Говори и обраќања
Обраќање на Претседателот Иванов на конференцијата 20 години по обединувањето на Германија: лекции за обединета Европа на Фондацијата Конрад Аденауер
Четврток, 10 Јуни 2010

Почитувани,
Дами и господа,
Ми претставува голема привилегија и чест во ова поздравно обраќање на меѓународната конференција да зборувам на темата која е достојна на големото име Аденауер. Тема која е визионерска затоа што преку навраќање на обединувањето на Германија ни овозможува да погледнеме во иднината.
Според многумина, на 9 ноември 1989 година заврши XX век. Тоа беше крај на најкраткиот век во човековата историја. XX век според многумина почна 1914 година, кога со еден испукан куршум во Сараево се срушија три империи, и беше вовед во Првата и Втората светска војна. По Втората светска војна почна Студената војна која симболично заврши со падот на Берлинскиот ѕид, на 9 ноември 1989 година.
Почитувани,
Паѓањето на Берлинскиот ѕид и на Железната завеса беа прв чекор во насока на остварување на визијата за обединета Европа. Берлинскиот ѕид не беше само физичка препрека од жици и бетон која ја спречуваше слободата на движење. Берлинскиот ѕид пред се беше ментална бариера која не спречуваше да ја гледаме Европа како наш заеднички дом.
Во меѓупериодот од крајот на 20 век, на 9.11.1989 година, и почетокот на 21 век кој симболично започна на 11.9.2001 година, се случија значајни настани. Се случи обединувањето на Германија. Голем дел од земјите од зад “железната завеса“ ги прифатија западните вредности – човековите права, владеењето на правото, слободниот пазар, трасирајќи го патот за полноправно членство во НАТО и ЕУ.
Се прошири зоната на мирот, безбедноста и стабилноста во Централна и Источна Европа. Но, за жал, тоа не се прошири кон Балканот. Напротив, се разгореа воените конфликти на просторите на поранешна Југославија.
Илјадниците жртви и раселените лица покажаа дека трагедијата во европската историја не беше завршена. Падна Берлинскиот ѕид, но се изгради и нов ѕид - Шенгенскиот. Денес и оваа препрека е надмината за Македонија благодарение на визната либерализација. Затоа, ги поздравувам сите институции на нашата држава и на ЕУ кои неуморно работеа овој ѕид конечно да падне за нашите граѓани.
Се покажа дека на најстариот континент насушно му е потребен духот на визионерите и татковците на Нова Европа. И тогаш и сега неопходно потребни се Роберт Шуман, Жан Моне, Конрад Аденауер, и сите други градители на визијата за обединета Европа. Оваа визија, како конецот на Аријадне, не водеше низ лавиринтот на Железната завеса. А зад ѕидовите на лавиринтот се наоѓа отворениот простор, кој е изворот на европската сила и темелот на европскиот успех.
Почитувани,
Искуствата од минатото укажуваат дека нашиот регион опстојувал во мир тогаш кога бил на отворен простор. Денес, повеќе од било кога, на нашиот регион му е потребно она што се нарекува Пакс Еуропеана, европски мир, кој подразбира Европа како отворен простор во кој има слобода на движење на луѓе, идеи, капитал и производи. Отворен простор во кој секоја економија може да расте и да се шири. Каде што има толеранција и славење на различностите, каде секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет. Како отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Затоа, денес, за сите нас неопходно е правилно да се сфатат световите на различностите.
Почитувани,
Македонија може да придонесе за остварување на визијата за Пакс Еуропеана преку градење и промовирање на македонскиот модел на инклузивна демократија. Македонија како мултиетничка и мултиконфесионална средина, со текот на времето создаде еден специфичен модел на соживот.
Инклузивниот модел како начин на заедничко носење на одлуки во Република Македонија е реалност. Во Македонија етничките и националните заедници ги уживаат сите права и слободи познати на денешницата. Тоа е  еден од темелите на нашата безбедност, стабилност и економски просперитет, бидејќи создава поволни услови за градење на внатрешен мир, но и доверба со соседите. Впрочем, убеден сум дека македонскиот модел е моделот на иднината. Сигурен сум дека помладите генерации ќе можат да бидат сведоци на мојата теза.
