Почитувани, Дами и господа, Ми претставува голема привилегија и чест во ова поздравно обраќање на меѓународната конференција да зборувам на темата која е достојна на големото име Аденауер. Тема која е визионерска затоа што преку навраќање на обединувањето на Германија ни овозможува да погледнеме во иднината. Според многумина, на 9 ноември 1989 година заврши XX век. Тоа беше крај на најкраткиот век во човековата историја. XX век според многумина почна 1914 година, кога со еден испукан куршум во Са раево се срушија три империи, и беше вовед во Првата и Втората светска војна. По Втората светска војна почна Студената војна која симболично заврши со падот на Берлинскиот ѕид, на 9 ноември 1989 година. Почитувани, Паѓањето на Берлинскиот ѕид и на Железната завеса беа прв чекор во насока на остварување на визијата за обединета Европа. Берлинскиот ѕид не беше само физичка препрека од жици и бетон која ја спречуваше слободата на движење. Берлинскиот ѕид пред се беше ментална бариера која не спречуваше да ја гледаме Европа како наш заеднички дом. Во меѓупериодот од крајот на 20 век, на 9.11.1989 година, и почетокот на 21 век кој симболично започна на 11.9.2001 година, се случија значајни настани. Се случи обединувањето на Германија. Голем дел од земјите од зад “железната завеса“ ги прифатија западните вредности – човековите права, владеењето на правото, слободниот пазар, трасирајќи го патот за полноправно членство во НАТО и ЕУ. Се прошири зоната на мирот, безбедноста и стабилноста во Централна и Источна Европа. Но, за жал, тоа не се прошири кон Балканот. Напротив, се разгореа воените конфликти на просторите на поранешна Југославија. Илјадниците жртви и раселените лица покажаа дека трагедијата во европската историја не беше завршена. Падна Берлинскиот ѕид, но се изгради и нов ѕид - Шенгенскиот. Денес и оваа препрека е надмината за Македонија благодарение на визната либерализација. Затоа, ги поздравувам сите институции на нашата држава и на ЕУ кои неуморно работеа овој ѕид конечно да падне за нашите граѓани. Се покажа дека на најстариот континент насушно му е потребен духот на визионерите и татковците на Нова Европа. И тогаш и сега неопходно потребни се Роберт Шуман, Жан Моне, Конрад Аденауер, и сите други градители на визијата за обединета Европа. Оваа визија, како конецот на Аријадне, не водеше низ лавиринтот на Железната завеса. А зад ѕидовите на лавиринтот се наоѓа отворениот простор, кој е изворот на европската сила и темелот на европскиот успех. Почитувани, Искуствата од минатото укажуваат дека нашиот регион опстојувал во мир тогаш кога бил на отворен простор. Денес, повеќе од било кога, на нашиот регион му е потребно она што се нарекува Пакс Еуропеана, европски мир, кој подразбира Европа како отворен простор во кој има слобода на движење на луѓе, идеи, капитал и производи. Отворен простор во кој секоја економија може да расте и да се шири. Каде што има толеранција и славење на различностите, каде секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет. Како отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Затоа, денес, за сите нас неопходно е правилно да се сфатат световите на различностите. Почитувани, Македонија може да придонесе за остварување на визијата за Пакс Еуропеана преку градење и промовирање на македонскиот модел на инклузивна демократија. Македонија како мултиетничка и мултиконфесионална средина, со текот на времето создаде еден специфичен модел на соживот. Инклузивниот модел како начин на заедничко носење на одлуки во Република Македонија е реалност. Во Македонија етничките и националните заедници ги уживаат сите права и слободи познати на денешницата. Тоа е еден од темелите на нашата безбедност, стабилност и економски просперитет, бидејќи создава поволни услови за градење на внатрешен мир, но и доверба со соседите. Впрочем, убеден сум дека македонскиот модел е моделот на иднината. Сигурен сум дека помладите генерации ќе можат да бидат