Соопштенија
PRMportret
Писмо со сочувство до Претседателот на САД, г. Доналд Трамп
Петок, 16 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод масакрот во училиштето во Флорида, упати писмо со сочувство до г. Доналд Трамп, Претседател на Соединетите Американски Држави.

Почитуван господине Претседател,

Со голем шок и длабока потресеност ја примив веста за масакрот во училиштето во Флорида. Без оглед на тоа каде живееме, ваквата трагична загуба на невини млади животи е уште еден потсетник дека мора да останеме заедно и силни во име на човечноста и да направиме сè за добросостојбата на нашите деца. Училиштата се простор каде, ослободени од стравот, младите ќе можат да ја развиваат љубовта кон животот, слободата на умот и солидарсноста кон општеството. Насилството не смее да има место во училиштата.

Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да изразам искрено и длабоко сочувство. Нашите мисли и молитви се со семејствата кои ги изгубија нивните сакани.

Ве молам господине Претседател, изразите на длабоко сочуство и солидарност да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

visegradska_grupa
Традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите од Вишеградската група
Четврток, 15 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Унгарија, Н.Е. г. Ласло Иштван Дукс, амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. г. Хенрик Маркуш, амбасадорот на Република Полска, Н.Е. г. Јацек Мултановски и амбасадорот на Чешката Република Н.Е. г. Мирослав Томан.

Претседателот Иванов и амбасадорите разговараа за натамошното продлабочување на билатералните односи и соработката, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат Европската Унија и континентот Европа.

Соговорниците констатираа дека земјите имаат воспоставено одлични билатерални односи и континуиран политички дијалог кои се базираат на искрено пријателство, меѓусебна почит и взаемно разбирање.

Претседателот Иванов го истакна големото значење на досегашната принципиелна и отворена поддршка од Вишеградската група во однос на евроатлантските интеграции на Република Македонија, која е од исклучителна важност за исполнувањето на нашите стратешки цели и приоритети.

Во тој контекст, македонскиот претседател ја нагласи неопходноста од фер третман за Република Македонија во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.

„Република Македонија останува посветена на патот кон целосна интеграција во Европската Унија и во НАТО и на тој план очекуваме вашата политика на отворени-врати да помогне во соодветното вреднување на нашиот напредок", порача македонскиот претседател.

Взаемното соочување со предизвиците од мигрантската и бегалската криза, претседателот Иванов го истакна како позитивен пример на соработка меѓу земја-кандидат за членство и земји-членки на Европската Унија и се заблагодари за помошта во опрема и во полициски сили од земјите на Вишеградската група.

Амбасадорите ги поздравија напорите на Република Македонија за што поскоро зачленување во ЕУ и во НАТО и изразија уверување дека земјите од Вишеградската група ќе продолжат со поддршката на европските и евроатлантските аспирации на нашата земја.

На средбата беа разгледани и можности за идни активности во економската сфера со цел продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу Република Македонија и земјите на Вишеградската група.

akreditivi_slovacka_14
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Словачката Република во Република Македонија
Петок, 09 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Словачката Република во Република Македонија, Н.Е. г. Хенрик Маркуш.

На средбата со амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. г. Хенрик Маркуш, претседателот Иванов изрази задоволство од успешниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Словачката Република кој се одразува со соработката во многу области од заемен интерес, а се заснова на меѓусебно пријателство и почит.

Претседателот Иванов го истакна големото значење на досегашната поддршка од Словачката Република која и преку форматот Вишеградска група дава конкретна помош и поддршка за европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија изразувајќи длабоко уверување дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

„Република Македонија заслужува да ги отпочне преговорите за пристапување во Европската Унија и да ја добие поканата за членство во НАТО без натамошно одложување. Подготвени сме да придонесеме во изградбата на нашата заедничка иднина во Европа, ширејќи ја нашата визија за отворен пристап кон европските партнери, заснован на определбата за пријателство, конструктивна соработка, меѓусебно почитување и искрен приод во односите," рече македонскиот претседател.

Амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. г. Маркуш, истакна дека двете земји уште од времето на Св. Кирил и Методи ги врзуваат духовни и културни врски кои се солидна основа за нивно понатамошно развивање. Тој ги истакна истите стратешки цели во поглед на надворешната политика на двете земји - европската и евроатлантската интеграција и порача дека Словачка ќе даде се од себе да ѝ помогне на Македонија да го постигне заслужениот напредок во блиска иднина.

Претседателот Иванов на новоименуваниот амбасадор му честиташе за функцијата и му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

PRM_-_Sojuz_Makedon
Средба со Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија - „Македон“
Четврток, 08 Февруари 2018
Zbogar
Амбасадорот Жбогар ја претстави Стратегијата за западен Балкан пред претседателот Иванов
Вторник, 06 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими шефот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.

На средбата амбасадорот Жбогар пред претседателот Иванов ја претстави Стратегијата за западен Балкан и клучните аспекти во документот. Стратегијата претставува јасна порака со која се изразуваат одредени очекувања од земјите од западен Балкан, но и верба, дека истите можат да се исполнат, со што би одговориле на предизвикот за добивање на покана за полноправно членство во ЕУ до 2025 година.

Претседателот Иванов изрази задоволство од објавувањето на Стратегијата за западен Балкан, оценувајќи дека со документот уште еднаш се потврдува европската иднина на регионот.

На средбата претседателот Иванов го повтори очекувањето Република Македонија да добие датум за отпочнување на преговорите за полноправно членство во Европската унија, што ќе даде дополнителен мотив за продолжување на реформскиот процес во земјата.

Muinieks-web
Средба на претседателот Иванов со Комесарот за човекови права на Советот на Европа, г. Нилс Муижниекс
Четврток, 01 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Комесарот за човекови права на Советот на Европа, г. Нилс Муижниекс.

На средбата беа разменети мислења за тековните реформски процеси во Република Македонија, владеењето на правото и состојбите од аспект на почитување на човековите права.

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија негува највисоки стандарди во заштитата на човековите права и правата на заедниците, оценувајќи дека како унитарна држава со мултиетничко општетство, таа е најпозитивниот пример во регионот со својот модел на почитување на различностите.

Исто така, на средбата беа разменети мислења и за новиот Закон за употреба на јазиците, при што македонскиот претседател ги повтори аргументите поврзани со неговата одлука да не го потпише указот за негово прогласување.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека Република Македонија има активна улога и дава суштински придонес во работата на Советот на Европа во насока на промовирање на свеста и почитување на човековите права и е целосно посветена на исполнување на стандардите содржани во Европската конвенција за човекови права.

„Република Македонија останува цврсто определена за натамошна промоција на дефинираните стандарди за човековите права на меѓународно ниво и ќе соработува со земјите-членки на Советот на Европа во отворена и конструктивна атмосфера, со цел исполнување на целите и приоритетите", порача македонскиот претседател.

Претседателот Иванов ја изрази подготвеноста на Република Македонија да ja продолжи блиската соработка со Канцеларијата на новиот комесар за човекови права на Советот на Европа.

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 19 од 175