Обраќање по повод патрониот празник на Универзитетот Свети Кирил и Методиј
Среда, 19 Мај 2010   

Ми претставува особено задоволство да ви го честитам патрониот празник, денот на големите сесловенски просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Тие, со своето дело, не задолжија сите нас. Кирил и Методиј веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик. Тие ја рушеа догмата воспоставена од другите. Догмата дека насобраното знаење на Европа, треба да се предава само на три избрани јазици. Дека е тоа е некакво ексклузивно право на таканаречените стари народи и дека не е за другите земји и луѓе.

Сесловенските просветители ја напуштија удобноста на царската палата во Константинопол, и заминаа во просветителска мисија. Мисија за ослободување на словенските народи од незнаењето. Мисија за градење на заедништво на сите европски народи под исти услови и еднаков пристап до словото.

Светите браќа биле подготвени да ја жртвуваат својата слобода и својот живот, за да го одбранат правото сите народи да зборуваат на својот јазик, и тоа да не биде пречка за размена на мисли и идеи.

Кирил и Методиј биле прогонувани. Кирил починал во Рим, а Методиј го завршил својот овоземен живот во зандана. Историјата постојано не става пред вакви предизвици. Но тоа не треба да не обесхрабрува. Предизвици имало, има и секогаш ќе има.

Тогаш тоа била одбрана на правото на сите народи на знаење и верување. Денес е одбрана од оние кои сакаат да живеат и профитираат од затвореноста, недовербата и непријателство.

Делото на Кирил и Методиј не згасна. Нивните ученици го одбранија и го вратија на изворот, во Климентовиот универзитет. И повторно, знаењето се ширеше од овие простори, но сега преку кирилицата. Денес, тоа е одбрана од оние кои сакаат да ја пресечат комуникацијата и разбирањето меѓу народите.

Како што тогаш победија оние кои се залагаа за да се подигне нивото на знаење на народите, така, денес ќе победат оние кои се залагаат за вистинско и искрено помирување и разбирање меѓу народите.

За нивното дело, признанието дојде дури во дваесеттиот век, кога папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи за ко-покровители на Европа, заедно со Свети Бенедикт. Кирил и Методиј го дадоа својот влог во Европа, европската култура и цивилизација. Знаењето кое го проширија во Европа денес ни се враќа, и ние тоа треба да го искористиме.

Почитувани,

Образованието треба да развие целосна креативност и повисока состојба на свеста и да создаде граѓани способни да ги исполнат своите највисоки аспирации, а истовремено да придонесат максимално за напредокот на општеството.

Со користењето на најголемото национално богатство на Македонија – бесконечната креативност на нејзините граѓани – ефикасното образование може да обезбеди национален просперитет и меѓународна компетентност.

Ако некогаш борбата била образованието да биде на мајчин јазик, денес борбата е образованието да биде и подостапно за сите. Преку високото образование, Македонија е веќе дел од Европскиот отворен образовен простор. Простор во кој полесно патуваме и поради визната либерализација.

Со реформите кои се спроведуваат, европските вредности стануваат наши вредности. Вклучувањето на Македонија кон болоњскиот процес значи потврда на започнатите реформи. Значи и примена на европските добри практики и стекнати искуства. Студентот повторно е централен субјект на образовниот процес.

Знаењето на македонските студенти се третира еднакво како и знаењето на нивните колеги од западноевропските земји. Со тоа, студентите од Македонија застанаа на истата почетна линија како и студентите од другите европски земји. За сите нив важат истите образовни стандарди и правила во овој голем, сеевропски академски натпревар.

Но, болоњските образовни принципи потребно е да се применат не само кон надвор, туку и дома, во Македонија. Потребна е мобилност. Мобилност не само кон Европскиот образовен простор, туку и во Македонија. Мобилност во рамките на нашите универзитети и нашите факултети. Мобилност која ја зацврсти здравата конкуренцијата која создава нов и подобар квалитет.

Сето ова не исправа пред прашањето – Што е суштината на образованието?
За што се едуцираат нашите млади?
Што е целта на прифаќањето на европските вредности?
Дали само да бидат потрошувачи на европската култура, или да бидат и нејзини креатори?

Почитувани,

Не е доволно да се знае. Знаењето мора да се примени. Неопходно е поврзување на знаењето со потребите на секојдневниот живот.

Знаењето е во функција на индивидуалниот успех кој ќе донесе колективен успех. Развојот на земјата зависи од придонесот на образованието. Денес сме сведоци на големото селење на моќта. Денес, моќни се оние држави и општества кои продуцираат или привлекуваат високо образовани, квалификувани поединци, иноватори и лидери во своите стручни области.

Затоа, треба да се прифати сфаќањето на образованието како континуирано, доживотно учење.
 
За колку време застарува знаењето?

Познато е дека денес, насекаде, знаењето кое студентите на техничките, информатичките или медицинските науки го стекнуваат во текот на студиите, е веќе застарено штом ќе дипломираат. Оттука произлегува насушната потреба за постојано надградување и усовршување. Само така може да се биде конкурентен на глобалниот пазар на знаењето.

Знаењето денес е достапно, но треба да се научи да се размислува со своја глава. Имагинацијата е поважна од знаењето, бидејќи знаењето ни кажува што во моментов знаеме и разбираме. Имагинацијата ни укажува на се она што можеме да го откриеме и создадеме.

Ајнштајн рекол: Умот функционира како падобран, имаме корист од него само кога е отворен. Со отворениот ум, студентите стануваат сосема блиски со изворите на сето знаење и изворите на севкупните академски дисциплини. Со отворениот ум, студентите се чуствуваат блиски со сето знаење и со секое подрачје од студиите. Стекнуваат образование засновано на свеста.

Затворениот ум создава ксенофобичност, стравови и предрасуди. Образованието кое го отвара умот придонесува за интеграција на поединецот во општеството и во глобалниот свет. Целта на образованието е празниот ум да го замени со отворен ум. Зошто? Затоа што окото го гледа само она што умот е подготвен да го сфати.

Почитувани,

Македонија и македонскиот високообразовен систем продуцира квалитетни кадри кои често се пробиваат до најпознатите европски и светски академски и истражувачки центри. Затоа, и покрај сите предизвици со кои се соочува нашиот образовен систем, не треба да се потценуваме.

Како што кажува една стара мудрост – кругот на сознанието се затвора на крајот од вечноста. Секоја генерација го темели својот напредок врз претходните, наследените знаења. Македонија и македонското образование имаат цврсти и здрави темели. Темели кои ги поставија токму светите браќа Кирил и Методиј. Темели на кои се надоврзаа македонските преродбеници. На нас е да продолжиме да чекориме по тој пат.

Ви благодарам.

  Back<<Назад