијата во евроатлантските структури, НАТО и ЕУ, добрососедските односи и регионалната соработка.

„Република Македонија останува целосно посветена на исполнување на политичките критериуми за членство во НАТО и Европската унија. Процесите на интеграција се клучни за стабилноста и благосостојбата на земјата и се во интерес на целиот регион", порача македонскиот претседател.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во Република Македонија како и за тековните случувања во процесот на разговорите за надминување на разликата околу името.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ќе продолжи конструктивно да учествува во разговорите, но дека процесот мора да остане во рамката утврдена од страна на Обединетите нации. На средбата со г. Палмер, претседателот Иванов уште еднаш ја истакна потребата за почитување на обврските од Уставот и законите со цел информирање за текот на разговорите и посочи дека очекува да му биде одговорено на барањето за достава на предлог-пакетот за решавање на спорот и белешките од паралелните разговори помеѓу министрите за надворешни работи и премиерите на двете земји.

Двајцата соговорници се согласија за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД.

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 14 од 175