Затоа, подготвени сме да ги споделиме македонските искуства и придобивки со сите.  Да ги споделиме со нашите соседи но и со Европската унија кон која се стремиме.
Почитувани,
Охрабрувачки е фактот што на нашиот пат кон ЕУ можеме да сметаме на поддршката од Сојузната Република Германија.  Во времето кога и самата се соочуваше со големиот предизвик на обединувањето,  Германија стана силен поддржувач на Македонија. Кога во 1991 година Македонија ја стекна независноста, Претседателот Роман Херцог како член на Бадинтеровата комисија помогна во позитивното оценување на македонскиот Устав, како еден од најдемократските на Балканот. Затоа и го одликував Претседателот Херцог со нашето највисоко одликување што може да го добие странски државник, односно со Орденот 8-ми септември.
Една од нашите препознатливи реформи е децентрализацијата, заснована врз моделот на јужна Германија. Тоа придонесе да се создаде една исклучително активна група на градоначалници, од кои мнозина се обучени токму во Баварија, со помош на Фондацијата Конрад Аденауер. Кон тоа треба да се додаде и фактот дека Германија е најголем трговски партнер на Република Македонија, а присутни се и значајни германски инвестиции, како што е Дојче Телеком.
Важните демохристијански водачи од Германија, како Јерг Шонбон, и помогнаа на македонската полиција да ги постигне високите стандарди неопходни за либерализирање на визниот режим со Европската Унија.
Почитувани,
Европската Унија без Балканот, без Македонија е како незавршена приказна. ЕУ треба да остане достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Затоа, ги охрабруваме нашите европски партнери, во нивниот пристап кон Балканот и кон Македонија, да останат доследни и принципиелни кон оваа идеја. Затоа, не треба да се попречува членството на Македонија во ЕУ.
Европската Унија може многу да научи од германското обединување кое претставува благороден чин на подадена рака.
Пораката е јасна: не треба да се злоупотребува ветото за ситни, себични цели. Секоја нова злоупотреба на ветото, како принцип на функционирање меѓу европските, вклучително и балканските држави е антиисториски и антиевропски чин. Доколку блокадите бидат прифатени како нова практика, ќе предизвикаат опасна верижна реакција на вета кои повторно може да не вовлечат во вртлогот на политичките анахронизми на 19-от век.
Напротив, треба да се следат многубројните позитивни примери. Најсвеж е примерот кој го дадоа Словенија и Хрватска. Тие го следат зрелиот пример на постарите земји членки, како Германија, кои, иако имале можност да го блокираат влезот на помладите членки, тоа не го направиле. Можеби највпечатлив е случајот со Обединетото Кралство и Ирска. Двете држави не си ги признаваат уставните имиња. Обединетото Кралство и се обраќа на Ирска со името “Република Ирска“, додека Ирска во официјалната комуникација со Лондон го користи името “Велика Британија“. Но, никој не сметал дека поради ова Лондон треба да го блокира членството на Даблин во Европската заедница.
Дозволете ми на крај да ги спомнам зборовите на големиот европски визионер Конрад Аденауер кој изјави: “Сите живееме под истото небо, но сите ние го немаме истиот хоризонт. Во ова инстант време, можеби мора одново да ја научиме старата вистина дека и трпението има свои победи.“
Почитувани,
Падот на Берлинскиот sид и „железната завеса“ се симболи на победата на слободата и желбата за целосно остварување на човековиот креативен потенцијал. Победа на можноста за пристоен живот и правото на потрага по среќа. Конечно на Балканот е дојдено времето за обединување во европското семејство и за рушење на сите бариери. Но, во ЕУ ќе влеземе како македонски граѓани, со нашата традиција, нашите вредности и нашето достоинство. За да се избориме за она што на секому му припаѓа потребна е храброст и истрајност. Како што рекол Тукидид „тајната на среќата е слободата, тајната на слободата е храброста.“
Ви благодарам

