
Почитувани студенти, Големо задоволство е што можеме да се собереме тука, на овој простор кој зрачи со моќ, достоинство и наследено знаење. Историјата ни зборува дека Градот Охрид и Плаошник претставуваат место од кое што се покренала големата мисија за ширење на вековното знаење кон Европа и кон Азија. Овој возобновен храм е сведоштво за големината на нашите постигнувања. Сведоштво за една меѓугенерациска солидарност. За просветителската, културната и научната солидарноста меѓу разните држави и народи. Ова место сведочи сознанието дека пред нас, со нас и после нас доаѓаат луѓе гладни за знаење. Дека мораме да им ги оставиме најдобрите решенија и да им овозможиме да градат врз создаденото искуство. Некои мислат дека старото мора да биде урнато за да може да се гради одново. Тоа едноставно не е вистина. Насекаде околу нас има докази за постепеното, еволутивно усовршување. Почитувани, Никаде овој напредок втемелен на ова знаење и искуство не е појасен и повидлив отколку во техничките и природните науки, во архитектурата, во инженерството, во електрониката и во механиката. Кај овие науки можеме да го следиме праволинискиот прогрес, и, со секоја нова генерација можеме со задоволство да забележиме дека тој напредок се забрзува и се засилува. Помислете само колку е денес подостапно и поедноставно да се шири знаењето. Некогаш, знаењето било ограничено и било достапно за одбраните. Денес, секој наш успех може за миг да се сподели со целиот свет. А тоа и Вашиот труд го прави дотолку поскапоцен. Дел од мојот живот го посветив на академската кариера пренесувајќи знаења на новите генерации, и со задоволство можам да забележам дека секоја нова генерација акумулира знаењето од претходната и го усовршува. Притоа, постојат некои правила на однесување, принципи, критериуми и вредности кои треба да се почитуваат за да бидеме сигурни дека развојот на техничките науки ќе придонесува за општата благосостојба и кај нас. Прво, отвореност на Македонија кон светските економски процеси и кон инвестициите во високата технологија. Денес во Македонија се произведуваат и електронски уреди, се прави софтвер, се конструираат современи енергетски системи. Оваа отвореност поткрепена со владеењето на правото, со ефикасно судство и со ниските даноци, создава поволна атмосфера за индустриски развој. Македонија ги има сите предуслови за да биде земја препознатлива и по индустријата. Понатаму, постоење на систем на заслуги кој ќе ја наградува тешката работа и трудот. Систем во кој нема место за брз успех и лесна заработувачка. Почитувањето на трудот, почитувањето на знаењето ќе им овозможат на македонските студенти, своето знаење да го применат тука. Да можат во Македонија да го постигнат животниот стандард и да ги имаат академските и деловните успеси. Почитувани, Македонците се барани и успешни во светските центри. Тие се мостот кој ја поврзува Македонија со светското знаење. А, со градење на здрави институции за научен и економски развој, Македонија може да ги врати своите млади луѓе назад по студиите во странство. Сведоци сме дека многу постигнавме за кратко време во услови на големи кризи и предизвици. Успеавме да ги компјутеризираме институциите и училиштата. Голем број на македонски семејства го користат интернетот. Со отворањето на нови центри на учење низ Македонија, процентот на млади луѓе кои го завршуваат средното образование и се запишуваат на факултет достигнува импресивни бројки. Техничките науки доживуваат своја ренесанса, и се поголем број луѓе својата иднина ја гледаат токму во универзалниот јазик на инженерството, електрониката, механиката. Почитувани, Македонија е на пат да изгради економија заснована врз знаење, врз образовани и работливи луѓе, а не само врз природните ресурси. Луѓето се клучниот македонски ресурс во кој треба и понатаму се поинтензивно да се вложува. Вие, со Вашата мотивација и креативност придонесувате да се менува претставата за нашето општество. Ви благодарам, и уште еднаш ви честитам на Вашиот успех

|