Соопштенија
Putin
Честитка до г. Владимир Путин по повод повторниот избор на функцијата Претседател на Руската Федерација
Вторник, 20 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Н.Е. г. Владимир Путин по повод повторниот избор на функцијата Претседател на Руската Федерација.

Почитуван господине Претседател,

По повод Вашиот реизбор на функцијата Претседател на Руската Федерација, дозволете ми од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам најискрени честитки и да Ви посакам многу успех во продолжувањето на извршувањето на важните и одговорни должности на оваа позиција.

Ја користам оваа свечена пригода, уште еднаш, да го изразам задоволството од досегашниот успешен развој на билатералните односи и од соработката меѓу Република Македонија и Руската Федерација за што и Вие имате несомнена заслуга. Духовната и културната традиција меѓу нашите народи се добар потенцијал за соработка што стана реалност благодарение на долгогодишните заложби и посветеност на властите од двете земји.

Убеден сум дека односите и во иднина ќе продолжат да се развиваат во духот на воспоставеното пријателство, меѓусебното разбирање и заемното почитување. Верувам дека со заемни ангажмани и во наредниот период ќе продолжи да јакне севкупната соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација во сите сфери од заемен интерес, посебно во економскиот и енергетскиот сектор, културата и туризмот.

Повторувајќи ги моите срдечни честитки и желби за натамошна успешна работа и лична среќа, Ве молам, господине Претседателе, примете ги изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

XiJinping
Честитка до г. Си Џинпинг по повод повторниот избор на функцијата Претседател на Народна Република Кина
Вторник, 20 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Н.Е. г. Си Џинпинг по повод повторниот избор на функцијата Претседател на Народна Република Кина.

Почитуван господине Претседател,

Ми причинува особено задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија, да Ви го честитам успешното одржување на 13-тиот Национален конгрес на Народна Република Кина, донесувањето на новиот Устав и Вашиот повторен избор за претседател.

Дозволете да го изразам моето длабоко почитување за Вашето досегашно успешно и мудро водство на Народна Република Кина, која е една од водечките економии во светот и исклучително важен фактор во меѓународната политка. Верувам дека со Вашето натамошно водство Кина ќе продолжи да се развива по зацртаниот пат на „социјализмот со кинески карактеристики" и остварувањето на „кинескиот сон".

Ви посакувам успех во натамошната реализација на Вашата визија за препородот на Кина и за иницијативите „Еден појас, еден пат" и „16+1". Република Македонија смета дека овие иницијативи придонесуваат кон мирот, просперитетот, отвореноста, иновацијата и поврзувањето меѓу цивилизациите, а врз принципите на соработката и почитувањето на територијалниот, политичкиот и културниот интегритет. Помагајќи во градењето на нова инфраструктура, Народна Република Кина придонесува да се менува географијата, а со тоа и иднината.

Убеден сум, Ваша Екселенцијо, дека со заеднички заложби ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на севкупните, традиционално пријателски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, кои оваа година одбележуваат 25-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи. Постои уште неискористен потенцијал за соработка на полето на економијата, енергетиката, инфраструктурата, информатичките технологии, образованието, туризмот и културата воопшто.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, почитуван Претседателе, изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов

MNR_HRVATSKA
Средба со г-а Марија Пејчиновиќ Буриќ, заменик претседател на Владата и Министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска
Вторник, 13 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-а Марија Пејчиновиќ Буриќ, заменик претседател на Владата и Министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска.

Двајцата соговорници констатираа дека двете земји имаат пријателски односи со висок степен на меѓусебна доверба и заеднички заложби за унапредување на регионалната соработка, мир и стабилност во регионот.

На средбата беа разменети мислења за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, како и за актуелните состојби во однос на исполнување на стратешките цели на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО.

Претседателот Иванов се заблагодари за отворената поддршка од Република Хрватска за евроинтеграцискиот процес на Република Македонија и оцени дека новата Стратегија за проширување на Европската комисија е позитивен сигнал за преземање на одлучувачки чекори за Република Македонија и определување на датум за почеток на преговори за членство на Советот на ЕУ во јуни. Во таа насока, претседателот Иванов се заблагодари за конструктивниот став на Хрватска дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.

Македонскиот претседател посочи дека двете земји треба да се фокусираат на проекти од значење за економскиот развој и изрази очекување дека успешната и континуирана соработка во одбраната, како и соработката за справување со мигрантската криза, ќе продолжат и во иднина.