Обраќање на Претседателот Иванов на Третиот самит на Конференцијата за интеракција и градење мерки на доверба во Азија
Вторник, 08 Јуни 2010

Почитувани. Ми претставува особено задоволство да го поздравам овој престижен форум кој го промовира мирот, безбедноста и стабилноста во Азија. Им упатувам честитки на Ирак и на Виетнам за нивното полноправно членство. Му честитам на досегашниот претседавач, Н.Е. Нурсултан Назарбаев и му посакувам успешна работа на Н.Е. Абдула Ѓул чија земја го превзема кормилото со овој важен форум за градење мерки на доверба.
Поврзаноста меѓу мирот, безбедноста и стабилноста не е никаде толку изразена како меѓу Азија и Европа, во заедничкиот Евроазиски простор. Таа поврзаност се гледа и во споделувањето на заеднички вредности, како што е почитувањето на територијалниот интегритет на државите, мирното решавање на споровите како и економската, социјалната и културната соработка. Сето ова придонесува кон градењето на довербата, мирот, безбедноста и стабилноста во Европа и во Азија.
Почитувани. Иако Република Македонија е европска земја, нејзиниот модел на инклузивна демократија заслужува да биде слушнат и разгледан и во Азија. Инклузивниот модел на интеграција без асимилација, кој денес претставува вистински предизвик за многу држави, во Република Македонија е реалност. Во Македонија 10-тина етнички и национални заедници ги уживаат сите права и слободи познати на денешницата. И ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој свој модел. Со ова Република Македонија создава безбедност и стабилност. Тоа е најголемата сила на Република Македонија. Впрочем, убеден сум дека македонскиот инклузивен модел, кој е граден со векови, е моделот на иднината.
Тоа е нашиот придонес и кон регионалната и европската безбедност и стабилност. Сметаме дека, доследно применет од сите држави во регионот, овој модел може да донесе траен мир на Балканот но и пошироко во Европа и Евроазија. Затоа, подготвени сме да ги споделиме, со сите, македонските искуства и придобивки.
Почитувани. Македонскиот модел е еден, но не и едиствен наш влог кон процесите и напорите за градење доверба. Македонското претседавање со Советот на Европа е наш конкретен придонес во оваа насока. Тоа го правиме со промовирање и јакнење на трите фундаментални вредности на најстарата европска организација: човековите права, демократијата и владеењето на законот. Македонија може да придонесе за остварувањето на овие три вредности преку спроведување на трите цели кои си ги зададовме за време на претседавањето.
Јакнењето на заштитата на човековите права е наш прв приоритет. Неопходно е да го унапредиме и консолидираме системот на човековите права на национално и европско ниво. Кон тоа секако ќе придонесе и пристапувањето на Европската унија кон Европската конвенција за човекови права и фундаментални слободи. Македонското претседателство, надоврзувајќи се на процесот од Интерлакен, ќе работи и на реформата која треба да обезбеди почитување и спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права од сите земји потписнички.
Почитувани. Македонија е пример дека културниот диверзитет не е пречка за развојот и просперитетот. Напротив, тој ни овозможува мирен соживот изграден врз взаемната почит и толеранција. Сосема природно, вториот приоритет на Македонското претседавање е да се промовира и унапреди интеграцијата на националните малцинства во европските општества. Општества, кои се повеќе стануваат мултикултурни. Оттука и потребата за поддршка на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог на национално, регионално и глобално ниво.
Тоа е и една од причините за одржувањето на Втората Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог токму во Охрид, во Македонија. Надоврзувајќи се на оваа значајна конференција, во септември, Македонското претседателство со Советот на Европа ќе организира размена на мислења во однос на религиозната димензија на меѓукултурниот дијалог. Тоа ќе биде одлична можност за да се добијат размислувањата и заклучоците од светската конференција.
Почитувани. Иднината останува на младите. Не можеме да ја градиме таа иднина без нивната согласност, без нивната визија и енергија. Затоа, третиот приоритет на Македонското претседателство е да го иницира “Охридскиот процес“ кој ќе има за цел да овозможи размена на мислења и искуства на младите од Југуосточна Европа и пошироко. На тој начин се приклучуваме кон глобалното одбележување на 2010 година како “Меѓународна година на младите“ прогласена од Генералното собрание на Обединетите нации.
Остварувањето на овие приоритети подразбира заеднички напор на Македонија, Швајцарија и Турција, сегашниот, досегашниот и идниот претседавач со Советот, како и со Шпанија и Белгија кои претседаваат со Европската унија оваа година. Воедно, тесно ќе соработуваме и со Обединетите нации и со Казахстан, земјата претседавач со ОБСЕ оваа година. Заедно, можеме да допринесеме за унапредување на човековите права, демократија и владеење на правото во европскиот отворен простор.
Почитувани. Во нашите стратешки определби, се водиме според сфаќањето на мирот, безбедноста и стабилноста како поврзани, неделливи категории. Затоа, остануваме доследни и достојно чекориме на патот за евроатлантските интеграции, водејќи одговорна надворешна и безбедносна политика. За Македонија, евроатлантското сојузништво не е декларативно. Тоа е реална потреба, како за нас, така и за нашите партнери. На тој наш пат имаме сојузници со кои не врзува искрено пријателство. И понатаму ќе работиме кон јакнењето и продлабочувањето на заемната доверба и пријателство.
Преку сопствениот пример ја покажуваме посветеноста кон трите заеднички добра. Но сите треба да бидеме свесни дека мирот, безбедноста и стабилноста несомнено се засноваат и на споделената одговорност. Само така вистински ќе придонесеме кон мерките на доверба. Само така можеме да ја градиме заедничката иднина во Европа, во Азија, а со тоа и во поширокиот заеднички Евроазиски простор.
Ви благодарам

