Соопштенија
prm_vlasi
Честитка од претседателот Иванов по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите
Среда, 23 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија, по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите.

Почитувани сограѓани,

По повод Националниот ден на Власите, 23 Мај, дозволете ми, вам, на припадниците на влашката заедница во Република Македонија да ви го честитам големиот празник.

Овој значаен празник е потсетување на вековниот стремеж на Власите за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција. На овој ден, 23 Мај 1905 година, Османлиската Империја донесе Ираде со кое само беше призната реалноста дека Власите се посебен народ со свој јазик, култура и идентитет. Со тоа се отвори ново поглавје во долгата и исклучително богата историја на Влашкиот народ. Таа историја сведочи за едно нешто. А тоа е дека Власите и како народ, но и како поединци имале голема улога во борбата за слобода, државност и независност на Република Македонија.

Припадниците на влашката заедница се дел од сите сфери на општественото живеење, со што даваат препознатлив придонес во целокупниот развој на Република Македонија. Исклучително одговорниот однос на Власите кон својата држава Република Македонија и кон своите сограѓани од другите етнички заедници може да послужи како пример за градење и за негување на меѓусебна доверба. Таквата доверба е потреба на секој поединец и претставува врзивно ткиво на целото македонско мултиетничко општество. Обврска на Република Македонија е да продолжи да го чува, развива и промовира етничкиот, јазичниот и културниот идентитет на Власите во духот на европските вредности.

Честитајќи ви го денешниот празник, дозволете ми да го изразам своето уверување дека со заеднички напори ќе продолжиме да работиме во интерес на Република Македонија, градејќи подобра и посветла иднина за сите граѓани.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_grb
Претседателот Иванов ја прифаќа поканата за информативна средба иницирана од премиерот
Петок, 18 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, имајќи ги предвид важноста на прашањето за името и државните интереси на Република Македонија, ја прифаќа поканата за информативна средба, иницирана од г. Зоран Заев, Претседател на Владата на Република Македонија, закажана за утре,19 мај 2018 година.

Информираме дека до денеска, 18 мај 2018 година, до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија не се доставени целосни одговори на барањата упатени на 29 март 2018 година, вклучително и нацрт-текстот на билатералната спогодба за надминување на разликата околу името, доставен од Министерството за надворешни работи на Република Грција.

Сметаме дека на тој начин се врши селективно информирање на македонскиот претседател.

Претседателот Иванов на утрешната средба очекува да биде информиран за суштината и за деталите од разговорите во процесот за надминување на разликата околу името.

Kuchan
Средба со г. Милан Кучан, поранешен претседател на Република Словенија
Среда, 16 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Милан Кучан, поранешен претседател на Република Словенија, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата двајцата соговорници разменија мислења за севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Словенија, состојбите во двете земји и актуелните случувања во регионот.

Македонскиот претседател изрази благодарност за досегашната отворена и безрезервна поддршка од Република Словенија во однос на македонските аспирации за членство во Европската унија и во НАТО, потенцирајќи дека Република Македонија во Република Словенија секогаш гледа искрен пријател и партнер. Република Словенија ја покажа својата солидарност кон Република Македонија и за време на мигрантската криза.

Во таа насока, претседателот Иванов изрази очекување дека и во периодот кој следи ќе продолжи соработката меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес, на планот на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, како и во рамки на регионалните иницијативи.

Поранешниот претседател Кучан истакна дека Европската Унија мора да има активна улога и да ја отстрани пречката што Грција ја поставува на патот на македонските евроинтеграции.

„Со европските реформи, Република Македонија си го заврши својот дел од работата, останува на Европската Унија да го заврши својот дел од работата", подвлече поранешниот словенечки претседател.

PRM
Честитка од претседателот Иванов по повод почетокот на рамазанските пости
Вторник, 15 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод почетокот на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Почитуван Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи,

Дозволете ми, Вам лично и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви упатам честитки по повод почетокот на рамазанските пости.

Во исламот, Рамазан е светиот месец, тоа е месец на молитва, добрина, простување, милосрдие и љубов. За време на Рамазан се слави духовното воздигнување и телесното прочистување.

