Почитувани. Ми претставува особено задоволство да го поздравам овој престижен форум кој го промовира мирот, безбедноста и стабилноста во Азија. Им упатувам честитки на Ирак и на Виетнам за нивното полноправно членство. Му честитам на досегашниот претседавач, Н.Е. Нурсултан Назарбаев и му посакувам успешна работа на Н.Е. Абдула Ѓул чија земја го превзема кормилото со овој важен форум за градење мерки на доверба. Поврзаноста меѓу мирот, безбедноста и стабилноста не е никаде толку изразена како меѓу Азија и Европа, во заедничкиот Евроазиски простор. Таа поврзаност се гледа и во споделувањето на заеднички вредности, како што е почитувањето на територијалниот интегритет на државите, мирното решавање на споровите како и економската, социјалната и културната соработка. Сето ова придонесува кон градењето на довербата, мирот, безбедноста и стабилноста во Европа и во Азија. Почитувани. Иако Република Македонија е европска земја, нејзиниот модел на инклузивна демократија заслужува да биде слушнат и разгледан и во Азија. Инклузивниот модел на интеграција без асимилација, кој денес претставува вистински предизвик за многу држави, во Република Македонија е реалност. Во Македонија 10-тина етнички и национални заедници ги уживаат сите права и слободи познати на денешницата. И ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој свој модел. Со ова Република Македонија создава безбедност и стабилност. Тоа е најголемата сила на Република Македонија. Впрочем, убеден сум дека македонскиот инклузивен модел, кој е граден со векови, е моделот на иднината. Тоа е нашиот придонес и кон регионалната и европската безбедност и стабилност. Сметаме дека, доследно применет од сите држави во регионот, овој модел може да донесе траен мир на Балканот но и пошироко во Европа и Евроазија. Затоа, подготвени сме да ги споделиме, со сите, македонските искуства и придобивки. Почитувани. Македонскиот модел е еден, но не и едиствен наш влог кон процесите и напорите за градење доверба. Македонското претседавање со Советот на Европа е наш конкретен придонес во оваа насока. Тоа го правиме со промовирање и јакнење на трите фундаментални вредности на најстарата европска организација: човековите права, демократијата и владеењето на законот. Македонија може да придонесе за остварувањето на овие три вредности преку спроведување на трите цели кои си ги зададовме за време на претседавањето. Јакнењето на заштитата на човековите права е наш прв приоритет. Неопходно е да го унапредиме и консолидираме системот на човековите права на национално и европско ниво. Кон тоа секако ќе придонесе и пристапувањето на Европската унија кон Европската конвенција за човекови права и фундаментални слободи. Македонското претседателство, надоврзувајќи се на процесот од Интерлакен, ќе работи и на реформата која треба да обезбеди почитување и спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права од сите земји потписнички. Почитувани. Македонија е пример дека културниот диверзитет не е пречка за развојот и просперитетот. Напротив, тој ни овозможува мирен соживот изграден врз взаемната почит и толеранција. Сосема природно, вториот приоритет на Македонското претседавање е да се промовира и унапреди интеграцијата на националните малцинства во европските општества. Општества, кои се повеќе стануваат мултикултурни. Оттука и потребата за поддршка на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог на национално, регионално и глобално ниво. Тоа е и една од причините за одржувањето на Втората Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог токму во Охрид, во Македонија. Надоврзувајќи се на оваа значајна конференција, во септември, Македонското претседателство со Советот на Европа ќе организира размена на мислења во однос на религиозната димензија на меѓукултурниот дијалог. Тоа ќе биде одлична можност за да се добијат размислувањата и заклучоците од светската конференција. Почитувани. Иднината останува на младите. Не можеме да ја градиме таа иднина без нивната согласност, без нивната визија и енергија. Затоа, третиот приоритет на Македонското претседателство е да го иницира “Охридскиот процес“ кој ќе има за цел да овозможи размена на мислења и искуства на младите од Југуосточна Европа и пошироко. На тој начин се приклучуваме кон глобалното одбележување на 2010 година како “Меѓународна година на младите“ прогласена од Генералното собрание на Обединетите нации. Остварувањето на овие приоритети подразбира заеднички напор на Македонија, Швајцарија и Турција, сегашниот, досегашниот и идниот претседавач со Советот, како и со Шпанија и Белгија кои претседаваат со Европската унија оваа година. Воедно, тесно ќе соработуваме и со Обединетите нации и со Казахстан, земјата претседавач со ОБСЕ оваа година. Заедно, можеме да допринесеме за унапредување на човековите права, демократија и владеење на правото во европскиот отворен простор. Почитувани. Во нашите стратешки определби, се водиме според сфаќањето на мирот, безбедноста и стабилноста како поврзани, неделливи категории. Затоа, остануваме доследни и достојно чекориме на патот за евроатлантските интеграции, водејќи одговорна надворешна и безбедносна политика. За Македонија, евроатлантското сојузништво не е декларативно. Тоа е реална потреба, како за нас, така и за нашите партнери. На тој наш пат имаме сојузници со кои не врзува искрено пријателство. И понатаму ќе работиме кон јакнењето и продлабочувањето на заемната доверба и пријателство. Преку сопствениот пример ја покажуваме посветеноста кон трите заеднички добра. Но сите треба да бидеме свесни дека мирот, безбедноста и стабилноста несомнено се засноваат и на споделената одговорност. Само така вистински ќе придонесеме кон мерките на доверба. Само така можеме да ја градиме заедничката иднина во Европа, во Азија, а со тоа и во поширокиот заеднички Евроазиски простор. Ви благодарам
|