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Десеттиот Доха Форум, во Катар
Понеделник, 31 Мај 2010

Екселенции, дами и господа,

Дозволете ми најпрво да ја искажам мојата благодарност до Неговото Височество, Емирот Хамад Бин Калифа Ал Тани, за поканата да учествувам на овој значаен форум. Развивањето на отворен дијалог за сите прашања поврзани со човековите права, еднакви можности, владеење на правото и слободен проток на информации, ни овозможува да го почувствуваме пулсот на меѓународната заедница за значајни и актуелни теми и во отворена дебата да ги искажеме и нашите ставови. Би сакал во оваа прилика да се задржам на безбедноста и стабилноста - клучната тема која е предуслов за сите останати прашања,

Почитувани,

Светот денес, подеднакво ги споделува и придобивкит и предизвиците на новото време. Во услови на растечка глобална меѓузависност, не можеме, и не сакаме веќе да функционираме како засебни, издвоени светови. Регионалната и глобалната безбедност како и стабилноста, несомнено се засноваат на зголемена комуникација и но и споделена одговорност.

Имајќи ја предвид ваквата меѓузависност, ќе се осврнам на состојбата со безбедноста во регионот на Југоисточна Европа, поширокиот европски регион и во светот, како и придонесот на Република Македонија кон градењето на општинот мировен процес.

Безбедноста на европскиот континент е незамислива ако нема безбедна Југоисточна Европа. За тоа историјата многупати посведочила. Без да навлегувам подлабоко во историјата, ќе посочам само еден факт преку кој може да се долови целата слика. Последните вистински војни на европско тло кои силно ја потресоа меѓународната јавност, на крајот од минатиот век, се водеа во Југоисточна Европа, на Балканот  можеби најпознатата и најкрвавата онаа во Босна и Херцеговина.

Сега имаме нови околности. За прв пат во историјата, на преминот од 20-от во 21-от век, во сите земји од нашиот имаме демократски избрани власти. И покрај тоа, не се целосно искоренети ризиците по безбедноста и стабилноста во регионот. Се уште има прашања кои се сложени, кои ги оптоваруваат односите и создаваат загриженост. Сето ова бара будност, внимание и посветеност кај сите. А излезот, решението, верувајте не е толку сложено, само бара визија и одлучност. Наместо статус кво состојба, потребна е брза интеграција на сите балкански држави во европските и евроатлантските структури. Европската и Евроатлантската идеја се тие кои ни ги движат општествата во посакуваниот правец кон просперитет и благосостојба. Тие не упатуваат на тесна билатерална и регионална соработка и тоа во области кои до пред само 10 години беа незамисливи. Тоа е концепт на Пакс Еуропана, концепт на отворен простор. Тоа е мојата визија за Република Македонија и за целиот регион. Впрочем, тоа е и визијата на градителите на Европското обединување. Ние сме на иста линија.

Само така, Југоисточна Европа ќе го најде своето вистинско место во системите на колективната безбедност и одбрана. Само така Европа ќе биде вистински стабилна.

Почитувани,

Република Македонија има што да каже на оваа тема. Ние посветено  превземаме низа конкретни активности за унапредување на безбедноста и стабилноста во регионот. Во таа наша определба, се водиме од сфаќањето дека безбедноста започнува со средување на сопствениот двор. Свесни сме дека стабилноста започнува дома. А без македонската безбедност и стабилност, безбедноста и стабилноста на Балканот, во Југоисточна Европа, е тешко замислива.

Република Македонија како мултиетничка, мултиконфесионална, мултијазична средина, со текот на времето создаде еден специфичен модел на соживот. Посветуваме огромно внимание, време и енергија во градење на македонскиот модел на интеграција.

Инклузивниот модел на интеграција без асимилација, кој денес претставува вистински предизвик за многу држави, во Република Македонија е реалност. Тоа е  еден од темелите на нашата безбедност, стабилност и економски просперитет, бидејќи создава поволни услови за градење на внатрешен мир, но и доверба со соседите. Тоа е нашиот придонес кон регионалната и европската стабилност.

Во Македонија 20-тина етнички и национални заедници ги уживаат сите права и слободи познати на денешницата. И ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој свој модел. Со ова Република Македонија, во еден невралгичен регион, создава безбедност. Тоа е најголемата сила на Република Македонија. Впрочем, убеден сум дека македонскиот модел е моделот на иднината. Сигурен сум дека помладите генерации ќе можат да бидат сведоци на мојата теза.