Деновите на пост се можност за секој верник да го отвори своето срце кон великодушноста и хуманоста, помагајќи им на сиромашните и изнемоштените, и молејќи се за простување на своите гревови.

Нека овој празник биде поттик за меѓусебно помагање и почитување бидејќи само заедно, почитувајќи ги разликите ќе успееме да изградиме посветла иднина за сите граѓани на Република Македонија.

Во духот на празникот Ви посакувам лесни рамазански пости. На сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам мир, благосостојба, љубов и проштавање.

д-р Ѓорге Иванов

Donald_Tusk
Честитка до г. Доналд Туск, Претседател на Европскиот совет, по повод 9 Mај - Денот на Европа
Среда, 09 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 9 Mај, Денот на Европа, упати честитка до г. Доналд Туск, Претседател на Европскиот совет.

Ваша Екселенцијо,

Дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод 9 Мај – Денот на Европа.

Пред сè, би сакал да Ви се заблагодарам за Вашето учество на Состанокот на лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони во Скопје. Со тоа пративте позитивна и охрабрувачка порака за европската иднина на секоја земја од регионот.

„Европа не е само континент, таа, исто така, е идеја. Оваа идеја се нарекува слобода", рече големиот Eвропеец Куденхов Калерги. Со приближувањето кон европското семејство, ние го движиме македонското општество кон слободниот проток на луѓе, капитал, стоки, услуги и идеи. Приближувањето кон Унијата нè мотивира доброволно да се трансформираме и реформираме за доброто на македонските граѓани. Република Македонија е подготвена, веднаш и неодложно да ја започне следната фаза од интеграцијата во Европската Унија, што впрочем беше потврдено и со последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и безусловната препорака за давање датум за почеток на преговорите за членство. Членството за нас е и право, но и обврска, исто како што кредибилната европска перспектива на Западниот Балкан е обврска за Европската Унија. Како држава остануваме доследни во исполнувањето на преземената обврска за спроведување на одлуката на Европската Унија да го држиме затворен Балканскиот мигрантски коридор.

Ве повикувам да ја искористите веќе потврдената позитивна практика на паралелни процеси на евроинтеграција и на надминување на отворените билатерални прашања и во случајот со Република Македонија. Со добра волја и желба за стабилен и напреден регион, можни се заемно прифатливи и одржливи решенија во согласност со меѓународното право и почитувањето на правото на самоидентификација и човечко достоинство.

Со такво очекување и со желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам господине Претседателе и драг пријателе, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_Ivanov_PRB_Radev
Средба со претседателот на Република Бугарија г. Румен Радев
Недела, 06 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Дојран оствари средба со претседателот на Република Бугарија г. Румен Радев, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за продлабочување на одличните билатерални односи преку јакнење на политичкиот дијалог, за интегративните процеси на Република Македонија и беа разменети мислења за актуелните предизвици во регионот и во Европската Унија.

Претседателот Иванов изрази надеж дека Република Бугарија како актуелен претседавач со Европската Унија, по добиената позитивна препорака од Европската Комисија, ќе продолжи да ги поддржува македонските интегративни процеси, особено за одредување на датум за отпочнување на пристапните преговори.

„Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, по Процесот Брдо-Бриони, ќе биде одлична можност уште еднаш да се потврди европската перспектива за целосната интеграција на земјите од Западен Балкан, бидејќи само на тој начин се гарантира мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, кој сè уште е подложен на безбедносни и геостратешки предизвици", рече македонскиот претседател.

Бугарскиот претседател изрази задоволство од учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија на воената парада во Софија.

Претседателот Иванов и претседателот Радев разговараа и за унапредување на безбедносната и армиската соработка и разменија мислења за активности насочени кон справување со предизвиците од илегалната миграција, тероризмот и насилниот екстремизам.

На средбата, двајцата претседатели ја реафирмираа заемната посветеност за конструктивно унапредување на севкупните пријателски односи меѓу двете земји и во тој контекст изразија задоволство од континуираниот политички дијалог на највисоко ниво. Претседателот Иванов на покана на претседателот Радев ќе престојува во возвратна официјална посета на Република Бугарија во месец јуни оваа година.

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 15 од 175