Во насока на интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво, претседателот Иванов изрази задоволство од претстојната официјална посета на претседателот на Република Хрватска, г-а Колинда Грабар Китаровиќ на Република Македонија и нејзиното учество на состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи на 28 април во Скопје. Процесот Брдо-Бриони, потенцираше претседателот Иванов, е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.

bosanski_premier_8
Средба со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, г. Денис Звиздиќ
Понеделник, 12 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, г. Денис Звиздиќ.

Двајцата соговорници оценија дека двете држави ги карактеризираат традиционално пријателски односи и идентични ставови во однос на унапредување на меѓународната и соработката во регионалните иницијативи.

На средбата беа разменети мислења околу состојбите во регионот и актуелните политички случувања во двете држави и беа потврдени заложбите за целосна интеграција во Европската Унија и во НАТО.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија во континуитет го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина и нејзините напори за интеграција во ЕУ.

„Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Треба да се искористи моментумот, кога ЕУ конечно го посветува потребното внимание кон државите од Западниот Балкан, за сите да напредуваме во интеграцискиот процес", порача на средбата претседателот Иванов.

Соговорниците разменија информации за претстојниот состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони чиј домаќин ќе биде Република Македонија, при што претседателот Иванов истакна дека овој состанок ќе биде одлична можност за продлабочена и структурирана дискусија за интензивирање на евроинтеграциите на Западен Балкан и справување со предизвиците на регионално ниво.

Македонскиот претседател изрази задоволство од унапредувањето на договорната состојба меѓу двете држави и го поздрави потпишувањето на Спогодбата за патување на граѓаните од двете земји со биометриски лични карти.

На средбата беше искажана подготвеност за натамошно продлабочување на севкупните билатерални односи и беше посочена потребата од подобрување на инфраструктурното поврзување меѓу двете земји и интензивирање на економската соработка, што не соодветствува со реалните можности и капацитети.

junker
Средба со претседателот на Европската комисија, г. Жан Клод Јункер
Недела, 25 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Европската комисија, г. Жан Клод Јункер.

На средбата беше разговарано за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на евроатлантските интеграции, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат регионот и Европската Унија.

Претседателот Иванов изрази благодарност за поддршката на претседателот на ЕК, г. Јункер за европската перспектива на Република Македонија, која претставува највисока стратешка надворешно-политичка цел, како и за неговата заложба за зајакнување на европскиот ангажман на Балканот како инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа.

„Ја поздравуваме подготвеноста од Европската Комисија за обновување на препораката врз основа на исполнетите критериуми од наша страна", рече претседателот Иванов, дополнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси, преку соодветното вреднување на нашиот напредок, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија.

Македонскиот претседател ја нагласи неопходноста од фер и објективен пристап за Република Македонија, во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.

Во таа насока, претседателот Иванов позитивно ја оцени Стратегијата за Западен Балкан, промовирана од страна на г. Јункер и истакна дека со документот којшто претставува јасна порака во кој се изразуваат очекувањата од кандидатите за членство во ЕУ, уште еднаш се потврдува европската иднина на регионот.

Во однос на добрососедските односи, претседателот Иванов ги реафирмираше македонските напори за унапредување на односите со сите соседи и за поголема регионалната соработка, со цел стабилен, безбеден и просперитетен регион. Во тој контекст, македонскиот претседател порача дека изјавите на одредени политички лидери од регионот влијаат дестабилизирачки, не помагаат кон градење на добрососедски односи во регионот и не се европски.
junker_1

brifing_NGS_4
Брифинг за борбената готовност на АРМ за 2017 година
Петок, 23 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска беше информиран за борбената готовност на Армијата на Република Македонија од страна на Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.

Брифингот за борбената готовност е редовна обврска на Началникот на Генералштабот на АРМ кон Претседателот на Република Македонија.

Претседателот Иванов беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во АРМ во изминатата година врз основа на извршената целосна и објективна анализа на Генералштабот за 2017 година, факторите и елементите кои влијаат на борбената готовност на АРМ, како и предлози и мерки за подобрување на степенот на борбената готовност на АРМ на повисоко рамниште во 2018 година.

На брифингот беа опфатени клучните функционални области кои влијаат на борбената готовност.

На брифингот генерал-потполковник Величковски посочи на клучните задачи и проекти кои ја одбележаа измината, јубилејна година за АРМ. Исто така, беа посочени приоритетите и мерките кои треба да се превземат во следната 2018 година.

На брифингот беше заклучено дека и покрај објективните потешкотии и ограничени расположиви ресурси, АРМ успешно ја извршуваше својата мисија и сите поставени задачи, при што борбената готовност со големи напори и залагање на персоналот беше на потребното рамниште.

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 18 од 175