Затоа, подготвени сме да ги споделиме, со сите, македонските искуства и придобивки.

Почитувани,

Негувањето и градењето на добрите односи со соседите, е уште еден наш придонес кон мирот во регионот. Ние ја признавме соседната држава, Република Косово, и воспоставивме дипломатски односи, со што направивме чекор во градењето блиски, коректни и функционални меѓусоседски односи. Со демаркацијата на северната граница со Косово решивме едно крупно безбедносно прашање. Колку е суштествено тоа покажува и фактот што ние сме единствената држава од поранешната Југославија со целосно затворени прашања на границите. Ваквите прашања се уште ги оптоваруваат односите меѓу државите, не само во нашиот регион. Овие три позитивни чекори се конкретен македонски придонес кон безбедноста и стабилноста на регионот. Но, оваа слика нема да биде комплетна ако не дополнам дека со иста посветеност и внимание ги градиме односите со Србија. И не само со овие соседи, туку со сите.

Градењето на безбедноста на Југоисточна Европа ќе биде поуспешно со проширување на зоната на мирот во Европа преку проширувањето на НАТО и Европската унија. За постоење на соработка во безбедноста неопходно е да постои стремеж за заедничка иднина. Таков стремеж постои меѓу балканските држави. Таков стремеж постои во мојата земја и меѓу моите сограѓани.

Свесни сме дека денес, за да се грижиме за сопствената безбедност, неопходно е да ја земеме предвид безбедноста на другите. Затоа, учествуваме во мировната мисија на Европската унија во Босна и Херцеговина, Алтеа. Со тоа, придонесуваме кон Европската безбедносна и одбранбена политика и кон регионалниот мир и стабилност.

Почитувани,

За да биде одржлива, безбедноста треба да биде сеопфатна. Треба да ја гарантира добробитта и на поединецот и на општеството. И на државата, но и на меѓународната заедница.

Светот се менува, и ние треба да се менуваме со него. Порано, просторот ни го одземаше времето, а денес веќе не. Територијата го губи значењето бидејќи светот станува равен. Тоа отвара нови можности но и нови предизвици. Предизвиците на новото време – глобалниот тероризам, пролиферацијата на оружја за масовно уништување, меѓународниот организиран криминал, нелегалната трговија со дрога и луѓе, претставуваат закана за сите нас.

Мирот и безбедноста секојдневно се нарушуваат во одредени региони во светот. Се соочуваме со стари, замрзнати конфликти, но и со серија на нови настани и тензии во неколку региони во светот. И сето тоа се одразува на глобалната безбедност.

Денешните глобални закани бараат глобален одговор. Свесни сме дека не-поредокот во Авганистан шири реални ризици и вон границите на таа земја. Свесни сме дека ризиците од тој регион се реални и за Европа и за Балканот. Затоа, ние инвестираме во нашата и во европската безбедност. Затоа, Република Македонија ги стави на располагање своите мировници за одбрана на вредностите на слободата и демократијата. Со активното учество во мировната мисијата, Македонија се однесува како де факто член на НАТО алијансата.


Почитувани,

Придонесот на Македонија е повеќеслоен. Македонија придонесува кон безбедноста и стабилноста на суб-регионално, регионално и глобално ниво. Тоа го прави преку градење и промовирање на својот модел на мултиетнички соживот. Тоа го чини со афирмирање на дијалогот меѓу луѓето, културите и религиите, како најсигурниот ненасилен пат до мирот. Дијалог кој го поттикнавме преку организирање на конференцијата Дијалог меѓу цивилизациите токму во Охрид, во Македонија, за што сме и благодарни на Државата Катар за сесрдната поддршка. Тоа е доказ дека во овие наши напори ние не сме сами. Напротив, имаме силна поддршка.

На крај, дозволете ми да завршам со констатацијата дека развивајќи ги своите општества во духот на мирот и разбирањето, ние праќаме јасна порака. Светскиот мир зависи од сите нас. Светот денес по повеќе критериуми и по кој знае кој пат е повторно во вонредна состојба. Светската економска криза, климатските промени, глобалните и регионалните безбедносни предизвици, нетолеранцијата, отсуството на дијалог, се работи кои треба да ја обноват визијата за зголемена одговорност и соработка.

Ви благодарам.