сведоци на мојата теза. Затоа, подготвени сме да ги споделиме македонските искуства и придобивки со сите. Да ги споделиме со нашите соседи но и со Европската унија кон која се стремиме. Почитувани, Охрабрувачки е фактот што на нашиот пат кон ЕУ можеме да сметаме на поддршката од Сојузната Република Германија. Во времето кога и самата се соочуваше со големиот предизвик на обединувањето, Германија стана силен поддржувач на Македонија. Кога во 1991 година Македонија ја стекна независноста, Претседателот Роман Херцог како член на Бадинтеровата комисија помогна во позитивното оценување на македонскиот Устав, како еден од најдемократските на Балканот. Затоа и го одликував Претседателот Херцог со нашето највисоко одликување што може да го добие странски државник, односно со Орденот 8-ми септември. Една од нашите препознатливи реформи е децентрализацијата, заснована врз моделот на јужна Германија. Тоа придонесе да се создаде една исклучително активна група на градоначалници, од кои мнозина се обучени токму во Баварија, со помош на Фондацијата Конрад Аденауер. Кон тоа треба да се додаде и фактот дека Германија е најголем трговски партнер на Република Македонија, а присутни се и значајни германски инвестиции, како што е Дојче Телеком. Важните демохристијански водачи од Германија, како Јерг Шонбон, и помогнаа на македонската полиција да ги постигне високите стандарди неопходни за либерализирање на визниот режим со Европската Унија. Почитувани, Европската Унија без Балканот, без Македонија е како незавршена приказна. ЕУ треба да остане достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Затоа, ги охрабруваме нашите европски партнери, во нивниот пристап кон Балканот и кон Македонија, да останат доследни и принципиелни кон оваа идеја. Затоа, не треба да се попречува членството на Македонија во ЕУ. Европската Унија може многу да научи од германското обединување кое претставува благороден чин на подадена рака. Пораката е јасна: не треба да се злоупотребува ветото за ситни, себични цели. Секоја нова злоупотреба на ветото, како принцип на функционирање меѓу европските, вклучително и балканските држави е антиисториски и антиевропски чин. Доколку блокадите бидат прифатени како нова практика, ќе предизвикаат опасна верижна реакција на вета кои повторно може да не вовлечат во вртлогот на политичките анахронизми на 19-от век. Напротив, треба да се следат многубројните позитивни примери. Најсвеж е примерот кој го дадоа Словенија и Хрватска. Тие го следат зрелиот пример на постарите земји членки, како Германија, кои, иако имале можност да го блокираат влезот на помладите членки, тоа не го направиле. Можеби највпечатлив е случајот со Обединетото Кралство и Ирска. Двете држави не си ги признаваат уставните имиња. Обединетото Кралство и се обраќа на Ирска со името “Република Ирска“, додека Ирска во официјалната комуникација со Лондон го користи името “Велика Британија“. Но, никој не сметал дека поради ова Лондон треба да го блокира членството на Даблин во Европската заедница. Дозволете ми на крај да ги спомнам зборовите на големиот европски визионер Конрад Аденауер кој изјави: “Сите живееме под истото небо, но сите ние го немаме истиот хоризонт. Во ова инстант време, можеби мора одново да ја научиме старата вистина дека и трпението има свои победи.“ Почитувани, Падот на Берлинскиот sид и „железната завеса“ се симболи на победата на слободата и желбата за целосно остварување на човековиот креативен потенцијал. Победа на можноста за пристоен живот и правото на потрага по среќа. Конечно на Балканот е дојдено времето за обединување во европското семејство и за рушење на сите бариери. Но, во ЕУ ќе влеземе како македонски граѓани, со нашата традиција, нашите вредности и нашето достоинство. За да се избориме за она што на секому му припаѓа потребна е храброст и истрајност. Како што рекол Тукидид „тајната на среќата е слободата, тајната на слободата е храброста.“ Ви благодарам
|