Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на приемот за претставниците на Парламентарното собрание на Советот на Европа | |
|
Почитуван претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г-н Чавушоглу, Дозволете ми да ви се заблагодарам што со вашето присуство го збогатувате одбележувањето на почетокот на Македонското претседавање со Советот на Европа. Најстарата европска организација е позната по тоа што многупати била предвесник на напредокот, предвесник кој го трасирал патот по кој треба да одат другите европски организации. Ја користам оваа прилика за да ја поздравам принципиелната одлука на Комитетот на министри на Советот на Европа, претседавањето на Република Македонија да биде под логото “Македонско претседателство 2010“. На овој начин, Советот на Европа укажа на својата доследност и на почитувањето на своите принципи. Со почитувањето на различноста на сите идентитети и правото на достоинство на секој поединечен народ, Советот на Европа придонесува за создавање на заедничкиот европски идентитет. Почитувани, Голема е симболиката во тоа што првото Македонско претседавање со Советот на Европа се случува на 60 годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права и основни слободи. Човековите права се една од трите фундаментални вредности на Советот на Европа, заедно со демократијата и владеењето на правото. Македонија може да придонесе за остварувањето на овие три фундаментални вредности преку спроведување на трите цели кои си ги зададовме за време на претседавањето. Јакнењето на заштитата на човековите права е наш прв приоритет. Неопходно е да го унапредиме и консолидираме системот на човековите права на национално и европско ниво. Кон тоа секако ќе придонесе и пристапувањето на Европската унија кон Конвенцијата. Македонското претседателство, надоврзувајќи се на процесот од Интерлакен, ќе работи и на реформата која треба да обезбеди почитување и спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права од сите земји потписнички. Почитувани, Иднината останува на младите. Не можеме да ја градиме таа иднина без нивната согласност, без нивната визија и енергија. Затоа, третата цел на Македонското претседателство е да го иницира “Охридскиот процес“ кој ќе има за цел да овозможи размена на мислења и искуства на младите од Југуосточна Европа и пошироко. На тој начин ќе го поттикнеме нивното учество во политичките процеси и демократските реформи во нивните општества, а согласно принципите, вредностите и стандардите на Советот на Европа. На крај, би сакал да нагласам дека, во блиска соработка со Швајцарија и Турција, досегашниот и идниот претседавач со Советот, како и со Шпанија и Белгија кои претседаваат со Европската унија оваа година, можеме да придонесеме за унапредување на човековите права, демократија и владеење на правото во европскиот отворен простор. Верувам дека европскиот успех зависи од сите нас. Ви благодарам.
|