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на доделувањето на наградата "Борис Трајковски" на пратеникот во Европскиот Парламент Бернд Поселт
Сабота, 29 Мај 2010

Дами и господа, драги пријатели. Дозволете ми најпрво срдечно да ве поздравам и да изразам задоволство од одржувањето на конференцијата на Паневропската унија. Се надевам дека имавте плодни дискусии и дека можевте барем малку да поуживате во убавините и гостопримството на Македонија, нешто по што сме надалеку познати.

Почитувани,

Паневропската унија континуирано го поддржува развојот, продлабочувањето и проширувањето на својата идејна ќерка, Европската унија. Во таа смисла, Паневропската унија придонесе за постигнување и на последниот договор, Лисабонскиот договор, што е уште еден чекор во насока на географското и политичкото обединување на цела Европа во рамките на Европската унија. По Лисабонскиот договор, ЕУ претендира да биде релевантен фактор и актер во меѓународните односи. Тоа нема да биде ниту лесно, ниту реално остварливо, без отвореност кон она што претставува природен дел од поширокиот и заеднички европски простор.

Денес Европа, закрепнува од големата економска криза. Во време на предизвици, кога постои несигурност, кога се преиспитуваат сопствените капацитети и потенцијали, кога повторно Европа е упатена во заедничка акција за соочување со проблемите, потребно е да се истрае на вистинскиот пат. Затоа, економското закрепнување на Европа не треба да биде на штета на визијата за обединета Европа. Не треба да се дозволи факелот на Калерги за европското обединување да згасне, факел кој му беше предаден на Ото фон Хабзбург. Економското закрепнување мора да води сметка за визијата на Паневропската унија. Визија на градителите на Европа.

Со Лисабонскиот договор, Европската унија се стекна со ново кормило кое ќе му овозможи на европскиот брод посигурно да маневрира во светските води. Паневропската унија ја има улогата на компас, кој што без разлика на предизвиците и невремињата, секогаш ја покажува вистинската насока во која треба да оди ЕУ, кон која треба да се стреми Европа. Денес, овој компас упорно покажува кон југоистокот на Европа.


Почитувани,

Преку ширењето на идејата за обединета Европа, ние најдобро се бориме за европските вредности и идеали, слободата, демократијата, владеењето на правото, но и забраната за кршење на индивидуалното право на идентитет и достоинството. Тоа е рецептот на европското помирување, обединување и единство врз здрави основи.

Европа, која се темели на тие вредности, треба да остане достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Затоа, ги охрабруваме нашите европски партнери, во нивниот пристап кон Македонија да останат доследни и принципиелни. Ги охрабруваме што почесто да го користат компасот на обединувањето и единството. Лисабонскиот договор ни ја нуди шансата. Во име на заедничката иднина, во име на аманетот на оние кои го градеа обединувањето, денешното лидерство во Европа треба да покаже визија и да ја искористи можноста.

На крајот, радосен сум што денес еден докажан пријател на Македонија ја добива наградата “Борис Трајковски“, пријател кој, повеќе од две децении силно ја поддржува Македонската независност и правото на национален идентитет и просперитет на нејзиниот народ. Господинот Бернт Поселт ги следи своите политички идеи, принципи и идеали доследно, а не под влијание на дневната политика. Тој е силен глас во Европскиот парламент за правата на сите помали европски држави на сопствен идентитет и интегритет. Симболиката е дотолку поголема што токму господинот Бернт Поселт е мој личен пријател но беше и личен пријател на покојниот претседател Трајковски. Претседател кој со своето животно дело може да се вброи меѓу градителите на новата и обединета Европа. Визија која ја дели и господинот Поселт и Паневропската унија.

Ви благодарам.

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на приемот за претставниците на Парламентарното собрание на Советот на Европа
Петок, 21 Мај 2010

Почитуван претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г-н Чавушоглу,
Почитувани претставници на Парламентарното собрание,
Eкселенции,
Дами и господа,

Дозволете ми да ви се заблагодарам што со вашето присуство го збогатувате одбележувањето на почетокот на Македонското претседавање со Советот на Европа.

Најстарата европска организација е позната по тоа што многупати била предвесник на напредокот, предвесник кој го трасирал патот по кој треба да одат другите европски организации. Ја користам оваа прилика за да ја поздравам принципиелната одлука на Комитетот на министри на Советот на Европа, претседавањето на Република Македонија да биде под логото “Македонско претседателство 2010“. На овој начин, Советот на Европа укажа на својата доследност и на почитувањето на своите принципи. Со почитувањето на различноста на сите идентитети и правото на достоинство на секој поединечен народ, Советот на Европа придонесува за создавање на заедничкиот европски идентитет.

