Претседателот Иванов телефонски му честита на египетскиот претседател Ал-Сиси за победата на претседателските избори
Четврток, 29 Март 2018   

priem_sisi_4Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во телефонски разговор со претседателот на Арапска Република Египет, г. Абдел Фатах Ал–Сиси, му ја честиташе победата на претседателските избори, посакувајќи му многу успех во извршувањето на одговорната функција.

Претседателот Иванов изрази уверување дека односите меѓу Република Македонија и Арапска Република Египет, ќе продолжат да се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и почитување.

Во телефонскиот разговор македонскиот претседател изрази задоволство од одличниот политички дијалог со претседателот Ал-Сиси, порачувајќи дека под негово водство се реализираше новиот период на взаемно партнерство, доверба и пријателство меѓу двете држави.

Двајцата претседатели се заложија за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи преку интензивирање на соработката во сите сфери од взаемен интерес, особено во областа на економијата и трговската размена, како и во сферата на безбедноста и разузнавањето.

Претседателот Иванов изрази надеж дека Египет под раководство на претседателот Ал-Сиси, и во иднина ќе биде земја-лидер и гарант на безбедноста, сигурноста и мирот во регионот на Северна Африка.

За време на телефонскиот разговор двајцата претседатели договорија реализација на возвратна официјална посета на претседателот Ал-Сиси на Република Македонија.

  Back<<Назад