Почитувани,

Голема е симболиката во тоа што првото Македонско претседавање со Советот на Европа се случува на 60 годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права и основни слободи. Човековите права се една од трите фундаментални вредности на Советот на Европа, заедно со демократијата и владеењето на правото. Македонија може да придонесе за остварувањето на овие три фундаментални вредности преку спроведување на трите цели кои си ги зададовме за време на претседавањето.

Јакнењето на заштитата на човековите права е наш прв приоритет. Неопходно е да го унапредиме и консолидираме системот на човековите права на национално и европско ниво. Кон тоа секако ќе придонесе и пристапувањето на Европската унија кон Конвенцијата. Македонското претседателство, надоврзувајќи се на процесот од Интерлакен, ќе работи и на реформата која треба да обезбеди почитување и спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права од сите земји потписнички.
Во Македонија постои функционален мултиетнички соживот. Сосема природно, вториот приоритет на Македонското претседавање е да се промовира и унапреди интеграцијата на националните малцинства во европските општества.
Интеграција без асимилација.
Мојата порака кон сите е правилно да се разбираат световите на различните, да се почитуваат различностите.
Интеграција со почитување на постоечките културни, етнички, јазични, религиски и други различности. Во таа насока, посебен акцент ќе се стави на интеграцијата на периферните групи, емигрантите и Ромите. Само така Европа ќе биде заеднички дом за сите нас.

Почитувани,

Иднината останува на младите. Не можеме да ја градиме таа иднина без нивната согласност, без нивната визија и енергија. Затоа, третата цел на Македонското претседателство е да го иницира “Охридскиот процес“ кој ќе има за цел да овозможи размена на мислења и искуства на младите од Југуосточна Европа и пошироко. На тој начин ќе го поттикнеме нивното учество во политичките процеси и демократските реформи во нивните општества, а согласно принципите, вредностите и стандардите на Советот на Европа.

На крај, би сакал да нагласам дека, во блиска соработка со Швајцарија и Турција, досегашниот и идниот претседавач со Советот, како и со Шпанија и Белгија кои претседаваат со Европската унија оваа година, можеме да придонесеме за унапредување на човековите права, демократија и владеење на правото во европскиот отворен простор.

Верувам дека европскиот успех зависи од сите нас.

Ви благодарам.

Обраќање по повод патрониот празник на Универзитетот Свети Кирил и Методиј
Среда, 19 Мај 2010

Ми претставува особено задоволство да ви го честитам патрониот празник, денот на големите сесловенски просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Тие, со своето дело, не задолжија сите нас. Кирил и Методиј веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик. Тие ја рушеа догмата воспоставена од другите. Догмата дека насобраното знаење на Европа, треба да се предава само на три избрани јазици. Дека е тоа е некакво ексклузивно право на таканаречените стари народи и дека не е за другите земји и луѓе.

Сесловенските просветители ја напуштија удобноста на царската палата во Константинопол, и заминаа во просветителска мисија. Мисија за ослободување на словенските народи од незнаењето. Мисија за градење на заедништво на сите европски народи под исти услови и еднаков пристап до словото.

Светите браќа биле подготвени да ја жртвуваат својата слобода и својот живот, за да го одбранат правото сите народи да зборуваат на својот јазик, и тоа да не биде пречка за размена на мисли и идеи.

Кирил и Методиј биле прогонувани. Кирил починал во Рим, а Методиј го завршил својот овоземен живот во зандана. Историјата постојано не става пред вакви предизвици. Но тоа не треба да не обесхрабрува. Предизвици имало, има и секогаш ќе има.

Тогаш тоа била одбрана на правото на сите народи на знаење и верување. Денес е одбрана од оние кои сакаат да живеат и профитираат од затвореноста, недовербата и непријателство.

Делото на Кирил и Методиј не згасна. Нивните ученици го одбранија и го вратија на изворот, во Климентовиот универзитет. И повторно, знаењето се ширеше од овие простори, но сега преку кирилицата. Денес, тоа е одбрана од оние кои сакаат да ја пресечат комуникацијата и разбирањето меѓу народите.

Како што тогаш победија оние кои се залагаа за да се подигне нивото на знаење на народите, така, денес ќе победат оние кои се залагаат за вистинско и искрено помирување и разбирање меѓу народите.

За нивното дело, признанието дојде дури во дваесеттиот век, кога папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи за ко-покровители на Европа, заедно со Свети Бенедикт. Кирил и Методиј го дадоа својот влог во Европа, европската култура и цивилизација. Знаењето кое го проширија во Европа денес ни се враќа, и ние тоа треба да го искористиме.

Почитувани,

Образованието треба да развие целосна креативност и повисока состојба на свеста и да создаде граѓани способни да ги исполнат своите највисоки аспирации, а истовремено да придонесат максимално за напредокот на општеството.

Со користењето на најголемото национално богатство на Македонија – бесконечната креативност на нејзините граѓани – ефикасното образование може да обезбеди национален просперитет и меѓународна компетентност.

Ако некогаш борбата била образованието да биде на мајчин јазик, денес борбата е образованието да биде и подостапно за сите. Преку високото образование, Македонија е веќе дел од Европскиот отворен образовен простор. Простор во кој полесно патуваме и поради визната либерализација.

Со реформите кои се спроведуваат, европските вредности стануваат наши вредности. Вклучувањето на Македонија кон болоњскиот процес значи потврда на започнатите реформи. Значи и примена на европските добри практики и стекнати искуства. Студентот повторно е централен субјект на образовниот процес.

Знаењето на македонските студенти се третира еднакво како и знаењето на нивните колеги од западноевропските земји. Со тоа, студентите од Македонија застанаа на истата почетна линија како и студентите од другите европски земји. За сите нив важат истите образовни стандарди и правила во овој голем, сеевропски академски натпревар.

Но, болоњските образовни принципи потребно е да се применат не само кон надвор, туку и дома, во Македонија. Потребна е мобилност. Мобилност не само кон Европскиот образовен простор, туку и во Македонија. Мобилност во рамките на нашите универзитети и нашите факултети. Мобилност која ја зацврсти здравата конкуренцијата која создава нов и подобар квалитет.

Сето ова не исправа пред прашањето – Што е суштината на образованието?
За што се едуцираат нашите млади?
Што е целта на прифаќањето на европските вредности?
Дали само да бидат потрошувачи на европската култура, или да бидат и нејзини креатори?

Почитувани,

Не е доволно да се знае. Знаењето мора да се примени. Неопходно е поврзување на знаењето со потребите на секојдневниот живот.

Знаењето е во функција на индивидуалниот успех кој ќе донесе колективен успех. Развојот на земјата зависи од придонесот на образованието. Денес сме сведоци на големото селење на моќта. Денес, моќни се оние држави и општества кои продуцираат или привлекуваат високо образовани, квалификувани поединци, иноватори и лидери во своите стручни области.

Затоа, треба да се прифати сфаќањето на образованието како континуирано, доживотно учење.
 
За колку време застарува знаењето?

Познато е дека денес, насекаде, знаењето кое студентите на техничките, информатичките или медицинските науки го стекнуваат во текот на студиите, е веќе застарено штом ќе дипломираат. Оттука произлегува насушната потреба за постојано надградување и усовршување. Само така може да се биде конкурентен на глобалниот пазар на знаењето.

Знаењето денес е достапно, но треба да се научи да се размислува со своја глава. Имагинацијата е поважна од знаењето, бидејќи знаењето ни кажува што во моментов знаеме и разбираме. Имагинацијата ни укажува на се она што можеме да го откриеме и создадеме.

Ајнштајн рекол: Умот функционира како падобран, имаме корист од него само кога е отворен. Со отворениот ум, студентите стануваат сосема блиски со изворите на сето знаење и изворите на севкупните академски дисциплини. Со отворениот ум, студентите се чуствуваат блиски со сето знаење и со секое подрачје од студиите. Стекнуваат образование засновано на свеста.

Затворениот ум создава ксенофобичност, стравови и предрасуди. Образованието кое го отвара умот придонесува за интеграција на поединецот во општеството и во глобалниот свет. Целта на образованието е празниот ум да го замени со отворен ум. Зошто? Затоа што окото го гледа само она што умот е подготвен да го сфати.

Почитувани,

Македонија и македонскиот високообразовен систем продуцира квалитетни кадри кои често се пробиваат до најпознатите европски и светски академски и истражувачки центри. Затоа, и покрај сите предизвици со кои се соочува нашиот образовен систем, не треба да се потценуваме.

Како што кажува една стара мудрост – кругот на сознанието се затвора на крајот од вечноста. Секоја генерација го темели својот напредок врз претходните, наследените знаења. Македонија и македонското образование имаат цврсти и здрави темели. Темели кои ги поставија токму светите браќа Кирил и Методиј. Темели на кои се надоврзаа македонските преродбеници. На нас е да продолжиме да чекориме по тој пат.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 61 62 63 64 Следно > Крај
Страница 61 од 64